фудбал

Суперкупот го менува форматот, во иднина ќе биде турнир на четири екипи

Форматот на Суперкупот на УЕФА би можел да се промени од следната сезона.

Според „Телеграф“, се разгледува опцијата четири екипи да учествуваат на турнирот наместо две како досега. Во овој случај, Суперкупот би се состоел од полуфинална и финална фаза.

Сепак, засега нема информации за принципот по кој ќе бидат избрани другите два учесници на турнирот.

Натпреварите од Суперкупот на УЕФА се одржуваат од 1972 година. За трофејот играат победниците на Лигата на шампионите и Лигата на Европа од претходната сезона.

Синоќа ПСЖ го победи Тотенхем (2-2, 4-3 на пенали) и го освои Суперкупот 2025.


Астон Вила сака да го откупи Марко Асенсио

Астон Вила подготвува формална понуда до Пари Сен Жермен за Марко Асенсио откако ги договори личните услови со 29-годишниот Шпанец, објави „Скај Спортс“. Се очекува англискиот клуб да понуди 20 милиони евра, вклучувајќи бонуси за играчот.

Асенсио се согласи на тригодишен договор со клубот од Бирмингем, каде што веќе играше како позајмен минатата сезона.

Ограничувањата за финансиски фер-плеј ја ограничија трансферната активност на Астон Вила претходно во текот на летото, но продажбата на Џејкоб Ремзи во Њукасл за 40 милиони евра ослободи средства за користење.

Менаџерот Унаи Емери долго време е обожавател на Асенсио, кој првично се приклучи на клубот како позајмен во јануари. Шпанецот постигна осум гола на 21 натпревар за клубот во сите натпреварувања.

Се верува дека Пари Сен Жермен би прифатил пониска трансферна цена за Марко Асенсио, кој има уште една година од договорот со францускиот клуб.


Германскиот фудбалски сојуз го зголеми наградниот фонд за Купот

Германската фудбалска федерација (ДФБ) го зголеми наградниот фонд за Купот на Германија на 75 милиони евра, што е зголемување од 800.000 евра во однос на минатата сезона, објавија медиумите во Германија.

Сите 64 екипи што учествуваат во првото коло ќе добијат по 211.886 евра, при што победникот ќе добие 4,32 милиони евра, додека второпласираниот ќе добие 2,88 милиони евра.

Овогодинешниот турнир на Купот на Германија започнува во петок, а финалето е закажано за 23 мај во Берлин.


Луис Енрике е тренер на годината според ЕСПН

Американскиот спортски портал ЕСПН ги избра најдобрите тренери во Европа. Во изборот влегоа само тренерите кои се на чело на клуб најмалку една година. Оние кои водат национални тимови и оние кои се невработени повеќе од една сезона беа исклучени од изборот.

Најдобар тренер според ЕСПН е предводникот на ПСЖ, Луис Енрике. Арне Слот (Ливерпул) и Пеп Гвардиола (Манчестер сити) се најдоа меѓу првите 3.

Во Топ 10 влегоа и: Пеп Гвардиола (Манчестер сити), Чаби Алонсо (Реал Мадрид), Ханс-Дитер Флик (Барселона), Микел Артета (Арсенал), Антонио Конте (Наполи), Симоне Инзаги (Ал-Хилал) и Џан-Пјеро Гасперини (Рома).

Алонсо во изборот влезе поради резултатите постигнати со Баер Леверкузен, Гасперини со Аталанта, додека Инзаги поради оствареното со неговиот поранешен клуб Интер.


Леман го напушти Јуве и потпиша за Комо

Најпопуларната фудбалерка во светот, Алиша Леман, го напушти Јувентус по само една сезона со гигантот од Торино.

Леман се збогува со „старата дама“ со емотивен пост на Инстаграм, каде што ја следат 16 милиони луѓе.

„Поздрави бјанконери, како сте? Сакам да ви се заблагодарам за оваа фантастична година, особено на моите соиграчи и неверојатните навивачи. Напорната работа што ја вложивме минатата сезона и титулите што ги освоивме. Тим што никогаш нема да го заборавам. Не само што имав соиграчи, туку бевме семејство и создадовме доживотни пријателства. Напуштањето на толку неверојатен клуб и луѓе блиски до мене беше многу тешка одлука. Овој клуб, овој тим и овие навивачи секогаш ќе имаат посебно место во моето срце“, сподели Леман.

Кратко по таа порака, се појави пост на официјалната веб-страница на Комо, уште еден италијански клуб што ја претстави Леман како негово најново засилување.


Ливерпул го договори Марк Гуехи од Кристал Палас

Англиските медиуми тврдат дека Ливерпул веќе има договор со Марк Гуехи, 25-годишниот дефанзивец на Кристал Палас кој уште од минатата сезона е најбаран стопер во Премиер лигата.

Лондонскиот клуб потврди дека е подготвен да се раздели со Гуехи, најмногу поради тоа што неговиот договор истекува следното лето, а тоа му дава можност на Ливерпул да го реализира овој трансфер по попристојна цена.

Најавите се дека Ливерпул веќе има договор со фудбалерот, па останува уште само да ги прецизира деталите со Палас, по што ќе го промовира новиот член на првиот тим.

Сумата од околу 35 милиони евра би била оптимална за двете страни, а Ливерпул ќе добие квалитетен дефанзивец во периодот кога не е јасно дали Ибрахим Конате ќе го продолжи договорот или ќе замине како слободен агент наредното лето.


Убедлив пораз на Шкендија во Азербејџан, следи двомеч со Лудогорец

Фудбалерите на Шкендија претрпеа убедлив пораз со 5-1 на гостувањето кај Карабах и со вкупни 6-1 се елиминирани од првакот на Азербејџан. Ова беше реванш натпревар од третото квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Македонскиот првак поведе во 10.минута со голот на Фабрис Тамба, но домашните брзо дојдоа во водство. Прво Клисман Цаке постигна автогол во 16. минута за 1-1, а Кади две минути подцна погоди за водство од 2-1. Карабах ја зголеми предноста откако повторно за три минути постигна два гола. На 3-1 зголеми Нармин Акундзаде во 33.минута, а Марко Јанковиќ беше сигурен од пенал во 35.минута за 4-1. Конечните 5-1 ги постави Леандро Андраде во 59.минута.

По елиминацијата од Лигата на шампионите Шкендија ќе игра во баражот за Лига Европа со поразениот од натпреварот Ференцварош – Лудогорец.


Сити се вклучи во трката по Донарума

Манчестер Сити ќе се обиде да го доведе италијанскиот голман од ПСЖ, Џанлуиџи Донарума, во случај на заминување на главниот голман на „граѓаните“ Едерсон, објави „РМЦ Спорт“. Претходно беше објавено дека Едерсон би можел да се пресели во Галатасарај.

Според изворот, Манчестер Сити веќе започнал разговори со преставници на Италијанецот, кој е многу ценет и од Пеп Гвардиола.

Договорот помеѓу Донарума и Манчестер Сити нема да биде проблем, бидејќи играчот е многу интересен за клубот.

Да потсетиме дека договорот на Донарума со ПСЖ истекува во летото 2026 година. Според изворот, нема договор меѓу играчот и клубот за продолжување на соработката.

На 9 август, ПСЖ го објави трансферот на голманот Лук Шевалие од Лил. Се забележува дека Донарума мора да го напушти клубот пред 31 август, во спротивно ќе остане без тренинг за сезоната 2025/2026, за што главниот тренер на парижаните Луис Енрике веќе го предупреди.


Столе Димитриевски има три понуди да замине од Валенсија

Италијанскиот новинар Матео Морето објави дека македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски има три опции за да ја продолжи својата фудбалска кариера. Откако во Валенсија очигледно нема да биде прв избор за чувар на мрежата, Столе сега е на потег да избере нова средина.

Морето пишува дека Лил, Фенербахче и италијанска Џенова се заинтересирани за услугите на нашиот репрезентативец. Најголем интерес очигледно има од Фенербахче предводен од Мурињо, но отворени се и преостанатите две опции.


Македонија и Саудиска Арабија договорија тест во Прага

Македонската репрезентација ќе одигра контролен натпревар против Саудиска Арабија на 4 септември во рамки на официјалниот ФИФА термин. Дуелот ќе се одигра на стадионот „Викторија“ во Прага, Чешка, со почеток во 17:00 часот.

Ова ќе биде трет меѓусебен натпревар помеѓу двете репрезентации. Првиот се одигра на 1. август 2001 година во Ријад и заврши без победник (1:1). Вториот меч беше на 22. октомври 2022 година во Абу Даби, кога Саудиска Арабија славеше со 1:0. За Македонија на натпреварот настапија фудбалери од домашниот шампионат.

Контролниот меч во Прага ќе биде важен тест за нашите најдобри фудбалери и можност за селекторот Благоја Милевски да ја провери формата и тактичките замисли пред продолжението на квалификациите за Светското првенство 2026. Само три дена подоцна, на 7 септември, Македонија ќе го пречека Лихтенштајн на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.