фудбал

Три премиерлигаши го сакаат Нико Ковач

Елиминацијата на Борусија Дортмунд во Лигата на шампионите донесе многу критики за тренерот Нико Ковач. Но, тоа се реакции од навивачите, додека управата на клубот е подготвена тренерот да остане до крајот на неговиот договор до летото 2027 година.

Сепак има и нови моменти особено што три екипи од Премиер лигата го посакуваат Ковач за новата сезона. Станува збор за Манчестер Јунајтед, Челзи и Тотенхем.

Управата на клубот од Дортмунд знае дека тешко ќе може да го задржи тренерот доколку стигне понуда, особено како што пренесува германски Билд и Ковач е подготвен за предизвикот во Англија и тоа по завршувањето на оваа сезона.

Ковач како тренер има работено Ред Бул Јуниор, потоа помошник во Салцбург, па беше селектор на У21 репрезентацијата на Хрватска, а потоа и на А репрезентацијата на Хрватска. Од 2016 година беше тренер на Франкфурт, а потоа и на Баерн Минхен. Пред да дојде во Борусија Дортмунд (февруари 2025) работеше и во Монако и Волфсбург.


Историја за Ламин Јамал: Најмлад автор на хет-трик во историјата на лигата

Крилниот напаѓач на Барселона, Ламин Јамал, го постигна својот прв хет-трик во кариерата.

18-годишникот постигна три гола против Виљареал во 26-то коло од Ла Лига во победата од 4-1.

Само двајца играчи во историјата на Ла Лига биле помлади кога постигнале три гола на еден натпревар – Помбо на 17 години и 222 дена во 1934 година со Расинг и Ирарагори на 17 години и 337 дена во 1930 година со Атлетик Клуб.

Така, на 18 години и 230 дена, Ламин стана најмладиот играч во историјата на Барса кој постигнал три гола на еден натпревар од Ла Лига. Лионел Меси го стори тоа на 19 години и 259 дена, а Џовани на 19 години и 6 дена.


Сити минимално слави во Лидс и ја продолжува потрагата по Арсенал

Манчестер Сити ја продолжи потерата по лидерот Арсенал, откако го победи Лидс со 1:0 на гостински терен во 28-то коло од Премиер лигата. Сити ја забележа шестата последовна победа во Премиер лигата и шеста последовна во меѓусебните дуели.

Лидс беше поконкретен на почетокот и пропушти две одлични шанси преку Доминик Калверт-Луин и Бренден Аронсон, кој излезе сам пред Донарума но не успеа да го совлада.

Сити, до здив дојде по 30-та минута, а во последните 10 минути од првиот дел, „граѓаните“ извршија силен притисок врз противникот.

Инцијативата м донесе резултат буквално во последните секунди од првото полувреме. Антоан Семењо го искористи центаршутот на Рајан Аит-Нури и го постигна единствениот гол на натпреварот.

Во вториот дел, домаќинот повторно се закани, но реализацијата изостана, додека Сити можеше да го реши натпреварот преку Омар Мармуш и Марк Гуехи, но Карл Дарлоу го спаси својот тим од поубедлив пораз.

Победата го приближи Сити на два бода од Арсенал во трката за титулата во Премиер лигата, додека Лидс останува шест бода над зоната за испаѓање и бара континуитет за да обезбеди опстанок.


Фудбалерките до 17 години со победа ги отворија квалификациите во Струмица

Македонската женска репрезентација до 17 години триумфално го почна настапот на квалификацискиот турнир за пласман на Европското првенство – Б лига што се одржува во Струмица.

Избраничките на Катерина Милеска во првото коло ја совладаа селекцијата на Грузија со 1-0, а стрелец на единствениот погодок беше Елена Наумоска во 70. минута од натпреварот.

Нашите репрезентативки можеа да забележат и поубедлива победа, но не успеаа да реализираат неколку можности за погодок.

Гостинките од Грузија во неколку ситуации се обидоа посериозно да го загрозат нашиот гол, но на крајот не успеаа да ја погодат целта, а македонските репрезентативки сосема заслужено стигнаа до посакуваната победа.

Во вториот дуел од нашата група Северна Ирска славеше во мечот против Луксембург со 4-1.

Следниот натпревар Македонија го игра во вторник на трети март, а противник ни е Луксембург. Мечот ќе се одигра на теренот на Спортскиот центар Пандев со почеток во 13:00 часот, а влезот за сите кои сакаат да го следат е слободен.


Нов пресврт, Милан му нуди нов договор на Модриќ

Италијанскиот клуб Милан сака да ја активира клаузулата за продолжување на договорот на Лука Модриќ на уште една сезона.

Сепак се чека одговор и на самиот играч.

Како што пренесува „Газета дело спорт“ во клубот се надеваат на позитивен одговор, пред Модриќ да ги почне подготовките со Хрватска за претстојното Светско првенство.

Ако успее во тој обид Милан ќе го има Модриќ во својот состав и во сезоната 2026/27.

Потврден одговор очекуваат навивачите, тренерот, но она што е важно за италијанскиот клуб е тоа што и самиот Модриќ е среќен во дресот на Милан.

Покрај продолжување на престојот во Милано за Модриќ има уште две варијанти: да одигра една сезона (последна во кариерата) во Динамо Загреб или да ја заврши кариерата.


Карло Пинсолњо доби нов договор со Јуве

Чуварот на мрежата на голот на Јувентус, Карло Пинсолњо, го продолжи договорот до 2027 година или за уште најмалку 12 месеци.

Тоа значи дека 35-годишникот кој речиси две сезони нема ниту еден настап, ќе остане во Торино.

Пинсолњо е дел од првиот тим на „старата дама“ од 2017 година и има одигра само шест официјални натпревари. Тој во неговата ризница има осум трофеи.


Борбено реми во дуелот на Струга и Вардар

Дерби натпреварот од 20. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) меѓу Струга и Вардар заврши 1-1, резултат кој најмногу ѝ одговара на Шкендија.

Вардар поведе во 13. минута кога Закариќ центрираше од корнер, а Матиќ излета на првата статива и постигна гол за водство од 1-0.

Предноста на Вардар траеше до 80. минута кога Малески го изедначи резултатот на 1-1.

Малку недостасуваше гостите од Скопје да ја вратат предноста, ја погодија стативата.

Сепак ремито се чини дека е реален исход од овој натпревар.

Ова е добар резултат за Струга иако стружани и по четири кола во вториот дел од сезоната немаат победа. За Вардар е прв меч без победа оваа година.

Шкендија ако го победи Пелистер ќе дојде на -4 бода во однос на Вардар.


Интер спремен да слуша понуди за Маркус Турам

Првите луѓе на Интер може да го стават на листата за трансфери, Маркус Турам, откако тимот испадна од Лигата на шампионите.

Според одредени наводи, италијанскиот состав мора да се раздели со неколку играчи за да ги надомести изгубените плати. Минатата сезона тимот од Милано доби 137 милиони евра од УЕФА а во тековнава сезона ќе инкасира околу 66 милиони.

Во меѓувреме се појавија шпекулации дека и дефанзивецот, Дензел Дамфрис, исто така ќе си замине.


Спалети ќе добие нов договор во Јуве

Јувентус планира состанок со Лучијано Спалети следната недела за да започнат формални преговори за продолжување на договорот, објави италијанскиот медиум „Тутоспорт“. Веста доаѓа во клучен момент за „бјанконерите“ додека се подготвуваат за клучното дерби во Серија А против Рома оваа недела.

Тековниот договор на тосканскиот специјалист истекува на крајот од сезоната, но шефовите на торинскиот гигант веќе донеле цврста одлука да му понудат нов договор.

Според „Тутоспорт“, финансиските параметри и платата не се пречка за договор. Спалети е среќен во клубот и сака да продолжи со својата работа.


Ливерпул пријави рекорден број приходи

Ливерпул пријави рекордни приходи од 703 милиони фунти за шампионската сезона во Премиер лигата, што заврши во мај 2025 година, објавува агенцијата „Ројтерс“.

Мерсисајдците ја освоија својата 20-та титула со целосна доминација во првенството и тоа се одрази во финансискиот отчет. Ливерпул, кој е со најголеми приходи меѓу англиските клубови според рангирањето на Deloitte, е во профит од 8 милиони фунти по оданочувањето.

Според информациите од клубот, приходите од телевизиските права се зголемиле за 60 милиони фунти и достигнале до 264 милиони. Финансиските приходи од деновите со натпревари забележале раст од 14 милиони фунти, а во маркетинг секторот скокот е за 15 милиони во споредба со претходната сезона. Административните трошоци на мерсисајдците исто така се зголемиле за 57 милиони фунти.

Рекордниот профит му овозможи на Ливерпул да биде активен на трансфер пазарот, каде што потрошија речиси половина милијарда евра за фудбалери како Александер Исак, Флоријан Вирц, Хуго Екитике и други. Сепак, „Црвените“ не прават добра сезона и во моментов се надвор од местата за Лигата на шампионите.