фудбал

Тухел ги врати Фоден и Белингем во англиската репрезентација

Англискиот селектор Томас Тухел го објави денеска списокот фудбалери за претстојните квалификациски натпревари за Светското првенство 2026.

Во англиската репрезентација се враќа фудбалерот на Реал Мадрид, Џуд Белингем и Фил Фоден од Манчестер Сити, додека играчот од средниот ред на Борнмут, Алекс Скот, доби дебитантски повика, објави попладнево Фудбалската асоцијација (ФА).

Белингем нема настап за Англија од јуни оваа година, додека Фоден последен пат се појави во англискиот дрес во март. Дебитантот Скот (22), беше дел од англиската репрезентација која летото во Словачка го освои Европското првенство за фудбалери до 21 година. Англија, која веќе обезбеди пласман на Мундијалот, ќе игра против Србија на 13 ноември, а три денови во завршниот дуел од квалификациската група К противник ќе ѝ биде Албанија.


Паркер е нов селектор на француската млада селекција

Поранешната НБА ѕвезда, Тони Паркер, е назначен денес за селектор на француската кошаркарска репрезентација до 17 години.
Француската кошаркарска федерација објави дека Паркер ќе ја предводи репрезентацијата до 17 години на Светското првенство, кое ќе се одржи во Турција од 27 јуни до 5 јули 2026 година.

„За својата нова кариера разговарав со мојот татко и на обајцата ни се чинеше логично да се почне со репрезентацијата, односно со помлада возрасна група. Аплицирав за работата како селектор на репрезентацијата до 17 години и на 15 октомври, роденденот на татко ми, се јавија од Француската федерација и ми кажаа дека ја имам работата“, изјави Паркер за дневниот весник „Л’Екип“.

Паркер играше во НБА лигата 18 сезони и освои четири шампионски титули со Сан Антонио. Во 2013 година, со Франција ја освои првата титула на Европското првенство, а кариерата ја заврши во 2019 година.


Де Лаурентис: Стадионот на Наполи е депонија

Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, го нарече домашниот стадион на клубот во Неапол „депонија“, наведувајќи дека на актуелниот италијански шампиони му е потребен модерен стадион за да ги зголеми приходите и да го подобри искуството на навивачите.

Наполи ги игра своите домашни натпревари на стадионот „Диего Армандо Марадона“, именуван по легендарниот аргентински фудбалер кој ги предводеше до две титули во Серија А во 1987 и 1990 година. Стадионот е во сопственост на градскиот совет.

Зборувајќи на настан организиран од Универзитетот „Бокони“ во Милано, Де Лаурентис ги спореди приходите на Наполи од натпреварите во Лигата на шампиони со заработката на клубовите во Милано, наведувајќи дека Милан и Интер би можеле да заработат 14 милиони евра од Лигата на шампионите, додека неговиот тим има многу поограничени изгледи.

„Можеме да добиеме само до три милиони евра од таа депонија на „Марадона“. Тоа е голема разлика, нели?“, рече претседателот на Наполи.

Претходно оваа недела, Милан и Интер го купија стадионот „Сан Сиро“ и околното земјиште од градските власти, што е уште еден чекор кон рушење на стадионот и изградба на нов.

„Би сакал стадион со 70.000 седишта, 120 ВИП ложи и 8.000 паркинг места“, рече Де Лаурентис.


Рубен Аморим е менаџер на месецот во Премиер лигата

Тренерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, е избран за „менаџер на месецот“ во Премиер лигата за октомври.

Португалецот го доби признанието по одличниот серијал на резултати што го вратија Јунајтед меѓу водечките екипи во лигата.

Под водство на Аморим, „црвените ѓаволи“ остварија три последователни победи — против Сандерленд, Ливерпул и Брајтон, притоа покажувајќи офанзивен и дисциплиниран фудбал кој му донесе голема поддршка од навивачите.

-Ова признание е за играчите и за целиот стручен тим. Тие се заслужни за секој резултат. Нашата цел е да останеме фокусирани и да продолжиме во ист стил, изјави Аморим по добивањето на наградата.

Ова е прво вакво признание за 39-годишниот стратег во Англија, а Јунајтед првпат по речиси две години добива свој претставник меѓу добитниците на наградата.


Семејството Ањели не го продава Јувентус

Италијанските акции на фудбалскиот гигант Јувентус не се на продажба, но отворени сме за соработка со други инвеститори, изјави денеска семејниот потомок Џон Елкан, откако крипто групацијата Тетер стекна значителен удел во клубот.

Елкан е извршен директор на Ексор, холдинг компанија на семејството Ањели чии врски со најтрофејниот италијански клуб датираат од 1923 година, кога Едоардо Ањели стана претседател. Ексор е мнозински акционер на клубот. На прашањето дали Ексор размислува да ги продаде акциите на Јувентус, Елкан изјави за Ројтерс дека компанијата нема намера да го стори тоа.

„Остануваме целосно посветени на Јувентус и горди сме што сме негов мнозински акционер повеќе од еден век“, рече Елкан.

Тетер го зголеми својот удел во Јувентус на повеќе од 10 проценти претходно оваа година и сега е втор по големина акционер во клубот од Торино по Ексор, кој поседува околу 65 проценти. Инвеститорите, предводени од Ексор, вложија околу 1 милијарда евра свежи пари во Јувентус во текот на изминатите седум години преку серија зголемувања на капиталот.

Во февруари, извршниот директор на Тетер, Паоло Ардоино, рече „можете да купите само она што некој сака да го продаде“ кога го прашаа дали неговата компанија на крајот ќе го поседува клубот. Ардоино е италијански државјанин и навивач на Јувентус.
Јувентус ја освои својата деветта последователна титула во италијанското првенство во 2020 година, но оттогаш нема титула.


Тата Мартино се враќа во Атланта

Американскиот фудбалски МЛС лигаш Атланта повторно го ангажираше Херардо „Тата“ Мартино како тренер, потпишувајќи договор со аргентинскиот стратег до 2027 година. Мартино се враќа во клубот што го водеше до шампионската титула во МЛС лигата во 2018 година, кога беше прогласен за тренер на годината.

„Овој момент не е враќање во минатото, туку можност да поставиме нов темел и да продолжиме да еволуираме во согласност со барањата кои ги носи редовната борба за врвот во МЛС“, рече сопственикот на клубот Артур М. Бланк.

Мартино пред речиси една година го напушти Интер Мајами од лични причини, по една сезона во клубот. Во текот на својата кариера, Аргентинецот освои 11 трофеи на клупско и репрезентативно ниво во Северна и Јужна Америка, како и во Европа.

Интер Мајами го ангажираше во јули 2023 година, во моментот кога Лионел Меси го имаше своето деби за клубот. Мартино претходно го тренираше Меси во Барселона и во репрезентацијата на Аргентина, а двајцата ја обновија соработката во Мајами.


Кенет Фарид пред потпис со Панатинаикос

Панатинаикос не игра добро на почетокот на сеозната во Евролигата. Зелените се на скор од пет победи и четири порази. Покрај тоа тимот остана без класичен центар, Лесор се уште е на рехабилитација, а во меѓувреме се повредија Хомс и Јурцевен.

Дека не може да игра без класичен центар, Ергин Атаман најдобро виде во средата, кога Панатинаикос доживеа тежок пораз во Белград од Црвена звезда (86-68).

Сопственикот на тимот Димитрис Јанакопулос најде решение за центарската позиција во Тајван, поточно во ликот на НБА ветеранот Кенет Фарид, поранешен соиграч на Никола Јокиќ во Денвер четири сезони.

Фарид помина седум сезони таму, а ги бранеше и боите на Бруклин и Хјустон, додека европско искуство стекна во ЦСКА Москва во 2021 година и во Реџо Емилија минатата сезона.

Популарниот „Менимал“, кој за една недела ќе наполи 36 години, целата своја кариера ја играл на позицијата крилен центар, но Фарид, висок 203 см, ќе може да ги покрива центарските позиции во Европа, единственото прашање е дали ќе може да го стори тоа во елитното континентално натпреварување.

Фарид играше во НБА (478 лигашки натпревари и 18 плејоф натпревари) од 2011 година, кога беше избран како 22-ри пик на драфтот, до 2019 година и неговото прво патување во Кина, а играше и во Мексико и Порторико. Тој беше дел од репрезентацијата на САД која го освои Светското првенство во Шпанија во 2014 година.


Милан во јануари тргнува во Левандовски

Според каталонскиот весник „Спорт“, Милан сака да го ангажира Роберт Левандовски во јануарскиот преоден рок.

Актуелниот договор на Левандовски со Барселона истекува по крајот на оваа сезона. Тој преферира да го испочитува цел, а потоа да замине како слободен играч.

Барселона би била отворена за негова продажба доколку Милан има интересна понуда, Каталонците преферираат да заработат некое евро од неговото заминување.

На Милан му е потребен напаѓач со оглед на тоа што Хименез не им се погоди, па сега се разгледвуаат поинакви алтернативи.


Тотенхем во јануари ќе тргне по Родриго

Иднината на Родриго во Реал Мадрид е неизвесна, се појасно е дека тој нема уште долго време да биде член на шпанскиот гигант.

Таквата негова позиција го прави интересен за други клубови, а информациите од Англија велат дека Тотeннем е загреан за него.

Англискиот клуб е подготвен да го одврзе ќесето за да потпише со Родриго.

Се верува дека и фудбалерот би прифатил предизвик во Премиер лигата.


Ваноли е наследникот на Пиоли во Фиорентина

Поранешниот шеф на стручниот штаб на Торино, Паоло Ваноли (52), пристигна во Фиренца за да ја преземе функцијата тренер на Фиорентина, која е на дното на табелата во Серија А, јавија денеска италијанските медиуми.

Ден претходно, Ваноли спогодбено го раскина договорот со Торино, кој важеше до јуни 2026 година. Ваноли во Фиорентина доаѓа на местото на Стефано Пиоли, кој беше отпуштен во вторникот поради катастрофален почеток на сезоната.

Фиорентина не победи на ниту еден натпревар во првите десет кола во Серија А и е на дното на табелата со четири нерешени резултати и шест порази.

Ваноли треба да потпише договор со клубот од Фиренца до крајот на сезоната, со можност за продолжување на соработката за уште една година, а во клубот од Фиренца се враќа по повеќе од 20 години, кога настапуваше за Фиорентина како фудбалер од 2000 до 2002 година.

Ваноли треба да дебитира на тренерската клупа на Фиорентина в недела на гости против Џенова, која, исто така, оваа недела го смени својот тренер, назначувајќи го Даниеле Де Роси на местото на Патрик Виеира.