feature

Убедлива победа на ракометарите во тестот со Сесвете

Croatia vs North Macedonia, Friendly match during preparation IHF World Championship 2025, Varazdin, Croatia, 08.01.2025., Mandatory Credit © Jozo Cabraja/ kolektiff

Ракометната репрезентација на Македонија славеше на денешниот пријателски натпревар одигран против хрватскиот тим Сесвете со 28-42, во претпоследната контрола што избраниците на Кирил Лазаров ја имаа пред официјалниот старт на СП 2025 закажан за 15 јануари.

Овој меч дојде по оној со селекцијата на Хрватска во кој одигравме одлично и покрај поразот. Денеска на дуелот со Сесвете предводен од некогашниот репрезентативец на Хрватска, Игор Вори, на полувремето имавме водство од +6, кое подоцна успеавме и да го зголемиме.

Македонската репрезентација својата генералка пред стартот на ракометниот Мундијал ќе го има на 12 јануари, кога за противник ќе ја има селекцијата на Зеленортските острови.

„Црвено-жолтите“ првиот меч на СП 2025 ќе го играат на 15 јануари во 20:30 часот против Унгарија.


Врвен настап на шампионот, Чаби Алонсо го освои Дортмунд

Баер Леверкузен со 2-3 го доби дербито против Борусија Дортмунд, дури четири од петте голови беа дадени во првото полувреме.

Мечот имаше неверојатен старт, по само осум минути игра Баер Леверкузен водеше со 2-0 со голови на Тела и Шик.

Во 12. минута Дортмунд преку Гитенс успеа да намали на 2-1, но само седум минути подоцна Шик со својот втор гол на мечот зголеми на 3-1.

На десет минути пред крајот домаќините со гол на Гираси намалија на 3-2, но до крајот не успеаа да постигнат уште некој гол за да избегнат пораз.


Халанд петти пат најдобар норвешки фудбалер на годината

Голгетерот на Манчестер Сити и репрезентацијата на Норвешка, Ерлинг Браут Халанд очекувано е избран за фудбалер на годината во Норвешка.

Тоа е петти пат по ред како Норвешката фудбалска федерација (Noregs Fotballforbund), , го прогласува напаѓачот за најдобар во изминатата година.

Халанд ја освои својата прва Златна топка во 2020 година како играч на Борусија Дортмунд, кој го наследи Мартин Одегард, и оттогаш се претплати на оваа награда.

„Ова е голема и драга награда за мене, многу ја ценам. Горд сум што го освојувам петта година по ред. Беше добра година, играв постојано и постигнував голови, среќен сум поради тоа. Ја освоивме Премиер лигата, што беше фантастично и имавме многу успеси со тимот“, изјави Ерлинг Халанд.


45 поени на Везенков, Олимпијакос пресилен за Баерн

Кошаркарите на Олимпијакос убедливо го совладаа Баерн во 20. коло од Евролигата, а мечот во салата „Мир и пријателство“ го одбележа феноменалниот Саша Вененков.

Црвено-белите го забележаа петтиот последователен триумф, го декласираа Баерн со 112-69 и со учинок 14-6 се лидери во Евролигата. Баварците се во пад и по третиот неуспех во последните четири натпревари имаат скор 11-9.

Неверојатниот Везенков натпреварот го заврши со 45 поени (10/10 за два, 8/10 за три, 1/1 слободни фрлања) со 7 скока и 2 асистенции за 35 минути на теренот и индекс на успешност 52.

Ова е личен рекорд за Бугаринот и трет најдобар поентерски учинок во историјата на Евролигата. Само Најџел Хејс Дејвис со 50 и Шејн Ларкин со 49 поени се подобри од Везенков.

Веројатно Везенков ќе го урнеше рекордот, но на две минути до крајот тренерот Јоргос Барцокас го повлече од теренот.

Бугарскиот интернационалец на најдобар можен начин му одговори на тренерот на Жалгирис, Андреа Тринкиери, кој минатата недела протестираше дека Венезнкв бил фаворизиран одј судиите.


Деби со пораз за Потер, Астон Вила го елиминира Вест Хем од ФА Купот

Астон Вила го елиминираше Вест Хем (2-1) во третото коло од англискиот ФА куп.

На „чеканите“ во Бирмингем не им помогна ниту новиот менаџер, Грем Потер, кој дебитираше на клупата.

Астон Вила триумфот го оствари по пресврт, откако Вест Хем стигна до предност со голот на Лукас Пакета во деветтата минута.

Амаду Онана израмни за домашниот тим во 71. минута, но херој на вечерта на Вила беше Морган Роџерс, кој во 76. минута го совлада Лукас Фабијански и го постави конечниот резултат.


Икарди ја потврди љубовната врска со Чина Суарез

Аргентинскиот фудбалер Мауро Икарди не може без подеми и падови во приватниот живот.

Откако конечно ја прекина врската со сопругата Ванда, од која реши да се разведе, повторно влезе во романтична врска со актерката Чина Суарез.

Икарди и Суарез веќе имаа афера која за малку ќе го завршеше неговиот брак со Ванда. Потоа некако успеа да го спаси бракот, иако Ванда беше решена да се разведе.

Меѓутоа, сега кога неговиот брак со Ванда дефинитивно се распадна, Икарди повторно најде утеха кај Чина Суарез.

Тој сега ја официјализира својата врска, и ја запозна со децата, што секако ќе ја налути Ванда Нара.

„Велат најдобрите приказни почнуваат кога најмалку ги очекуваш… Кој знае… Тоа се работи на судбината… Таа судбина која секогаш наоѓа начин да зближи двајца луѓе без разлика колку време ќе помине и колку патишта мораат да преминат… Затоа што има средби кои се запишани во ѕвездите, оние што ги гледавме заедно секоја вечер од детството и сонувавме за толку многу работи… Денеска веќе не ми требаат знаци… Знам дека јас сум со тебе каде што треба“, објави Икарди покрај фотографијата на која се гушка со својата нова девојка.


Ансу Фати на продажба, Барса доби четири понуди за напаѓачот

Четири шпански клуба сакаат да го засилат својот тим со напаѓачот на Барселона, Ансу Фати, пишува „Спорт“.

Станува збор за Жирона, Бетис, Валенсија и Севиља. Нивната желба е да го земат играчот на позајмица.

На Каталонците, исто така, не им пречи да се разделат со офанзивниот играч, кој ретко наоѓа место во тимот на Ханси Флик.

Ансу Фати (22) има вкупно 8 натпревари од стартот на сезоната во сите натпреварувања, а на последниот меч за Суперкупот на Шпанија против Атлетик Билбао не беше ниту во групата.

Минатата сезона напаѓачот беше позајмен во Брајтон.


Мојс фаворит за испразнетото тренерско место во Евертон

Шокантниот отказ на Шон Дајч во Евертон им донесе на „карамелите“ пласман во следната рунда од ФА Купот синоќа, но тој и понатаму е тема на разговор на Островот.

Последните два порази од Бурнмаут и Нотингем го чинеа отказ стручњакот кој ги запре Арсенал, Сити, Челси и беше одличен на „Гудисон“.

Навивачите беа изненадени од потегот на управата, но утринава веста дека Дејвид Мојс е блиску до враќање на клупата на тимот со кој раководеше со голем успех од 2002 до 2013 година може да објасни се. Во последниве недели, широко распространето е верувањето дека на Евертон му треба тренер кој не е одличен само во одбраната, а Мојс во Вест Хем докажа дека може да го создаде тој дефанзивно-офанзивен баланс.

Според информациите од Англија, Мојс не е единствениот кандидат да дојде на „Гудисон“, но тој е најсилен бидејќи навивачите го обожаваат. Се може да биде готово до вечерва, забележуваат медиумите, бидејќи Евертон не го отпушти Дајч без веќе да најде нов менаџер.

Ако Мојс се согласи да се врати, ќе има сериозна задача да обезбеди опстанок. Досегашната 16-та позиција со 17 бодови по 20. коло (имаат натпревар помалку) само ветува голема неизвесност во Премиер лигата.


Ерик Мекалум потпиша за Фенербахче

Ерик Мекалум до крајот на сезоната ќе игра за Фенербахче, соопшти турскиот клуб.

Мекалум е добро познато лице во Евролигата каде последен пат играше пред четири години во дресот на Химки. За оние кои не знаат, Мекалум е постар брат на кошаркарот на Њу Орлеанс Пеликанс, Си Џеј Мекалум.

Во Фенербахче пристигнува од Каршијака, каде играше во претходните две сезони.

Неговото доаѓање во Фенербахче е последица на лошата кадровска ситуација во тимот на Шарунас Јасикевичиус и повредите кои го зафатија тимот. Мекалум ќе треба да го надополни отсуството на Скоти Вилбекин, Вејд. Болдвин и Артурас Жагарс.

Во Каршијака, Мекалумимаше просек од 16 поени, 2,2 скока и 5,2 асистенции.


Тони Атанасов е третиот тренер на Брера сезонава

Со одлука на Управниот одбор на Брера Струмица за нов кормилар на екипата е именуван Тони Атанасов, а помошник му е Панче Стојанов.

Покрај нив во Стручниот штаб на струмичкиот прволигаш ќе работат и Дарко Коцев како кондиционен тренер и Ѓорги Шопов како тренер на голманите.

Оваа одлука на раководството на Брера доаѓа откако спогодбено ја раскина соработкат со досегашниот тренер Горазд Михаилов.

-Тони Атанасов и Панче Стојанов се добро познати на струмичката јавност. Оставија печат како фудбалери, но и со работата во младинските погони на Академија Пандев, а сега Брера Струмица. Со својот професионален пристап ќе се обидат да извлечат максимум од првиот тим кој есенскиот дел го заврши на осмата позиција, се наведува во соопштението од клубот.

Инаку, струмичкиот прволигаш утре ги започнува подготовките за продолжението на првенството. Како што информираат од Брера Струмица, според планот ќе се работи секојдневно, а планирани се и неколку контролни средби со кои ќе се подигне нивото на екипата за првенствените и куп мечевите напролет.