feature

Тиаго Мота фаворит за клупата на Милан

Медиумите во Италија наведуваат дека Тиаго Мота е главниот кандидат да го наследи Стефано Пиоли на клупата на фудбалскиот состав Милан.

Според нивната анализа, „росонерите“ во текот на летото ќе се обидат да го ангажираат тренерот на Болоња кој има одлични резултати со неговиот состав во Серија А.

Иако имаше одредени најави дека Антонио Конте може да седне на клупата на „Сан Сиро“ , тоа веројатно нема да се случи.


Лондонски Челзи го враќа Кејн во Англија?

Челзи има намера да го придобие напаѓачот на Баерн, Хари Кејн ова лето. Шансите англискиот напаѓач да го напушти клубот од Минхен ќе се зголемат доколку тимот не успее да освои ниту еден трофеј.

Кејн му се приклучи на Баерн од Тотенхем во август 2023 година за 95 милиони евра. Во составот на тимот од Минхен, Англичанецот одигра 30 натпревари, на кои постигна 29 гола и креира осум асистенции.

Порталот „Transfermarkt“ ја проценува вредноста на 30-годишниот фудбалер на 110 милиони евра.

Договорот на играчот со германскиот клуб е до крајот на јуни 2027 година.


Ван Дајк постави клупски рекорд со голот против Лутон

Фудбалерот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк,  го собори рекордот на Финецот, Сами Хипија за најмногу голови што ги постигнал еден дефанзивец на стадионот – „Енфилд“.

Холанѓанецот погоди на вчерашниот меч со Лутон во Премиер-лигата со што дојде до бројката од 12 голови пред домашните навивачи.

Ван Дајк кој дојде во 2018 година во таборот на „црвените“, има 18 голови во Премиер лигата. Тоа е своевиден рекорд бидејќи ниту еден друг дефанзивец нема толку голови во тој временски распон.


Камавинга добива нов побогат договор во Мадрид

Едуардо Камавинга веќе се етаблираше во еден од најдобрите фудбалери на „кралскиот“ клуб и ги освои сите можни трофеи.

Иако има само 21 години Французинот е еден од најдобрите играчи за врска во Европа и за него интерес покажуваат многу европски гиганти. Поради тоа Реал реши да го награди со нов договор и преговорите со неговиот агент се во напредна фаза.

Французинот ги одбил сите понуди од други клубови и се очекува наскоро Камавинга да стави потпис до 2028 година со значително повисока плата.


Захариевски промовиран во нов тренер на Воска Спорт

Охридскиот прволигаш Воска Спорт го потврди именувањето на Захариевски за нов тренер.

Заедно со Захариевски на клупата на Воска Спорт ќе работи и Сеит Крека, кој досега работеше со младите возрасни групи во клубот.

Дебито на Захариевски на клупата на Воска ќе биде викендов на дуелот со Силекс во рамките на 20-то коло во Првата македонска фудбалска лига.


Сити застана во редот за потпис на Рафал Леао

Манчестер Сити е сериозно заинтересиран за ѕвездата на Милан, Рафаел Леао, пренесуваат италијанските медиуми. Португалецот се етаблираше во еден од најдобрите млади фудбалери во Европа и го привлече вниманието на многу европски гиганти.

Гвардиола сака на лето да ги засили крилните позиции и да донесе играч кој ќе биде идеален партнер за Халанд, а верува дека најдобра опција е токму Рафа Леао.

Португалецот пред неколку месеци стави потпис на нов договор, но Сити е спремен да испрати понуда од 100 милиони евра.


Годин ја прекинува пензијата за да заигра за нисколигаш

Диего Годин по само шест месеци се враќа во фудбалот. Годин се пензионираше, меѓутоа по половина година пауза одлучи одново да се врати на професионалните обврски и тоа во уругвајскиот нисколигаш Поргонос. Годин со овој тим постигна договор за соработка до крајот на годината.

Станува збор за клуб со долга историја на постоење бидејќи е основан во 1910 година во една од повеќето лиги во Уругвај. Медиумите пренесуваат дека главен „виновник“ што Годин се враќа е неговиот пријатело, Гонзало Кастро, екс-фудбалер на Мајорка и Реал Сосиедад кој исто така ја прекина пензијата и потпиша за овој клуб.

Во својата последна сезона Годин го носеше дресот на Велез Сарсфилд, а претходно играше за: Вилјареал, Атлетико Мадрид, Интер, Каљари и Атлетико Минеиро.

 Својот најголем успех го постигна со Атлетико Мадрид со кој освои два трофеи во Лигата на Европа, два Супер-Купа на Европа, Ла Лига, Куп на Шпанија и Супер-Куп. Исто така со Атлетико играше и две финалиња во Лигата на шампионите.


Антонио Силва на радарот на сите европски гиганти

ПСЖ е последниот клуб кој се вклучи во трката за младиот дефанзивец на Бенфика, Антонио Силва.

Станува збор за 20-годишен централент дефанзивец, кој одигра фантастично оваа сезона и го привлече вниманието на многу европски гиганти. Тој веќе е стадарден и во португалската репрезентација, а скаутите на европските гиганти се убедени дека Силва има потенцијал да биде нова голема ѕвезда во иднина.

Манчестер Јунајтед, Сити, Челзи, Баерн Минхен и Реал Мадрид веќе подолго време го следат Антонио Силва и сакаат да го доведат на лето.

Меѓутоа, тоа воопшто нема да биде лесно бидејќи Силва има договор со Бенфика до 2027 година, а португалскиот клуб за неговата слобода бара 100 милиони евра.


Хезоња заминува од Мадрид на крајот на сезоната

Хрватскиот кошаркарски репрезентативец од редовите на Реал Мадрид, Марио Хезоња одбил две понуди за продолжување на договорот со „кралскиот клуб“, открива шпанскиот медиум „Марка“.

Причината за тоа е финансиската страна од која 28-годишниот крилен центар воопшто не е задоволен.

Шпанските медиуми откриваат и дека Хезоња има богата понуда од Панатинакос вредна два милиони евра по сезона.

Хрватот не ја крие поврзаноста со грчкиот тим каде брзо стана и миленик на навивачите па се поголема е веројатноста дека ќе се врати во Атина.


Се спрема голема промена во правилата во скок во далечина

Светската атлетика (СА) размислува да воведе нов формат за мерење во дисциплината скок во далечина. Во иднина скокот би се мерел од т.н.„зона за полетување“, односно од местото каде што е предното стапало на спортистот при отскокот, па до местото каде што ќе слета во песочната јама. Традиционалната дрвена табла би заминала во историјата.

„Тоа значи дека секој скок ќе биде важечки со што ќе се зголемат возбудувањата и драматичноста на натпреварите, изјави извршниот директор на СА, Џон Риџон.

Целта на промените на скокот во далечина е да се намали и бројката на неважечки скокови. Риџон рече дека една третина од сите скокови на Светското првенство (СП) 2023 година во Будимпешта не се мереле бидејќи спортистите направиле престап.

Не е лесно да направите промени во спортот кој во основа бил измислен пред 150 години. Годинава ќе направиме тестови во реални околности со многу добри спортисти и доколку не мине добро тестирањето, нема да ги воведеме промените.

Во истовреме се обидуваме да најдеме и начини побрзо да ги добиваме резултатите и да не мора да чекаме 20 или 30 секунди пред да се појават“, додава Риџон.