фудбал

Кејн на еден гол од рекордот на Гери Линекер

Напаѓачот на Англија, Хари Кејн, кој погоди два пати на мечот со Украина во  четвртфиналето на Европското првенство, сега има само еден гол помалку од рекордот на Гери Линекер кој ја заврши кариерата со десет погодоци на големите натпреварувања.

Тоа значи дека фудбалерот на Тотенхем ќе има можност на средбата со Данска закажана в среда на „Вембли“, да го изедначи или евентуално и да го надмине рекордот на Линекер. Интересно е тоа што поранешниот напаѓач сите голови ги постигнал на Светските шампионати.

Кејн кој во дресот на Англија има 59 мечеви во сите конкуренции, има постигнато 37 голови.



Вацлик: Никој не очекуваше ваков турнир од нас

Чешкиот голман, Томас Вацлик, мирно ја прифати елиминацијата од Данска на Евро 2020 откако неговата селекција загуби со 2-1.

„Никој не веруваше во нас, но, ние се држевме заедно. Постои силен тимски дух. Имаме нешто посебно што не одржува. Со текот на времето, мислам дека ќе најдеме само позитивни работи. Загубивме и мора да си одиме дома, сепак, морам да кажам дека сум горд на тимот со денешниот настап особено во второто полувреме. Можеме да заминеме со подигнати глави, чувствувајќи дека дадовме се од нас“, рече голманот на Чешка, Вацлик.

CARDIFF, WALES – MARCH 30: Tomas Vaclik of Czech Republic during the FIFA World Cup 2022 Qatar qualifying match between Wales and Czech Republic at Cardiff City Stadium on March 30, 2021 in Cardiff, Wales. (Photo by Michael Steele/Getty Images)



Каљари го врати Кевин Стротман во Серија А

Кевин Стротман повторно ќе игра во Серија А, сега во Каљари.

Стротман дојде во Рома како голема надеж во 2013 година, но една година подоцна претрпе тешка повреда и го пропушти СП 2014 во 2014 година. Кога се врати од таа повреда повеќе не беше истиот играч. Во Рома беше се до 2018 година кога се пресели во Марсеј за 25 милиони евра.

На „Велодром“ имаше солиден ефект, потоа премина во Џенова. Сега се враќа во Италија, но во Каљари.


Алиоски одби 2,5 милиони евра од ЦСКА Москва

Езгјан Алиоски се уште е тема на трансфер берзата, македонскиот репрезентативец е желба на неколку клуба од Турција, а веќе одбил понуда од ЦСКА Москва.

Клубот од Русија му понудил 2,5 милиони евра, но Алиоски ги одбил, сака да остане во Англија кај Лидс каде бара 2 милиони евра по сезона и договор на 4 години.

Алиоски има 29 години, сака да ја осигура својата иднина и бара договор со актуелниот клуб со важност на четири години. Засега како слободен играч останува интересен за турските великани Фенербахче и Галатасарај.


РБ Лајпциг го претстави Португалецот Андре Силва

Португалскиот репрезентативец Андре Силва е нов фудбалер на Лајцпиг.

Она што се најавуваше во претходните денови сега доби официјална потврда. Лајпциг објави дека потпишале договор со Силва до јуни 2025 година. Ајнтрахт за услугите на Силва ќе добие 23 милиони евра.

Во минатата сезона Португалецот одигра 32 натпревари и постигна 28 голови, а беше дел и од Европското првенство.


Серија А го менува форматот на натпреварување

Раководството на италијанскиот фудбал изгласа промена на календарот на натпреварување за претстојната сезона, промена според која во вториот дел од сезоната нема да го следат распоредот во првиот дел од сезоната.

Раководството на Лега Серија А одржа состанок со сопствениците на преносите на натпреварите на кој е договорена подобра дистрибуција на средбите. Според пишувањата на Скај Спорт, италијанското првенство ќе има асиметричен распоред, па во продолжението нема да повторува низата средби од првиот дел.

Единствен критериум кој е воведен е меѓу средбите на исти тимови да нема помалку од осум натпревари.

Според новиот договор, италијанското првенство отсега ќе се игра по правило кое веќе го следат Англија, Шпанија и Франција.


Раниери е замената за Галтие во Лил

Клаудио Раниери кариерата би можел да ја продолжи во Франција. Искусниот 69 годишен тренер е блиску да стане нов тренер на францускиот шампион Лил и тоа ќе биде нов предизвик во неговата кариера.

Раниери на клупата на Лил ќе го замени Кристоф Галтиер кој замина од клубот откако изненадувачки ја освои титулата пред ПСЖ. Раниери има искуство со работењето во Франција, од 2012 до 2014 беше тренер на Монако, а во сезоната 2017/18 го водеше Нант.

Минатата сезона Италијанецот ја водеше Сампдорија и со овој тим заврши на деветтата позиција во Серија А, меѓутоа одлучи да не ја продолжи соработката.

Во неговата богата кариера најголемиот успех му е освојувањето на титулата со Лестер во 2016 година, треба да се спомене и дека со Валенсија освои трофеј во Интертото куп и УЕФА Суперкупот.

Во кариерата беше тренер уште на: Челзи, Рома, Парма, Јувентус, Интер, Наполи, Атлетико и Фиорентина.


Роналдо заработи вртоглава сума пари од социјалните мрежи

Еден од најдобрите светски фудбалери Кристијано Роналдо се искачи на врвот според заработката од реклами на неговиот Инстаграм профил, симнувајќи го од водечкото место американскиот актер Двејн Џонсон.

Триесетишестгодишниот португалскиот фудбалер, кој има 308 милиони следбеници на Инстаграм, може да наплати 1.6 милиони долари за една рекламна објава на својот профил, објави денеска компанијата „Hopper HQ“, која се занимава со маркетинг на социјалните мрежи.

Актерот Џонсон, познат по прекарот „The Rock“ (Карпата), може да заработи 1.52 милиони долари за една реклама на Инстаграм, на кој има 280 милиони следбеници.

На трето место е американската поп пејачка Аријана Гранде, која за една реклама на својот Инстаграм профил може да инкасира 1.51 милиони долари.

Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси (224 милиони следбеници) од една реклама на својот Инстаграм профил може да заработи 1.1 милиони долари.


Брозовиќ најнова желба на Барса на Куман

Барселона е силно заинтересирана за играчот за врска на Интер, Марсело Брозовиќ, пренесуваат шпанските медиуми.

28-годишниот хрватски репрезентативец е посочен како замена за Пјаниќ, кој ова лето сигурно ќе го напушти „Камп Ноу“.

Брозовиќ е еден од најважните играчи на Интер, но влезе во последната година од договорот и не може да постигне договор со „нероаѕурите“ за продолжување на соработката.

Поради тоа Интер ќе мора да го продаде ова лето, а Барселона внимателно ја следи ситуацијата и спрема понуда.


Гигантот Бордо ризикува исфрлање од Лига 1

Францускиот фудбалски клуб Бордо беше отстранет од елитната Лига 1 и испратен во втората лига по повлекувањето на мнозинскиот акционер.

Клубот објави дека ќе се жали на одлуката, бидејќи во лигата беше претставен новиот проект за финансирање на клубот од страна на бизнисменот Жерард Лопез. Бордо се надева дека жалбата ќе биде прифатена откако проектот ќе биде финализиран и тимот ќе биде вратен во елитата. Бордо доживува сериозни финансиски проблеми и е ставен под административна контрола по повлекувањето на американскиот сопственик – команијата „Кинг Стријт“ во април.

Целиот француски фудбал страда сериозно по раскинувањето на договорот за ТВ-права со „Медиапро“ и недостигот на приходи како резултат на празните стадиони поради пандемијата на коронавирусот. Бордо е една од најпознатите екипи во Франција, тим кој доминираше во 80-тите години од минатиот век кога освои четири титули.