фудбал

Тухел: Белингам ќе има конкуренција за стартер во средниот ред

Англискиот селектор Томас Тухел истакна дека Џуд Белингем ќе се соочи со голема конкуренција за место во почетниот состав на Светското првенство.

„Да, тој ќе се соочи со голема конкуренција. Улогите секогаш можат да се менуваат, но во моментов имаме 14 или 15 потенцијални стартери и тој е меѓу нив“, одговори Тухел на новинарско прашање.

Англискиот селектор истакна дека е задоволен од формата на играчот од средниот ред на Реал Мадрид по повредата во февруари која го остави надвор од теренот пет недели.

„Добро тренира. Мислам дека паузата поради повредата беше добра за него, бидејќи сега е гладен да се врати на теренот“, додаде Тухел.
Англиската репрезентација, која во Флорида се подготвува за претстојното Светското првенство, во саботата го совлада Нов Зеланд со 1-0, а в среда ќе го одиграат последниот подготвителен натпревар, против Костарика.


Конате го потпишал договорот, се обрза на верност до 2030 година со Реал

Францускиот дефанзивец Ибрахим Конате ќе ја продолжи кариерата во Реал Мадрид, откако потпиша договор со Кралскиот клуб, јавија денеска шпанските медиуми.

Според, РМЦ Спорт, договорот е со важност до лето 2030 година.

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, кој победи на вчерашните избори, објави дека постигнал договор со 27-годишниот Французин.

Трансферот беше најавен кога на 31 мај, Ливерпул објави дека Конате ќе замине на крајот од сезоната.

Конате го носеше дресот на Ливерпул од 2021 година и за англискиот клуб одигра вкупно 183 натпревари.


Де ла Фуенте не треба да се грижи, Јамал и Вилијамс спремни за првиот меч на Мундијалот

Селекторот на шпанската фудбалска репрезентација, Луис де ла Фуенте, изјави денеска дека рехабилитацијата на Ламин Јамал, Нико Вилијамс и Виктор Муњоз напредува според планот и оти тројцата треба да бидат подготвени за првиот натпревар на Светското првенство на 15 јуни против Зеленортските острови.

„Закрепнувањето на сите тројца оди според планот и доколку не се појави ништо неочекувано во наредните денови, тие треба да бидат достапни за првиот натпревар на 15 јуни“, изјави Де ла Фуенте.

Тројцата останаа во тренинг кампот на репрезентацијата во Чатануга каде се опоравуваат.

„Ова е многу важен натпревар за нас и нема да го третираме како пријателски натпревар“, рече селекторот на Шпанија.


Проблеми за Куман, се повреди Тимбер и нема да игра на Мундијалот

Холандската репрезентација доби нов сериозен удар во пресрет на СП откако беше потврдено дека дефанзивецот на Арсенал, Јуриен Тимбер, нема да настапи на мундијалот.

Фудбалската федерација на Холандија соопшти дека Тимбер не успеал целосно да се опорави од повредата на мускулот, поради која ризикувал и настапил во финалето на Лигата на шампионите

Сепак, таквата одлука дополнително ја влошила неговата состојба.

По деталните медицински прегледи, лекарскиот тим заклучил дека 24-годишниот дефанзивец не е подготвен за настап на турнирот во САД, Канада и Мексико.

Во соопштението од холандската федерација му се заблагодарија на Тимбер за желбата да биде дел од националниот тим и покрај проблемите со повредата.

Неговото отсуство претставува голем проблем за селекторот Роналд Куман, бидејќи Тимбер беше планиран како стандарден првотимец и еден од клучните играчи во одбраната на „лалињата“.


Почетино задоволен и покрај поразот од Германија

Фудбалерите на САД доцна синоќа загубија од Германија со 2:1 во пријателски меч а нивниот селектор, Маурисио Почетино, вели дека е импресиониран од прикажаното.

„Задоволен сум од настапот на сите. Се соочивме со еден од најголемите тимови во светот. Мораме да бидеме задоволни. Се обидовме да бидеме рамноправни но, немавме среќа“, рече Аргентинецот.

САД на Мундијалот ќе биде во групата „Д“ а првиот меч ќе го одигра против Парагвај на 12 јуни во Лос Анџелес.


Еми Мартинез на листата на желби на Јуве

Јувентус е во очајна потрага по нов голман. Според информациите, Јувентус има сериозни сомнежи за Микеле Ди Грегорио и Матија Перин. Еми Мартинез од Астон Вила се појави како можна опција за „Старата Дама“, но договор ќе биде многу тешко да се постигне.

Гуљелмо Викарио од Тотенхем е поверојатна опција, но Јувентус разгледува и други солуции. „Скај Италија“ сега објави дека Мартинез останува и конкретна опција за италијанскиот тим, иако има долгорочен договор со Астон Вила. Тимот на Унаи Емери сака само 5 милиони евра за да се раздели со него, но поголем проблем ќе бидат барањата на самиот Мартинез за платата, кои изнесуваат околу 7 милиони евра по сезона.


Вардар го промовира Португалецот Пиреш од Силекс

Вардар продолжува со засилувањата за новата сезона, а најново име во редовите на македонскиот шампион е Мигуел Пиреш.

Клубот и официјално го потврди ангажманот на 29-годишниот офанзивен фудбалер, кој потпиша едногодишен договор со „црвено-црните“.

Португалецот пристигнува од Силекс, каде што имаше одлична сезона и беше еден од најдобрите поединци во кратовскиот тим. Во изминатото првенство Пиреш постигна 11 голови во ПМФЛ и со своите настапи го привлече вниманието на Вардар.

Со овој трансфер искусниот офанзивец добива можност за нов предизвик во кариерата, додека Вардар добива проверено име кое веќе ја познава македонската фудбалска сцена.


Јаја Туре почнува тренерска кариера во Словачка

Поранешниот ас на Барселона и Манчестер Сити ќе го има својот прв самостоен ангажман како главен тренер, по неколку години минати во улога на асистент во клубови и репрезентации.

Слован Братислава, најтрофејниот клуб во Словачка, во Туре гледа човек кој може да донесе нова енергија и дополнителен квалитет во работата на тимот. Голем предизвик за поранешниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска ќе бидат квалификациите за Лигата на шампионите, каде што словачкиот првак има високи амбиции.

Според најавите, Туре веќе работи на формирање на својот стручен штаб, а официјалната потврда од клубот се очекува во наредниот период.

Еден од најдобрите африкански фудбалери во историјата така започнува нова етапа од својата кариера, преземајќи го кормилото на еден од најуспешните клубови во регионот.


Манчини се враќа на клупата на „аѕурите“

<> during the UEFA Nations League group stage match between Poland and Italy at Gdansk Stadium on October 11, 2020 in Gdansk, Poland.

Роберто Манчини е најсериозен кандидат повторно да седне на селекторската клупа на Италија, пренесуваат медиумите на Апенините.

Иако во игра беа и звучни имиња како Антонио Конте и Пеп Гвардиола, раководството на Италијанската фудбалска федерација наводно се одлучило за стратегот кој ја одведе репрезентацијата до европската титула во 2021 година.

Манчини ја напушти Италија во 2023 година и ја презеде Саудиска Арабија, а во меѓувреме работеше и во Ал Сад. Сега е подготвен за ново враќање кај „аѕурите“, кои се соочуваат со сериозна криза по уште едно неуспешно мундијалско квалификување.


Ориги официјално ја заврши кариерата на 31 година

Членот на фудбалската репрезентацијата на Белгија Дивок Ориги на само 31. година ја заврши својата кариера.

Некогашниот напаѓач на Ливерпул и стрелец на неколку клучни голови во годините на големите успеси на овој тим преку социјалните мрежи и официјално стави крај на фудбалската кариера.

„Благодарам до сите мои обожаватели ширум светот, кои што ми помогнаа да станам она што сум. Секој легендарен момент, секој гол, секој момент на сјај го споделивме заедно. Благодарност до сите клубови, тренери, соиграчи кои беа со мене сите овие години. Ми беше чест да го носам и дресот на мојата Белгија, и во исто време да не ги заборавам корените на мојата Кенија“ – напиша Ориги.