фудбал

Силекс и Шкендија во борба за Купот на Македонија на арената „Тодор Проески“

Екипите на Силекс и Шкендија утре од 20:00 часот на Националната арена „Тодор Проески“ ќе се соочат во финалето од Купот на Македонија, натпревар кој ќе го даде последниот трофеј сезонава и место на европската сцена.

За Силекс ова е можност успешната сезона да ја круниса со трофеј, откако шампионатот го заврши на четвртата позиција. Тренерот Александар Васоски очекува тежок и неизвесен дуел против искусниот состав на Шкендија.

„За нас ова е натпревар на сезоната, бидејќи носи излез во Европа. Шкендија е квалитетен и искусен противник, можеби и во мала предност поради европските натпревари што ги има одиграно. Но, ќе се обидеме да ги искористиме сите слабости што ќе ни се понудат. Која би била предноста на Силекс? Според мене, тоа е што Шкендија има одиграно 54 мечеви сезонава. Посакувам добро финале и нека победи подобриот“, изјави Васоски.

Во таборот на Шкендија владее оптимизам пред финалето, а тренерот Јетон Беќири потенцира дека неговиот тим ќе влезе максимално мотивирано во борбата за трофејот.

„Мислам дека Шкендија по 8 години е во финале на Купот и нормално ќе влеземе максимално во овој меч и како екипа која сака да се надигрува. Имаме почит кон Силекс кои последниве две години играат одлично. Лани до последно коло се бореа со нас за титулата. Нијанси ќе одлучуваат. Можеби имаме мала предност од нашето европско искуство, но во еден меч тоа ништо не значи бидејќи секогаш во овие мечеви одлучува еден момент. Ние ќе дадеме се од себе да победиме утре. Пред се сакам фер натпревар и да има коректно судење, па кој ќе е посреќен нека се радува на крај“, рече Беќири.

Капитенот на Шкендија, Арбин Зејнулаи, истакна дека клубот секогаш има највисоки амбиции.

„Шкендија секогаш пред почетокот на сезоната игра за титули дома и добар настап во Европа. Ова е многу важен меч за нас и ако го дадеме максимумот, мислам дека на крајот ќе стигнеме до трофејот“, изјави Зејнулаи.

Дарко Анѓелески, капитенот на Силекс вели дека ќе гледаме одлично финале, предводникот на кратовчани верува во квалитетите на тимот.

„Ова е најважниот натпревар за нас сезонава и подготвени сме да го дадеме максимумот за да го освоиме трофејот. Знаеме дека не очекува тежок противник, но веруваме во нашите квалитети и во тимскиот дух. Се надевам на добро финале, фер игра и радост за нашите навивачи на крајот“, изјави капитенот на Силекс, Дарко Анѓелески.

Шкендија на утрешниот натпревар ќе биде без најдобриот стрелец Бесарт Ибраими, кој поради повреда нема да настапи во финалето и за него сезоната е завршена.


Земјотрес на Етихад: Гвардиола си оди, Енцо Мареска е новиот менаџер на Манчестер Сити

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, и поранешниот менаџер на Челси, Енцо Мареска

Во потег што предизвика вистински земјотрес во фудбалскиот свет, Пеп Гвардиола официјално ја извести управата на Манчестер Сити дека си оди од клубот. По историската и со трофеи исполнета ера во која го редефинираше модерниот фудбал, каталонскиот стратег одлучи дека неговата авантура на Етихад е завршена.

Одлуката е конечна и веќе им е соопштена на клупските челници, а набрзо се очекува и официјално соопштение од Сити. Заминувањето на Гвардиола означува крај на еден од најдоминантните периоди во историјата на Премиер лигата, оставајќи зад себе наследство изградено врз немилосрден перфекционизам, тактичка еволуција и импресивна колекција на пехари.

Раководството на Манчестер Сити не беше затечено неспремно. Во брза и одлучна транзиција, поранешниот менаџер на Челси, Енцо Мареска, е избран за човек кој ќе го наследи Гвардиола, а сите детали од договорот со италијанскиот тактичар се веќе комплетирани.

Клупските егзекутивци веќе подолго време гледаа на Мареска како на идеален кандидат за преземање на тронот. Наместо радикални тактички промени, Сити се одлучи за континуитет. Фудбалската филозофија на Мареска совршено се поклопува со препознатливиот стил на игра заснован на посед на топката и висок пресинг што го всади неговиот претходник, што го прави природен избор за одржување на династијата.

За Мареска ова именување претставува големо враќање дома. Италијанецот одлично ги познава внатрешните работи во клубот, со оглед на тоа што претходно го предводеше развојниот тим на Манчестер Сити, пред да стане десна рака на Пеп во стручниот штаб за време на историската сезона 2022/23, кога беше освоена триплетата.

Бидејќи учеше директно од Гвардиола, неговото разбирање за клупската култура, динамиката во соблекувалната и тактичкиот план е на највисоко ниво. По докажувањето на менаџерската сцена надвор од Манчестер, тој сега се враќа на голема врата, целосно подготвен да ги преземе уздите на една од најмоќните фудбалски машинерии во светот.


Флик и Барса заедно до 2028 година

Тренерот на Барселона, Ханс-Дитер Флик, доби продолжување на договор до 2028 година, објави прес-службата на каталонскиот клуб.

Договорот, исто така, вклучува опција за дополнителна една сезона.

Шеесет и едногодишниот Германец ја презеде Барселона во мај 2024 година. Под негово водство, тимот освои две титули во шпанското првенство и шпанскиот Суперкуп, како и еден шпански куп.

Од август 2021 до септември 2023 година, Флик беше селектор на германската репрезентација.

Тој исто така ги тренираше Баерн Минхен, Баментал и Хофенхајм.


Дембеле се повреди непосредно пред финалето на ЛШ со Арсенал

Пари Сен Жермен е во големи проблеми пред финалето на Лигата на шампионите против Арсенал, откако Усман Дембеле беше принуден да го напушти теренот, во последниот натпревар од Лига 1.

Актуелниот освојувач на „Златната топка“ се чини дека заработил повреда на листот на ногата во поразот од 2-1 против Париз во градската пресметка. Тој мораше да го напушти теренот по само 27 минути игра.

Времето на повредата не можеше да биде полошо за тимот на Луис Енрике, бидејќи финалето на Лигата на шампионите против Арсенал е закажано за сабота, 30 мај.

Дембеле е клучен играч на „светците“ оваа сезона, а неговото отсуство од финалниот натпревар би бил сериозен удар за тимот.

Луис Енрике изгледаше оптимистички по натпреварот.

„Добро е. Се надевам дека не е ништо сериозно“, рече стратегот на ПСЖ.

Додека клубот не го објави официјалниот медицински извештај, раководството на ПСЖ нема намера да крева паника.


Далиќ го објави списокот, Модриќ ги предводи Хрватите

Златко Далиќ, селекторот на Хрватска, го објави списокот за претстојното Светско првенство.

Како што се очекуваше, националниот тим го предводи Лука Модриќ, кој веројатно ќе игра со маска на Светското првенство, по повреда на лицето што ја доби во Серија А. На спиското е и суперталентираниот дефанзивец Лука Вушковиќ, кој би можел да направи голем трансфер на лето.

Далиќ објави список од 26 играчи, како и список на резерви, од кои некои ќе влезат доколку има повреди до први јуни, кога треба да се испратат конечните списоци.

Хрватите ги зголемија очекувањата на претходните две Светски првенства, бидејќи освоија сребро во Русија, а беа трети во Катар во 2022 година.

Голмани: Доминик Ливаковиќ (Динамо Загреб), Ивор Пандур (Хал), Доминик Котарски (Копенхаген),

Дефанзивци: Јосип Станишиќ (Баерн), Јошко Гвардиол (Манчестер Сити), Јосип Шутало (Ајакс), Лука Вушковиќ (Хамбург), Дује Челета-Цар (Реал Сосиедад), Мартин Ерлиќ (Митјиланд), Кристијан Јакиќ (Аугсбург), Мартин Понграчиќ )Фиорентина)

Играчи од средниот ред: Лука Модриќ (Милан), Матео Ковачиќ (Манчестер Сити), Мартин Батурина (Комо), Петар Сучиќ (Интер), Лука Сучиќ (Реал Сосиедад), Марио Пашалиќ (Аталанта), Тони Фрук (Риека), Ловро Мајер (Волфсбург), Никола Влашиќ (Торино), Никола Моро (Болоња),

Напаѓачи: Иван Перишиќ (ПСВ Ајндховен), Андреј Крамариќ (Хофенхајм), Анте Будимир (Осасуна), Игор Матановиќ (Фрајбург), Петар Муса (Далас).

Резерви: Ловро Мајер (Волфсбург), Фрањо Ивановиќ (Бенфика), Дион Дрена Бељо (Динамо Загреб), Иван Смолчиќ (Комо), Карло Летица (Лозана), Адријан Сегечиќ (Портсмут), Лука Стојковиќ (Динамо Загреб).

Хрватска ќе се подготвува во Риека, а потоа ќе одигра пријателски натпревари со Белгија и Словенија пред да отпатува за САД.

На Мундијалот, Хрватска ќе игра во група со Англија, Панама и Гана.


Фермин Лопез се повреди и ќе го пропушти Мундијалот

Офанзивниот играч за врска на Барселона, Фермин Лопез, заработи сериозна повреда на стапалото поради која ќе го пропушти Светското првенство.

Поради повреда, Фермин го напушти теренот на натпреварот против Бетис (3-1) во недела, а по денешните прегледи беше утврдена фрактура на метатарзалната коска.

Тој ќе мора да биде опериран, по што ќе следи пауза од неколку недели, и се очекува да биде подготвен за почетокот на летните подготовки со Барселона.

Ова е секако голем удар за Шпанија, особено откако Ламин Јамал ​​и Нико Вилијамс се повредија во финишот од сезоната, а големото прашање е во каква форма ќе го дочекаат Светското првенство.

На тоа треба да се додаде и повредата на Микел Мерино, кој е во аут од почетокот на 2026 година, па Луис Де Ла Фуенте ќе има главоболки околу составот.

Да ве потсетиме, Фермин беше меѓу сигурните патници до повредата, ја доби довербата на селекторот по сезоната од соништата и многумина му предвидуваа дека ќе биде стартер на левото крило додека Нико Вилијамс не се опорави.

Тој одигра дури 48 натпревари во сите натпреварувања со учинок од 13 гола и 17 асистенции.


Британските медиуми убедени: Пеп в недела последен пат ќе го води Сити

Manchester City’s head coach Pep Guardiola celebrates after his team won the English League Cup final soccer match between Arsenal and Manchester City in London, Sunday, March 22, 2026. (AP Photo/Richard Pelham)

Пеп Гвардиола ќе го напушти Манчестер Сити, ќе го напушти клубот, во недела, по последниот натпревар во Премиер лигата, тврди „Дејли Мејл“.

До крајот на сезоната остануваат уште два натпревари за Манчестер Сити, останува и надеж дека можеби оваа година „сините“ ќе го кренат трофејот наменет за шампионот на Англија.

А потоа, пишува „Дејли Меил“, Пеп ќе го означи крајот на престојот на „Етихад“.

„Гвардиола ќе ја спушти завесата на десетте магични години на „Етихад“ во кои го направи Сити еден од најблиските клубови во светот и освои 20 трофеи“.

Овој извор, соопшти дека клубот ги информирал спонзорите и партнерите дека наскоро ќе мора да ја потврдат веста. Сепак, тоа не се очекува да се случи пред да заврши сезоната во недела.

Очигледно, сè што Гвардиола направил во своите десет години на „Етихад“ ќе биде прославено во понеделник – со парада во Манчестер за време на која тимот ќе се вози во автобус со отворен кров.

До крајот на сезоната, Сити има уште два натпревари – во вторник (20:30 часот) гостува кај Борнмут, а во недела, во последното коло, ја пречекува Астон Вила.

Сите натпревари од последното коло од Премиер лигата традиционално ќе започнат во 17 часот.


Арсенал го прескокна и Барнли и дојде на една победа до титулата

Фудбалерите на Арсенал го победија Барнли со 1-0, во 37-то коло од Премиер лигата.

Домашниот тим се доближи до титулата на која чека од 2004 година. На овој натпревар еден гол им беше доволен за победа.

Арсенал го контролираше натпреварот, Барнли немаше ниту еден удар кон голот на Давид Раја ниту во првото ниту во второто полувреме.

Тимот од Лондон поведе во 37-та минута, по корнерот на Букајо Сака, Каи Хаверц го следеше додавањето и постигна гол за 1:0.

Пред водечкиот гол, Арсенал два пати бараше пенал, но ВАР собата ги потврди одлуките на судијата на теренот.

Во вториот дел Езе имаше две шанси да ја потврди победата, но во Англија ќе се дебатира за одлуката во 68-та минута, кога Хаверц се извлече само со жолт картон.

Арсенал е сè уште прв на табелата во Премиер лигата со 82 бода, пет повеќе од Манчестер Сити, кој има натпревар помалку.

Доколку Сити ги добие двата преостанати натпревари, на Арсенал ќе му биде потребна победа во последното коло за да ја освои титулата, бидејќи Сити ќе има подобра гол-разлика во тој случај.


Вардар ги доби можните ривали во квалификациите за ЛШ

По комплетирањето на повеќето првенства во Европа и крајот на битките за трофеите, познати се сите ривали со кои Вардар може да игра во првото квалификациско коло од ЛШ.

Можни ривали на Вардар во ЛШ (подредени по коефициент):

Шамрок Ирска
КУПС – Финска
Дрита – Косово
Линколн Ред Импс – Гибралтар
Борац Бања Лука (БиХ)
Викингур Исламд
Каират Алмати – Казахстан
Крајова (Романија)
Рига – Летонија
КК Класвик Фарски Острови
Флора Талин – Естонија
Ларне (Северна Ирска)
Петрокуб (Молдавија)
ТНС (Велс)

Ждрепката за првото квалификациско коло во ЛШ е на 16 јуни.

Првите мечеви се играат на 7/8 јули, реваншите се на 14/15 јули.


Ракометната федерација на Македонија ќе подели премија за пласманот на Мундијалот

Машката македонска ракометна репрезентација се пласираше на уште едно големо натпреварување, мундијалот кој што ќе се одржи следната година во Германија.

Триумфот на двомечот со Словачка ги однесе избраниците на Лазаров на планетарниот собир во Германија на почетокот на идната година. Раководството на РФМ, односно претседателот Александар Стефанов, по мечот објави дека националниот тим го чека премија од 1,5 милион денари за постигнатиот успех.

Противниците во групата Македонија ќе ги дознае на ждрепката која што ќе се одржи во Минхен на 10 јуни.