фудбал

Јован Манев си замина од Адана Демирспор

Македонскиот стопер Јован Манев ќе има нов клуб, затоа што си замина од редовите на турска Адана Демирспор чии бои ги бранеше во изминатите три години.

24-годишникот беше дел од Адана од 2022 година, во меѓувреме имаше една позајмица во Осијек. Сепак, тој се заблагодари на тимот и на раководството, па тргнува во нов предизвик. Манев ќе продолжи во Хрватска, каде прави трансфер во Ријека.

Манев во кариерата играше уште и за Осогово и за Брегалница од Штип. За сениорскиот тим на Македонија има седум настапи и еден постигнат гол.


Алжирецот Али Регба од Работнички се сели во Марибор

Најдобриот играч на Работнички во првиот дел од сезоната, Али Регба, кариерата ќе ја продолжи во Марибор.

Марибор ја доби трката со ТСЦ од Бачка Паланка за потписот на Алжирецот со ирски пасош. Српскиот клуб на Работнички му понудил 50.000 евра, а Марибор три пати поголема сума.

Регба е најзаслужен за добрите резултати на Работнички во есенскиот дел од сезоната, постигна седум гола и забележа пет асистенции.

Регба во Работнички пристигна минатиот февруари.


Челзи го испрати Жоао Феликс на позајмица во Милан

Милан постигна договор со Челзи за позајмица на Жоао Феликс, пренесува Танзи Лоик, новинар на „Лекип“.

Португалскиот напаѓач со денови се поврзуваше со трансфер во Милан, а како што стојат работите, двата клуба постигнаа договор на истекот на преодниот рок. Феликс ќе го напушти Челзи по само шест месеци, откако му се приклучи на англискиот клуб минатото лето од Атлетико Мадрид. „Сините“ на Атлетико му платија 52 милиони евра за трансферот на Португалецот.

Донесен како големо засилување, Феликс не успеа да му се напетне кај тренерот Енцо Мареска. Во Премиер лигата речиси и да не играше, место во тимот имаше само во Лига купот и Конференциската лига.

Феликс има договор со Челзи до јуни 2030 година. Позајмицата Милан ќе ја плати пет милиони евра. Во договорот не постои клаузула за откуп на договорот.

Феликс кариерата ја започна во Бенфика, во 2019 година се пресели во Атлетико за клупски рекорд од 126 милиони евра. Не ги оправда вложените пари, па Атлетико го испраќаше на позајмици во Челси и Барселона.


Димовски го засили белградски Партизан

Партизан би можел да потпише со македонскиот репрезентативец Бојан Димоски.

Левиот бек од рускиот клуб Акрон би можел да пристигне во Белград на позајмица, со опција за откуп од 200.000 евра.

Преговорите меѓу двата клуба се во завршна фаза, пишува српски „Телеграф“.

Димоски е во Русија од летото 2023 година, а претходно играше една сезона во Вардар и три во Академија Пандев.

За репрезентацијата на Македонија досега има одиграно 18 натпревари.


Милевски: Впечатоците од натпреварите на мак-екипите во Анталија се многу позитивни

Селекторот на нашите најдобри фудбалери, Благоја Милевски, имаше можност во изминатите денови да ги следи настапите на нашите екипи во Анталија во рамките на подготовките за вториот дел од сезоната.

„Впечатоците од мечевите на македонските екипи во Анталија се навистина позитивни. Помалку изненадувачки, очигледна беше разликата во ритамот на фудбалерите во однос на домашното првенство. Видовме нова енергија, тимски дух, добар ритам и желба за докажување. Се надевам дека тоа ќе го пренесат и на натпреварите од МФЛ“ – рече Милевски за сајтот на ФФМ.

„Тоа е нешто што се бара во модерниот фудбал. Тоа беа средби без резултатско значење но, сепак даваат одредена слика за квалитетот на екипите и индивидуалните карактеристики на фудбалерите. Продолжуваме да ги следиме сите фудбалери за кои веруваме дека имаат репрезентативен потенцијал“ – беа зборовите на Милевски.


Чилвел замина од Челзи и потпиша за Кристал Палас

Левиот бек на Челзи, Бен Чилвел го напушти клубот, се пресели на позајмица до крајот на сезоната во Кристал Палас.

Чилвел пристигна во Челси во 2020 година како големо засилување од Лестер за 50 милиони евра. Се покажа како многу моќно офанзивно оружје. Но, проблемите со повредите му ја затворија вратата на „Стемфорд Бриџ“.

Веднаш штом Енцо Мареска го презеде Челзи, јасно стави до знаење дека не смета на Чилвел. Левиот бек нема одиграно ниту една минута оваа полусезона во Премиер лигата, одигра само еден натпревар во Лига купот.

Конечно, ситуацијата околу Чилвел е решена. Тој ќе игра во Кристал Палас како позајмен до крајот на сезоната. Останува само да ги мине лекарските прегледи.


Лисандро Мартинез сериозно се повреди и предвреме ја заврши сезоната

Дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Лисандро Мартинез беше во солзи додека го изнесуваа на носилки поради повреда на левото колено за време на поразот на „црвените ѓаволи“ од Кристал Палас во Премиер лигата.

Репрезентативецот на Аргентина се здоби со повреда при обидот да се справи со напаѓачот на Палас, Исмаила Сар во 76. минута. Тој се грчеше од болки и долго време беше саниран на теренот, додека соиграчите загрижено го набљудуваа.

Мартинез го напушти Олд Трафорд со аплауз од навивачите, а Јунајтед го загуби натпреварот со 0-2.

Минатата сезона Мартинез исто така имаше сериозна повреда, меѓу кои и оштетување на лигаментите на коленото.


Џига од Црвена Звезда потпиша за Волвс

Фудбалерот на Црвена звезда, Насер Џига, до крајот на денот ќе се пресели во Премиер лигата.

Дефанзивецот ќе му се приклучи на Вулверхемптон, а според српските медиуми, англискиот премиерлигаш ќе плати 11 милиони евра и 2 милиони преку можни бонуси. Црвена звезда ќе го задржи правото и на пет или десет проценти од следниот трансфер.

Џига имаше излезна клаузула од 8.500.000, но добрите игри во Лигата на шампионите и фактот што неколку клубови беа заинтересирани ги натера челниците на Вулверхемптон да понудат поголема сума како обештетување.

Џига (22) е репрезентативец на Буркина Фасо, во Црвена звезда пристигна од Базел во септември 2023 година на позајмица, а клубот потоа за три милиони евра го откупи неговиот договор.


Полјакот Залевски Рома ја замени со Интер

Актуелниот италијански шампион Интер го официјализираше и најновото засилување, Никола Залевски, кој доаѓа од Рома.

Младиот 23-годишен полски репрезентативец ќе биде опција на повеќе позиции во одбраната и во средниот ред, договорен како јануарско засилување до крајот на сезоната, но со можност договорот да биде и целосно откупен од јуни.

тер За почетниот заем, Интер ќе исплати околу 600 илјади евра, а налето има опција да го купи Залевски за сума од 6 милиони евра.


Астон Вила се пофали со потписот на Маркус Рашфорд

Астон Вила и официјално го ангажираше напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд и тоа на позајмица до крајот на сезоната, со опција за целосен трансфер.

Ова значи дека по една деценија, 26-годишниот англиски репрезентативец првпат ќе игра за клуб што не е Манчестер Јунајтед.

„Астон Вила со задоволство ја соопштува позајмицата на Маркус Рашфорд од Манчестер Јунајтед“, стои во официјалното соопштение на клубот од Бирмингем.

Рашфорд изрази задоволство од договорот и објасни зошто се одлучил токму за Астон Вила.

„Би сакал да им се заблагодарам на Манчестер Јунајтед и Астон Вила што овозможија оваа позајмица. Имав неколку опции, но Астон Вила беше лесен избор. Навистина го ценам начинот на кој играат оваа сезона и амбициите на тренерот. Сакам само да играм фудбал и возбуден сум да почнам. На сите во Манчестер Јунајтед им посакувам сè најдобро во остатокот од сезоната“, изјави Рашфорд.

Станува збор за англиски репрезентативец, кој се најде во немилост на новиот тренер на „ѓаволите“, Рубен Аморим, кој незадоволен од неговото однесување на тренинзите целосно се откажа од неговите услуги и направи се тој да си замине од „Олд Трафорд“.