Манчестер Сити стави крај на шпекулациите и официјално го потврди именувањето на Енцо Мареска за нов менаџер на првиот тим.
Италијанскиот стратег потпиша тригодишен договор со кој се обврза да остане на „Етихад“ до летото 2029 година.
Мареска e подготвен да ја започне новата ера со Манчестер Сити.
„Манчестер Сити е клуб кој одлично го познавам и да се има шанса да се води овој тим е брилијантна можност за мене. Сити е неверојатно добро воден фудбалски клуб.
Сè што прават е иновативно, планирано и со цел. За еден менаџер, тоа е ситуација од соништата, бидејќи ја обезбедува конзистентноста која ми е потребна за ефективно да си ја вршам работата“, изјави Мареска.
Синер во пет сета го доби маратонот со Кецмановиќ
Првиот носител на Вимблдон, Јаник Синер, добро се испоти за да го победи Миомир Кецмановиќ, Италијанецот го доби мечот во пет сета.
Србинот тргна одлично, го доби првиот сет со 6-4, но Синер возврати со 6-3 и изедначи на 1-1 во сетови.
Третиот сет беше најдраматичен, се играше тајбрејк кој го доби Кецмановиќ со 8-6 и поведе со 2-1 во сетови.
Кога требаше најмногу, Синер се крена, ги доби следните два сета со 6-2 и 6-3 и го доби мечот со 3-2.
Синер во следното коло ќе игра против Боргеш кој со 3-0 беше подобар од квалификантот Бојер.
Од досегашниот дел од турнирот за издвојување е елиминацијата на Каспер Руд кој со 3-0 загуби од Куркач, како и поразот на Рубљов кој беше поразен од Сафулин со 3-2 во сетови.
Бразил во финишот го „скрши“ јапонскиот отпор
Меч со исклучително драматична завршница одиграа Бразил и Јапонија кој го доби фаворитот и продолжува понатаму на Мундијалот.
Бразилците напаѓаа во текот на целиот меч, а Јапонија се закануваше од контра напади.
При еден таков напад во 29. минута Сано даде гол за водство на Јапонија од 1-0. Со тој резултат заврши и првото полувреме.
По десет минути игра во второто полувреме по асистенција од Габриел, Касемиро даде гол со глава за 1-1.
Кога се чинеше дека натпреварот ќе отиде во продолженија, Мартинели даде гол за победа на Бразил од 2-1.
Елмин Растодер потпиша за Панатинаикос
Елмин Растодер го направи најголемиот чекор во досегашната кариера и од новата сезона ќе го носи дресот на Панатинаикос.
Грчкиот великан вечерва го официјализираше трансферот на македонскиот репрезентативец, кој потпиша договор до летото 2030 година.
Растодер првпат ќе ја напушти Швајцарија, земјата во која е роден и во која ја изгради својата кариера. Напаѓачот мина низ младинската школа на Грасхоперс, а по настапите за неколку швајцарски клубови, вистинската афирмација ја доживеа во Тун. Минатата сезона беше меѓу најзаслужните за шампионската титула на Тун, постигнувајќи 15 гола и додавајќи шест асистенции. Одличните настапи не останаа незабележани, па интерес за негов ангажман покажаа повеќе клубови.
Сепак, Растодер се реши кариерата да ја продолжи во редовите на Панатинаикос, кој според информациите ќе плати околу 3,5 милиони евра за неговиот трансфер од Тун.
Ѓоковиќ со тешка победа го почна Вимблдон
Новак Ѓоковиќ стартуваше со победа на овогодинешното издание на Вимблдон, откако со 3-1 во сетови славеше над кинескиот претставник Јибинг Ву.
Српскиот ас мораше добро да се потруди за да го скрши отпорот на противникот, кој моментално се наоѓа на 102. позиција на АТП рангирањето.
Првиот сет му припадна на Ноле со 6-4, меѓутоа Ву возврати со одлична игра во вториот и со 7-5 израмни на 1-1, најавувајќи голема борба.
Во продолжението од мечот Ѓоковиќ не дозволи сензација, па иако мораше да игра максимално претпазливо и без премногу простор за грешки, ги освои следните два сета со идентични 6-4 и 6-4.
Вистински спектакл го очекува Новак веќе во втората рунда, каде ќе ги одмери силите со Стефанос Циципас, кој претходно денеска забележа максимална победа од 3-0 против Гастон.
Тер Штеген кажа „ДА“ за Ајакс, во тек се клучните преговори со Барселона
Во рамките на она што брзо се профилира како една од најинтригантните приказни во овој летен преоден рок, искусниот германски голман Марк-Андре тер Штеген официјално даде согласност за преселба во редовите на Ајакс. Чуварот на мрежата, кој веќе не е во примарните планови на тренерот на Барселона, Ханси Флик, веќе ги информирал спортскиот директор Јорди Кројф и новиот шеф на стручниот штаб на холандскиот гигант, Мичел, дека е целосно подготвен за овој предизвик.
За Германецот, овој трансфер претставува шанса за нов почеток и загарантирано место во почетниот состав, со цел да ја оживее кариерата по серијата проблеми со повреди. Со оглед на тоа што неговата лична согласност е веќе обезбедена, пречките од страна на играчот се целосно отстранети, со што се отвора патот за вистински блокбастер-трансфер во Ередивизија.
Главен иницијатор на целата оваа операција е новоименуваниот тренер на Ајакс, Мичел Санчез. По турбулентната ера на клупата на Џирона, шпанскиот тактичар го презеде кормилото во Амстердам со визија за комплетна реконструкција на тимот, каде што Тер Штеген е означен како апсолутен приоритет. Двајцата веќе соработуваа за време на краткотрајната позајмица во вториот дел од минатата сезона, пред повредата на тетивата предвреме да ја прекине кампањата на Германецот.
Мичел исклучително многу го цени лидерството на 34-годишниот голман, неговата сталоженост и врвната способност за игра со нога, што совршено се вклопува во историската фудбалска филозофија на Ајакс. Со силна поддршка од Јорди Кројф, шпанскиот стратег во искусниот германски репрезентативец гледа идеален столб околу кој ќе се гради новата дефанзивна линија.
Иако спортските мотиви кај сите страни се целосно усогласени, финализирањето на договорот сега зависи од интензивните преговори меѓу двата клуба околу економската структура на трансферот. Барселона и Ајакс во моментов бараат формула за првична едносезонска позајмица, а медиумите шпекулираат дека на маса е и опцијата за задолжителен откуп следното лето.
Главната кочница во моментов е високата плата на Тер Штеген, која го чини каталонскиот клуб околу 20 милиони евра годишно. Барселона има силен мотив да се ослободи од овој финансиски товар за да ги ублажи проблемите со сопствениот финансиски фер-плеј, но Ајакс едноставно не може сам да покрие толкава сума. Клучните состаноци се закажани за оваа недела, кога ќе се дефинира точниот сооднос за поделба на платата и бонусите, со цел да се најде компромис пред почетокот на главната фаза од претсезонските подготовки.
Нов државен рекорд на штафетата 4х400 метри
Македонската штафета 4х400 метри постави нов национален рекорд на националното првенство за сениори, кое викендов се одржа во Скопје.
Машката штафета на Македонија постави нов национален рекорд во дисциплината 4х400 метри со време од 3:15.82. Со тоа беше подобрено времето на досегашниот национален рекорд од 3:20.69 за речиси пет секунди.
Штафетата настапи во состав: Огнен Стефановски, Михаил Петров, Гилман Јунузи и Јован Стојоски, кои со одличен тимски настап поставија нови стандарди во македонската атлетика.
Родригез: Роналдо е одличен спортист, погледнете го неговото тело на 41 година
апитенот на Колумбија, Хамес Родригез, искажа пофални зборови за португалскиот напаѓач Кристијано Роналдо по нивниот меѓусебен натпревар во третото коло од групната фаза на Светското фудбалско првенство 2026 година.
Натпреварот се одржа на 28 јуни и заврши нерешено 0:0. Колумбија го освои првото место во К-групата со 7 бода, додека Португалија заврши втора со 5 бода.
Родригез и Роналдо, кои играа заедно во Реал Мадрид, разменија поздрави пред натпреварот, се прегрнаа и си посакаа среќа. Камерите го забележаа и нивниот пријателски разговор во тунелот за време на полувремето.
„Разговаравме. Тој ми е голем пријател уште од времето кога беше во Реал Мадрид и е прекрасна личност. Развивме одлично пријателство; секогаш бев во неговата куќа. Тој е одличен човек и пример за сите. Погледнете го неговото тело на 41 година, погледнете што прави. Тој е одличен спортист. Многу го почитувам и имам огромна наклонетост кон него“, истакна Родригез за „ESPN“.
Во осминафиналето на Светското првенство, Португалија ќе игра против Хрватска, додека Колумбија ќе се соочи со Гана.
Уште еден португалски потпис во Милан: Пристигнува Антонио Силва
Антонио Силва брзо се приближува кон Милан. Договорот со Бенфика ќе стапи на сила денес, кога Жорге Мендеш, неговиот агент, ќе се сретне со раководството на португалскиот клуб во Лисабон и ќе ја повтори желбата на неговиот клиент да си замине. Јувентус исто така се обиде да го потпише неколку пати во минатото, но се чини дека ова е вистинско време да го „грабне“ од португалскиот клуб.
Договорот на дефанзивецот роден во 2003 година истекува во 2027 година и беше многу разочаран откако не беше повикан за Светското првенство. Затоа одлучи дека за да се подобри и да добие поголема популарност, најдобрата опција е да се пресели во поконкурентна лига, или барем лига со повисоко ниво на хартија. Милан, со Рубен Аморим на клупата, е доста привлечен.
Диоманде го одбрал ПСЖ пред Ливерпул
Пари Сен Жермен направи голем чекор кон трансферот на талентираниот крилен играч Јан Диоманде, откако тој се согласил на петгодишен договор.
Како што објавија трансфер инсајдерот Дејвид Орнштајн и новинарот на „RMC Sport“ Фабрис Хокинс, 19-годишниот фудбалер одлучил да ја продолжи кариерата во редовите на актуелниот европски шампион, и покрај сериозниот интерес од Ливерпул.
Англискиот гигант се обиде да го убеди Лајпциг со понуда вредна 100 милиони евра во претходните денови, но германскиот клуб ја одби.
Сега ПСЖ ја презеде иницијативата, а сè што останува е да се постигне договор со Лајпциг во врска со обештетувањето. Минатото лето, германскиот клуб му плати на Леганес 20 милиони евра за Диоманде и го врза со договор до 2030 година.
Првичниот план беше да остане барем уште една сезона, но интересот на европските гиганти би можел да ја промени ситуацијата.
Според француските медиуми, Лајпциг бара околу 130 милиони евра, додека ПСЖ не планира да оди толку високо.
Сепак, се очекува преговорите да продолжат, а Диоманде би можел да стане најскапата продажба во историјата на германскиот клуб, надминувајќи го трансферот на Јошко Гвардиол од 90 милиони евра.
Диоманде има одлична сезона зад себе во дресот на Лајпциг, за кој постигна 13 гола и забележа 10 асистенции во 36 натпревари во Бундеслигата и Купот на Германија.
Доколку трансферот се реализира, репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска ќе ја засили веќе импресивната офанзивна линија на ПСЖ, во која се наоѓаат Усман Дембеле, Дезире Дуе, Хвича Кварацхелија и Бредли Баркола.