feature

Синер ја прифати суспензијата на три месеци

Италијанскиот тенисер Јаник Синер се огласи по изречената тримесечна суспензија поради допинг-скандалот кој се случи уште минатата година и изјави дека ја прифаќа одлуката, иако знае дека тој самиот не е виновен.

„Овој случај висеше над мене скоро цела година и беше долг процес. Секогаш прифаќав одговорност и знам дека строгите правила на ВАДА не постојат бадијала.

Мојот тим погреши, но погрешив и јас, иако знам дека не сум директно виновен. Ја прифатив понудата од ВАДА и заеднички решивме да добијам санкција во траење од три месеци“, рече Синер.


Бронза за Трајковски на Балканското првенство во атлетика

На Балканското првенство во атлетика во сала кое се одржа во Белград, македонскиот репрезентативец Андреас Трајковски во скок во далечина освои бронзен медал со прескокнати 7 метри и 63 сантиметри.

Андреас уште во првата серија со скок од 7.57 метри ја зазеде третата позиција и во третата серија го подобри резултатот на 7.60 метри, но во четвртата серија Никита Маслук од Украина прескокна 7.61 метар што значеше дека во тој момент Андреас го изгуби бронзениот медал.

Но, во петтата серија Андреас успеа да прескокне 7.62 метри, а бронзениот медал го потврди со неговиот најдобар скок во последната серија од 7.63 метри.

Златниот медал го освои Божидар Сарабујуков од Бугарија со скок од 8.12 метри, додека среброто му припадна на Данио Дубина од Украина со скок од 7.92 метри.

Ова е трет медал на Андреас Трајковски за Македонија од Балканските првенства во сала. Во 2022 година освои исто така бронзен медал, а во 2024 освои сребрен медал во скок во далечина.


Рајн Некар Левен го откупи договорот на Халил Јагањац

Хрватскиот ракометен репрезентативец Халил Јагањац од следната сезона ќе стане редовен член на германски Рајн Некар Левен, каде беше на тригодишна позајмица од Киелце.

Хрватскиот лев бек потпиша двегодишен договор со Германците, а Рајн Некар Левен за целата зделка на Полјаците им плати сто илјади евра.

Јагањац пред Киелце ги носеше дресовите на Нексе Нашице и Металург, а треба да се напомене дека кратко време во почетокот на кариерата мина и во ПСЖ.


Укината суспензијата на Мигел Мартинс

Португалскиот репрезентативец и член на Алборг, Мигел Мартинс на големо изненадување на ракометната јавност беше суспендиран пред самиот почеток на Светското првенство поради „големи нивоа на тестостерон“.

Вториот тест сепак не го потврди првиот па неговата суспензија е прекината и тој е сега слободен да се врати на теренот и да настапи за Алборг.

И покрај тоа што суспензијата на Мартинс е прекината, неговиот случај дополнително ќе биде разгледуван со цел да се утврди причината за различните резултати.


Кансело сака да се врати во Европа, но не во Бенфика

Фудбалерот на Ал Хилал, Жоао Кансело, се осврна на шпекулациите дека неговиот поранешен состав Бенфика, сака да го врати во Европа.

„Сонувам да играм за Бенфика, но, не сакам да одам таму затоа што знам дека не сум во врвна физичка форма. Сакам да одам кога ќе почувствувам дека можам да му помогнам на клубот и на моите соиграчи“ – вели Кансело.

„Мислам дека Бруно Лагер е вистинскиот тренер аБенфика е клуб кој бара многу. Знам како стојат работите“ – нагласи левиот бек.


Ваноли одушевен од дебито на Елмас

Tренерот на фудбалерите на Торино, Паоло Ваноли, ја искоментира играта на нашиот Елиф Елмас на вчерашниот меч против Болоња одигран во рамките на италијанскиот елитен шампионат.

Македонскиот репрезентативец кој во текот на зимава се врати во Серија„А“, постигна атрактивен погодок уште на првиот натпревар за популарните „бикови“.

„Знаеме дека Елмас е значаен играч, тоа го докажа и со настапите во Наполи. Мора да бидеме внимателни и полека да го интегрираме во нашиот состав“ – рече Ваноли.


Легендарниот Дуда Ивковиќ ќе влезе во „Куќата на славните“

Душан Дуда Ивковиќ, еден од најголемите европски тренери на сите времиња, е финалист во изборот за нови членови на Куќата на славните во Спрингфилд.

Веста дојде од Сан Франциско, од Ол-стар викендот, каде беа претставени сите што дојдоа на само чекор од влез во кошаркарската сала на бесмртните, заедно со Ивковиќ има уште 16 кандидати.

Конечната листа ќе биде објавена во април во Сан Антонио, за време на фајналфорот на НЦАА, а воведувањето на Класата 2025 година во Куќата на славните е закажано за септември.

Ивковиќ, кој почина во 2021 година, беше една од најважните фигури во европската кошарка во тренерската кариера долга речиси пет децении.

Дуда Ивковиќ е еден од најголемите тренери во историјата на југословенската кошарка. Тој ја предводеше репрезентацијата на Југославија до две европски титули, една светска шампионска титула и олимписко сребро во 1988 година. Тој ја предводеше Србија до европското злато во 1995 година, ја освои Евролигата со Олимпијакос во 1997 и 2012 година и беше избран во Куќата на славните на ФИБА во 2017 година.


„Експлозија“ на Мармуш, Сити го декласира Њукасл

Фудбалерите на Манчестер сити убедливо со 4-0 го совладаа Њукасл во дербито од 25. коло на Премиер лигата.

Јунак на победата на „граѓаните“, играчот платен 75 милиони евра во јануарскиот преоден рок, Омар Мармуш, кој постигна хет трик.

Во периодот од 19. до 33. минута Египјанецот три пати ја погоди мрежата на „страчките“ и ги реши сите дилеми околку конечниот победник.

Од трите што ги постигна, најмногу се издвојува неговиот прв гол за тимот на Пеп Гвардиола во два потега. Голманот Едерсон му асистираше, а Мармуш го лобуваше голманот на Њукасл.

Последниот гол го постигна Џејмс Мекати, на асистенција на Ерлинг Халанд.

Норвежанецот се повреди во финишот на мечот кога без претходно да има контакт со противнички играч се фати за коленото.

Со овие три бода Сити стигна до четвртото место, додека Њукасл падна на седмото место.


Реал само со бод се враќа од Памплона

Реал Мадрид не успеа на „Ел Садар“ да ја победи Осасуна во 24.коло во Примера. Натпреварот во Памплона заврши без победник 1-1 (0-1). Реал од 39 минута играше со фудбалер помалку, Џуд Белингем доби црвен каротн поради приговор.

Реал испушти два бода во борбата за шампионската титула, а по мечот на „Ел Садар“ повоторно ќе работата медиумите на „кралскиот клуб“.

Тимот на Карло Анчелоти добро го отвори натпреварот, Килијан Мбапе го совлада Ерера. За францускиот репрезентативец ова беше 11 гол на последните 10 натпревари.

Реал контролираше на теренот се до 39.минута. Долго Белнгем зборуваше во правец на дусијата Хосе Мунуера Монтеро, а овој му покажа црвен картон.


Наполи испушти победа на дербито во Рим

Во првото дерби од 25. коло во Серија А, Лацио и Наполи одиграа нерешено 2-2 во Рим.

Резултат кој несомнено најмногу го радува Интер, затоа што „нероаѕурите“ можат да го заземат првото место во поредокот со победа во недела. Но, она што ги прави шампионите многу посреќни е забележителниот пад на формата на Наполи, кој нема победа на последните три натпревари во Серија А.

Наполи има за што да жали со оглед на тоа што имаше водство до 87. минута на тешкото гостување. Булаје Диа, кој влезе во игра во 74. минута, постигна гол за 2-2 и им одзеде два бода на наполитанцие.

Лацио поведе со голот на Исаксон во шестата минута. Но гостите дојдоа до пресврт.

Само седум минути по примениот гол, Распадори израмни. А комплетен пресврт дојде во 64. минута по автоголот на Адам Марушиќ. Сепак, Наполи до самиот крај не успеа да одржи водството и сега ќе мора да навива Интер да не го победи Јувентус во Дерби д’Италија во Торино.