фудбал

Осимен успешно опериран, Галатасарај долго без првиот напаѓач

Фудбалерот на Галатасарај, Виктор Осимен е успешно опериран, објави прес-службата на турскиот клуб на социјалните мрежи.

Нигериецот се повреди во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите против Ливерпул (0:4) при еден дуел со дефанзивецот на Ливерпул, Ибрахима Конате.

Тој се здоби со скршеница на десната рака. Претходно беше објавено дека по натпреварот, Конате почнал да добива расистички навреди на социјалните мрежи од навивачите на турскиот клуб.

На истиот натпревар се повреди и крилниот напаѓач на Галатасарај, Ноа Ланг. Тој беше успешно опериран откако на бизарен начин го повреди палецот на раката при пад и допир на рекламен билборд.


Капинковски: Големо искуство за оваа талентирана генерација на фудбалери

Репрезентацијата до 19 години оваа недела ќе настапи во првата рунда од квалификациите за пласман на Европското првенство. Составот предводен од Димитар Капинковски е дел од групата во која покрај Македонија ќе партиципираат селекциите на Фарски Острови, Молдавија и домаќинот Холандија,

„Преку турнирите и тренинг камповите што ги организиравме во текот на изминатиов период имавме доволно време да се подготвиме за она што не очекува. За жал на овој турнир ќе настапиме без Ненад Дамјановски кој паузира поради потешка повреда, а во идентична ситуација се Александар Грашески и Стоилов кои се уште се рехабилитираат. Во моментов на располагање ги имаме најдобрите од оваа генерација и ќе направиме се за да се покажеме најдобро издание. Настапот во овие квалификации е одлична можност преку играње на натпревари со квалитетни противници да го стекнат потребното искуство кои многу ќе им помогне во текот на кариерата“, изјави Капинковски.

Прв противник ни е селекцијата на Фарски Острови, натпреварот се игра на 25 март со почеток во 17 часот. Три дена подоцна се соочуваме со домаќинот Холандија додека на 31 овој месец противник ни е Молдавија.


Реал ќе го обжали црвениот картон на Валверде

Реал Мадрид поднесе жалба против казната на својот играч Федерико Валверде, кој доби црвен картон и беше исклучен при победата од 3:2 против Атлетико Мадрид во Примера.

Во 77-мата минута, Валверде беше отстранет од игра по прекршок над Алекс Баена на средината од теренот.

Весникот „Марка“ објави дека судијата Хосе Монтеро му покажал директен црвен картон бидејќи „прекршокот е санкциониран како силен удар по нозете одзади“, што било наведено и во судискиот извештај.

Според правилникот, ваквата казна значи дека 27-годишниот Уругваец ќе пропушти два натпревара. Во следните две кола од Ла Лига, Кралевите ќе играат против Мајорка и Жирона.

Во Реал Мадрид не се согласуваат со каква било санкција за Валверде и токму поради тоа ќе го обжалат црвениот картон.


Решат Рамадани: Свесни сме за значењето на мечот против Данска

Македонската репрезентација утринава на тренинг центарот „Петар Милошевски“ ги завршува подготовките во Скопје за првиот плеј-оф натпревар против Данска за пласман на Светското првенство.

Фудбалерот од средниот ред, Решат Рамадани, истакнува дека тимот е целосно фокусиран на предизвикот што следи.

„Свесни сме за значењето на овој натпревар за нас. Ја знаеме вредноста што ја има овој дуел за Македонија и затоа ќе влеземе на теренот подготвени да го дадеме максимумот. Каков и да биде исходот, тоа е составен дел од спортот, а конечниот резултат ќе биде вистински одраз на прикажаното.“

Рамадани додава дека атмосферата во тимот е на високо ниво:

„Мотивацијата кај фудбалерите е на максимум. Подготвени сме да го дадеме најдоброто од себе во секоја минута, со висока тактичка дисциплина, а резултатот ќе биде показател за нашиот труд и залагање.“


Скандал во чешкиот фудбал, најавени жестоки казни

Чешкиот фудбал се најде во центарот на огромен скандал, откако властите покренаа широка полициска операција насочена кон корупција, измама и сомнително обложување поврзано со натпревари.

Според обвинителот Радим Драхун од Високото јавно обвинителство во Оломоуц, десетици лица се приведени во акција која се спроведува на повеќе локации низ земјата, но и во странство. Полицијата извршила претреси на домови и други објекти, а случајот го водат специјализирани единици за борба против организиран криминал.

Истрагата, според локалните медиуми, траела дури три години и е насочена главно кон регионот Моравија, опфаќајќи натпревари од највисоката лига, но и од пониските рангови и младинските категории. Меѓу осомничените се и познати имиња, градоначалникот на Каравина Јан Волф, како и фудбалерот Самуел Сигут.

Во случајот се вмешани и судии, а според информациите, во акцијата се вклучени и Европол и Интерпол, што дополнително ја потврдува сериозноста на истрагата.

Фудбалската асоцијација на Чешка, веднаш реагираше и свика итен состанок. Претседателот Давид Трунда откри дека дури 47 дисциплински постапки се веќе отворени против играчи, судии, функционери и клубови


Колев: Да играме на највисоко ниво и да сме рамноправни со фаворизираните противници

Репрезентацијата до 17 години е дел од елитните квалификации за пласман на Европското првенство. По одличните настап во претходната фаза, составот предводен од селекторот Влатко Колев го очекуваат нови, големи предизвици.

На турнирот што ќе се одржи во Словенија, нашите надежи ќе се соочат со исклучително тешки противници каде покрај мечот со домаќинот се среќаваме со селекциите на Германија и Франција.

„Самиот пласман во елитната фаза од квалификациите за Европското првенство, оваа генерација постигна голем успех. И покрај фактот што имаме исклучително тешки противници ќе се обидеме да направиме изненадување и нашата цел е да освоиме што е можно повеќе бодови. На турнирот ќе се соочиме со великаните на европскиот фудбал Германија и Франција, а тука е и домаќинот Словенија. Верувам дека фудбалерите кои ќе настапат на овој турнир ќе одиграат на највисоко ниво и дека ќе бидеме рамноправни во дуелите со фаворизираните противници. Момците се максимално подготвени за следните предизвици и дека претстојните три натпревари ќе бидат уште едно големо искуство за оваа талентирана генерација”, изјави Колев.

Прв противник во квалификациите ни е репрезентацијата на Германија, а натпреварот се игра утре, a почетокот е закажан за 16 часот. На 28-ми во истиот термин се среќаваме со Франција, а на 31. играме со домаќинот Словенија.


Трајков именуван за нов тренер на Еуромилк

Фудбалскиот состав на Еуромилк Горно Лисиче го именуваше за нов тренер, Јован Трајков, кој има работено во Локомотива и Маџари а сега е дел од младинската школа на Вардар.

Лидерот во третата лига- Север, објави, дека спогодбено ја прекинал соработката со досегашниот стратег, Зоран Божиновски и дека во продолжението на шампионатот ќе има нов предводник од клупата.

Скопскиот состав до крајот на сезоната ќе биде главен кандидат да обезбеди место во баражот за пополнување на второлигашката конкуренција.


Крај на шпекулациите: Мбапе потврди дека е 100% подготвен и за Реал и за Франција

Играчот на Франција и Реал Мадрид, Килијан Мбапе

Килијан Мбапе никогаш не бил поддржувач на компромиси, а како што се приближува Светското првенство, капитенот на француската репрезентација реши да стави крај на шпекулациите за неговата физичка подготвеност. По краткиот период на неизвесност поради болки во коленото, суперѕвездата на Реал Мадрид објави свој манифест: неговата подготовка за планетарниот собир ќе се одвива исклучиво преку максимална минутажа на Сантијаго Бернабеу. За Мбапе, интензивниот ритам на натпревари не е товар, туку неопходно гориво.

По неодамнешниот страв од повреда на коленото, што ги вознемири навивачите на Мадрид и на „Триколорите“, Мбапе брзо ги смири тензиите. Во изјава за шпанските весници, напаѓачот потврди дека е во полна сила, притоа заблагодарувајќи се на прецизната дијагноза што ја добил во Париз. „Моето колено е одлично, закрепнат сум 100%“, изјави тој, отфрлајќи ги идеите дека повредата бара претпазливост или поштеда во клупските настапи.

Додека спортската јавност дебатира за пренатрупаниот календар и заморот кај играчите, Мбапе останува имун на овие аргументи. Додека стручњаците советуваат „менаџирање на минутажата“, Французинот на таквите разговори гледа како на непотребно говорење. Неговата логика се потпира на докажани факти: светската титула во 2018 и историскиот хет-трик во финалето во 2022 година беа постигнати затоа што тој не забави на клупско ниво. Тој планира да го повтори истиот „челичен“ пристап и во Мадрид, инсистирајќи дека само преку игра може да ја задржи својата препознатлива форма.

Мбапе не штедеше зборови кога се осврна на предлозите за негова поштеда. Нарекувајќи ја дебатата за одмор „смешна“, тој потенцираше дека неговиот најдобар фудбал произлегува од жарот на натпреварувањето, постигнувањето голови и борбата до последната секунда. Со одлуката да ги одигра сите натпревари за Реал Мадрид, тој не само што ги тестира сопствените граници, туку поставува и нови лидерски стандарди.


ПСЖ бараше одложување поради Ливерпул, Ленс експресно одговори со „НЕ“

Дуел меѓу играч на Ленс и ПСЖ

Во она што веројатно ќе остане запаметено како најлогичниот одговор во историјата на Лига 1, Ленс официјално го одби барањето на ПСЖ за одложување на нивното претстојно дерби. Додека парискиот гигант се обидува да си го олесни патот низ Лигата на шампионите, „Крвно-златните“, кои заостануваат само еден бод зад лидерот, немаат намера да му прават услуги на актуелниот шампион.

Раководството на ПСЖ побарало од Ленс и од раководството на лигата нов термин за натпреварот закажан за 11-ти април. Логиката на Паркот на принцовите е јасна: Овој дуел е вметнат точно помеѓу двата четвртфинални пресметки против Ливерпул. Со оглед на тоа што првиот меч се игра во Париз на 8-ми април, а реваншот на „Енфилд“ само шест дена подоцна, Луис Енрике очајнички сакаше да избегне исцрпувачка битка на северот на Франција во екот на најважните европски предизвици.

Иако ПСЖ се обиде да го оправда барањето како потег од национален интерес за подобрување на францускиот коефициент, Ленс остана рамнодушен. За второпласираната екипа во првенството, ова не е прашање на дипломатија, туку на чиста спортска конкуренција. Клупските претставници истакнаа дека секое одложување би го нарушило нивниот ритам и би создало пеколен распоред во финишот на мај. Со титулата на дофат, Ленс го гледа 11-ти април како совршена прилика да го искористи заморот на ПСЖ и конечно да го преземе врвот на табелата.

Оваа одлука дополнително го зачинува највозбудливиот финиш на француското првенство во последните неколку години. Одбивањето на Ленс испрати јасна порака: Ерата во која Лига 1 беше само „сервис“ за европските соништа на ПСЖ е завршена. Како што влегуваме во последната фаза од сезоната, секој дуел добива на тежина. Останува да видиме дали ПСЖ може да го преживее „пеколот“ против Ливерпул, додека истовремено се брани од гладниот Ленс. Едно е сигурно – завршницата на Лига 1 е задолжителна лектира за секој фудбалски фанатик.


Уште една психолошка стапица или реалност? Гвардиола го прогласи Арсенал за најдобар во светот

Менаџерот на Арсенал и менаџерот на Манчестер Сити, Микел Артета и Пеп Гвардиола

Воздухот на Вембли сè уште е исполнет со славеничка атмосфера по големото неделно финале. Манчестер Сити тукушто го освои својот деветти Лига куп, рекорден петти за Пеп Гвардиола, со убедлива победа од 2-0 над Арсенал. Сепак, додека синиот дел од стадионот ечеше од радост, човекот на одлука реши рефлекторите да ги насочи кон својот ученик, Микел Артета. Во обраќањето по натпреварот, кое предизвика вистински земјотрес во фудбалскиот свет, Гвардиола даде фрапантна оцена за своите ривали.

„Покрај Баерн Минхен и можеби Барселона, Арсенал е најдобриот тим во Европа“, изјави Гвардиола, забележително изоставувајќи ја својата шампионска машина и историски доминантниот Реал Мадрид. Тој не застана тука, додавајќи дека Артета создал состав кој е „речиси непобедлив“ и кој дејствува „задушувачки“ на теренот. Пеп дури призна дека во првите 15 минути од финалето, неговиот Сити буквално „не можел да дише“.

За обичниот набљудувач, ова беше само џентлменски гест на легендарниот менаџер. Меѓутоа, за искусните аналитичари на Премиер лигата, изјавата мириса на класичен „мастерклас“ на Пеп во полето на психологијата. Ова не е првпат Гвардиола да го засипува противникот со највисоки епитети токму кога притисокот достигнува точка на вриење.

Етикетирајќи го Арсенал како „најдобар во Европа“, Гвардиола суптилно го префрла товарот на очекувањата кај ривалот. Ако „Топчиите“ се златниот стандард, тогаш сè помалку од титула во Премиер лигата сега би се сметало за неуспех. Со оглед на тоа што тимот на Артета моментално има предност на табелата, Гвардиола вешто им црта мета на грбот. Тоа е брилијантен, иако проѕирен обид да ги натера лидерите да почувствуваат вртоглавица од височината на која се наоѓаат.

Ако ја тргнеме хиперболата настрана, податоците сугерираат дека зборовите на Пеп не се само празна реторика. Кампањата на Арсенал во сезоната 2025/26 е пример за конзистентност. Под „задушувачкиот“ систем на Артета, тимот еволуираше во дефанзивен бедем кој ретко му дозволува на противникот дури и шанса за гол.