Фановите свиркаа, но Реал рутински го совлада Леванте
Фудбалерите на Реал Мадрид по двата пораза во Супер купот и Купот на Шпанија се вратија на победите откако во дуелот на домашен терен во 20. коло го совладаа Леванте со 2-0. Ова воедно беше прв триумф на новиот тренер Алваро Арбелоа. Инаку навивачите со свирежи ги „поздравија“ претседателот Флорентино Перез и играчот Винисиус.
Победата „кралскиот клуб“ ја обезбеди со двата гола во вториот дел. Водството во 58. минута го донесе Килијан Мбапе од пенал, а конечните 2-0 ги постави Асенсио Раул во 65. минута.
Со денешните три бодови Реал Мадрид има 48 бодови и се наоѓа на второто место со еден бод помалку од лидерот Барселона – 49. „Каталонскиот клуб“ утре го игра својот дуел од оваа рунда на гости против Реал Сосиедад.
Нигерија ја освои бронзата на Купот на Африка
Репрезентацијата на Нигерија го освои бронзениот медал на АФКОН откако во „малото финале“ по изведување на пенали го совлада Египет со 4:2 на пенали откако во регуларниот дел дуелот заврши 0:0.
Нигерија беше поблиску до победата и во регуларниот дел откако во првото полувреме им беше поништен гол поради фаул и по прегледување на ВАР снимката.
Во серијата пенали првите играчи на Египет Мохамед Салах и Омар Мармуш не ги реализираа првите два пенала во серијата што се покажа како решавачко, па Нигерија стигна до триумф од 4:2 на пенали.
Утре во финалето на АФКОН за титулата првак на Африка ќе играат домаќинот Мароко и Сенегал.
Гласнер потврди дека заминува од Кристал Палас во јуни
Тренерот на Кристал Палас, Оливер Гласнер, потврди денеска на прес конференција дека ќе замине од лондонскиот премиерлигаш на крајот од сезоната.Тековниот договор на Гласнер со Кристал Палас истекува на крајот од тековната сезона и австрискиот стратег нема намера да потпише нов.
51-годишниот Гласнер го презеде Кристал Палас во февруари 2024 година и го предводеше тимот до првиот голем трофеј во неговата историја во втората сезона на клупата, освојувајќи го ФА Купот во мај лани и додавајќи триумф во Комјунити Шилд во август.Гласнер е меѓу кандидатите за тренерската позиција во Манчестер Јунајтед, кој претходно овој месец како привремено решение го назначи на таа должност Мајкл Карик.
ПСЖ му го краде Дро Фернандез на Барса
Голем број на извори од Шпанија пренесуваат дека перспективниот Педро Фернандез Сармиенто одбил да потпише нов договор и решил да замине од Барселона во зимскиот преоден рок.
Педро Фернандез Сармиенто, или попознат како Дро, важи за еден од најталентираните играчи во „Ла Масиа“, Барселона имаше големо очекувања од него, но доби големо разочарување.
Доцна синоќа и утрово се појавија многу написи кои велат дека младото момче одбило да потпише нов договор и решило да замине овој месец со активирање на откупната клаузула од само 6 милиони евра.
Дро смета дека конкуренцијата во средниот ред, но и во офанзивата, е жестока на „Камп Ноу“ и тој нема да ја добие потребната минутажа, па подобро е среќата да си ја побара во друг клуб.
Мундо Депортиво објави дека тој има примамлива понуда од ПСЖ, а истото го потврди и новинарот Фабрицио Романо,
Весникот АС пак пишува дека Борусија Дортмунд исто така силно притиска за потписот на перспективниот Дро, а одредени извори го посочуваат и Манчестер Сити како можна дестинација.
Никола Пејовиќ е нов член на Арсенал
Работнички го промовираше и третото засилување во јануарскиот преоден рок, станува збор за српскиот фудбалер Никола Пејовиќ кој е дефанзивен фудбалер.
Пејовиќ е фудбалер кој има 27 години, може да игра како стопер и како десен бек. Негов последен клуб беше Борац Бања Лука.
Тој играл и во Рудар Велење, Пролетер, Локомотива Загреб, Рудеш, Емполи, Пистоезе и Земун.
Пред него клубот од Дебар Маало во текот на вчерашниот ден ги претстави, Сухел Муареми и Зија Мерани.
Во пролетниот дел од сезоната за Работнички следи тешка битка за опстанок бидејќи тимот се наоѓа на претпоследното место со само седум освоени бодови во 16 натпревари.
Арсенал се распрашува за Василије Костов
Арсенал пројавува интерес за 17 годишниот Василије Костов од Црвена звезда, младото момче има потекло од Македонија.
Василије Костов важи за еден од најперспективните играчи на Балканот, но и во Европа, па се наоѓа на радарот на неколку гиганти.
Весникот Сан денеска објави дека Арсенал внимателно го следи прогресот на 17 годишниот фудбалер од средниот ред и сака да го донесе на „Емирати“.
Барселона и Баерн Минхен исто така се посочуваат како клубовите кои пројавуваат сериозен интерес, се говори дека ќе бидат потребни 20 милиони евра за негов ангажман.
Василије Костов има македонско потекло, но одлучи да го носи дресот на Србија и дебитираше за популарните „орли“ против Албанија во квалификациите за Светското првенство.
Екитике го израмни рекордот на Далглиш
Францускиот напаѓач Уго Екитике успеа да го израмни рекордот поставен од најдобриот играч на Ливерпул на сите времиња, Кени Далглиш, во сезоната 1977/78.
Ова лето, многумина беа изненадени кога Уго Екитике дојде на „Енфилд“ од Ајнтрахт Франкфурт. Особено затоа што беше платен за дури 80 милиони евра (плус 15 милиони во бонуси).
Сепак, неговиот трансфер остана во сенка на Флоријан Вирц (Баер Леверкузен) платен за 100 милиони фунти (околу 118 милиони евра) и особено на Александар Исак (Њукасл) за 125 милиони фунти (околу 145 милиони евра).
Сепак, засега, 23-годишниот Французин покажа повеќе од Германецот, а особено од Швеѓанецот.
Екитике е моментално најефикасниот играч на Ливерпул, постигна 12 гола, а она што клубот од „Енфилд“, особено го нагласи – како дебитант, постигна голови во пет различни натпреварувања, што пред него му успеа само на легендарниот Кени Далглиш во сезоната 1977/78.
Екитике постигна голови во Премиер лигата (8), Лигата на шампионите (1), Лига купот (1), Комјунити шилд (1) и последниот во ФА купот (1).
Славниот шкотски фудбалер дојде во Ливерпул од Селтик во летото 1977 година за да го замени Кевин Киген, кој ја продолжи кариерата во германски Хамбургер.
Неговиот трансфер претставуваше тогашен нов британски рекорд од 440.000 фунти (денес тоа би било околу 3,5 милиони фунти). Далглиш блесна во црвениот дрес истата сезона.
Шкотланѓанецот ја наследи „седумката“ на Киген и стана првиот и до оваа година единствениот играч на Ливерпул кој постигнал голови во пет различни натпреварувања во својата дебитантска сезона.
Далглиш подоцна освои рекордни 21 трофеи (шест титули во лигата и три Купа на шампиони) и беше прогласен за најдобар играч на Ливерпул на сите времиња, а од навивачите на Ливерпул го доби прекарот „Кинг Кени“.
Почина претседателот на Фиорентина
Фиорентина објави дека претседателот на клубот, Роко Комисо, починал по долго боледување.
Шефот на „виолетовите“ наполни 76 години минатиот ноември, а во долга порака на веб-страницата на клубот, Фирентинците изразија благодарност за успесите на првиот тим во Италија и на меѓународните турнири, како и сочувство до семејството на Роко.
„Во овој момент на голема тага, искрена мисла им упатуваме на сите во Фиорентина – персоналот, играчите и вработените – на сите што го познаваа Роко, на целата заедница и пред сè на сите момчиња и девојчиња кои ќе продолжат да ги носат боите во сеќавањето на нашиот Роко низ цела Италија и светот. Ни недостигаш и секогаш ќе ни недостигаш.“ – напиша клубот по смртта на Роко.
Миовски блесна и запиша хет-трик против Анаи
Бојан Миовски беше главниот играч на Глазгов Ренџерс во денешниот куп натпревар против Анан, гигантот победи со 5-0, а нашиот фудбалер даде три гола.
Миовски го отвори резултатот уште во 12. минута од натпреварот.
Во 32. минута Македонецот погоди со глава за 2-0.
Третиот гол Миовски го постигна од пенал, тоа беше погодок за 4-0.
Тер Штеген се согласил на позајмица во Џирона
Марк-Андре тер Штеген ќе ја напушти Барселона до крајот на преодниот рок. Германецот мора да брани доколку сака да биде во германската селекција на Мундијалот во САД, Мексико и Канада.
Според шпанските медиуми, речиси сè е договорено, германскиот голман да се пресели во Џирона. Тер Штеген ги прифатил условите, а сè што останува е клубовите да ги дефинираат деталите за позајмицата.
Тер Штеген го загуби местото како прв голман со доаѓањето на Џоан Гарсија, а се мачеше и со повреди во претходниот период.
Бидејќи сè уште има што да покаже, логичниот следен чекор беше да ја напушти Барса, засега само привремено, а ќе видиме на лето кои ќе бидат следните чекори.