фудбал

Португалија и Холандија пак победија, реми за Германија во Солун

Германија ниту во вториот натпревар против Грција, не успеа да победи со оглед дека вечерва во Солун одигра само без голови.

Избраниците на Јирген Клоп имаа доминација во првиот дел, но залудно, не успеаја да ја затресат мрежата, односно успеаја еднаш, но голот беше поништен. Во вториот дел Германците не успеаја да направат ниту една прилика.

Србија продолжува да реди порази во Лигата на Нации. Го претрпе и четвртиот во исто толку мечеви, откако загуби од Холандија. Претходно загубија од Грција и од Холандија дома, и од Германија на гости. Избраниците на Вељко Пауновиќ имаа добри 1-1 по полувремето, меѓутоа во вториот дел Зиркзе му донесе победа на холандскиот национален тим. Компајнерс донесе предност во 31. минута, а Цветковиќ во 35. минута израмни, потоа Зиркзе кој влезе од клупата, донесе три бода за „лалињата“.

Одличен гол на Ајер со кој Норвешка поведе над Португалија во Порто, но во иста мера врати Кансело. Рамош во 79. минута донесе пресврт и победа. Консеисао доби два жолти картони во иста минута, и беше исклучен во 86. минута, но сето тоа не го искористија Норвежаните да дојдат барем до бод.

Во А сегментот, Данска со 0-1 го совлада Велс. Хојлунд од пенал во 75. минута ѝ донесе на Данска три бода.


Македонија до 18 години загуби од Црна Гора во Охрид

Репрезентацијата на Македонија до 18 години загуби со 0-1 во првиот од двата пријателски натпревари против Црна Гора.

Натпреварот на стадионот “Билјанини извори” во Охрид беше решен во 71. минута, кога Арда Илјазовски постигна автогол.
Васко Попалиски во првото полувреме со удар од работ на шеснаесетникот ја имаше најдобрата прилика за нашата селекција, а истиот фудбалер во продолжението не успеа да погоди и после мешаница во петерецот на противникот.

Вториот дуел меѓу Македонија и Црна Гора ќе се одигра во вторник, со почеток во 11:00 часот.


Модриќ: Првпат чувствувам срам во дваесет години настапи за Хрватска

На крајот од својата кариера, капитенот и икона на хрватската репрезентација, Лука Модриќ, го доживеа најболното искуство во националниот тим.

Во 3. коло од А дивизијата на Лигата на нации, Хрватска беше поразена од Англија во Риека со 7-0.

По дебаклот, на Модриќ му беше тешко да каже нешто што би можело да ја оправда катастрофата. Тој дури и не се потруди да ја оправда, го наведе она што сите можеа да го видат, ужасниот фудбал на Хрватска.

Она што најмногу го боли, вели тој, е што не ја виде желба, желбата, посветеност од соиграчите…

„Тешко е да се најде објаснување за ваков настап без дуели, фаули, агресивност, заедништво… Тука сум 20 години, но за прв пат чувствувам срам по натпревар! Можеш да изгубиш, некој е подобар, во тој момент е подобар, но да се изгуби на овој начин и да се истури угледот што го стекнавме овие години е неприфатливо! Навистина се чувствувам засрамен“, изјави Лука за хрватските медиуми и продолжи во еден здив.

„Од првиот до последниот, вака да одиграме… Не може да се игра фудбал вака. Не може да се игра со двајца играчи помалку, а ние изгледавме како да имавме 4-5 играчи помалку. Катастрофална ноќ. Едноставно не треба да покажуваме со прст еден кон друг и да бараме виновници, туку да бидеме заедно во ова. Треба да се собереме, да останеме заедно, бидејќи нè очекува уште еден тежок натпревар. И мора да го покажеме нашето вистинско лице, дека во нас има инает и гордост, желба, волја, заедништво, што не може да се изгуби преку ноќ. Ова вечерва е неприфатливо. Да игравме против третокласен тим, ќе изгубевме“.


Аргентина до врв ја наполни мрежата на Буркина Фасо

Репрезентацијата на Аргентина одигра пријателски натпревар со Буркина Фасо и победи со 7-0. Лионел Меси не беше присутен ниту на овој натпревар, легендарниот Аргентинец ќе се збогува со репрезентацијата за три дена во дуел со Бенин.

Аргентина постигна пет од седумте гола во првото полувреме.

Се започна со промашениот пенал на Лаутаро Мартинез во четвртата минута. Сепак, Мартинез се исправи и успеа да ја затресе мрежата. Неговиот удар го одбрани голманот на Буркина Фасо, но успеа да ја одбие топката само накратко, а Мартинез беше подготвен да ја испрати во мрежата. Помалку од четири минути подоцна, автоголот на Дијало го зголеми резултатот на 2:0.

А потоа, од 12-та до 36-та минута, мрежата ја погодија Џанлука Престијани, Нико Паз и Хулијан Алварез.

Лионел Скалони направи вкупно 11 измени во второто полувреме, а головите за конечни 7-0 ги постигнаа Франко Мастантуоно во 57-та и Џулијано Симеоне во третата минута од судиското надополнување на времето.


Јани Атанасов заради жолти картони не патува за Луцерн

Селекторот Гоце Седлоски нема да може да смета на Јани Атанасов за престојниот натпревар против Швајцарија од Лигата на нации.

Македонија синоќа загуби од Шкотска во Скопје, а веќе во вторник има нов тежок предизвик, гостуваме кај лидерот, селекцијата на Швајцарија.

За овој натпревар во комбинација нема да биде Јани Атанасов поради суспензија.

На вчерашниот меч против Шкотска, Атанасов доби жолт картон, за него тоа беше втор во тековното натпреварување, па нема да патува во Швајцарија.


Муслиу: Сите да го ставиме прстот на чело

Три натпревари и три порази за македонската фудбалска репрезентација на стартот на Лигата на нации.

По поразот од Шкотска пред новинарите зборуваше Висар Муслиу.

„Прв шут и веднаш ни дадоа гол. Тоа донесе деконцентрација во нашата игра. Имавме проблеми во дефанзивата и тие имаа уште две-три акции кои беа опасни. Имаше.дел од натпреварот каде што ја држевме топката, ја контролиравме средбата. Но, очигледно едно полувреме не е доволно за нешто конкретно. Треба многу работи да промениме. Ние играчите прво треба да го смениме говорот на телото. Ова е највисоко ниво на европскиот фудбал. Овде има сериозни играчи и сериозни репрезентации.

Начинот на којшто влегуваме во натпреварите во последниот период, очигледно не е правилен. Секогаш почнувам од себе. Под итно треба да се промениме, зошто не оди веќе вака. Прст на глава да ставиме сите, да се анализираме самите себе и да направиме сè што можеме за добар резултат“, изјави Муслиу.


Покоњоли: Доминиравме, создадовме многу шанси и заслужено победивме

Шкотска со победа од 0:2 си заминува од Скопје во дуелот со Македонија. Ги освои првите три бода во групата во Лигата на Нации.

Според селекторот Себастиен Покоњоли, триумфот е заслужен и среќен е поради настапот и поради победата на својот национален тим од ова гостување.

„Задоволен сум од настапот на мојот тим денеска. Игравме добро, доминиравме, создадовме многу шанси и на крајот заслужено победивме. Она што го пропуштивме на првите натпревари, сега го реализиравме. Многу сум среќен од играта вечерва. Беше многу важно да постигнеме гол и да победиме. Ги остваривме и двете вечерва, и мислам дека сега е полесно. Многу сум оптимист за следните натпревари во ноември. Се браневме добро, ја сочувавме мрежата чиста и покрај тоа што игравме 20 минути пред крајот и со играч помалку“, рече Покоњоли и додаде:

„Никогаш не е лесно, но мислам дека ги заслуживме. Секогаш кога се игра на гости е потешко. Противникот беше квалитетен, но од првата минута се решивме да дојдеме до целта. И Швајцарија тука освои бодови, но мислам дека ние имавме повеќе шанси“, вели шкотскиот селектор.


Елмас: Во многу тешка ситуација сме, немам зборови за немоќта и поразите

Елиф Елмас вели дека нему, но и на сите фудбалери им е многу тешко поради серијата лоши резултати на македонската фудбалска репрезентација.

Македонија имаше уште едно очајно издание денеска, не создадовме ниту една сериозна шанса против Шкотска и загубивме со 0-2.

Веќе седум меча по ред немаме постигнато гол, а на 11 во серија немаме победа.

„Реално беше многу лошо денеска, многу е тешко, тешко е да се зборува. Заслужено победи Шкотска. Ние сме во многу тежок момент. Сега на сите играчи им е тешко, мене ми е многу тешко, треба да научиме од оваа тешка ситуација. Од седум натпревари, ниту една победа и нула постигнати голови, мора нешто повеќе да се направи. Тоа е фудбалот, мора да се кренем од ова, ако не ќе биде уште потешко. Ние сите сакаме да победиме, треба да ни е јасно дека сме испод нивото на оваа група. Мора максимално да бидеме фокусирани и максимално да работиме. Да извадиме максимум од наредниот натпревар и да се спремиме за ноември. Мора многу повеќе да работиме“, изјави Елмас.

Следниот натпревар на Македонија е во вторник, на гостински терен кај Швајцарија.


Седлоски: Tешко e да се зборува по оваа „црна“ серија, но нема да застанам тука

Македонија претрпе уште еден пораз во Лигата на Нации, трет по ред без постигнат гол. Шкотска со три бода си замина од Скопје, по триумфот од 0:2.

Селекторот Гоце Седлоски по мечот истакна дека се решил на рани замени поради тоа што не одело ништо во нашата селекција, и се обидел нешто да смени.

„Првите 30 минути не одеше како што треба со Лука и со Херера. Лука кога влегуваше со Словенија и со Швајцарија кога влегуваше даде живост, и мислев дека ќе биде добро. Шкотска не проби од таа страна, и затоа се решив да го заменам и Херера“, истакна Седлоски, кој рече дека триумфот на Шкотланѓаните бил целосно заслужен.

„Шкотланѓаните помоќни, поагресивни, побрзи во дуели, во скок игра, затоа играат таму каде што играат, ние оваа серија на порази, тешко е да се каже нешто, но не застанувам тука“, изјави Седлоски.

Предводникот на нашиот национален тим кажа дека Македонија единствено може да се носи со Словенија, додека Швајцарија и Шкотска се далеку пред нас.

„Единствено е што можеме да се носиме е Словенија. Другото е преголем квалитет. Со Словенија тука можеме да се носиме, но за Швајцарија не треба да се зборува. Ние треба да учиме. Покрај тие играчи кои играат во Премиерлигата, јас ставив тројца играчи од македонска лига. Ќе работам, ќе гледам, ова е процес и останувам на истото“, рече Седлоски.


Англија ја прегази Хрватска среде Ријека

Репрезентацијата на Англија ја постигна најубедливата победа сезонава во Лигата на нациите откако вечерва на гости ја совлада Хрватска со убедливи 7-0.

Натпреварот се одигра на стадионот Рујевица во Риека, а на трибините имаше публика само на деца од фудбалски школи од Хрватска, поради забраната на Хрватскиот фудбалски сојуз за организирање на навивачи.

На победата се радуваше и одредена група од околу 200 англиски навивачи.

Головите за Англија ги постигнаа: Хари Кејн и Букајо Сака по два, Џуд Белингам, Морган Роџерс и Антони Гордон по еден.

За Англија ова беше втора победа во групата каде прва е Шпанија, која вечера игра против Чешка. (