фудбал

Прва победа на Башкими, победен Скопје на гостински терен

Башкими ја оствари првата победа оваа сезона, а со тоа и првите бодови откако со 2-1 славеше на гостувањето кај Скопје, меч кој се играше на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.

Првиот гол се случи во 28. минута од средбата. Да Силва, новото засилување на кумановскиот тим, најдобро се снајде меѓу двајца одбранбени играчи на „пиратите“, и успеа да го совлада Наумовски и да донесе предност.

Брзо во второто полувреме Башкими ја дуплираше предноста. Адис Мурати постигна гол за водство од 2-0.

Скопје во 69. минута се врати во игра откако Али Адем погоди од пенал за 1-2. Тоа беше и конечниот резултат.


Лудо второ полувреме во Милано: Интер од 0-2 до 3-2 против Наполи

Лудо второ полувреме на мечот меѓу Интер и Наполи, гостите водеа со 2-0, а на крајот победија домаќините со 3-2.

И во првото полувреме имаше шанси, но мрежите мируваа. Вистинските возбудувања почнаа во вториот дел.

Во 50. минута Политано постигна гол за водство на Наполи од 1-0, а само три минути подоцна Хојлунд реализираше за предноста на гостите и од 2-0.

Но, Интер брзо се врати во мечот, веќе во 56. минута со гол на Лаутаро Мартинез намали на 1-2.

Течеше 82. минута кога Турам го изедначи резултатот на 2-2.

Во првата минута од судиското продолжение Лаутаро постигна уште еден гол и му донесе победа на Интер од 3-2.


Атлетико Мадрид прегазен на „Сан Мамеш“

Атлетико Мадрид, кај имењакот од Баскија, Атлетик Билбао го доживеа првиот пораз во сезоната. Баските славеа убедливо со 3-0.

Четата на Чоло Симеоне, за која од 60-та минута играше и Хулијан Алварез, брутално беше казнета за неискористените шанси во првото полувреме.

Билбао прашањето околу победникот го реши во првите три минути од вториот дел. Нико Вилијамс, погоди со многу среќа во 46-та, а Наваро постигна убав гол во 48-та минута.

Тимот на тренерот од БиХ, Един Терзиќ, прв пат во историјата, постигна два гола во првите три минути од вториот дел.

Точка на мечот стави Сансет во последната минута од натпреварот.


Луис Енрике доби нов договор во ПСЖ

Европскиот првак ПСЖ ја продолжи соработката со својот тренер Луис Енрике до 2030 година. Продолжувањето на договорот беше објавено пред вчерашниот дуел од Монако (пораз на ПСЖ дома со 1:2).

Договорот на Енрике истекуваше на крајот од сезоната, но управата на клубот ја продолжува соработка особено што тимот од Париз ја одбрани титулата европски шампион.

Енрике на клупата на ПСЖ седна во јули 2023 година, а има освоено и три титули во Франција.

Францускиот шампион ги продолжи договорите и со неколку фудбалери, како Жоао Невеш, Вилијан Пачо, Лукас Бералдо, Сени Мејулу и Фабиан Руиз.


Емре Џан нема да игра на дербито на Борусија Дортмунд во ЛШ

Повредениот капитен на германскиот вицешампион Борусија Дортмунд, 32-годишниот Емре Џан, не се најде на списокот на регистрирани фудбалери за настапите во Лигата на шампионите.
Борусија Дортмунд ќе стартува во новата сезона на Лигата на шампиони на 8 септември, кога ќе го пречека шпанскиот Виљареал.

Германскиот вицешампион денеска го објави списокот со 29 регистрирани играчи, на кој не е Емре Џан. Тој е надвор од терените од март откако ги скина предните вкрстени лигаменти на левото колено.

Новото грчко засилување на Дортмунд, Јанис Константелијас, како и талентираниот 18-годишен еквадорски играч Џастин Лерма, исто така, не се вклучени во списокот поради повреди.


Марсијал ги лекува офанзивните проблеми на Мојс и Евертон

Премиерлигашот Евертон ја разгледува можноста да го ангажира напаѓачот Ентони Марсијал, кој би можел да му се приклучи на клубот од Ливерпул без обесштетување, јавија денеска англиските медиуми.

Последен клуб за кој настапуваше 30-годишниот Марсијал беше мексикански Монтереј, за кој францускиот фудбалер настапуваше од септември 2025 до јуни 2026 година, и постигна еден гол на 20 натпревари. Марсијал во кариерата претходно настапуваше за Манчестер јунајтед, АЕК, Севиља, Монако и Лион.

Вредноста на Марсијал на трансфер пазарот се проценува на 3,5 милиони евра.


Ренџерс и Селтик годинава без гостински навивачи на „Олд фирм“ дербито

Двата најтрофејните и најпопуларните фудбалски клубови во Шкотска, Селтик и Ренџерс, се договорија нивните меѓусебни дуели оваа сезона да се играат без гостински навивачи на трибините.

Договорот дојде откако двата клуба беа казнети за немирите што избувнаа по натпреварот од четвртфиналето во шкотскиот Куп одигран на „Иброкс“ на 8 март оваа година, на кој гостинскиот Селтик победи на пенали.

Претходниот договор беше да им се дозволат на гостинските навивачи пет проценти од капацитетот на стадионот. Повеќе од 120 години, дуелите Селтик-Ренџерс се едно од најголемите фудбалски соперништва во светот, а дополнително се „зачинети“ со политички и религиозни конотации.


Мекејлеб меѓу најдобрите во историјата на АБА лигата

По повод 25-фодишнината од основањето, АБА лигата објави листа од 25-те најдобри играчи во својата историја. Никола Јокиќ доби најмногу гласови, а имињата на лауреатите беа доделени на свечена вечера одржана во Љубљана. На 12-то место на оваа листа е поранешниот репрезентативец на Македонија, Лестер Бо Мекејлеб.

Конечната листа е формирана со собирање на гласовите на тренерите, поранешните играчи за најкорисен играч, претставниците на медиумите и навивачите.

Гласовите на тренерите кои ја освоија наградата за тренер на годината во својата кариера сочинуваа 70 проценти од вкупниот резултат. Гласовите на поранешните најкорисни играчи од регуларниот дел од сезоната вредеа 20 проценти, додека медиумите и навивачите учествуваа со по пет проценти.

Никола Јокиќ, кој играше за Мега Баскет во АБА лигата, доби 94,3 проценти од гласовите. По него следува покојниот Дејан Милојевиќ со 92,3 проценти, а трет е Богдан Богдановиќ со 80,4 проценти. По тројцата српски кошаркари во изборот за најдобри се пласираа Црногорецот Никола Пековиќ со 78,9 отсто и капитенот на хрватската репрезентација Дарио Шариќ со 72,7 отсто.

Список на 25 најдобри играчи во историјата на АБА лигата:

Никола Јокиќ
Дејан Милојевиќ
Богдан Богдановиќ
Никола Пековиќ
Дарио Шариќ
Горан Драгиќ
Никола Вучевиќ
Јан Весели
Јака Лаковиќ
Милош Теодосиќ
Бојан Богдановиќ
Бо Мекејлеб
Душан Кецман
Никола Калиниќ
Игор Ракочевиќ
Немања Гордиќ
Дино Раѓа
Лука Божиќ
Василије Мициќ
Крунослав Симон
Марко Поповиќ
Немања Бјелица
Анте Томиќ
Чарлс Џенкинс
Факундо Кампацо


Три гола на Сила, прв пораз на Шкендија во сезоната

Н’Фанли Сила. Каков играч има Тиквеш, каков „дијамант“. Овој играч сам ја порази Шкендија. Да, онаа Шкендија која немаше пораз се до вечерва, кога загуби и тоа како „домаќин“ на теренот на ФФМ.

Сила постигна три гола во триумфот од 1:3 на крајот, и е апсолутен херој на Тиквеш и на ова петто коло во ПМФЛ.

Тиквеш поведе во 20. минута од натпреварот. По една нафрлена топка од левата страна, од прва ја зафати и го совлада Рамани за предност.

Во 60. минута Сила по една соло акција и со силен удар го совлада голманот на Шкендија, и успеа да донесе предност од 2:0.

Шкендија се врати во игра преку Бесарт Ибраими кој со глава намали. И кога тетовскиот тим фрли се на една карта, во нападот, Сила по еден против напад излезе сам пред Рамани, го совлада за предност од 3:1.

До крајот на мечот Шкендија остана и со играч помалку, откако Ислами доби црвен картон, и надежите за Шкендија за добар резултат станаа се помали.

Така Тиквеш издржа до крајот, и успеа да освои големи три бода.


Хју Џекман купува акции од Норич Сити

Хју Џекмен во едно од последните интервјуа изјави дека е заинтересиран да купи помал удел во Норич Сити, клуб од Англиското првенство.

Џекмен сака да му се придружи на својот колега и пријател Рајан Рејнолдс во сопственоста на дел од фудбалските клубови во англиската лига.

Џекмен долго време е навивач на Норич, родниот град на неговата мајка на истокот од Англија. Актерот беше прашан во интервју емитувано во четврток дали би сакал да „купи дел“ од клубот, кој е во мнозинска сопственост на Марк Атанасио, главниот сопственик на Милвоки Бруерс.

-Многу сум заинтересиран да зборувам за тоа токму сега. Вие сте првите што ќе дознаат. Има малку ексклузивност, рече Џекман кога беше прашан дали би го следел примерот на Рејнолдс, кој го стави Рексам на глобалната фудбалска и културна мапа откако го купи клубот со Роб МекЕлхени во 2021 година.