фудбал

416 уапсени во хаосот во Париз по победата на ПСЖ во Будимпешта

Инцидентите на прославата на титулата, на ПСЖ, во Париз, продолжија и во текот на ноќта. Низ Франција се уапсени 400 лица.

Илјадници полицајци се распоредени за да ги спречат немирите што го нарушија сообраќајот во Париз.

Беа запалени факели и огномет, додека неколку полицајци беа повредени во пресметките со хулиганите.

Полицијата испука солзавец за да ги растера луѓето во центарот на градот.

Ова е втора победа по ред за ПСЖ во Лигата на шампионите, но и втора победа на насилство поттикнато од фудбалот, бидејќи немири беа видени и минатата година.

Снимките од Париз покажуваат палење факели, запалени електрични велосипеди и толпи што кршат излози.

Шанзелизе беа преплавени од навивачи кратко откако „Светците“ славеа по пенал серијата над Арсенал.

Порано во текот на денот, имаше и судири меѓу полицијата и навивачите пред „Паркот на принцовите“.

Полицијата објави дека за време на немирите биле оштетени шест возила, две деловни згради и автобуска станица.

Министерството за внатрешни работи на Франција, објави дека 416 лица се уапсени во раните утрински часови.

Министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез изјави дека седум полицајци се повредени и ги нарече немирите „апсолутно неприфатливи“.

Лидерката на крајната десница, Марин Ле Пен напиша „дека само во Франција победата на фудбалски клуб предизвикува немири“.

Фудбалерите треба да учествуваат на парадата на победата во недела попладне, од Марсовото поле покрај Ајфеловата кула, а закажан е и прием со претседателот Емануел Макрон.


Рафаел Леао најави заминување од Милан

Ѕвездата на Милан, Рафаел Леао, јавно кажа дека сака да замине од Сан Сиро и да почне ново поглавје во својата кариера.

Во Милан почнаа да се случуваат големи промени, но за почеток тоа беа во стручниот штаб и раководните структури. Сепак, јасно е дека ќе има значителни измени и во играчкиот кадар.

Еден од оние кои ќе заминат веројатно ќе биде и Рафел Леао кој јавно кажа дека сака да си оди.

„Горд сум на историјата која ја направив во Милан, но сакам ново поглавје. Се чувствувам подготвено да играме во друга лига. Го дадов најдоброто од мене за Милан, но време е за промени“.


Де Брујне задоволен што Конте замина од Наполи

Белгиецот Кевин де Брујне изјави дека е добро за него што Антонио Конте повеќе не е тренер на Наполи.

Де Брујне не ги оправда очекувањата во својата прва сезона во клубот во подножјето на Везув. Поради повредата на коленото, отсуствуваше три месеци, одигра само 21 натпревар во сите натпреварувања, постигна пет гола и имаше четири асистенции.

Тој верува дека тренерот Конте е одговорен што не покжал повеќе повеќе.

„Дали сум среќен што си заминува? Да, ако мене ме прашувате, не требаше да остане. Оваа година сфатив колку ми е важен типот на фудбал што го игра тимот. Исто така, мора да биде забавно, а тоа малку ми недостигаше. Минатата година беа дадени одредени ветувања во однос на стилот на игра, но тие не беа исполнети, а тоа е вистинска штета“, изјави Де Брујне за медиумите во Белгија.

Не е сигурно дали, по оваа сезона на индивидуално ниво, ќе остане во Наполи.

„Сè уште имам уште една година од договорот, но прво сакам да разговарам со клупските челници. Многу ќе зависи од тоа каква стратегија планираат за следната сезона.“

Потоа објасни кога имало недоразбирање во комуникацијата со Конте.

„На почетокот, па дури и кога се вратив од повреда, бев на добро ниво. Очигледно, ми беше тешко бидејќи тренерот има многу поинаква визија за фудбалот од мене. Цела сезона не играв на мојата позиција. Игравме многу дефанзивно, со многу низок блок. На пример, нашиот најдобар стрелец постигна само 10 гола, бројките зборуваат сами за себе…“.


Енрике: Да се освои ЛШ две години по ред е голема работа

Тренерот на Пари Сен Жермен Луис Енрике, не го криеше воодушевувањето по новата европска круна, откако неговиот тим по изведувањето пенали го совлада Арсенал во финалето на ЛШ и ја одбрани титулата освоена минатата сезона.

„Чувствувам огромна возбуда и многу емоции. Да се освои Лигата на шампионите две години по ред е навистина големо достигнување за нашите навивачи. Имавме одлична сезона, победивме на многу важни натпревари и го направивме потребното во финалето, иако беше исклучително тешко против еден навистина квалитетен тим. Арсенал одигра одлично, но ние успеавме“, изјави Енрике веднаш по мечот.

Шпанскиот стратег посебно го нагласи карактерот што го покажале неговите играчи во текот на натпреварот.

„Покажавме страст на теренот, а тоа е најважното. Се обидовме да го водиме натпреварот на начин што нам ни одговара, да ја контролираме играта. И тие се обидоа да го направат истото. На крајот ние успеавме да победиме и повторно сме шампиони на Европа“, порача пресреќниот Луис Енрике.


Витиња е најдобриот фудбалер на финалето од ЛШ

Португалскиот репрезентативец Витиња е прогласен за најдобар играч на финалето од ЛШ, во кое ПСЖ по изведувањето пенали го совлада Арсенал и ја одбрани европската титула.

Играчот од средниот ред беше вистински лидер на теренот и ја контролираше играта на својот тим во текот на речиси целиот натпревар.

Витиња одигра 106 минути пред да биде заменет од Лукас Бералдо.

Особено импресивна беше неговата статистика во организацијата на играта.

Португалецот реализираше дури 141 успешно додавање од вкупно 150 обиди, што претставува извонредна успешност и уште една потврда за неговата доминација во средниот ред.


Слот доби отказ, Ираола пред промоција во Ливерпул

Поранешниот менаџер на Ливерпул, Арне Слот, им се обрати на навивачите по неговото отпуштање од клубот.

„Беше неверојатно патување со Ливерпул. Многу сум благодарен што успеавме да ја освоиме лигата минатата сезона“, го цитираше новинарот Фабрицио Романо, на неговата страница на социјалните мрежи X.

Новинарот Фабрицио Романо објави на својата страница на социјалните мрежи X дека шпанскиот тренер Андони Ираола ќе стане нов главен тренер на Ливерпул по отпуштањето на Арне Слот.

Според изворот, преговорите меѓу двете страни ќе се одвиваат брзо со цел да се завршат сите формални фази, но во Ливерпул одлучиле Ираола да го предводи тимот.

Последниот клуб на 43-годишниот менаџер беше Борнмут, кој го напушти на крајот од тековната сезона. Под водство на Ираола, оваа екипа беше пријатно изненадување, освоија 57 бода и завршија на шестото место. Шпанецот беше на чело на Борнмут од летото 2023 година.


Сан Антонио ја елиминира Оклахома и ќе игра за НБА шампионскиот прстен

Eкипата на Сан Антонио Спарс продолжува да ја пишува најубавата приказна во овогодинешниот плеј-оф.

Тимот од Тексас со победа од 111-103 на гостувањето кај Оклахома ја доби серијата и обезбеди пласман во големото НБА финале. Спарс успеаја да го елиминираат актуелниот шампион и да стигнат до своето прво финале по 2014 година, кога ја освоија последната титула. Сега ќе имаат можност да се борат за шестиот шампионски прстен во клупската историја.

Предводник на тимот беше Виктор Вембањама, кој како МВП на финалето на Западната конференција постигна 22 поени.

Голем придонес даде и Џулијан Шампан, кој погоди шест тројки и беше вистински кошмар за одбраната на Оклахома.

Во големото финале, Сан Антонио Спарс ќе се соочи соЊујорк Нилс. Финалната серија започнува во среда во Тексас. Со ова ќе продолжи и необичната традиција во НБА – осма сезона по ред лигата ќе добие различен шампион.


ПСЖ по пенали ја одбрани европската титула

ПСЖ ја освои титулата во Лигата на шампионите и повторно е шамион на Европа. Францускиот гигант дојде до титулата во Лигата на шампионите по драматично финале против Арсенал, кое беше решено дури по изведувањето пенали. По 120 минути игра резултатот беше 1-1, а во пенал-рулетот парижаните славеа со 4-3 и вторпат во својата историја, втора година по ред, ја освоија титулата.

Финалето донесе вистинско тактичко надмудрување меѓу двајцата шпански стратези, Луис Енрике и Микел Артета. Арсенал подобро го отвори натпреварот и поведе во 6. минута. По одбиената топка од Тросард, Кај Хаверц се најде сам пред голманот Сафонов и со силен удар под пречката му донесе водство на својот тим од 1-0. ПСЖ ја презеде иницијативата и имаше голем посед на топката, но Арсенал одлично се бранеше и не им дозволуваше на Дембеле, Кварацхелија и Дуe да создадат сериозни шанси.

Во второто полувреме ПСЖ продолжи да притиска и конечно стигна до израмнување во 65. минута. Кварацхелија доби топка во противничкиот шеснаесетник, а над него беше направен прекршок за пенал, а Усман Дембеле го реализираше за 1-1. До крајот на регуларниот дел двете екипи имаа свои шанси. Кварацхелија ја погоди стативата за ПСЖ, додека Арсенал не успеа да ја искористи својата иницијатива во завршницата. Продолженијата не донесоа многу возбудувања. Двете екипи играа претпазливо и очигледно не сакаа да ризикуваат, па победникот мораше да биде решен по изведувањето пенали.

Во пенал-серијата ПСЖ беше поуспешен. Езе прв промаши за Арсенал, потоа Раја му одбрани удар на Нуно Мендеш и ги врати надежите на Арсенал. Сепак, во последната серија Берналдо погоди за ПСЖ,а Габриел шутираше над голот. Така, со победа од 4-3 на пенали, ПСЖ ја освои титулата европски шампион втор пат по ред.


Ал Наср го потврди заминувањето на Жорж Жезус

Саудискиот фудбалски прволигаш Ал Наср ја објави денеска разделбата со својот тренер Жорж Жезус, кој најави дека ќе ја напушти клупата откако оваа сезона на клубот му ја донесе шампионската титула во домашното првенство.

„Каква авантура. Каков шеф. Ви благодариме, господине“, објави Ал Наср.

Седумдесетиедногодишниот португалски стратег дојде во Ал Наср во јули лани кога потпиша едногодишен договор. Под водство на Жезус, новиот саудиски шампион победи на 40 од 49 натпревари, двапати одигра нерешено, а претрпе седум порази.

Претходно, Жесус беше тренер на Ал-Хилал, Фенербахче, Бенфика, Фламенго, Спортинг, Брага, Белененсеш, Леирија, Мореиренсе, Виторија Гимараеш, Естрелја и Виторија Сетубал.


Седлоски: Ремито со БиХ беше реален исход!

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Гоце Седлоски им даде шанса на сите фудбалери да настапат, а по натпреварот, ги сумира впечатоците од одиграното и она кое го виде во Сараево.

„Првото полувреме имавме шанса да поведеме, а покажавме и иницијатива. Не искористивме две ситуации од кои можеше да се направи натпреварот поинаков. Кога ќе согледаме, ова е нова репрезентација со доста трчање и помагање еден на друг. Игравме со силна репрезентација која ќе игра на Светско првенство. Кога ќе се согледа се, мислам дека ремито беше реален исход. Шансите ќе дојдат, против големи репрезентации не се користат една-две шанси. Задоволен сум од играчите кои дебитираа, како и од останатите. Тие што не играа, ќе добијат шанса во следниот натпревар. Сакам да им честитам на моите играчи за залагањето и трчањето, сите играа како еден.

Знаеме дека ова се тест натпревари, ние се подготвуваме за Лигата на нациите. Момците заслужуваат да се тука, мислам дека со комплетирањето кога ќе се вратат повредените ова ќе биде респектабилна репрезентација.

Алиоски се врати од повреда, ги играше последните 3-4 натпревари во клубот од клупата. Сигурно дека ќе ни биде од голема корист“, изјави Седлоски.