фудбал

Село со мал број на жители на прагот да го освои шведското првенство

Шведскиот клуб Мјалби обезбеди учество во европските натпреварувања во сезоната 2026/27. Прв пат во историјата клубот ќе игра во натпреварувањата во организацијата на УЕФА.

Ова е огромен успех за клубот што доаѓа од Халевик, село на југот на Шведска каде што, според последниот попис, живеат 1.485 луѓе.

Како што сега стојат работите, Мјалби ќе игра во Лигата на шампионите. Мјалби е на чекор до освојување на титулата во шведското првенство. На пет кола до крајот, тие имаат предност од 11 бода во однос на второпласираниот Хамарби, а вистинско чудо би требало да се случи Мјалби да не ја освои титула шведски шампион, по прв пат во историјата.

Во блиското минато, од 2015 до 2018 година, беше во третата лига. Потоа, во две последователни сезони, скокна за два ранга и сега игра во највисокиот ранг на шведскиот фудбал шеста година по ред. Во тој период, се пласираше од петтото до десеттото место.

Според „Трансфермаркт“, Мјалби е деветтиот највреден тим во шведското првенство. Вкупната вредност на играчите е 15,7 милиони евра.


Белоти сериозно се повреди, Каљари цела сезона без напаѓачот

Екипата на Калјари потврди дека напаѓачот, Андреа Белоти, кој имаше одличен старт на сезоната и постигна два гола, ќе мора да паузира подолг период поради повреда.

Вчерашните лекарски прегледи потврдиле дека Белоти има проблем со предниот вкрстен лигамент на коленото и дека ќе мора да оди на дополнителни консултации кај специјалисти.

Медиумите наведуваат дека таков тип на повреда се лекува околу 9 до максимум 12 месеци.


Конте го сака Матеус Нуњеш од Сити

Луѓето од Наполи се обиделе да ги дознаат условите за евентуален ангажман на фудбалерот, Матеус Нуњеш, од Манчестер Сити, велат последните најави од Италија.

Португалецот пред две години беше купен од Вулверхемптон за повеќе од 60 милиони евра но, главно ја грееше клупата за резерви.

Според одредени наводи, „граѓаните“ се расположени да го продадат Нуњеш доколку добијат добра понуда.


Младиот Пелистер попушти во финишот и загуби на гостувањето кај Струга

Пелистер беше на чекор до реми и да се врати со еден бод од гостувањето кај водечкиот тим на табелата, но една деконцентрација во 85. минута донесе водечки гол на Струга Трим Лум, кој подоцна беше потврден и со втор погодок. Финалните 2-0 (0-0) се преголема казна за младиот тим од Битола, кој почна со Мрмачовски и Крстевски во стартниот тим и со формација 3-5-2 целосно ја неутрализира играта на домаќинот.

Струга Трим Лум се обиде да направи ран притисок, но Јовчевски со неколку сигурни интервенции успеа да го сочува својот гол. Подмладениот тим на битолчани успеа да парира на стартот од мечот трудејќи се да има поголем посед, па офанзивците на домаќинот предвидени од Компаоре, кои статистички се меѓу водечките во првенството, не добија шанса да се истакнат.

Во 21. минута домашните ја создадоа првата посериозна шанса, Компаоре беше проигран од Бојку, но биеше со глава над голот. Некои десет минути подоцна, капитенот Бунјамин Шабани се обиде самостојно да ја заврши работата, но откако продре до шеснаесетникот на Пелистер, шутираше покрај левиот дирек. Битолчани се обидуваа да организираат контра напади, но најчесто не стигаа да упатат шут, па дури на крајот од првиот дел ја забележаа првата изгледна шанса преку Стефан Спировски кој биеше покрај голот.

Иако судијата Стојанче Стојанов почитуваше предност во повеќе наврати, до крајот на првиот дел покажа два жолти за Крстевски и Ивановски, а во вториот дел уште четири пати се фати за џебот, но само еден картон од тие беше наменет за домаќините, поточно за Хамза во 55. минута.

И двата тренера направија измени во средината на вториот дел, при што Бленди Шкемби ги воведе во игра Воша, Зенку и Малески, додека во отсуство на Димитар Капинковски (селектор на репрезентацијата до 18 години) неговите помошници во истиот период им дадоа шанса на Ангелевски, Ристиќ и Петковски. Во финишот, очекувано овие фудбалери оставија најголем печат во случувањата на теренот, па токму Христијан Малески беше оној им се приклучи на Компаоре и Радески, а во 85. минута беше оној што успеа да ја затресе мрежата на Андреј Јовчевски.

Тоа „им ги скрати крилјата“ на битолчани кои се помирија со петтиот пораз во низа ова првенство, а воедно единаесетти по ред во меѓусените првенствени мечеви со Струга. Темпото на игра опадна, но сепак, на крајот, во судиското надополнување, односно 94. минута, Христијан Малески повторно се запиша во листата на стрелците и го постави конечниот резултат од 2:0.

Пелистер во следното коло ја пречекува Шкендија во Битола.


Нејмар го одложи своето враќање по повредата

Бразилскиот фудбалер Нејмар и натаму е на списокот на повредени на неговиот тим Сантос. Честите повреди го оддалечуваат од теренот и тој никако не успева да фати ритам на натпревари годинава.

На почетокот на месецов (септември) го повреди бутниот мускул и се очекува да се врати на теренот на почетокот на ноември, односно пред крајот на шампионатот во Бразил.

Во текот на следниот месец Нејмар ќе биде на рехабилитација.

Инаку Нејмар во Сантос дојде во јануари годинава и досега има одиграно само 21 натпревар и постигнато шест голови. 33-годишниот фудбалер планира да се врати во репрезентацијата на Бразил и да настапи на Светското првенсто 2026 година. Но, повредите може да му ги нарушат плановите.


Палестина побара исклучување на Израел од УЕФА и ФИФА

Претседателот на Палестинската фудбалска асоцијација, Џибрил Раџуб, ги повика денеска УЕФА и ФИФА да го исклучат Израел од меѓународните натпреварувања, предупредувајќи дека израелската армија убила 416 фудбалери и официјални фудбалски лица во последните две години, од кои една четвртина се деца.

„Фудбалот не може да остане неутрален пред геноцидот, етничкото чистење, дискриминацијата и континуираната окупација“, се вели во писмото испратено до европската и светската фудбалска федерација.
Шпанската новинска агенција ЕФЕ објави дека писмата се испратени и до сите членки на УЕФА, вклучително и до Фудбалската федерација на Македонија.

„Молчењето или одложувањето повеќе не се прифатливи“, напиша Раџуб. Светските медиуми пренесуваат дека Извршниот комитет на УЕФА ќе се состане следната недела за да разгледа евентуално исклучување на Израел од европските натпреварувања, откако Обединетите нации објавија дека Израел врши геноцид врз Палестинците.

Макаби Тел Авив в четврток треба да се сретне со загрепски Динамо во рамки на Лига на Европа, а натпреварот е предвидено да се игра во српскиот град Бачка Топола, каде израелскиот тим е регистриран за домаќин. Израелската страна, пак, наведе дека нема сознанија дека се соочува со исклучување.

„Немаме индикации дека се соочуваме со суспензија од УЕФА“, изјави за Ројтерс портпаролот на Израелската фудбалска федерација. Тој рече дека израелската репрезентација се подготвува нормално за претстојните натпревари со Норвешка и Италија во квалификациите за Светското првенство 2026.


Јунајтед застана во редот на Влаховиќ

Фудбалерот на Јувентус, Душан Влаховиќ, би можел да ја продолжи кариерата во Манчестер јунајтед.

Според „Газета“, англискиот клуб е заинтересиран да го потпише 25-годишниот Србин. Премиерлигашот сака да го донесе Влаховиќ во своите редови во јануарскиот преоден рок

Влаховиќ одигра шест натпревари оваа сезона, постигна четири гола и имаше една асистенција.

„Трансфермаркт“ ја проценува неговата вредност на 35 милиони евра.


Невреме го одложи натпреварот Валенсија – Овиедо на „Местаља“

Натпреварот од седмото коло од шпанската Примера е одложен. Причината се лошите временски услови, а дуелот меѓу Валенсија и Овиедо е преместен за утре.

Дуелот требаше да се игра вечерва со почеток во 21 часот на стадионот „Местаља“, а новиот термин е утре во 20 часот. Информацијата ја објави клубот домаќин на своите социјални мрежи.

Инаку, минатата година во овој период регионот на Валенсија беше погоден од големо невреме со големи материјални штети, а бројката на загинати беше околу 200.


Барса на прагот на турне вековен рекорд

Барселона постигна гол во својот 44-ти натпревар по ред во сите натпреварувања, израмнувајќи го рекордот на тимот од 40-тите години на минатиот век. Претходниот рекорд ѝ припаѓаше на Барса под водство на Хуан Хозе Ногез, која од ноември 1942 до февруари 1944 година, исто така, постигна гол на 44 последователни натпревари.

Тековната серија на Каталонците започна на 21 декември 2024 година, со пораз од 2-1 на домашен терен од Атлетико Мадрид во 18-то коло од сезоната 2024/25 во Ла Лига.

Барселона моментално е лидер на табелата на шпанското првенство со 19 бода.


Иако не игра Реал нема да го продаде Родриго

Реал Мадрид потврди дека сериозно не размислувале за продажба на Родриго во летото, и покрај интересот од врвните европски клубови. Бразилскиот репрезентативец помина низ тежок период на крајот од минатата сезона и призна дека се бори со формата и самодовербата пред да се раздели со Карло Анчелоти.

По поразот од 4:0 од ПСЖ во полуфиналето на Светското клупско првенство, иднината на Родриго беше предмет на многу шпекулации.

Според Фабрицио Романо, ПСЖ бил заинтересиран, а Баерн Минхен дури и дал понуда, која Реал Мадрид брзо ја отфрлил. Претставници од баварскиот клуб и агентот на Родриго биле испратени да разговараат за договорот, но одговорот од Реал Мадрид бил категоричен – никакви понуди нема да бидат разгледани.

Самиот Родриго бил отворен за понуди на почетокот на летото, но неговата позиција се променила на почетокот на септември. Досега, тој започнал само еден натпревар во Ла Лига и има четири настапи како замена, без да постигне гол.