feature

Симеоне добива нов договор на „Ванда Метрополитано“

Диего Симеоне и во иднина ќе го води шпанскиот прволигаш Атлетико Мадрид.

Популарниот Чоло веќе 12 години е на клупата на популарните „душекџии“, период во кој на клубот му донесе две титули во Примера, две во Лига Европа и Супер Купот на УЕФА, но и пехари во Копа Дел Реј и Супер Купот на Шпанија.

Низ годините имаше и шпекулации за неговата иднина, можноста да си замине од сегашното место, ама тоа сценарио не се реализираше и нема да се реализира и во блиска иднина со оглед на тоа што Симеоне договорил продолжеување на соработката.

Двете страни се разбрале, ги договориле сите детали и останува само официјална потврда според која Симеоне ќе биде дел од Атлетико до 2027 година.


Дончиќ нема дилеми кој е најдобриот кошаркар на сите времиња

Лука Дончиќ се подготвува за новата сезона во НБА лигата каде одново ќе биде лидер на Далас Маверикс, поточно најголемиот товар одново ќе биде врз него во обидот клубот од Тексас да направи значаен резултат.

Во тек се контролните натпревари, играчите имаат и соочувања со медиумите, а при едно од нив Словенецот доби занимливо прашање, прашање кое постојано е актуелно, а тоа е кој е најдобриот кошаркар на сите времиња.

Лука кратко размисли и го издвои името на Мајкл Џордан што за дел од јавноста е изненадување затоа што сметаа дека може ќе се реши за некој од оваа генерација, пред се Леброн Џејмс со кого има добар однос.


Дибала пак се повреди, Мурињо стравува од подолга пауза

Жозе Мурињо ги замолкна шпекулациите за негово заминување од Рома по победата која ја оствари неговиот тим на гостувањето во Калјари, кое сепак не беше целосно добро за клубот од италијанската престолнина.

Рома успеа да оствари победа од 1-4 во меч во кој два гола постигна Ромелу Лукаку, но на кој лоша вест беше повредата на аргентинскиот фудбалски мајстор, Пауло Дибала.

Пауло имаше еден жесток судир со противнички фудбалер и веднаш алармираше со своите болни гримаси, а загрижувачка изјава по натпреварот даде и искусниот Мурињо.

Дибала го напушти теренот со солзи во очите, па бидејќи се работи за повреда на коленото, првите импресии не се воопшто оптимистички.

„Јас ги слушам моите играчи. Пауло не е оптимист за повредата и затоа и јас не сум оптимист. Мора да почекаме неколку дена додека да бидат направени резултати, но јас верувам на искуството кое го имаат моите фудбалери. Тој добро си го познава телото, Пауло не е оптимист, па не можам да бидам и јас. Медицинските лица се огласуваат само откако ќе бидат направени сите тестови“, изјави Мурињо.


Мендилибар заработи отказ во Севиља

Севиља му ја врачи оставката на тренерот Хозе Луис Мендилибар по
серијата лоши резултати сезонава.
„По состанокот на Управниот одбор на клубот, Севиља одлучи да го
ослободи Хозе Луис Мендилибар од должноста главен тренер на
клубот“, соопштија од клубот од Андалузија.
„Клубот сака да му се заблагодари на тренерот за неговите услуги,
чија улога ќе остане во историјата на клубот по освојувањето на Лига
Европа во Будимпешта“, се додава во соопштението за медиумите на
Севиља.
Мендилибар ја предводеше Севиља во 28 официјални натпревари,
постигнувајќи 10 победи, 11 нерешени и седум порази, а клубот ја
освои и Лигата на Европа.
Севиља моментално се наоѓа на 14. место во Примера со само две
победи во осум кола, додека во групата Б од Лигата на шампионите
забележа две нерешени средби.


Винициус сака да ја заврши кариерата во Реал Мадрид

Винициус Жуниор е фокусиран само на Реал Мадрид, па тврди дека
кариерата сака да ја заврши во шпанскиот клуб.
Реал вчера славеше убедлива победа против Осасуна со 4-0, во рамки
на 9. коло од Ла Лига, Винициус постигна еден погодок во победата
на Реал.
„Секогаш ми е чест да играм овде пред овие одлични навивачи и им
враќам максимално за љубовта која ја добивам од нив. Среќен сум
што играм за Реал Мадрид, сакам да бидам овде до крајот на
кариерата“, порача Винициус, кој е член на „кралевите“ од 2019
година.
23 годишниот Винициус сезонава одигра седум натпревари и
постигна три гола. Бразилецот има договор со Реал до 30. јуни следната година, а шпанските медиуми тврдат дека прашање е на
денови кога Реал и Винициус ќе седнат да се договорат за нова
соработка.
Според неговата форма и најавите, тој треба да добие долготраен
договор до 2030 година и со одредено зголемување на финансиските
примања.


Ива Пројковска делегирана за натпреварот ПСЖ – Манчестер Јунајтед

Ива Пројковска доби големо признание од УЕФА и ќе го суди реванш
натпреварот од женската Лига на шампиони помеѓу Пари Сен Жермен и Манчестер Јунајтед.
Натпреварот помеѓу двата европски гиганти е на програмата на 18
октомври во Париз. На Пројковска ќе и помагаат Елена Соклевска-
Илиевски и Вјолца Изеири, како четврта судијка ќе биде Ирена
Велевачкоска-Ристевски. Ова за Пројковска ќе биде првпат во
кариерата да суди на шампионот на Англија, додека на Пари Сен
Жермен веќе еднаш му судеше. Во кариерата претходно македонската
судијка делеше правда на натпревари на кои играа екипите на:
Барселона, Реал Мадрид, Баерн Минхен, Арсенал, Челси…
Пред шест месеци на натпреварот помеѓу Шкендија и Победа
Пројковска стана и првата жена која судела натпревар од Првата
македонска фудбалска лига во машка конкуренција.


Тен Хаг објасни зошто го замени Касемиро

Манчестер Јунајтед направи чудесен пресврт во судиското продолжение и на драматичен начин стигна до три бода против Брентфорд, нешто што изгледаше невозможно во регуларните 90 минути.

Јунајтед беше летаргичен и изгледаше доста јалово во нападот, но потоа Ерик Тен Хаг го погоди „џокерот“ и МекТоминеј со два гола се погрижи за страшна еуфорија и победа на „Олд Трафорд“.

„Ѓаволите“ се вратија на победничките патеки во домашното првенство и тоа е многу важно за самодовербата, но една од позначајните одлуки на Тен Хаг на оваа средба беше тоа што го извади Касемиро на полувреме.

Бразилецот кумуваше за голот на Брентфорд и ја подари топкта на противникот на средината на теренот, па кога Ерик беше запрашан зошто го оставил на клупа во продолжение, одговорот беше доста искрен и брутален.

„Зошто го извадив Касемиро? Сакав да играме повеќе со топка и да гледаме повеќе фудбал. Ми требаше квалитетен играч со пас и врска меѓу средината и нападот, затоа го внесов Ериксен на местото на Касемиро“, изјави Тен Хаг.


Пике најави дека ќе ја премести Андора во друг град

Жерард Пике е сопственик на шпанскиот второлигаш ФЦ Андора, а со последната изјава најави дека ќе го пресели клубот на друга локација и ќе ја остави малата земја без фудбалски клуб.

Властите во Андора му соопштиле на клубот дека по крајот на сезоната нема да може да го користи единствениот адекватен стадион „Естади Насионал“, а причината е што решиле да постават подлога за различни спортови, а која нема да добие зелено светло од Шпанската фудбалска федерација.

„Инвестиравме повеќе од 4 милиони евра во стадионот за да добиеме дозвола да играме таму, а сега тие нѐ бркаат. Не постои друга опција во Андора, така што благодарам што нѐ избркавте од земјата. Немаме друга опција од тоа да го промениме името на клубот и да настапуваме на друго место. Честитам, ја оставивте Андора без професионален клуб“, порачал Пике во својата последна изјава.

ФЦ Андора е единствениот професионален клуб во земјата која се наоѓа меѓу Шпанија и Франција, а настапува во шпанскиот фудбалски систем повеќе од седум децении. Пике го презема клубот во 2018 година и го одведе до втората лига, односно на чекор до борба за место во елитата.


Руни нема повеќе да го води ДЦ Јунајтед

Вејн Руни го напушти кормилото на Ди-Си Јунајтед откако не успеа да влезе во плеј-офот во фудбалската МЛС лига на САД.

Неговиот тим вчера победи против Њујорк Сити но, остана на 9 место во Источната конференција. Во разигрувањето за титулата продолжија првите седум екипи од двете конкуренции.

„Дојде вистинско време за заминување. Направив се што можам да го одведам клубот во плеј-офот. Некогаш работите не излегуваат како што сакаме“, изјави Руни.


Мурињо: Убеден сум дека еден ден ќе работам во Саудиска Арабија

Италијанските медиуми шпекулираат за иднината на Жозе Мурињо и прогнозираат дека може да заработи отказ доколку не победи против Калјари, но во моменти кога клубот го демантираше тоа, самиот Португалец се јави со една интересна изјава за својата иднина.

Тренерот на „волчицата“ има план да ја доработи оваа сезона во Рим и да стави крај на етапата кога ќе му заврши договорот во месец јуни наредната година, по што интересно е да се види дали ќе добие примамлива понуда од Европа, или ќе се вклучи во трендот кој е актуелен веќе една година.

Мурињо откри дека изминатово лето ја одбил најлудата понуда која може да ја добие еден тренер, но и самиот е свесен дека еден ден ќе заврши во Саудиска Арабија, земја во која фудбалот добива страшен подем.

„Ќе одам во Саудиска Арабија во моментот кога ќе имам повеќе слободно време, но убеден сум дека ќе работам таму. Не знам кога точно, но убеден сум дека ќе работам во Саудиска Арабија“, заврши Португалецот.