Њукасл – Сити највозбудлив пар од осминафиналето на ФА Купот
Денес беа извлечени паровите за осминафиналето од ФА Купот, дербито е на „Сент Џејмс Парк“ каде Њукасл ќе го пречека Манчестер Сити.
Премиерлигашки дуел ќе играат Вулверхемптон и Ливерпул, а Брентфорд може да се судри со Вест Хем ако се пласира во оваа фаза.
Парови во осминафиналето на ФА Купот:
Фулам – Саутемптон
Порт Вејл/Бристол Сити – Сандерленд
Њукасл – Манчестер Сити
Лидс – Норич
Мансфилд Таун – Арсенал
Вулверхемптон – Ливерпул
Врексам – Челзи
Вест Хем – Маклсфилд/Брентфорд
Италијанската федерација го суспендира судијата на дербито меѓу Интер и Јуве
Судијата кој го судеше „Дербито на Италија“, Федерико Ла Пена доби едномесечна суспензија од Судиската комисија на Италија поради лошото судење.
Федерико Ла Пена се најде во центарот на вниманието поради лошата арбитража која го навлече гневот на луѓето од Јувентус.
Особено спорен беше вториот жолт картон на Калулу поради кој Јувентус остана со фудбалер помалку уште во првото полувреме.
Во извештајот на комисијата која го оценувала неговото судење стоело дека Бастони одглумил, а судијата наседнал и покажал втор жолт картон со што донел погрешна одлука.
Првиот човек на комисијата, Џанлука Роки препорачал еден месец „ладење“ за судијата поради лошата арбитража, но и поради заканите кои ги добива, најдобро за сите било да се тргне еден месец од јавноста.
Македонија до 16 години: Реми на вториот меч против Малта во тешки услови за игра
Македонија до 16 години одигра без голови, 0-0 на вториот контролен натпревар против врсниците на Малта. На воведниот меѓусебен дуел, нашите надежи славеа со убедливи 5-0. Нашите млади фудбалери повторно имаа иницијатива и создадоа повеќе зрели можности за погодок, но на крајот тоа не беше доволно за втора гостинска победа.
Емини уште во 6. минута се закани, а во 24. минута имаше стопроцентна шанса, но ударот од непосредна близина заврши над голот. Се обидоа и Раифи и Велески, кои упатија сериозни удари, но противничкиот голман интервенираше успешно.
Во вториот дел Крстевски имаше одлична прилика во 70. минута, но неговиот удар беше одбранет, додека во 85. минута топката заврши над голот.
Натпреварот се одигра во многу тешки услови, со силен ветер кој значително влијаеше врз текот на играта и организацијата на нападите.
Барса загуби во Џирона и го препушти врвот на Примера
По дебаклот од Атлетико Мадрид во Купот на Шпанија, Барселона киксираше во Ла Лига откако загуби на гостувањето кај Жирона со 1-2.
Барселона се изнапромашува во првото полувреме, Јамал не реализираше пенал, а двапати беше погодена и конструкцијата од голот на домаќинот.
Резултатот конечно беше отворен во 59. минута кога Кубарси даде гол за водство на Барса од 1-0.
Но, само три минути подоцна Лемар го изедначи резултатот на 1-1.
Пред крајот на мечот, во 87. минута Белтран даде гол за комплетен пресврт и водство на Жирона од 2-1, што беше и конечен резултат. При овој гол играчите на Барса се жалеа дека има фаул врз нивни фудбалер.
По 24 кола сега Реал Мадрид е прв со 60 бодови, Барселона е втора со 58.
Пеп заминува од Сити во јуни, Мареска фаворит да го наследи
Пеп Гвардиола донел одлука да го напушти Манчестер Сити по завршувањето на оваа сезона, потврдува фудбалскиот инсајдер Фабрицио Романо.
Гвардиола, кој ја предводи екипата од 2016 година, остави неизбришлива трага во клубот, освојувајќи ги сите значајни трофеи, вклучувајќи ја и историската титула во Лигата на шампионите.
Без разлика на исходот на оваа сезона, тој реши да ја заврши својата ера на „Етихад“.
Според Романо, следниот тренер на Манчестер Сити ќе биде Енцо Мареска.
Италијанецот, кој претходно го напушти Челси, ќе биде новиот менаџер на клубот, а неговиот главен предизвик ќе биде да продолжи со успехот на Гвардиола.
Шпанските весници најавуваат враќање на Мурињо во Мадрид
Жозе Мурињо може да ја напушти Бенфика без никаква финансиска компензација по само десет дена од последниот сезонски натпревар.
„АС“ открива постоење на таква клаузула во договорот на Португалецот и сугерира дека тоа би можело да го олесни неговото евентуално враќање на стадионот -„Сантијаго Бернабе“.
Медиумите проценуваат дека сегашниот времен тренер, на „кралевите“, Алваро Арбелоа, не е достоен за предизвикот.
Македонија ЃП лесно го надигра помладениот Шкупи
Младиот состав на Шкупи не успеа да им одолее на силните напади на домашната екипа на Македонија Ѓорче Петров, запишувајќи го вториот убедлив пораз во пролетниот дел од сезоната (3-0).
Одбраната на гостите издржа само 11 минути, пред ударот на Хамзиќ од пет метри кој заврши во мрежата на Шкупи. Само девет минути подоцна, Гереро ја зголеми предноста на 2-0, лобувајќи го противничкиот голман од околу 18 метри.
Најубавиот момент во првиот дел се случи во 29-тата минута, кога Софијаноски со прецизен удар од 18 метри погоди во небранетиот агол на голманот Мелиќи.
Домаќините имаа шанси за уште два гола, но Гереро не беше прецизен, додека обидот на Али Адем беше сопрен од Фадили на самата гол-линија.
Пред самиот крај на првото полувреме, Ферати со глава се обиде да совлада Јанков.
Во второто полувреме, први се заканија гостите преку Рифадов, кој упати силен удар, но голманот Јанков беше на вистинското место. Во 61-вата минута, Хамзиќ ја погоди пречката по еден корнер. Во 74-тата минута, домаќините пропуштија шанса за четврти гол, откако гостинскиот голман Мелиќи успешно ги одбрани обидите на Галевски и Лазаревиќ. Во последната минута, и Еступиан беше сопрен од Мелиќи на самата гол линија.
Во следното коло, Македонија Ѓ.П. ќе го пречека Тиквеш, додека Шкупи ќе се сретне со Арсими.
Брера триумфираше на гостувањето против Арсими
Екипата на Арсими претрпе пораз на домашен терен од Брера Струмица со резултат 0-2, во натпревар во кој домаќините имаа повеќе посед, но не успеаја да создадат вистински опасни шанси.
Првото полувреме помина во доминација на Арсими во играта, со контрола на топката, но без сериозни закани кон голот на гостите. Шикиру се обиде со удар, но без поголема опасност. Во 21. минута Башким Велија испрати топка во шеснаесетникот, каде Селмани шутираше, но гостинскиот голман интервенираше сигурно.
Само една минута подоцна следуваше казна, по брза контра, Петровиќ успеа да излезе пред Авдули и ја затресе мрежата на Ислами за водство од 0:1 за гостите.
До крајот на полувремето Арсими се обиде да одговори, но одбраната на Брера беше на висина на задачата.
Во вториот дел се забележа одредена конфузија во редовите на домаќините. Грешка меѓу Авдули и Џелили можеше да биде казнета, но Тодоров не успеа да реализира.
Продолжението донесе поактивна игра од двете страни, но без конкретни завршници. Во 79. минута Петровиќ повторно се најде во шанса да ја реши дилемата околу победникот, но неговиот удар беше непрецизен.
Арсими во 89. минута ја имаше најголемата можност , по нафрлување од левата страна, Селмани се најде сам пред голманот, но шутираше над пречката. Се обиде и Цучули, но без успех.
Во судиското продолжение, по уште една контра, Стојанов го постигна вториот гол и го запечати триумфот на Брера од 0-2.
Арсими ја продлабочува резултатската криза во вториот дел од сезоната, додека Брера се враќа од гостувањето во Гостивар со полн плен.
Во следното коло Арсими гостува кај Шкупи, додека АП Брера на домашен терен ќе го пречека Работнички.
Реал Мадрид се вклучи во трката по Сандро Тонали
Иднината на Сандро Тонали е главна тема во спортските медиуми бидејќи Италијанецот на лето најверојатно ќе го напушти Њукасл.
По појавата на гласина за трансфер на италијанскиот репрезентативец во Арсенал на последниот ден од зимскиот трансфер прозорец, „Газета дело спорт“ денес пишува дека токму поранешниот играч на Милан е главната цел на Реал Мадрид за ново засилување во летото.
„Кралевите“ бараат засилување за средниот ред и веруваат дека Тонали ќе биде идеален избор и се подготвени да понудат 75 милиони за неговиот потпис.
Ако Њукасл не успее да се квалификува за Лигата на шампионите во следната сезона тогаш нема да може да го задржи Тонали.
Реал Мадрид сака да ја победи конкуренцијата бидејќи за Тонали силен интерес покажуваат уште Јувентус, Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити.
Виктор Валдепењес го менува Реал со Милан
Челниците на Милан веќе се подготвуваат за наредната сезона.
Според италијанските медиуми, Алегри и Таре целат на ново засилување, и тоа ниту повеќе ниту помалку од Реал Мадрид.
Имено, во фокусот на клубот од Сан Сиро е дефанзивецот Виктор Валдепењес, кој има само 19 години.
Тој е дете на „кралскиот клуб“ и игра за Реал Мадрид Кастиља. Има одиграно 78 минути и во Ла Лига.
Велат дека е голем талент, а бидејќи е познато дека Милан и Реал Мадрид добро соработуваат, многу е веројатно дека трансферот ќе се оствари.