фудбал

Инфантино најави уште еден мандат како прв човек на ФИФА

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, потврди на конгресот во Ванкувер дека ќе се кандидира за нов мандат во 2027 година.

Во своето обраќање пред делегатите на конгресот, Инфантино ги истакна достигнувањата на ФИФА под негово водство во изминатата деценија.

Инфантино рече дека сегашните приходи за периодот 2022-2026 година ќе изнесуваат речиси 12 милијарди евра, а во споредба со времето кога тој го почна своето претседателствување со ФИФА, средствата за развој за периодот 2027-2030 година, исто така, се зголемиле за осум пати и сега изнесуваат 2,3 милијарди евра.

Поголемиот дел од сегашните приходи ќе дојдат од Светското првенство оваа година во САД, Мексико и Канада. Токму поради Светското првенство, ФИФА беше цел на критики поради високите цени на билетите.

„Слушнавте многу за билетите за Светското првенство. Имавме 500 милиони барања за нив. Имавме 50 милиони во последните две. Секако дека се скапи билети, но се и достапни“, рече Инфантино.

Неговата кандидатура претходно беше поддржана од Јужна Америка, Африка и Азија.


Селта ќе му изгради статуа на Јаго Аспас

Легендарниот фудбалер на Селта, 38-годишниот Јаго Аспас, ќе добие статуа пред стадионот на шпанскиот прволигаш, вети градоначалникот на Виго, Абел Кабалеро.

„Потребниот буџет е обезбеден, а нашиот следен чекор е да се распише тендерот. Ова е најмалку што Јаго Аспас заслужува“, рече градоначалникот Кабалеро, додавајќи дека намерата е статуата да биде поставена помеѓу двете трибини, „Маркадор“ и „Трибуна“.
Аспас ја почна својата професионална кариера во Селта во 2006 година и отсуствуваше од клубот само помеѓу 2013 и 2015 година, кога беше член на Ливерпул и Севиља. Се врати во Виго во 2015 година и сè уште го носи светло синиот дрес на Селта.

Аспас е најдобриот стрелец во историјата на Селта за која одигра повеќе од 500 официјални натпревари и постигна 221 гол. Шпанскиот дрес го носеше од 2016 до 2023 година, одигрувајќи дваесет натпревари на кои постигна шест голови.


Нови проблеми за Арбелоа, Карвахал пак е повреден

Реал Мадрид на својата официјална веб-страница објави дека 34-годишниот дефанзивец и капитен на тимот, Даниел Карвахал, повторно е повреден.

„По тестовите спроведени од медицинскиот тим на Реал Мадрид, на нашиот играч Даниел Карвахал му е дијагностицирана фрактура на петтиот прст на десната нога. Чекаме понатамошен развој на настаните“, се вели во соопштението.

Од крајот на октомври до јануари, Карвахал пропушти 12 натпревари поради повреда на коленото. Оваа сезона, Карвахал настапи на 20 натпревари во сите натпреварувања, без да постигне гол.


Алварез е прескап, Барса разгледува други опции

Како што се приближува крајот на сезоната, сè е појасно дека Роберт Левандовски веројатно ќе ја напушти Барселона и ќе ја продолжи кариерата во Италија, каде што има понуди од Милан и Јувентус.

Но, и покрај тоа, веќе со месеци се зборува дека Барселона сака да донесе нов напаѓач и дека Левандовски, дури и ако остане во клубот, би бил резервна опција.

Веќе е добро познато дека првата желба на Барселона е Џулиан Алварез, но Каталонците немаат доволно пари за да го реализираат трансферот на аргентинскиот напаѓач.

Атлетико Мадрид за Алварез бара над 120 милиони евра, и иако Барселона се обиде сè да обезбеди за тој трансфер, јасно е дека чудо нема да се случи.

Меѓутоа, очигледно е дека во Барселона биле свесни за тоа како стојат работите, бидејќи на листата на можни засилувања кога станува збор за нападот имаат уште неколку имиња.

Шпанските медиуми наведуваат дека се издвојуваат двајца напаѓачи кои се многу пореални опции од Алварез.

Станува збор за уште еден напаѓач на Атлетико Мадрид, Александер Сорлот, чиј трансфер е сосема можен, бидејќи и самиот нема ништо против доаѓањето во Барселона, а јасно е дека неговата цена е многу помала.

Покрај Сорлот, на листата е и напаѓачот на Челси, Жоао Педро, кој минатото лето пристигна од Брајтон за 64 милиони евра, но очигледно не е невозможно тој да смени клуб само една година подоцна.


Венеција се врати во Серија А

На едно коло пред крајот Венеција го завери местото во Серија А, по една сезона пауза повторно ќе настапува во најдобрата италијанска лига.

Денеска одигра 2-2 против Специја, а тој бод ѝ беше доволен за да обезбеди место во елитата.

Тие имаат бод повеќе од Фросиноне кој е на второто место и четири бодови повеќе од третопласираната Монца.

Во текот на 2027 година Венеција треба да игра и на нов, модерен стадион кој е во изградба.


Пиза прв клуб кој и математички испадна од Серија А

Фудбалерите на Лече славеа со 2-1 против Пиза во рамките на 35. коло од Серија А и направија важен чекор во битката за опстанок. Со овој пораз, Пиза и математички ги загуби шансите да остане во елитата, па следната сезона ќе настапува во понизок ранг.

Клучните возбудувања се случија во второто полувреме. Лече поведе во 52. минута преку Ламеќ Банда, но радоста на домаќините траеше кратко. Само четири минути подоцна, Мехди Лерис израмни на 1-1.

Сепак, гостите повторно дојдоа до предност. Сантијаго Пјероти одлично асистираше, а Валид Чедира прецизно погоди во подалечниот агол за конечни 2-1.

Со овие три бода, Лече направи значаен исчекор кон опстанокот, имајќи четири бода предност во однос на Кремонезе, но и натпревар повеќе.


Барса фаворит за потписот на Бернардо Силва

Бернардо Силва може да биде донесен бесплатно, но тоа не значи дека Барселона може да го стори тоа веднаш.

Барселона со години се мачеше со финансискиот фер-плеј на Ла Лига, спортскиот директор Деко мора да маневрира со неколку можни дојдовни и заминувачки трансфери.

И токму во ова сценарио на неизвесност, Хорхе Мендеш би можел да се покаже како одлучувачки.

Според каталонското издание „Спорт“, кое се повикува на извори блиски до играчот од средниот ред на Манчестер Сити, тој дал одреден рок за понуда од Барселона, кој оттогаш истекол. Сепак, Португалецот одлучил да го продолжи тој период, надевајќи се дека ќе може да игра за каталонците.

Истиот извор додава дека Жорж Мендеш е клучен за желбата на Португалецот да го оствари тоа и е целосно посветен на тоа да го оствари.


Алегри побара четири засилувања за новиот Милан

Медиумите од Италија пренесуваат дека „росонерите“ ги дефинирале трансфер целите, на Сан Саиро треба да пристигнат Марио Хила од Лацио, Николо Фаџоли од Фиорентина, Леон Горецка од Баерн Минхен и Габриел Жесус од Арсенал.

Изминативе недели, Макс Алегри се споменуваше како кандидат за селекторското столче на Италија, но Милан очекува стратегот да продолжи на клупата на „Сан Сиро“ па оваа недела имало состанок со директорите Таре и Фурлани, на кој се дефинирале плановите за сезоната 2026/27.

Макс Алегри ги кажал желбите за трансфер пазарот, а клубот ветил дека ќе му ги исполни.

Приоритет на тренерот е засилување на одбраната и да се донесе динамика и конзистентност во средниот ред.

Како приоритет е поставен дефанзивецот на Лацио, Марио Хила, кој треба да стане нов лидер на последната линија.

За средниот ред, Макс Алегри побарал добро познато име за него – Николо Фаџоли, планот е да го спои со мудроста на Лука Модриќ и да добие перфектен микс на младост и искуство.

На радарот е и Леон Горецка од Баерн Минхен, кој на маса има четиригодишен договор.

Што се однесува до нападот, откако отпадна опцијата со Роберт Левандовски, нов предлог е Габриел Жесус од Арсенал.


Куман: Повредата на Симонс е голем хендикеп за Холандија

Селекторот на Холандија, Роналд Куман, изјави дека сериозната повреда на Чави Симонс е голем удар за „лалињата “ пред Мундијалот во текот на летото.

23-годишниот напаѓач на Тотенхем во изминатиот викенд ги скина предните вкрстени лигаменти на десното колено на мечот со Вулверхемптон во Премиер лигата.

„Единственото позитивно нешто е што е млад. Дефинитивно ќе игра на големи турнири во иднина. Тој е талентиран играч со огромен потенцијал“ – рече Куман.


Македонија ЃП очекувано убедлива во дуелот против Шкупи

Фудбалерите на Македонија ЃП го совладаа Шкупи со 0-4 и ја забележаа втората последователна победа во завршницата од шампионатот.

Избраниците на тренерот Боби Божиновски на овој меч иако играа на домашен терен, номинално имаа статус на гости.

Сосема очекувано Македонија ЃП забележа убедлива победа сепак на моменти младиот тим на Шкупи се обидуваше да го загрози голот на противникот.

Македонија ЃП поведе во 25. минута, а стрелец на водечкиот гол беше Стеван Николиќ. Седум минути подоцна Иван Галевски зголеми на 2:0, а во 39. минута, Николиќ по втор пат го совлада голманот на Шкупи, Сефер Муслиу.

Во второто полувреме, гледачите на стадионот во Ѓорче Петров видоа само еден погодок кој беше постигна уште во третата минута кога Матео Софијановски ја погоди мрежата на противникот.

Со овие три бода Македонија ЃП за момент се искачи на 10. местото со два бода предност во однос на Работнички, кој в сабота на домашен терен ќе се соочи со Пелистер во директен дуел кој решава за опстанок во елитното фудбалско друштво.