фудбал

Де Зерби доби доверба, ќе остане на клупата на Тотенхем

Роберто Де Зерби ќе остане на клупата на Тотенхем, и покрај катастрофалниот почеток на новата сезона во Премиерлигата. Според последните информации од Англија, клубот во моментов воопшто не размислува за промена на тренерот.

Тотенхем по првите пет кола има само два освоени бода и се наоѓа на последното место на табелата. Тимот долго чекаше и на првиот гол во првенството, а постигна само два во првите пет натпревари.

Последниот удар беше домашниот пораз од Астон Вила со 3-2, по кој Де Зерби повторно се најде под силен притисок. „Спарси“ во финишот постигнаа два гола, но тоа не беше доволно за да избегнат нов пораз.

Сепак, раководството на клубот не сака да носи избрзана одлука. Де Зерби доби голема поддршка во летниот преоден рок, во кој Тотенхем потроши повеќе од 300 милиони фунти на засилувања, па во клубот сметаат дека тренерот треба да добие време за да го спроведе својот проект.

Според информациите што ги пренесуваат англиските медиуми, моменталната позиција на Тотенхем е јасна – нема план за отказ на Де Зерби и довербата во италијанскиот тренер останува.

Самиот Де Зерби по поразот од Астон Вила призна дека е разочаран и фрустриран од начинот на кој неговиот тим го одиграл натпреварот, но порача дека проблемите мора да се решаваат со дополнителна работа.


Агон Елези: Фокусот е само на Швајцарија, веруваме дека можеме до позитивен резултат

Македонската репрезентација го имаше првиот собир и вчера го одработи првиот тренинг во пресрет на новиот циклус од Лигата на нации. Нашата селекција во Лигата Б ја очекуваат четири натпревари против Швајцарија, Словенија и Шкотска.

На репрезентативниот собир дополнително се приклучија Столе Димитриевски, Езџан Алиоски, Елмин Растодер и Христијан Малески. Дарко Чурлинов поради административни проблеми поврзани со неговиот престој во Полска нема да биде во можност да настапи на претстојните натпревари.

Првиот предизвик за избраниците на Гоце Седлоски е дуелот со Швајцарија на 26 септември во Скопје, по што следуваат гостувањето кај Словенија на 29 септември, гостувањето кај Швајцарија на 6 октомври во Луцерн и натпреварот против Шкотска на 3 октомври во Скопје.

Во пресрет на првиот натпревар, Агон Елези, кој во одлична форма настапува во дресот на Сараево, истакнува дека фокусот на репрезентацијата во овој момент е целосно насочен кон Швајцарија.

„Најпрво, огромно е задоволството и привилегијата повторно да се биде дел од оваа репрезентација, од оваа фантастична група. Вистина е дека не очекуваат четири многу тешки натпревари, но моментално за нас постои само еден, тој во сабота против Швајцарија. Сите ги знаеме нивните квалитети и ние мораме да се фокусираме само на себе, да не правиме грешки, затоа што секоја наша грешка може многу да не чини.

Швајцарија покажа на Мундијалот дека е во сериозна форма и дека има сериозни квалитети во секој поединец. Но, ние треба да се фокусираме на себе и да имаме доверба дека можеме да направиме позитивен резултат. Така и ќе влеземе во натпреварот. Најбитно на претходните натпревари беше да се запознаеме со новиот стручен штаб, со новите играчи и со новите идеи. Сметам дека ни донесоа многу и дека научивме многу.

Најважно беше да направиме добра атмосфера меѓу нас, меѓу играчите, а тоа и се покажа. Сите сме во добра атмосфера, имаме добра кохезија и сега само тоа треба да го пренесеме на теренот, почнувајќи од сабота.“

Натпреварот Македонија – Швајцарија се игра на 26 септември со почеток во 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.


Дарко Чурлинов нема да игра за Македонија поради проблем со престојот во Полска

Македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов нема да биде во можност да настапи за македонската репрезентација на натпреварите против Швајцарија, Словенија и Шкотска во рамки на претстојниот прозорец (26.09 – 06.10) од новиот циклус од Лигата на нации.

Причината е административна процедура поврзана со неговиот престој и работниот статус во Полска. Клубот Погон Шчечин во кој настапува Чурлинов доцна ја започнал постапката за обезбедување на потребната работна и документација за негов престој.

Чурлинов во моментов се наоѓа во Европската Унија подолг период без да ја напушти нејзината територија. Согласно правилата за краткорочен престој во Шенген-зоната, престојот без соодветна дозвола е ограничен на 90 дена во период од 180 дена. Неговото напуштање на Европската Унија во овој момент би значело дека при повторен влез во Полска ќе биде предмет на проверка на исполнувањето на условите за влез и престој, поради надминување на дозволениот период без соодветна документација. Во случај на негово напуштање на Европската Унија и доаѓање во Македонија, повторното враќање во државите од Европската унија би можело да биде отежнато, односно да биде предмет на соодветни санкции поради надминување на дозволениот период на престој без потребните документи за работа и престој.

Фудбалската федерација на Македонија за ситуацијата беше информирана непосредно пред официјалниот репрезентативен собир. Поканата за настап на Дарко Чурлинов за претстојните натпревари, согласно утврдените процедури, до неговиот клуб беше испратена пред три седмици.

Според информациите добиени од Полска, за комплетирање на целата постапка и обезбедување на потребната документација потребни се најмалку две недели, што во овој момент не овозможува Чурлинов да ја напушти Полска и да се приклучи на репрезентативниот собир без ризик за неговиот понатамошен статус.

ФФМ останува во комуникација со сите инволвирани страни со цел административната процедура да биде решена во најкраток можен рок. За случајот е информирана Амбасадата на Македонија во Полска, а со ситуацијата е запознаена и УЕФА, со цел, да се изнајде соодветно решение во рамки на важечките процедури и прописи.

Селекторот на македонската репрезентација, Гоце Седлоски, дополнително ќе одлучи дали ќе повика друг фудбалер на местото на Дарко Чурлинов за претстојните натпревари.


Реал Мадрид со остри критики по мадридското дерби: спорни одлуки, реакција од Атлетико и казна за судијата

Жозе Мурињо се буни

Мадридското дерби не заврши со последниот свиреж на „Метрополитано“. Победата на Атлетико Мадрид од 2-1 над градскиот ривал Реал отвори жестока полемика околу судењето на Мигел Анхел Ортиз Аријас, а реакциите продолжија и во деновите по натпреварот. Реал јавно ги посочи двете ситуации од првото полувреме кои, според клубот, морале да завршат со црвени картони, додека од Атлетико повикаа критиките да не ја преминат границата на почитта.

Реал Мадрид не се обиде да ја сокрие фрустрацијата по поразот. Во официјалниот извештај од натпреварот, клубот го опиша судењето како „лошо“ и директно ги издвои дуелите на Кристијан „Кути“ Ромеро со Џуд Белингем и на Канг-Ин Ли со Федерико Валверде како клучни моменти од првото полувреме.

Во првата ситуација Ромеро со отворен ѓон го погоди Белингем во пределот на ногата. Ортиз Аријас првично дури покажа жолт картон на фудбалерот на Реал, пред „VAR“ да го повика на преглед. По гледањето на снимката картонoт на Белингем беше поништен, а Ромеро доби жолт. Во Реал сметаат дека интервенцијата заслужувала директно исклучување.

Неколку минути подоцна следуваше уште еден спорен момент. Канг-Ин Ли го погоди Валверде со ѓонот во левиот зглоб, но овојпат немаше ниту картон ниту „VAR“-интервенција. Оваа ситуација подоцна доби дополнителна тежина, бидејќи според извештаите од Шпанија, Техничкиот комитет на судии оценил дека „VAR“ требало да реагира и дека стартот бил за исклучување.

Ситуацијата дополнително се вжешти на почетокот од вториот дел. Дин Хојсен беше исклучен по „VAR“-преглед за прекршок врз Џулијано Симеоне во казнениот простор, а Алехандро Грималдо го реализираше пеналот. Џонатан Дејвид потоа зголеми на 2-0, пред Антонио Ридигер во 89. минута да го постави конечниот резултат од 2-1.

Тренерот на Реал Мадрид, Жозе Мурињо, ја продолжи расправата веднаш по натпреварот. На прес-конференцијата се појави со фотографии од двете спорни ситуации и порача дека, според него, станувало збор за „два јасни црвени картони“. Неговата теза беше разбирлива и едноставна, текот на натпреварот ќе бил сосема поинаков доколку Атлетико останел со деветмина уште во првото полувреме.

Мурињо го критикуваше и изборот на Ортиз Аријас за ваков натпревар, посочувајќи го неговото ограничено искуство на највисоко ниво и начинот на кој „VAR“ реагирал во различните ситуации. Сепак, португалскиот тренер рече и дека не сака да оди толку далеку за да тврди дека нешто било однапред организирано и дека сака да верува оти станувало збор за судиски грешки.

Од спротивната страна, Диего Симеоне повика на внимателност во јавните настапи. Аргентинецот порача дека без разлика дали зборува тој, Мурињо или кој било друг тренер, не треба да се преминува „границата на почитта“. Атлетико дополнително реагираше и преку социјалните мрежи со порака против, како што клубот го нарече, „вознемирувањето на судиите“.

Така, дербито прерасна од жестока спортска пресметка во нова епизода од пошироката дебата за судењето во шпанскиот фудбал. Реал остана на ставот дека спорните одлуки директно влијаеле врз текот на мечот, додека Атлетико инсистира дека дискусијата за арбитражата не треба да ја засени неговата победа на теренот.

Последиците од дербито, според шпанските медиуми, нема да останат само на јавните критики. Ортиз Аријас се очекува да добие пауза од најмалку две кола во лигата.

Дербито заврши со три бода за Атлетико, но приказната околу него очигледно не заврши со крајниот резултат. Двете спорни ситуации од првото полувреме, исклучувањето на Хојсен и жестоките реакции по мечот повторно го ставија судењето во центар на вниманието.


Дани Олмо голема желба на Баерн Минхен

Баерн Минхен сериозно размислува да го доведе Дани Олмо и е подготвен да ѝ понуди на Барселона огромна сума за шпанскиот репрезентативец, пишува шпанскиот „Ел Национал“. Иако Олмо се бори за место во стартната постава на Ханси Флик оваа сезона, интересот на баварскиот гигант повторно го стави во центарот на вниманието на медиумите.

Баварскиот клуб наводно не е сигурен за иднината на своите клучни напаѓачи Џамал ​​Мусијала и Михаел Олисе во клубот, поради што бара докажано засилување кое веднаш може да преземе креативна одговорност.

Во тој контекст, Олмо изгледа како идеална цел. Тој совршено го познава германскиот фудбал откако се докажа како еден од најдобрите играчи во Бундеслигата во РБ Лајпциг.

Неговата техничка вештина, разноврсност и искуство го прават привлечна опција. Олмо може да покрива повеќе позиции во нападот, што дополнително ја зголемува неговата вредност и објаснува зошто Баерн е подготвен да издвои значителна сума.

Ситуацијата на Олмо во Барселона не е едноставна. 28-годишникот се бори за место во почетниот состав со Фермин Лопез, додека Педри е практично недопирлив. Сепак, тренерот Ханси Флик високо го цени Олмо и го смета за клучен за неговата визија за играта.

Неговата способност да игра меѓу линиите и да соработува со Ламин Јамал и Педри го прави играч од кој Флик не сака да се откаже. Од спортска гледна точка, неговата продажба за Барселона не би имала смисла.

Сепак, финансиската ситуација сè менува. Според шпанските медиуми, Баерн е подготвен да понуди помеѓу 70 и 80 милиони евра, а токму финасиската понуда би можела да го принуди раководството на Барселона сериозно да размисли за продажба.

Таква сума би му овозможила на каталонскиот клуб да ги стабилизира своите финансии и да ги зајакне другите позиции во тимот, пред се во дефанзивата, без потреба да продава други важни играчи.


Ива Пројковска ќе им суди на фудбалерките на Реал и ПСЖ

LEUVEN, BELGIUM – SEPTEMBER 02 : Referee Projkovska Ivana during the UEFA Women’s Champions League 2026/2027 third qualifying round second leg match between OH Leuven and KKS Czarina Sosnowiec on September 2, 2026 in Leuven, Belgium, 02/09/2026 (,Image: 1130179036, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: no , Credit line: Tomas Sisk / PsnewZ / Profimedia

Најдобрата македонска судијка, Ива Пројковска, ќе биде главна на дербито во женската Лига на шампиони меѓу Реал Мадрид и ПСЖ.

Вечерва од 21 часот на стадионот „Алфредо ди Стефано“ во Мадрид, Реал ќе ја пречека екипата на ПСЖ во меч од женската Лига на шампиони.

Ива Пројковска е делегирана за главна судијка на овој меч. Ова е уште едно признание за Македонката дека е една од најдобрите судијки во Европа.

Покрај Пројковска, во судиската постава за овој меч е и Елена Соколевска-Илиевска која ќе биде помошник.


Шешко ќе го прескокне мечот со Македонија во Лигата на нации

Бењамин Шешко повторно се соочува со проблеми со повредата на потколеницата, поради што нема да биде дел од репрезентацијата на Словенија во претстојниот циклус од Лигата на нации.

Напаѓачот на Манчестер Јунајтед ќе ги пропушти натпреварите против Шкотска, Македонија и Швајцарија, откако повредата што го мачи уште од крајот на минатата сезона повторно се активираше.

Од англискиот клуб потврдија дека 23-годишниот голгетер ќе биде подложен на дополнителни медицински прегледи. По добиените резултати, ќе биде изработен индивидуален план за неговата рехабилитација.


Батум објави крај на кариерата

Прославениот француски кошаркар Никола Батум соопшти дека става крај на професионалната играчка кариера на 37 години откако претходните 18 ги помина во НБА лигата.

Кошаркарот одлуката ја соопшти преку видео на социјалните мрежи.

„По 21 година, време е да се вратам дома. Поминаа 25 години откако заминав, 20 години бев професионалец. Тоа е многу. Осумнаесет години во НБА-лигата, 15 години во репрезентацијата на Франција“, изјави Батум.

Тој е и еден од најтрофејните кошаркари во историјата на француската репрезентација. Освои две сребрени медали на Олимписките игри (2020 и 2024), две бронзи на Светските првенства (2014 и 2019), како и бронза (2015), сребро (2011) и злато (2013) на Европските првенства.


Таневски го објави првиот список како селектор на У21 репрезентацијата

Селекторот на македонската репрезентација до 21 година, Александар Таневски, го објави поширокиот список на фудбалери за завршните два натпревари од актуелниот квалификациски циклус за Европското првенство.

Македонија ќе се сретне со Црна Гора на 1. октомври во Битола и со Шведска на 5. октомври во Фалкенберг.

Младата фудбалска репрезентација ќе одигра и контролен натпревар против селекцијата на Русија до 20 години. Средбата е закажана за 28 септември во тренинг-центарот „Петар Милошевски“.

Од поширокиот список, селекторот Таневски дополнително ќе го одреди составот на фудбалери кои ќе бидат во комбинација за последните два квалификациски натпревари.

Голмани: Џеков Љупче (Силекс), Вргов Славе (Брера), Димовски Натаниел (Пелистер), Филевски Никола (Брегалница);

Одбрана: Радевски Златко (Тетекс), Танчев Ѓорѓе (ФК Брера), Велков Андреј (Брегалница), Цветковски Филип (Вардар), Реџеп Мурати (Малишева, Косово), Атанасовски Лука (Тетекс), Мурати Адис (Башкими), Серафимов Давор (Скопје), Митрев Марио (Брера);

Среден ред: Тасовски Васил (Младост Лучани, Србија), Шаботиќ Емир (Детонит), Аризанковски Андреј (Шкендија), Николовски Теодор (Тиквеш), Ангелов Матеј (Брегалница), Масларов Илија (Лугано, Швајцарија), Тасев Даријан (Брегалница), Трпевски Лука (Црвена Звезда, Србија);

Напад: Величковски Никола (Скендербег, Албанија), Ристовски Стефан (Башкими), Манојлов Никола (Силекс), Данев Димитар (Вардар), Арифи Салим (Митровица, Косово), Николовски Марко (Охрид), Љатифи Адмир (Осијек, Хрватска), Мехмед Аритон (Шкендија Арачиново), Хоџа Дитмир (Лидс, Англија), Куртиши Мухамед (Раперсвил-Јона, Швајцарија), Џангаровски Мартин (Радник Сурдулица, Србија), Исламовиќ Фадил (Кустошија), Шириќ Иван (Брера);


Валверде две недели надвор од терените

Федерико Валверде ќе биде надвор од терените во наредните недели поради повредата на глуждот што ја заработи во мадридското дерби меѓу Атлетико и Реал Мадрид.

Уругвајскиот репрезентативец беше погоден по остар старт од Канг-ин Ли, но спорната ситуација не резултираше со црвен картон. Валверде, и покрај повредата, успеа да го продолжи натпреварот.

Сепак, дополнителните медицински прегледи покажале дека повредата е посериозна и дека фудбалерот ќе мора да направи пауза од неколку недели.

Отсуството на Валверде е сериозен удар за Реал Мадрид, особено имајќи предвид дека тој е еден од стандардните играчи во тимот. Во следниот период мадридскиот клуб ќе мора да најде решение за неговата позиција додека тој се опоравува.

Повредата повторно ја отвори и дискусијата околу стартот на Канг-ин Ли, за кој имаше реакции дека требало да биде построго санкциониран.