feature

Тенерифе го исфрли Реал со победа во „мајсторката“ среде Мадрид

Тенерифе ја приреди најголемата сензација во европската кошарка оваа сезона. Тимот од Канарските Острови го елиминираше Реал Мадрид, а конечниот резултат од третиот натпревар од четвртфиналната серија од плејофот на АЦБ лигата во „Висинк Центарот“ беше 95-107 (24-23, 21-26, 28-21, 22-37).

Иронично е што тимот на италијанскиот тренер Серхио Скариоло стигна многу подалеку во Евролигата, односно до финалето, а последен пат „кралскиот клуб“ беше елиминиран во четвртфиналето од плејофот на шпанското првенство во 2008 година, кога Реал загуби од Уникаха.

Тенерифе победи поради значително подобриот шут за три поени – 13/28 наспроти 5/31 на Реал.

Секако, искуството беше одлучувачки фактор – кошаркарска легенда во репрезентативните натпреварувања, 37-годишниот Австралиец Пати Милс постигна 29 поени, додека 43-годишниот Бразилец Марселињо Уертас имаше 23 поени.

Кевин Јебо, репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, значително му помогна на тандемот ветерани со 22 поени и седум скока.

Тенерифе немаше играч под 29 години во маестралната игра против Реал. Ако нешто можеше да се издвои како светла точка за Реал во овој дебакл, тоа би била играта на Марио Хезоња. Хрватскиот репрезентативец шутираше 8/9 за двојки, 1/5 за тројки и 3/4 од линијата за слободни фрлања, постигна за 22 поени.

Речиси е сигурно дека ова е последниот натпревар што го одигра 38-годишниот Серхио Љуљ. Тој помина шест минути и 14 секунди на теренот, промаши еден шут за два и еден фаул.
Последната сезона во која Реал не освои ниту еден трофеј и во фудбал и во кошарка беше пред 16 години.


Реал бира претседател: Флорентино Перез или Енрике Рикелме

Почнаа претседателските избори во Реал Мадрид, денеска членовите избираат меѓу Флорентино Перез и Енрике Рикелме, од исходот ќе зависи каков правец ќе фати клубот.

Перез иако имаше уште од претседателскиот мандат, распиша предвремени избори, а Рикелме ја фрли ракавицата и се пријави да биде противкандидат.

Во изминатите денови двајцата водеа претседателски кампањи и со разни реални и нерални ветувања ги убедуваа членовите дека тие се вистинскиот избор.

Шансите се на страната на Перез, победа на Рикелме би се сметала за огромно изненадување.

Доколку победи Перез, Жозе Мурињо ќе биде назначен за нов тренер, а во клубот ќе пристигнат и веќе договорените Конате и Думфрис. Флорентино вети и понуда од 150 милиони за галактико засилување, тоа би бил рекорден трансфер во Реал Мадрид.

Од друга страна пак ако победи Рикелме, не се знае кој ќе биде тренер. Тој не го сака Мурињо, го вети Клоп, но Германецот веднаш го негираше. Го вети и Халанд како засилување, но и тоа беше демантирано. Па во случај на изненадување, ќе бидат изненадување и потезите кои ќе ги влече во неговиот мандат.


ФИФА претстави новитет, фудбалерите на химните ќе бидат поставени на нов начин!

ФИФА претстави нов формат на церемонијата пред почетокот на натпреварите на Светското првенство.

Кога ќе се интонираат химните, фудбалерите веќе нема да стојат во две паралелни линии како досега.

Наместо тоа, двете репрезентации заедно со резервните играчи, ќе стојат во полукругови околу центарот на игралиштето.

Во текот на таа церемонија ќе бидат развиорените две огромни знамиња на земјите кои ќе настапуваат.


Премиерлигашите го сакаат Батурина, Комо бара 80 милиони евра

Мартин Батурина, хрватскиот офанзивен играч за врска, стана централна фигура на европскиот трансфер пазар по импресивната сезона во дресот на Комо. Според извештаите на „Football Italia“, два неименувани клуба од Премиер лигата подготвуваат понуди меѓу 50 и 55 милиони евра за 23-годишниот фудбалер, додека Баерн Минхен веќе имал прелиминарни разговори пред неколку месеци.

Сепак, Комо, свесен за големиот интерес и клучната улога на Батурина во тимот, одреди цена од дури 80 милиони евра. Оваа сума е поставена со цел да се одвратат потенцијалните купувачи и да се задржи играчот, освен ако не пристигне исклучителна понуда. Италијанскиот трансфер експерт Џанлука Ди Марцио потврди дека Комо нема намера да го продаде Батурина, освен ако не се исполни оваа висока цена.

Цврстиот став на Комо е зајакнат со историскиот пласман на клубот во Лигата на шампионите, каде Батурина беше еден од клучните играчи под водство на тренерот Цеск Фабрегас. Обезбедувањето на место во елитното европско натпреварување следната сезона ја намалува потребата на клубот да го ослабне тимот со продажба на еден од своите најкреативни и највлијателни фудбалери.

Иако понудите од Премиер лигата се движат во опсег од 50 до 55 милиони евра, Комо е подготвен да чека поголеми понуди, верувајќи во вредноста на својот играч. Доколку се реализира трансфер за 80 милиони евра, Батурина би бил втор најскап хрватски фудбалер во историјата, веднаш по Јошко Гвардиол, кој премина во Манчестер Сити за 90 милиони евра.


Илиев: Ќе ги анализираме грешките и ќе бидеме уште подобри против Луксембург

Новото издание во Европската лига, машката репрезентација на Македонија го отвори со пораз од Холандија и покрај тоа што понуди соодветен отпор. Денеска репрезентацијата ќе има можност за одмор и анализа на одиграниот натпревар, како и за подготовка на она што следни – дуелот со Луксембург, утре (19 часот).

„Прв официјален натпревар во овој циклус и според мене одигравме солидно. Гостите беа порасположени во одредени сегменти од играта, особено на сервисот. Немаме време за жалење, мора да ги анализираме нашите грешки и да се фокусираме на следниот натпревар со Луксембург. Имаме простор да се рехабилитираме, денеска ќе го следиме и дуелот меѓу Холандија и Луксембург, ќе добиеме уште подобра слика за следниот предизвик, во во кој атакуваме на прва победа во Европската лига годинава“ – вели еден од најефикасните одбојкари на мечот со Холандија, Стојан Илиев.

Македонските одбојкари според планот денеска се слободни и ќе одработат еден тренинг во СС „Парк“ во Струмица, додека вечер од 19 часот, на истата локација, Холандија и Луксембург се соочуваат во вториот меч од турнирот во Евролигата.


Мира Андреева сензационално го освои Ролан Гарос

Русинката Мира Андреева ја заврши бајката на полската тенисерка Маја Хвалинска и победи во финалето на Ролан Гарос, откако славеше со убедливи 2-0 во сетови (6-3 и 6-2).

Хвалинска одигра феноменален турнир и беше вистинска сензација во Париз, но немаше сили да ѝ се спротивстави на младата и мотивирана Русинка.

.Андреева стигна до својот најзначаен трофеј во кратката кариера, а Хвалинска остави одличен впечаток и ги освои симпатиите на сите неутрални тениски фанови.


Отпорот траеше еден сет, дамите загубија од Унгарија на стартот на Европската лига

Женската репрезентација на Македонија со 0:3 (14:25, 21:25, 11:25) загуби од Унгарија во првиот натпревар од годинешното издание на Европската лига, на турнирот кој се игра во Порто.

Унгарките вчера го победија домаќинот Португалија (3:0) додека денеска со триумфот и над нашата селекција со шест бода си заминуваат од португалскиот град.

Дамите имаа одлично отворање на натпреварот. Делуваа мирно и дисциплинирано во воведните минути и иако Унгарија го контролираше резултатот, сепак ние наоѓавме одговор на нејзината игра. Се држевме се до средината на првиот сет, 13:15. Потоа следуваше голем пад со кој му дозволивме на ривалот да направи серија од 1-10 и мирно со 14:25 да поведе 0:1 во сетови.

Во вториот сет Македонија се покажа во најдобро светло. Влезе со серија од 3:0 предводена од Милевска и Ковачевиќ, кои со поддршка од соиграчите ја одржуваа позитивата до 8:5. Во средината на сетот Унгарија се избори за пресврт, 11:14, 13:16, но постојано го притискавме противникот и се боревме 19:21. Немавме сила за да изненадиме и со 21:25 се најдовме во негатива од 0:2.

По одличниот втор сет, комплетно дефокусирано го стартуваа одбојкарките третиот сет. Унгарија имаше серија од 0-6, која ја претвори во 3:11, односно 5:15. Ништо не функционираше во нашите редови, па селекторот Милош Гавриловиќ се одлучи за комплетна промена на поставата и им даде шанса на сите одбојкарки кои ги имаше на располагање. Со 11:25 го загубивме последниот сет.

Андротеа Милевска беше најефикасна во нашите редови со девет поени, следена од Ива Стојковска со седум, додека Љиља Ковачевиќ имаше пет поени. Марија Василевска освои три, додека по два имаа Теа Терзиевска и Ана Фасулева.

Вториот натпревар во Европската лига 2026 Македонија го игра утре против домаќинот Португалија од 19:30 часот.


Централниот терен во „Куќата на фудбалот“ доби нов изглед

„Куќата на фудбалот“ доби значајно инфраструктурно освежување, откако по повеќе од една деценија беше целосно обновен централниот терен.

Како што објави претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, извршена е комплетна реконструкција на тревната површина, при што се поставени нови тревни бусени, обновен е дренажниот систем и инсталирана е современа мрежа за наводнување.

Со овие зафати се очекува значително подобрување на условите за тренинг и одигрување натпревари, како за репрезентативните селекции, така и за останатите корисници на комплексот.

Oд ФФМ најавуваат дека инвестициите ќе продолжат и во наредниот период, со цел постепено подобрување на условите и на останатите стадиони низ државата.

„Фудбалот заслужува подобри услови и ќе ги добие“, порача Омерагиќ преку социјалните мрежи, испраќајќи јасна порака дека развојот на инфраструктурата останува еден од приоритетите на Федерацијата.


Македонија до 20 години: Таневски го објави списокот за контролниот натпревар против САД

Селекторот на репрезентацијата на Македонија до 20 години, Александар Таневски, го објави списокот на повикани фудбалери за контролниот натпревар против селекцијата на САД до 20 години.

Натпреварот ќе биде одигран на 8 јуни во Петрич, Бугарија и претставува одлична можност за проверка на формата и потенцијалот на младите македонски фудбалери против квалитетен противник.

На списокот на Таневски се наоѓаат 22 фудбалери:

Голмани: Стефан Јованоски (Млада Болеслав, Чешка), Даниел Диковски (Брера Струмица);

Одбрана: Златко Радески (Тетекс), Адис Мурати (Башкими), Фидан Шерифи (Македонија Ѓ.П.), Лука Атанасовски (Тетекс), Андреј Велков (Брера), Андреј Мурџески (Вардар), Димитар Мартиновски (Македонија Ѓ.П.);

Среден ред: Виктор Делов (Беласица), Тео Сандев (Моторлет Прага, Чешка), Габриел Крстевски (Пелистер), Емир Шаботиќ (Детонит), Андреј Стојановски (Скопје), Васил Тасовски (Напредак Крушевац, Србија);

Напад: Димитар Данев (Вардар), Салим Арифи (Митровица), Мирза Хасиќ (Шкендија Арачиново), Адмир Љатифи (Осијек, Хрватска), Иван Шириќ (АП Брера Струмица), Ѓоко Спасов (Тиквеш), Лука Бојаџиев (Брегалница), Шабан Мемети (Арсими);


Балерди се повреди, Аргентина ќе повика нов дефанзивец за Мундијалот

Фудбалерот на Аргентина, Леонардо Балерди е исклучен од составот на Аргентина за Светското првенство во 2026 година, објави Аргентинската фудбалска асоцијација (AFA).

Дваесет и седумгодишниот одбранбен играч нема да може да учествува во натпреварувањето поради повреда на листот на десната нога.

Во сезоната 2025/26, Балерди одигра 36 натпревари за Марсеј во сите натпреварувања, постигнувајќи еден гол и асистенција.

Светското првенство ќе се одржи во Канада, САД и Мексико од 11 јуни до 19 јули. Аргентина ќе игра во групата А со репрезентациите на Австрија, Алжир и Јордан.