feature

Санчо поставил два услови да се врати во Манчестер Јунајтед

Џејдон Санчо има два услови да заигра одново во Манчестер Јунајтед по неговата позајмица во Борусија Дортмунд, пишуваат медиумите на Островот.

На почетокот на сезоната, интернационалецот ја влоши врската со менаџерот Ерик тен Хаг, а Холанѓанецот побара јавно извинување, кое така и не го доби.

Упатените велат дека односот меѓу двајцата е непоправлив и дека заминувањето на менаџерот е суштинско за потенцијалното враќање на Санчо. Ова е услов број еден.

Се вели дека Џејсон Вилкокс, кој се очекува да биде назначен за технички директор на Јунајтед, сака да му даде уште една шанса на фудбалерот. Неговото доаѓање на „Олд Трафорд“ е втор услов на офанзивниот фудбалер.

Двајцата се познаваат од нивното заедничко време во Манчестер Сити, чиј поранешен играч е Санчо.


Роналдо го доби спорот со Јувентус, треба да добие 19,9 милиони

Јувентус ќе мора да му плати на Роналдо околу десет милиони евра плус камата, бидејќи судот пресуди за долгуваната плата.

Да потсетиме, Португалецот побара од италијанскиот гигант да му исплати дури 19,9 милиони евра заостанати плати кои не ги добил за време на карантинот предизвикан од пандемијата на коронавирус.

Јувентус двапати ги намали платите за време на кризата со корона. Прво, во 2020 година им ги намали платите на сите играчи подеднакво за да заштеди пари бидејќи немаше приход од билети и натпревари, а потоа во 2021 година управата разговараше со секој играч поединечно за намалување на платата.

Во тој момент Роналдо заработуваше 31 милион евра нето годишна плата и се согласи да ја намали платата на речиси 20 милиони евра додека не заврши пандемијата. Јувентус никогаш не му ги платил тие пари, па се одлучил за оваа тужба.

Роналдо за Јувентус одигра 134 натпревари. Тој постигна 101 гол и забележа 22 асистенции од летото 2018 до летото 2021 година.


Надал последен пат играше на турнирот во Барселона

Поранешниот тенисер број еден во светот, Рафаел Надал вели дека тешко дека повторно ќе игра во Барселона. Матадорот од Мајорка 12 пати го освојуваше трофејот во Барселона, а сега во второто коло загуби од Алекс де Минор со 7-5, 6-1.

„!Можам со речиси целосна сигурност да кажам дека нема повеќе да се натпреварувам овде. Посакувам да можев да бидам поконкурентен, но за мене беше убаво што можев да одиграм два натпревари. Тешко ми е… Имав среќа да напишам прекрасна историја на овој турнир, а сега другите ќе се обидат да ме престигнат. Се има почеток и крај, нема драма“, изјави Надал.

Додаде дека ќе игра во Мадрид ако се чувствува добро, а сега треба да одработи добра недела на тренинзи.

Шпанецот се обидува да гледа на иднината со оптимизам.

„Овде заминувам убеден дека направив чекор напред, не требаше да бидам на својот врв денес. Ако моето тело добро реагира на тренинзите, верувам дека ќе направам чекор напред и во Мадрид. Ако телото може да го издржи дополнителното оптоварување, тогаш ќе можам да се справам подобро – не зборувам за победа, туку за да имам ниво на игра за да можам да се борам. Малку подобро во Мадрид, малку подобро во Рим и во Париз, ако даде Господ. Тоа ќе биде моментот да се обидам да дадам се од себе, тоа ќе биде моментот да умрам за тоа“, изјави Рафа по мечот.


Тухел полуфиналист во ЛШ со три различни екипи

Баерн Минхен го победи Арсенал со голот на Кимих и се пласираше во полуфиналето во Лигата на шампионите, а тоа на Тухел му донесе уникатен резултат и нешто што го нема остварено ниту еден негов сонародник.

Тухел стана првиот германски тренер кој со три тима се пласирал во полуфинале во најелитното натпреварување, бидејќи пред Баерн, тоа го направи и со ПСЖ и со Челси.

Овој натпревар исто така долго ќе го памети и Мануел Нојер, кој од вечерва е апсолутен голгетер во еден важен голмански сегмент.

За Нојер ова беше 58-ми натпревар во Лигата на шампионите на кој ја сочувува својата мрежа, па на вечната листа го мина Икер Касилјас со кого досега беа израмнети. На третото место е Џиџи Буфон со 52 чисти мрежи.


САД и Србија ќе одиграа пријателски натпревар пред Олимписките игри

Американците на својот официјален сајт го објавија планот на подготовките и дуелите кои ќе ги играат во Абу Даби и Лас Вегас.

Собирот е во Невада на 6 јули, каде ќе одиграат подготвителен натпревар со Канада, потоа ќе се упатат во Абу Даби, каде најпрво ќе се сретнат со Австралија на 15 јули, додека два дена подоцна ќе се сретнат и со Србија на „Итихад Арена“.

Тренерот Стив Кер ги има на располагање речиси најсилните имиња од НБА, па нема дилема дека американскиот „дрим тим“ ќе биде првиот фаворит за олимпиското злато во Париз, а играчите кои се одзваа на поканата на Кер се: Стеф Кари, Тајрис Халибартон, Џру Холидеј, Ентони Едвардс, Девин Букер, Кавај Леонард, Кевин Дурант, Џејсон Тејтум, Ентони Дејвис, Леброн Џејмс, Бам Адебајо и Џоел Ембид.


Николов и Начевски го добија најтешкото четвртфинале на ЛШ

Најдобрите македонски ракометни судии, Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, ја добија честа да ја делат правдата на првиот четвртфинален меч од Лигата на шампионите помеѓу екипите на Килеце и Магдебург.

Полскиот гигант ќе го пречека германскиот тим на домашен терен на 24 април и тука се очекува голема битка за пласман на завршниот турнир во Келн.

Киелце без многу проблеми го мина ГОГ Гудме во осминафиналната фаза, додека Магдебург по голема борба успеа да го елиминира унгарскиот претставник, Веспрем.

Ова е уште едно големо признание за Начевски и Николов, кои во минатото судеа многу важни натпревари во Лигата на шампионите, како и на европските и светските првенства.


Даниеле Де Роси останува тренер на Рома

Челниците на фудбалскиот клуб Рома денес соопштија дека актуелниот тренер Даниеле Де Роси останува на клупата на популарната “волчица“ и во наредната сезона.

Во соопштението за јавноста на сопствениците на Рома, Ден и Рајан Фридкин, не е презицирано колку ќе трае новиот договор на Де Роси, но најавија дека повеќе детали ќе бидат познати во наредните денови.

Рома под водство на Де Роси, на 16 дуели во сите натпреварувања запиша 11 победи, два порази и три ремија. Во моментот “Џалоросите“ се на петто место во Серија А и до крајот ќе се борат за место во Лигата на шампионите.


Словенецот Шешко ќе биде замената за Исак во Њукасл

Њукасл сака да ангажира талентиран фудбалер во нападот, а изборот паднал на фантастичниот Бенџамин Шешко од Лајпциг.

Овој 20-годишен напаѓач привлече големо внимание на неколку гиганти, а на Островот го нарекуваат „новиот Халанд“. Шешко би бил решение за нападот на Њукасл во следните години, а Лајпциг за неговите услуги бара 50 милиони евра.

Напаѓачот блеска оваа сезона во дресот на Лајпциг и за него интерес покажуваат уште Челзи, Арсенал и Манчестер Јунајтед.

Њукасл е спремен на лето да го продаде Исак и како негова замена за го доведе Шешко, па сака да ја победи конкуренцијата.


Јоанидис ќе биде замената за Имобиле во Лацио

Напаѓачот на Панатинаикос, Фотис Јоанидис, може да добие понуда да се пресели во екипата на Лацио, велат последните информации од Италија.

Составот од Рим се обидува да пронајде замена за Чиро Имобиле кој полека ја губи довербата кај управата и навивачите. Искусниот голгетер на „римските орли“ одигра 27 сезонски мечеви во Калчото а постигна само шест голови.

Нема да биде изненадување ако Лацио во текот на летото испрати понуда до грчкиот фудбалер кој има одлични партии во континуитет.


Интер бара позајмица за решавање на финансиските проблеми

Првиот човек на Интер, Стивен Жанг, ќе се обиде да обезбеди заем од 400 милиони евра за да покрие долг кон американски фонд во висина од 375 милиони кој мора да се плати до крајот на мај.

Компанијата  – „Oaktree“  претходно објави нема намера да дозволи отстапување од крајниот рок што му прави дополнителни проблеми на Интер.

 „Нероаѕурите“ сега ќе мораат да пронајдат нови спонзори за да ја решат финансиската ситуација во клубот.