фудбал

Бобан Николов пред враќањето во Вардар

Вардар ќе добие уште еден повратник после Дарко Велковски. Станува збор за Бобан Николов, кој што од среда се приклучува на клубот. Поранешниот репрезентативец беше дел од „црвено-црните“ во периодот од 2015 до 2018 година, а потоа играше во Фехервар, Лече, Шериф, ФЦСБ, Кишварда, Борац Бања Лука.

Тој веќе утре ќе треба да земе раскин на договорот со Фарул Костанца и ќе се приклучи на „црвено-црните“ кога ќе се вратат од подготовките од Анталија. Оваа вест е потврдена и од раководството на „црвено-црните“.

Николов има и репрезентативно искуство со 48 натпревари зад себе, а со Шериф играше и во групната фаза во Лигата на шампионите, а со Вардар избори место во Лига Европа. Николов ќе треба да донесе дополнително искуство во средниот ред на Вардар.

Во Вардар доаѓа и 29 годишниот аргентинскиот интернационалец Хоакин Торес. Станува збор за играч кој настапува на крилната позиција, и доаѓа од бразилската екипа Амазонас.

Претходно бил дел од Филаделфија Унион, Њуелс Олд Бојс, Волос, Монтреал и Универсидад Католика. Тој беше најавен како можно засилување на „црвено-црните“, но ја одби првата понуда, но Вардар беше упорен и успеа да го ангажира.


Ривер Плејт договори сензационална позајмица на Кендри Паез од Челси

Играчот на Челси, Кендри Паез и логото на Ривер Плејт

Во трансфер кој го разбранува јужноамериканскиот пазар, аргентинскиот гигант Ривер Плејт постигна целосен договор со Челси за ангажман на еквадорското „чудо од дете“, Кендри Паез. Договорот беше финализиран доцна синоќа откако лондонскиот клуб ја прифати понудата за едногодишна позајмица, проценувајќи дека преселбата на Монументал е вистинскиот чекор за развојот на овој суперталент.

Паез веќе доби дозвола за лет кон Буенос Аирес, каде во следните 48 часа ќе ги изврши лекарските прегледи пред официјално да го потпише договорот. 18-годишниот плејмејкер, кој важи за еден од најголемите јужноамерикански таленти, веднаш ќе му се стави на располагање на Марсело Галјардо за претстојните предизвици во домашното првенство и Копа Либертадорес.

Патот до Аргентина се отвори откако Челси реши предвреме да ја прекине соработката со францускиот Стразбур. Иако Еквадорецот покажа блесоци во Лига 1, управата на „Сините“ процени дека е неопходна промена на средината за да му се овозможи максимална минутажа.

За Челси, овој потег се смета за „идеалн решение“ за иднината на Паез. По разгледување на неколку европски понуди, клубот од Лондон го избра проектот на Ривер Плејт поради нивната реномирана историја во создавањето елитни играчи и тактичките барања на Галјардо.

Со враќањето во Јужна Америка, Паез ќе стекне драгоцено искуство играјќи во Копа Либертадорес, турнир познат по огромниот интензитет и техничка тежина. Челси верува дека една година како лидер на средниот ред на „Милионерите“ ќе му ја даде потребната физичка и ментална зрелост пред неговата конечна интеграција во првиот тим на Стемфорд Бриџ.


Дијаби на чекор до Сан Сиро: Се чека само дозвола од Ал Итихад

Играчот на Ал-Итихад, Муса Дијаби и логото на Интер

Во потег што го изненади европскиот пазар, Интер официјално ги отвори преговорите со саудискиот Ал Итихад за враќање на Муса Дијаби на „стариот континент“. Францускиот интернационалец, кој пред само 18 месеци ја замени Астон Вила со Џеда, сега е во центарот на трансфер-драмата додека зимскиот преоден рок влегува во својата финална, френетична фаза.

Спортскиот сектор на Интер му претстави конкретна понуда на саудискиот гигант: Шестмесечна позајмица со цел да се засили нападот за завршницата во битката за Скудетото. Клучниот дел од разговорите е вклучувањето на клаузула за откуп на договорот вредна 35 милиони евра.

Иако Ал Итихад во 2024 година издвои речиси 60 милиони евра за неговите услуги, миланскиот гигант игра на картата на желбата на фудбалерот за камбек во елитниот европски фудбал. За Интер, ова е стратегија со низок ризик и огромен потенцијал, добиваат експлозивно крило во тимот без веднаш да го оптоварат буџетот.

И покрај астрономската плата на Блискиот Исток, срцето на Дијаби е веќе во Милано. Извори блиски до преговорите потврдуваат дека 26-годишниот фудбалер веќе дал зелено светло за трансферот, пренесувајќи му ја својата одлука на раководството на Интер.

Французинот е желен да се докаже под светлата на Сан Сиро. Тој верува дека тактичкиот систем на Чиву е совршена средина за да ги врати своите репрезентативни амбиции со „Триколорите“.

Сепак, конечната реализација зависи исклучиво од челниците на Ал Итихад. Саудискиот клуб не сака да ја санкционира разделбата со својата ѕвезда без претходно да обезбеди соодветна алтернатива.

Раководството од Џеда веќе е на пазарот во потрага по нов звучен профил во нападот. Сè додека не се пронајде наследникот, Дијаби останува на чекање. Како што истекува времето, судбината на овој трансфер зависи од брзината на Саудијците да го пополнат празниот простор во својот ростер.


Белингем доби понуда од која боли глава, на Реал е да одлучи

Реал Мадрид се соочува со неочекуван сценарио околу една од своите најголеми ѕвезди. Џуд Белингем, доведен како стратешко засилување и клучен играч на проектот, оваа сезона не игра добро, едноставно не може да се вклопи во тимот.

Клубот е свесен дека англискиот играч за врска не поминува низ најдобриот период и, иако официјално не е на продажба, сериозна понуда би можела да го натера Флорентино Перез да се премисли, пишуваат шпанските медиуми.

Во последните недели, клубот добил понуди од Премиер лигата кои надминуваат 100 милиони евра.

Водечките англиски клубови веруваат дека британскиот репрезентативец е сè уште пазарна можност и се подготвени да инвестираат многу пари во летниот преоден рок.

Таа сума би му овозможила на Реал Мадрид да ја врати инвестицијата и да ослободи простор за реконструкција на средниот ред. Во моментов, ставот на раководството е цврст: Белингем не е на продажба, но целокупната ситуација во клубот внимателно ја следат.

Во клубот постои загриженост бидејќи фудбалерот не се чувствува целосно удобно во својата моментална улога. Неговите напаѓачки перформанси се намалени, барањата во одбраната се поголеми, а статусот во тимот се промени со доаѓањето на нови ѕвезди. Сето ова предизвикува одредена фрустрација кај него.

Реал Мадрид го поддржува, но ако не се подобри до крајот на сезоната, ниту една опција нема да биде исклучена. Клубот го цени неговиот талент, возраст и комерцијално влијание, но дава приоритет на рамнотежата во соблекувалната и спортската конзистентност на проектот.

Прифаќањето на продажба за повеќе од 100 милиони евра би му овозможило на Мадрид да зајакне неколку клучни позиции или да бара профил на играч кој подобро се вклопува во моменталниот систем.

Белигем постигна шест гола и забележа четири асистенции во 27 натпревари оваа сезона.


Норвежанецот Странд Ларсен потпиша за Кристал Палас

Јорген Странд Ларсен е нов член на Кристал Палас.

Норвежанецот му се приклучи на клубот од јужен Лондон од Вулверхемптон, кој е на дното на табелата во елитниот ранг на англискиот фудбал.

Според медиумите на Островот, вредноста на трансферот е 52 милиони евра плус шест милиони што може да ги заработи преку бонуси. Ова е втор најголем трансфер во овој преоден рок, по оној на Антоан Семењо. Репрезентативецот на Гана за 72 милиони евра од Борнмут замина во Манчестер Сити.

Ларсен одигра 63 натпревари за Вулверхемптон и постигна 20 гола. Оваа сезона, тој ја погоди противничката мрежа шест пати во 25 натпревари.


Арсенал е прв фаворит за освојување на Лигата на шампионите

Суперкомпјутерот Опта ги ажурираше своите предвидувања за конечниот пласман во Лигата на шампионите оваа сезона.

Арсенал се смета за главен фаворит за освојување на турнирот со 28,3% шанси за освојување на титулата.

Баерн Минхен е втор, со речиси двојно помали шанси (15,9%), а Манчестер Сити ги заокружува првите три (10%).

Актуелниот победник на Лигата на шампионите, ПСЖ, е на 7-мо место на ранг-листата на веројатност од само 6,1% за да ја одбрани титулата.

Во ТОП 5 се најдоа и Барселона (8,8%) и Ливерпул (7.4%).


Владо Милев има нов клуб, ветеранот ќе игра во Унгарија

Потпретседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Владо Милев неодамна целосно се повлече од одбојкарскиот клуб Струмица кој го предводеше.

По разделбата со ОК Струмица на полусезоната, како играч и претседател, Милев најде старо нов ангажман во Унгарија.

Во следната полусезона ќе биде играч на унгарска Казинбарчика, клуб во кој настапуваше во периодот од 2017 до 2019, и освои две шампионски титули и еден куп-пехар.


Арбелоа ја презеде вината: Јас сум одговорен за поразот во Лисабон

Тренерот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, по поразот од Бенфика во Лигата на шампионите, потенциреше дека е незадоволен од она што се случи на вчерашниот меч во Лисабон. Како и при елиминацијата во Купот на Шпанија од Албасете, така и сега, Арбелоа ја презеде одговорноста за поразот од Бенфика.

„Јас сум одговорен за поразот, исто како и во натпреварот против Албасете. Го кажав тоа и претходно и ќе го кажам повторно: се чувствувам целосно одговорен кога работите тргнуваат наопаку и не ги постигнуваме нашите цели. Но, сè уште не сме исфрлени од Лигата на шампионите. Ни остануваат уште два натпревари и сме решени да се пласираме во следната рунда“, рече Арбелоа.


„Граѓаните“ го продаваат Боб, но ја задржуваат контролата: Детали од договорот со Фулам

Играчот на Манчестер Сити, Оскар Боб, и логото на Фулам

Фулам успешно ги финализираше преговорите со Манчестер Сити за ангажман на норвешкиот репрезентативец Оскар Боб. По првичните најави минатата недела, зделката вредна 27 милиони фунти сега е официјализирана. Боб, кој важи за еден од најталентираните крилни напаѓачи во Премиер Лигата, се очекува да биде клучен столб во офанзивата на Марко Силва, носејќи дополнителна креативност во тимот од Западен Лондон.

Оваа инвестиција е јасен сигнал за амбициите на Фулам, кој успеа да победи неколку бундеслигашки и премиерлигашки клубови во трката за потписот на 22-годишниот фудбалер. Од друга страна, Манчестер Сити продолжува со стратегијата за профитирање од своите млади таленти кои тешко стигнуваат до првата постава покрај славните имиња. За Боб, ова е клучен чекор во кариерата, особено во пресрет на Светското Првенство ова лето, каде се надева на значајна минутажа.

Иако Фулам го доби посакуваното засилување, „Граѓаните“ се осигураа дека нема целосно да ја изгубат контролата над иднината на Боб. Договорот вклучува 20% од сумата на следниот трансфер, но и специфично право на првенство. Овој механизам му овозможува на Сити да ја изедначи секоја идна понуда од друг клуб за Норвежанецот и да го врати назад во Манчестер, под услов самиот играч да се согласи на тоа.


Аслани на пат кон Босфорот: Интер го испраќа Албанецот на позајмица со право на откуп

Играчот на Интер, Кристијан Аслани, и логото на Бешикташ

Турскиот гигант Бешикташ е на чекор до ангажман на значајно засилување во средниот ред. Клубот постигна вербален договор со Интер за позајмица на албанскиот репрезентативец Кристијан Аслани. Овој потег означува пресвртница во кариерата на 23-годишниот фудбалер, кој по неколку фрустрирачки месеци во Италија, сега се сели на Босфорот.

Иако Аслани ја започна сезоната како позајмен играч во Торино, таа соработка ќе биде предвреме прекината. И покрај тоа што забележа 15 настапи за „Биковите“, тактичките замисли на тренерот Марко Барони не се совпаднаа со карактеристиките на играчот. Бидејќи Интер нема намера да го врати во својот прв тим во овој момент, „Нероазурите“ дадоа зелено светло за негова преселба во турската Суперлига.

Договорот е конципиран како позајмица до крајот на тековната сезона, но со клучна содржина, клаузула за негов целосен откуп. Оваа опција му овозможува на Бешикташ да го процени квалитетот на Аслани пред да донесе конечна одлука за негов траен ангажман. Претходните проценки на пазарот за неговата вредност се движеа меѓу 12 и 15 милиони евра.

За Интер, ова е можност конечно да најде соодветна средина за фудбалерот кој пристигна од Емполи во 2022 година со големи очекувања, додека за Бешикташ ова е јасен сигнал за шампионските амбиции, носејќи играч со сериозно искуство од Серија А и 38 настапи за националниот тим на Албанија.

Самиот фудбалер веќе ги прифати понудените услови, изразувајќи желба за нов почеток надвор од италијанскиот шампионат. Преговорите напредуваа со голема брзина во изминатите 24 часа, преминувајќи од првичен интерес до конечен „вербален договор“ од сите вклучени страни.

Доколку преостанатите формалности и документацијата бидат завршени според предвиденото, Аслани уште во текот на денешниот ден ќе отпатува за Истанбул. Таму го очекуваат задолжителните медицински прегледи, по што ќе следи и официјална промоција на новиот „мотор“ во средниот ред на „Црно-белите“.