фудбал

Познати судиите на Мундијалот, само двајца Балканци на листата

ФИФА ги објави имињата на 170 судии кои во текот на Светскиот шампионат во САД, Мексико и Канада ќе бидат делегирани на вкупно 104 натпревари.
Педесет и двајца ќе имаат статус на главни, 88 ќе бидат делегирани како помошни арбитри додека 30 ќе бидат ангажирани како дел од ВАР екипата.

Поради зголемениот број на учесници, ФИФА мораше да избере рекорден број на судии кои доѓаат од шест континенти и 50 земји кои се членки на Светската асоцијација.

Очекувано најголем број судии, 17 доаѓаат од Европа. Јужна Америка е застапена со 12 додека од Северна и Централна Америка (КОНКАКАФ) доаѓаат осум.

На Мундијалот, правдата ќе ја делат седум судии од Азија, шест од Африка додека Австралија и Океанија ќе ја претставуваат двајца арбитри.

На листата се двајца Англичани, Мајкл Оливер и Ентони Тејлор, Французите, Клемон Турпан и Франсоа Летешие, а на Светскиот куп ќе патуваат дури тројца судии од Аргентина и тоа Јаел Фалкон Перез, Дарио Ерера и Факундо Тељо.

Идентичен број на арбитри доаѓаат од Бразил и чест да судат на Светскиот куп ќе имаат Вилтон Сампајо, Рамон Абати и Рафаел Клаус.

судиите кои доаѓаат од Европа се уште Фелис Цвајер (Германија), Иштван Ковач (Романија), Дани Макеле (Холандија) како и Полјакот, Симон Марчињак, додека единствен претставник од регионот е Словенецот, Славко Винчич.

Судиите на терен ќе бидат сместени во базата во Мајами каде од 31 мај до почетокот на првенството ќе се одржи семинар додека ВАР центарот ќе биде во Далас каде се наоѓа и Меѓународниот телевизиски центар.


Три тренери ја меркаат клупата на Конте во Наполи

Со елиминацијата од БиХ, фудбалската репрезентација на Италија доживеа нов срам, бидејќи нема да учествува на третиот Мундијал по ред.

По Светското првенство во Русија 2018 и Катар четири години подоцна, „азурите” ќе пропуштат и светскиот шампионат, кој ова лето ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.

Ова доведе до огромни промени во италијанската федерација, а и репрезентативниот фудбал е во комплетен распад.

Спасителот е означен како Антонио Конте, се уште тренер на Наполи, кој ја брани титулата во Серија А. Сепак, италијанските медиуми се почесто пишуваат дека тој ќе се врати во националниот тим, каде што беше селектор во 2014 и 2016 година.

Претседателот на тимот од Неапол, Аурелио де Лаурентис нема да му создава пречки на тренерот за да ја преземе новата функција, иако договорот го врзува до 2027 година.

Затоа под Везув се свртеа кон нови решенија и потрага по наследник на Конте. Според “Газета дело Спорт,” три имиња испливуваат напред: Тијаго Мота, кој немаше работа откако замина од Јувентус, потоа тренерот на Болоња Винченцо Италијано и на крај Фабио Гросо, поранешен шеф на Олимпик од Лион, кој успешно го води прволигашот Сасуоло.


Милан го враќа Брахим Диаз

MILAN, ITALY – AUGUST 13: Brahim Diaz of AC Milan celebrates his goal during the Serie A match between AC MIlan and Udinese Calcio at Stadio Giuseppe Meazza on August 13, 2022 in Milan, . (Photo by Marco Luzzani/Getty Images)

Милан на лето сака да го врати Брахим Диаз на Сан Сиро и за тоа е спремен да плати 30 милиони евра.

Диаз блескаше во дресот на „росонерите“, па Реал одлучи да го врати како замена за Асенсио пред две години.

Меѓутоа, Диаз добива мала минутажа оваа сезона, пред се поради добрите партии на Арда Гулер.

Шпанските медиуми пренесуваат дека Реал е спремен да го пушти на лето, а најсилен интерес покажува Милан, кој сака да ја исправи грешката и да го врати на „Сан Сиро“

Дијаз сака да се врати во Милано, а трансферот треба да изнесува 30 милиони евра.


Џејмс Трафорд ќе застане на голот на Тотенхем

Тотенхем подготвува сериозна реконструкција на тимот, а една од клучните позиции што сакаат да ја решат ова лето е голманската. Изборот е Џејмс Трафорд.

Младиот голман на Манчестер Сити е идентификуван како приоритет, особено како дел од плановите на новиот тренер Роберто Де Зерби да изгради свој тим.

Трафорд (23) се смета за еден од најталентираните англиски голмани, а по развојот во системот на Сити и епизодата во Барнли, сега бара клуб каде што би бил неоспорен број еден.

Токму тоа му го нуди Тотенхем.

Сити е подготвен да го пушти, а самиот играч сака повеќе време за играње на највисоко ниво, што дополнително ги отвора вратите за овој трансфер.

Интересно е што постои и верување дека Трафорд би бил подготвен да дојде дури и ако Тотенхем испадне во Чемпионшип, што јасно го покажува неговиот фокус е да има континуитет.

Да потсетиме, Трафорд се врати кај „граѓаните“ минатото лето со ветување дека ќе биде прв голман, но клубот имаше можност да го доведе Џанлуиџи Донарума, и со тоа англискиот репрезентативец заврши на клупата за резерви.


Спалети си подаде рака со Јуве и ќе го води гигантот и следната сезона

Според последните информации од Италија продолжувањето на договорот на Лучано Спалети со Јувентус практично е завршена работа.

Поранешниот италијански селектор како што се најавува ќе стави потпис на нов договор кој ќе го врзе со торинскиот гигант до летото 2028 година. Според пишувањата на италијанските спортски весници, станува збор за двегодишно продолжување на соработката.

Спалети му се приклучи на Јувентус во октомври минатата година со краткорочен договор до крајот на сезоната 2025/26. Дел од медиумите наведуваат дека официјалната потврда може да пристигне во рок од 24 часа, додека други очекуваат тоа да се случи најдоцна до петок.

Неговата плата ќе се движи меѓу пет и шест милиони евра по сезона. Според некои извори, основната сума ќе изнесува пет милиони евра, додека со бонуси може да достигне и до шест милиони. За ангажманот од октомври до крајот на актуелната сезона, Спалети ќе заработи околу три милиони евра.


Ливерпул на Арне Слот урива антирекорди

Очајот на Ливерпул и натаму се продлабочува со секој нов настап. Синоќа тимот загуби на гостински терен од ПСЖ со 2-0 во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите, што беше всушност четврти по ред на гостински терен за тимот на тренерот Арне Слот.

Претходно, „црвените“ загубија од Галатасарај (0-1), Брајтон (1-2) и Манчестер Сити (0-4). Ливерпул загуби четири гостувања по ред за првпат од април 2012 година, што е уште еден показател во каква состојба се наоѓа составот на Арне Слот.


Љубовно писмо до „Седумката“: Симеоне со емотивно признание за Гризман

Гризман и Симеоне во прегратка

Во ера на фудбалот со која доминираат минливи интереси и вештачки социјални мрежи, врската меѓу Диего „Чоло“ Симеоне и Антоан Гризман останува ретка и висцерална константа. Она што започна како тактичка соработка, со текот на времето прерасна во еден од најзначајните односи во модерниот спорт. Во своето искрено обраќање, Симеоне ја соблече „тренерската униформа“ за да му оддаде признание на човекот зад бројот седум, славејќи го неговото наследство кое ги надминува границите на теренот.

Симеоне го започна своето обраќање нагласувајќи го карактерот на Гризман, поставувајќи го како пример во денешното површно општество. За „Чоло“, вредноста на Французинот не е само во неговата завршница пред голот, туку во неговата фундаментална природа.

„Сакам да ја искористам оваа прилика да ти се заблагодарам за сета работа и за твојата понизност“, изјави Симеоне. „Ти си личност на која младите можат да ѝ се восхитуваат, во свет на кој му се потребни токму такви луѓе“.

За Симеоне, Гризман е олицетворение на редок тип суперѕвезда: човек кој го балансира светскиот талент со исклучителна работна етика. Тренерот изрази длабока благодарност за неговата посветеност и за начинот на кој секогаш се однесувал на теренот и надвор од него.

Суштината на пораката на Симеоне лежи во двојноста на нивниот однос. Додека светот гледа тренер и неговиот главен плејмејкер, реалноста во соблекувалната е многу полична. Симеоне призна дека на Гризман гледа „прво како на пријател, а потоа како на играч“, што ја објаснува силната заштитничка улога која „Чоло“ често ја преземаше во негово име.

Симеоне зборуваше во име на сите навивачи на „Јорганџије“, премостувајќи го јазот меѓу клупата и трибините. „Доколку кој било навивач на Атлетико беше овде денес, ќе ти го кажеше истото. Целосно се идентификувам со нив“, истакна тој, потврдувајќи дека Гризман е живиот дух на клубот.

И покрај емотивниот набој, Симеоне не заборави на непосредните цели. Како што сезоната го достигнува својот врв, тој премина од благодарност во повик за борба.

„Дај Боже, ќе одиграме уште пет натпревари во Лигата на шампионите“, изјави Симеоне, со поглед веќе насочен кон елитата. Своето обраќање го заврши со едноставна, но моќна порака до својот пријател. „Уживај во моментот. Те сакам многу“. Тоа беше потсетник дека иако трофеите се крајната цел, вистинската вредност лежи во заедничкото патување и меѓусебната почит.


Револуција на Олд Трафорд: Јунајтед подготвува целосен ремонт на средниот ред

Мајк Карик дава почит

По стабилизирањето на формата под водство на привремениот менаџер Мајкл Карик, Манчестер Јунајтед се подготвува за тектонски поместувања во срцето на тимот. Со оглед на тоа што летниот преоден рок е на повидок, раководството на клубот донесе одлука да ангажира двајца нови врвни играчи кои ќе бидат столбот на тимот во наредните сезони.

Главната вест останува веќе потврденото заминување на Касемиро. По четиригодишна служба, престојот на искусниот Бразилец на „Олд Трафорд завршува, оставајќи огромна празнина. Сепак, тој нема да биде единственото звучно име што ќе го напушти клубот. Последните информации упатуваат на тоа дека и Мануел Угарте е ставен на трансфер-листата. Иако пред две години беше платен 42 милиони фунти, Уругваецот не успеа да ја најде посакуваната форма и имаше ограничена минутажа кај Карик. Некои извори потврдуваат дека веќе се водат првични преговори за негов ангажман, а Галатасарај и неколку италијански гиганти будно ја следат ситуацијата.

Додека искусните играчи се подготвуваат за излез, клубот презема агресивни чекори за да го заштити својот најголем талент. Коби Мејну е пред потпишување на нов, долгорочен договор кој би го задржал во клубот до 2031 година. По неговото враќање во првиот состав, Јунајтед гледа на 20-годишниот фудбалер како на неприкосновена основа за иднината. Новиот договор, кој вклучува значително зголемување на платата, е јасен сигнал дека клубот го гради новиот среден ред токму околу него.

Со двајца играчи на излезна врата, скаутинг службата на Јунајтед веќе го стеснува кругот на потенцијални замени. За да се пополни физичката сила што ја поседуваа Касемиро и Угарте, „Црвените ѓаволи“ бараат профили со висок интензитет на игра. Сандро Тонали се појавува како примарна цел, иако неговата цена се очекува да надмине 70 милиони фунти. Други имиња кои често се споменуваат во медиумите се Карлос Балеба од Брајтон и Елиот Андерсон од Нотингем Форест. Финалниот избор на засилувања ќе зависи пред сè од тоа дали клубот ќе обезбеди пласман во Лигата на шампионите, цел кон која моментално сигурно чекорат.


Изов: Елитните квалификации нов предизвик за оваа генерација

Женската фудбалска репрезентација до 19 години денеска замина за Глазгов каде од десетти до 16 април ќе биде дел од елитните квалификации за пласман на Европското првенство.

Покрај домаќинот Шкотска во групата се репрезентациите на Норвешка и Австрија. Сите три селекции се вбројуваат меѓу најквалитетните на Стариот континент и претстојните натпревари ќе бидат голем предизвик за оваа талентирана генерација.

„Имаме тешка група, но во оваа фаза од квалификациите сите противници се квалитетни. Очекувам фудбалерките да одиграат на највисоко можно ниво и на секој натпревар да пробаат да се надигруваат со фаворизираните противнички. Немаме намера предвреме да се предадеме, на секој натпревар влегуваме со желба да одиграме на што е можно повисоко ниво и дека ќе се прикажеме во најдобро можно издание”, рече Изов.

Проблем околу составувањето на тимот сигурно претставува и поклопувањето на термините со мечевите на А репрезентацијата во која настапуваат голем дел од фудбалерките кои се дел од овој состав.

„Во договор со одговорните во Фудбалската федерација на Македонија и селекторот на сениорскиот тим, четири можеби најдобри фудбалерки од овој состав Меланија Гроздановска, Ева Величковска, Теона Голабовска и Мила Панева ќе бидат дел од А репрезентацијата која следната недела ја очекуваат дуели со Унгарија. За нас тоа ќе биде голем хендикеп, но шанса ќе добијат неколку помлади фудбалерки кои во иднина треба да бидат дел од националните селекции”, продолжи предводникот на националниот тим.

Настапот на овој турнир е продолжување на серијата одлични резултати на младинските селекции, а тоа е плод на работата не само во националните тимови туку и во клубовите во земјава.

„По успехот на репрезентацијата до 17 години која беше дел од елитните квалификации, еве сега и селекцијата до 19 години се наоѓа меѓу најдобрите национални тимови од Европа. Токму овие две генерации потврдуваат дека можеме да очекуваме подобри денови за женскиот состав, а исто така се надевам дека ќе продолжи трендот на добри резултати и во младинските категории. Овие две селекции треба да се база од која ќе се црпат фудбалерки за сениорскиот тим и очекувам да формираме квалитетна А репрезентација која би била конкурентна во однос на најдобрите европски селекции”, заврши Изов.

На стартот на 10 април се среќаваме со Норвешка, а почетокот на е закажан за 13 часот. Два дена подоцна во истиот термин играме против Шкотска додека во последното коло на 16. април противник ни е Австрија.


Навивачи плаќале најскапи, а добивале поефтини билети за Мундијалот

Светската фудбалска федерација – ФИФА се соочува со сериозни обвинувања, бидејќи навивачи кои купиле билети за Мундијалот наредното лето се чувствуваат измамени.

Голем број фанови откриле дека добиле полоши места од оние што мислеле дека ги купиле, иако плаќале високи суми, дури и до 1000 долари за билет од прва категорија. Според „Атлетик“, ФИФА дополнително ги прекласифицирала местата, префрлајќи дел од билетите во пониски категории без известување и без враќање на сумата од разликата.

Организаторот исто така ги изменил мапите на стадионите, а дел од „премиум“ местата биле резервирани за спонзори и ВИП гости, па некои билети од прва категорија завршиле зад головите или во аглите.

Иако навивачите најавуваат жалби, шансите за успех се мали бидејќи при купувањето ги прифатиле условите на ФИФА, според кои распоредот на седиштата може да се менува во било кое време.