фудбал

Младеновски доби повик во репрезентацијата по четири години

Марио Младеновски доби повик од македонската фудбалска А репрезентација за претстојните натпревари од УЕФА Лигата на нации, известува хрватскиот клуб Вараждин.

Избраниците на селекторот Гоце Седлоски во новото издание на Лигата на нации, за прв пат ќе играат во Лигата Б.

На 26 септември нашите фудбалери ќе ја пречекаат Швајцарија, па три дена подоцна за ривал ја имаат Словенија во Љубљана.

На 3 октомври следува дуелот на домашен терен против Шкотска, а на 6 октомври е гостувањето во Луцерн и мечот против Швајцарија.

Младеновски, кој настапува на позицијата централен веќе има два настапи за нашата сениорска селекција, дебитираше во 2019 година во квалификациите за ЕП 2020 против Австрија.


Рафиња добива нов договор во Барса

Рафиња од Барселона наскоро би можел да добие нов договор.

Каталонскиот гигант веќе ги започнал првите разговори со бразилскиот репрезентативец, кој со своите настапи на почетокот од сезоната уште еднаш покажа колку значи за тимот на Ханси Флик.

Спортскиот директор Деко, во договор со германскиот стратег, сака да го награди Рафиња за неговите фантастични партии и да му понуди нови, подобрени услови.

Иако Бразилецот во мај 2025 година го продолжи договорот до јуни 2028 година, Барселона сега планира дополнително да го продолжи престојот на својот капитен.

Новата соработка би траела до 2029 година, со опција таа да биде продолжена уште една сезона, односно до 2030 година.

Рафиња пристигна на „Камп Ноу“ во летото 2022 година од Лидс, во трансфер вреден 58 милиони евра плус бонуси.


Молдавија поуспешна од селекцијата на Македонија до 15 години

Женската репрезентација на Македонија до 15 години со пораз го отвори настапот на УЕФА развојниот турнир што се одржува во Струмица и Турново.

Македонската селекција во првиот настап е совладана од Молдавија со 2:0, а стрелци на головите беа Даниела Доник во осмата и Патриција Лунгу во првата минута од судиското надополнување.

Во вториот натпревар што Турција славеше над Црна Гора исто така со 2:0, а овој меч беше решен веќе во првото полувреме.

Првиот гол за Турција беше дело на Тунчел Белинај во 28. минута, а десет минути подоцна Лина Бухан го постави конечниот резултат.

В недела на програмата се мечевите од второто коло. На стадионот во Турново, Македонија за противник ја има Црна Гора додека на теренот во комплексот Пандев, Турција се среќава со Молдавија.

Почетокот на двата натпревари е закажан за 16:30 часот.


Килијан Мбапе реагираше на мемињата во кои е претставен како „диктатор“

Килијан Мбапе

Килијан Мбапе проговори за бројните мемиња на социјалните мрежи во кои е претставен како диктатор, признавајќи дека дел од нив му се забавни, но дека други одат предалеку поради историските личности со кои е споредуван.

Ѕвездата на Реал Мадрид и француската репрезентација во изминатиот период стана предмет на голем број изменети и AI-генерирани фотографии, на кои е прикажан во воени униформи, на престол или покрај познати авторитарни лидери.

Мемињата во голема мера се надоврзуваат на долгогодишната шега на интернет дека Мбапе има исклучително големо влијание врз клубовите и репрезентацијата за кои настапува.

Во интервју за France Football, од кое делови беа објавени од L’Équipe, Мбапе истакна дека разбира дека дел од содржината е создадена само за забава.

„Има еден дел што е смешен, бидејќи се гледа дека кај некои луѓе станува збор само за безопасна шега“, изјави Мбапе.

Сепак, францускиот капитен смета дека работите стануваат многу посериозни кога шегата преминува во директно споредување со личности од историјата кои се поврзуваат со насилство, репресија и страдање на милиони луѓе.

Мбапе потенцираше дека проблемот за него не е тоа што е предмет на шеги или мемиња, туку историската тежина што ја носат одредени споредби.

„Има и друг дел што е малку помалку смешен, бидејќи знаеме каква штета направиле таквите луѓе низ историјата“, рече тој.

Французинот додаде дека не му е пријатно да биде споредуван со луѓе кои биле одговорни за убиства и за страдањето на милиони луѓе.

„Да бидеш споредуван со убијци или со луѓе кои направиле милиони и милиони луѓе несреќни… Не мислам дека сум направил нешто такво во мојот живот“, изјави Мбапе.

Според него, токму тука престанува обичната интернет шега и почнува нешто многу посериозно.

„Од една страна, знам дека сето тоа е кажано на шега и дека луѓето не мислат да одат толку далеку. Но понекогаш тоа покажува недостаток на политичка и човечка свест“, додаде францускиот напаѓач.

Мбапе направи јасна разлика меѓу поширокиот тренд на социјалните мрежи и шегите на неговиот соиграч од француската репрезентација, Усман Дембеле.

Дембеле во неколку наврати на шега го нарекувал Мбапе „Мобут“, алудирајќи на Мобуту Сесе Секо, долгогодишниот авторитарен лидер на поранешниот Заир, денешна Демократска Република Конго.

Овој прекар подоцна стана дел од интернет-шегите поврзани со наводното големо влијание на Мбапе во француската репрезентација.

Сепак, Мбапе нагласи дека шегите на Дембеле не ги доживува на ист начин.

„Со Усман е поинаку. Тој го презеде тоа од социјалните мрежи. Кај него тоа е само шега“, објасни Мбапе.

Од неговите зборови може да се заклучи дека контекстот и намерата за него имаат големо значење. Тој нема проблем со шегите меѓу соиграчите или со интернет-хуморот на своја сметка, но смета дека постои јасна граница кога споредбите почнуваат да ги банализираат луѓето и настаните поврзани со насилство и човечко страдање.


Хуан Мата означи крај на професионалната кариера

Хуан Мата и официјално стави крај на својата богата играчка кариера. Шпанскиот фудбалер на 38-годишна возраст одлучи да ги закачи копачките на клин, но нема целосно да се повлече од фудбалот.

Мата последната сезона ја помина во Австралија, каде што настапуваше за Мелбурн Виктори и имаше одлична сезона. На 25 натпревари постигна пет гола и забележа дури 13 асистенции, со што беше прогласен за најкорисен фудбалер во А-лигата и го освои престижното признание „Џони Ворен медал“.

Иако постоеше можноста да продолжи да игра во Австралија, тој донесе конечна одлука да стави крај на професионалната кариера. Сепак, неговата врска со Мелбурн Виктори продолжува.

Шпанецот претходно купи удел во клубот, а сега ќе преземе и функција во новоформираниот фудбалски комитет на Мелбурн Виктори, каде што ќе биде претседател.


Барселона постигна договор со младиот Египќанецот Хамза

„Каталонците“ го обновија договор на младиот Хамза Абделкарим, напаѓачот доби поголема плата, но и откупна клаузула десет пати поголема, која во иднина ќе изнесува 150 милиони евра.

Хамза Абделкарим пристигна на „Камп Ноу“ на почетокот од годината, но првите месеци ги помина во академијата.

Откако доби повик од Египет да настапи на Светското првенство, Ханси Флик реши да го повика со првиот тим за новата сезона, а 18 годишниот напаѓач ја искористи својата шанса, блесна на контролните натпревари и беше најдобар стрелец на подготовките за новата сезона.

Па „каталонците“ сега решија да го наградат со нов договор, 18 годишниот Хамза Абделкарим доби поголема плата, но и десет пати поголема откупна клаузула, која во иднина ќе изнесува 150 милиони евра.

Хамза Абделкарим во прв момент се пресели во Барселона на позајмица, за во јуни месец да направи перманентен трансфер вреден околу 1,5 милиони евра, а зделката може да се зголеми за додатни 5 милиони евра преку најразлични бонуси.


Квадрадо потпиша за Милионариос

Хуан Квадрадо ја заврши долгата и во најголем дел успешна европска етапа од кариерата и по 20 години се враќа во својата татковина.

Крилниот напаѓач потпишал за екипата на Милионариос и стана големо засилување за колумбиските тимови во ист ден во кој Хамес Родригез стави потпис на договор со Атлетико Насионал.

Преку социјалните мрежи испрати порака до фановите, заблагодарувајќи им се за поддршката, а посебно го споменувал Јувентус, клубот во кој помина најмногу и најтрофејни сезони.


Ето вмешан во голем скандал, проневерена е голема сума пари

Легендарниот камерунски напаѓач и актуелен претседател на Фудбалскиот сојуз на Камерун, Самуел Ето, се соочува со сериозни обвинувања за ненаменско користење на средства од страна на поранешни функционери на федерацијата.

Според нивните тврдења, Ето наводно присвоил повеќе од половина милион евра од средствата заработени од пријателскиот натпревар меѓу репрезентациите на Русија и Камерун.

Како што се наведува во пријавата, на приватната банкарска сметка на Ето биле уплатени две суми, 455.056 и 112.514 евра.

Станувало збор за пари кои, според поранешните челници, претставувале договорен надомест што требало да му припадне на Фудбалскиот сојуз на Камерун за настапот во Москвa.


УЕФА ќе им подели 2,4 милијарди евра на клубовите во ЛШ

УЕФА ќе распредели речиси 2,4 милијарди евра на клубовите од Лигата на шампионите оваа сезона, при што секој од 36-те учесници во лигашката фаза ќе добие повеќе од 18 милиони евра, со дополнителни бонуси за резултати и пласман. Освојувачот на титулата би можел да заработи 110 милиони евра, тврди АФП.

Клубовите што ќе бидат елиминирани во плејофот ова лето и ќе се префрлат во Лигата на Европа ќе поделат исплата од 4,2 милиони евра. Секундарното клупско натпреварување во Европа е многу помалку профитабилно од Лигата на шампионите, со вкупен награден фонд од само 565 милиони евра.

За клубовите што се натпреваруваат во Лигата на шампионите, УЕФА, исто така, применува скала за плаќање базирана на перформанси – победата вреди 2,1 милиони евра, а нерешениот резултат 700.000 евра.

Дополнителни кумулативни бонуси се исплаќаат врз основа на постигнатиот пласман на турнирот – 11 милиони евра за пласман во осминафиналето, 12,5 милиони евра за четвртфиналето, 15 милиони евра за полуфиналето и 18,5 милиони евра за финалеto, со дополнителни 6,5 милиони евра за победникот.

Покрај овие приходи, УЕФА распределува бонуси поврзани со она што го нарекува „вредносен столб“, во вкупна вредност од 853 милиони евра.

Оваа метрика ја комбинира тежината на пазарот на емитување во матичните земји на клубовите со историски коефициент базиран на европските перформанси на клубот во последните десет години. Вкупно, победникот на Лигата на шампионите може да очекува речиси 110 милиони евра.


Ињаки Вилијамс се пензионираше до репрезентативниот фудбал

Напаѓачот на Атлетик Билбао Ињаки Вилијамс нема повеќе да настапува за Гана. Тој ја соопшти одлуката преку социјалните мрежи, објаснувајќи дека чувствува оти дошол вистинскиот момент да ја затвори оваа глава од кариерата.

Вилијамс за Гана настапуваше од 2022 година, откако претходно имаше еден настап за репрезентацијата на Шпанија во пријателски натпревар. За Гана одигра 28 натпревари и постигна два гола.

Тој настапи на две Светски првенства со Гана, а неговиот последен репрезентативен натпревар беше поразот од Колумбија со 1:0 во осминафиналето на Мундијалот во 2026 година.

„Гана ми даде многу повеќе од фудбал. Ми овозможи да се вратам дома, да се чувствувам уште поблиску до моите корени и да го почувствувам огромниот гордост што го носи претставувањето на мојата земја“, порача Вилијамс.

Фудбалерот на Атлетик Билбао додаде дека Гана засекогаш ќе биде дел од него и дека од далечина ќе продолжи да ја поддржува репрезентацијата.