фудбал

Ериксен најави завршување на кариерата

Кристијан Ериксен и Волфсбург меѓусебно го раскинаа договорот, што со објавата на двете страни алудира на пензионирање на данскиот магионичар.

34-годишникот пристигна меѓу „волците“ минатиот септември, а по една година соработка, реши да го напушти клубот и покрај тоа што имаше важечка соработка до следното лето.

Поранешниот играч на Ајакс, Тотенхем, Манчестер Јунајтед и Интер ќе биде запаметен како еден од најдобрите играчи од средниот ред на оваа и претходната деценија од 21 век, но беше крајно време да се пензионира поради честите здравствени проблеми во последните неколку години.

Сè започна на Европското првенство 2021 година, кога се струполи на теренот во дуелот со Финска пред домашната публика. Се струполи и заврши во несвест на тревата, а за среќа беше избегнато најлошото. Тоа не го спречи да „исцеди“ уште пет години од кариерата.

Тогаш беше играч на Интер, но „нероаѕурите“ не сакаа да преземаат никакви ризици поради неговата состојба, но Брентфорд го прифати и му понуди шанса да се врати. Следеше период во „црвените ѓаволи“, а потоа и во Бундеслигата.

Сепак, пред само три месеци, Ериксен повторно се струполи за време на пријателскиот натпревар со Украина. Натпреварот беше прекинат во 65-та минута и се чини дека оваа ситуација беше последно предупредување за креативецот.

По натпреварот со Финска, му беше вграден срцев стартер, попознат како имплантирачки кардиовертер-дефибрилатор (ICD). Тоа е мал уред кој ги регулира абнормалните срцеви ритми.



Пех за најдобриот клупски стрелец: Обамејанг мора на операција

Искусниот габонски голгетер, Пјер-Емерик Обамејанг, ќе мора да го оперира десното колено, откако магнетната резонанца покажа дека играчот на Депортиво Ла Коруња претрпел повреда на менискусот на натпреварот против Бетис.

На гореспоменатиот натпревар во Галиција, одигран во неделата, поранешниот играч на Арсенал помина само 25 минути на теренот, а проблемот беше таков што веднаш мораше да го напушти натпреварот.

Депортиво ги потврди наодите, без да го прецизира кога ветеранот ќе се врати во тимот. Праксата покажуав дека рехабилитацијата по ваквите повреди трае околу два месеци.

Ова значи дека би можел да се врати кон крајот на годината, што ќе влијае на игрите на Депортиво, кој најмногу благодарение на Обамејанг има само еден пораз од почетокот на сезоната. Габонецот блеска од почетокот на сезоната, постигна веќе пет гола.

По паузата од две недели, поради репрезентативните натпревари, Депортиво на 11 октомври ќе гостува во Сан Себастијан, кај Реал Сосиедад.


Икарди остана без возачка дозвола до 2099 година

Маури Икарди се најде во крајно бизарна ситуација, откако судот во Аргентина му ја одзеде возачката дозвола до 2099 година.

Аргентинскиот напаѓач повторно го привлече вниманието на јавноста поради настан што нема никаква врска со фудбалот. Судот реагираше откако на социјалните мрежи се појави видео на кое вози автомобил додека неговата партнерка Еугенија „Чина“ Суарез виси низ прозорецот.

По објавувањето на видеото, Министерството за транспорт на покраината Буенос Аирес се огласи. Утврдено е дека Икарди има истечена возачка дозвола и му е изречена превентивна суспензија за возење до 2099 година.

Министерството смета дека со ваквото однесување, Икарди и неговата сопруга се загрозиле себеси и другите учесници во сообраќајот, и дека Икарди може повторно да побара издавање возачка дозвола ако докаже дека е способен да управува со моторно возило.

Икарди по повод казната се огласи на социјалните мрежи.

„Би сакал да знам како би можеле да ја прогласите мојата италијанска возачка дозвола за неважечка кога таа важи до 2029 година. И многу е чудно што Министерството за транспорт се занимава со мојот случај. Подобро поправете ги улиците“, рече Икарди.

Како што објавија медиумите, возачката дозвола на Икарди издадена во Италија навистина важи до 2029 година, но онаа што ја имал во Аргентина истече во 2019 година и тој никогаш не ја обновил.



Германецот Карл следен на листата на желби на Реал

Реал Мадрид се насочи кон младата ѕвезда на Баерн Минхен, Ленарт Карл, кој имаше импресивна сезона.

18-годишниот офанзивен фудбалер за врска одигра 40 натпревари за Баварците со ефект од 9 голови и осум асистенции.

Тој прв пат доби повик да настапи за Германија на Мундијалот во САД, Канада и Мексико но, поради повреда не успеа да дебитира за „панцирите“.


Сити и Порто преговараат за Фрохолд

Манчестер Сити, во летниот преоден рок изврши целосна реконструкција во редот за врска. Заминаа Родри и Тижани Рејндерс, а на нивните места дојдоа Елиот Андерсон, Енцо Фернандез и Ајуб Буади. Сепак менаџерот Енцо Марсека сака уште еден играч и тој веројатно ќе дојде во зимскиот преоден рок.

Енцо Мареска сака силна конкуренција во редот за врска. Нема голема доверба во искусниот, Матео Ковачиќ, поради што бара уште еден играч, бидејќи е извесно дека Хрватот во јануари ќе го напушти клубот.

Англиските медиуми тврдат дека Сити ќе се засили со Виктор Фрохолд, 20-годишен дански репрезентативец кој беше мета на бројни клубови ова лето, но сепак остана во Порто.

Скаутите на Сити биле на трибините за време на големото португалско дерби помеѓу Порто и Бенфика, откако претходно на дело го видоа и во меѓусебниот дуел, во Лигата на шампионите.

Фрохолд го предводеше Порто во победата над Бенфика 3:1. Постигна гол и беше прогласен за најдобар играч на натпреварот.

Фрохолд пристигна во Порто во летото 2025 година од Копенхаген, за околу 20 милиони евра. Во првата сезона, тој многу брзо ја оправда инвестицијата, оди


Удинезе е новиот клуб на Давид Алаба

Давид Алаба, легендата на Баерн и австриската репрезентација, на кого повредите му ја уништија кариерата во Реал, постигнал договор со Удинезе.

„Удинезе постигна усмен договор во врска со потписот на Давид Алаба! Клубот работи на сензационалниот трансфер на поранешната ѕвезда на Реал. Договорот е речиси затворен“, објави инсајдерот, Фабрицио Романо.

Кога договорот и официјално биде завршен, Алаба може веднаш да биде регистриран за Удинезе и да игра за клубот без оглед на фактот што преодниот рок одамна заврши бидејќи доаѓа како слободен играч.

За пет години, Алаба пропушти повеќе натпревари на Реал (136) отколку што одигра (132). Минатата сезона, тој започна само шест натпревари, па неговата кариера во Реал заврши разочарувачки.

Во Мадрид, неговото заминување значително го олесни буџетот. Алаба заработуваше околу 430 илјади евра неделно во Реал. Само Килијан Мбапе и Винисиус Жуниор добиваа повеќе од него.


Хавиер Агире официјално претставен во Валенсија

Валенсија официјално потврди дека нов тренер е Мексиканецот, Хавиер Агире.

Агире потпиша договор до крајот на сезоната, и го презема клубот во многу деликатен момент. Валенсија лошо влезе во новата сезона, се наоѓа на претпоследното место, освои само четири бода во првите седум кола.

Пред Мексиканецот е исклучително тешка задача да избори опстанок во Ла Лига.

Тренер на Валенсија беше Карлос Корберан, кој доби отказ, Оскар Санчез беше привремен тренер, го водеше тимот на еден натпревар и успеа да победи на гостински терен кај Алавес.

Челниците на Валенсија се решија за Агире, откако не успеаја да го убедат Ернесто Валверде да дојде на „Местаља“.

Популарниот Ел Васко дојде во клубот откако ја водеше мексиканската репрезентација по трет пат во кариерата. На последното Светско првенство, „триколорите“ загубија дома од Англичаните во осминафиналето.

Пред Мексико, Агире работеше како тренер на Мајорка, која ја водеше од 2022 до 2024 година, а во Шпанија ги тренираше Леганес, Еспањол, Сарагоса, Атлетико Мадрид, Осасуна, додека во Мексико ги тренираше Монтереј, Пачука и Атланта. Тој беше и селектор на Јапонија и Египет.


Милан ќе ја продолжи соработката со Кристијан Пулишиќ

Милан сака да го задржи Кристијан Пулишиќ и веќе започнал преговори за продолжување на договорот со американскиот репрезентативец.

Според „Кориере дело Спорт“, Милан веќе ги започнал разговорите со Пулишиќ за нов договор. Намерата на клубот е преговорите да бидат завршени пред зимскиот преоден рок, односно до крајот на декември.

Пулишиќ моментално има договор со Милан до летото 2027 година, со опција клубот еднострано да ја продолжи соработката за уште една сезона. Сепак, раководството не сака да чека до последен момент и има намера да му понуди целосно нов договор.

Планот е Пулишиќ да остане на „Сан Сиро“ најмалку до 2031 година, а во преговорите се очекува да биде вклучено и значително зголемување на неговата плата.

Според информациите на „Кориере дело Спорт“, Милан би можел да му понуди годишна плата од околу пет милиони евра, плус дополнителни бонуси поврзани со индивидуалните и тимските резултати.


Тихомир Костадинов: Ова ќе биде вистински тест за нас

Македонската репрезентација го отвора циклусот во Лига Б со натпревар против Швајцарија на 26 септември во Скопје. По премиерата на домашен терен, избраниците на Гоце Седлоски ги очекуваат уште три дуели во краток период,  гостувањето кај Словенија на 29 септември, домашниот натпревар против Шкотска на 3 октомври и вториот дуел со Швајцарија, на 6 октомври во Луцерн.

Токму густиот распоред ќе биде еден од најголемите предизвици за македонските фудбалери. Тихомир Костадинов смета дека максималната подготвеност на секој тренинг и поширокиот ростер ќе бидат особено важни во периодот во кој репрезентацијата ќе одигра четири натпревари за само единаесет дена.

„Мислам дека треба да бидеме максимално подготвени на секој тренинг. Времето за подготовка е кратко, а не очекуваат четири натпревари за единаесет дена. Но, мислам дека сме доволно голема група играчи кои можат сите да настапуваат и да го дадат својот максимум, за да бидеме успешни на сите натпревари и да се покажеме во добро светло.“

За Костадинов, претстојниот циклус ќе биде вистински показател за моменталниот квалитет и можностите на македонската репрезентација во конкуренција на силни европски селекции.

„Мислам дека ова за нас ќе биде вистински тест да видиме до каде сме во моментов, да покажеме дека можеме да се носиме и со тие репрезентации. Секако дека можам да кажам дека сите останати репрезентации се фаворити, но тоа не значи ништо. На теренот ќе се покаже се. Мора да го дадеме максимумот на секој натпревар и мислам дека ќе се покажеме во добро светло.“

Македонскиот репрезентативец посочува дека за успех ќе биде потребен максимален ангажман на целиот тим, без разлика дали станува збор за дефанзивните или офанзивните задачи. Според него, играта во двата правци мора да биде заедничка одговорност на сите фудбалери.

„И во офанзивата и во дефанзивата сите треба да работиме како едно. Може да се даде гол и од прекин, може и дефанзивец да го даде голот. Лично мое мислење е дека од нападот почнува одбраната, но и од одбраната почнува нападот. Сите единаесет, освен Столе, можат да го загрозат голот.“

Токму создавањето шанси и реализацијата ќе бидат важен дел од планот на Македонија во четирите натпревари.

„Секако дека ќе работиме на тој план, да создадеме што повеќе шанси и да постигнуваме голови. Мислам дека овие четири натпревари ќе бидат вистински тест за тоа.“


Глигоров е јунак, Брегалница го надигра Скопје

Брегалница успеа да дојде до победа над Скопје во последниот натпревар од 8. коло во Првата македонска фудбалска лига, оставајќи го гостинскиот тим и натаму без победа во досегашниот тек од првенството.

Штипјани успеаја со еден гол во второто полувреме да дојдат до победата. Откако по првиот дел беше без голови, и без шанси, во вториот дел двата тима тргнаа поофанзивно.

Првите две шанси ги имаа фудбалерите на Брегалница. Најпрво по ударот со глава од гол линијата мораше да спасува Влајковиќ, а во 60. минута Натаниел се најде во супер шанса, меѓутоа голманот Наумовски беше одличен.

Врати Скопје со удар на Божиновски кој го одбрани Јашар, а потоа се случи и голот.Се играше 72. минута кога Максимов од десната страна одлично го проигра Глигоров кој со одличен шут од прва го совлада Наумовски, и донесе предност.

Скопје повторно се обиде да ја затресе мрежата на противникот, Гордиќ ја имаше најзрелата прилика, но Јашар беше сигурен и не дозволи израмнување во таа 76. минута.

До крајот на мечот Брегалница беше поблиску до 2:0 откако Стојанов имаше добра прилика по соло акција, меѓутоа Наумовски одбрани „зицер“. Така штипјани успеаја да ја сочуваат својата мрежа, и резултатот остана непроменет, за нови три бода на Брегалница, додека Скопје остана на последното место на табелата.