Мајката на Мбапе заработува повеќе од седум фудбалери на Реал Мадрид
Мајката на Килијан Мбапе, Фајаз Ламари убаво го наплатила трансферот на својот син од ПСЖ во Реал Мадрид, заработува околу 4,5 милиони евра.
Килијан Мбапе пристигна на „Бернабеу“ како слободен играч, можеби Реал Мадрид не му плати ништо на ПСЖ, но очигледно зделката има и одредени скриени трошоци.
Последните извори пренесуваат дека мајката на напаѓачот била богата наградена за улогата која ја одиграла во трансферот на напаѓачот од Париз во Мдрид.
Се шпекулира дека Фајза Ламари има годишна плата од 4,5 милиони евра нето, односно поголема плата од 7 фудбалери на Реал – Раул Асенсио, Франко Мастантуоно, Гонзало Гарсија, Андриј Лунин, Фран Гарсија, Арда Ѓулер и Брахим Диаз.
Висар Муслиу се повреди, неизвесен настапот во баражот во Копенхаген
Македонскиот дефанзивец, Висар Муслуи по шест минути игра на мечот меѓу Вестерло и Сент Труден заработи повреда по што мораше да излезе од игра.
Медицинските прегледи ќе ја покажат тежината на повредата, но постојат шанси да се работи за подолга пауза поради што тој би го пропуштил баражот со Данска.
Тоа би било голем удар за селекторот Седлоски со оглед на важноста на Муслиу за нашиот национален тим.
Мечот меѓу Данска и Македонија се игра на 26 март.
Цветковиќ: Верувам дека ќе бидам добра замена за Мато
Новото зимско засилување за есенскиот шампион Вардар, Србинот Стефан Цветковиќ, во финишот на подготовките пред почетокот на пролетната сезона вели дека доаѓа во голем клуб.
„Луѓето во клубот ме побараа да дојдам овде и благодарам што покажаа дека веруваат во мене, а јас ќе се трудам да им вратам со партии на теренот и да помогнам. Вардар е најголем клуб не само во Македонија, туку и во регионот. Тоа ме привлече, ќе дадам се од себе да дојдам првак. Доаѓам на позиција на играч кој беше најдобар стрелец и се надевам ќе успеам да го надополнам неговото отсуство. Македонската лига сум ја прател порано, знам за каква лига се работи. Тоа е нешто како Суперлигата на Србија каде доаѓам и се надевам дека брзо ќе се прилагодам на сите услови“, изјави Цветковиќ.
Левото крило доаѓа во Скопје од српската Суперлига, каде настапуваше за Железничар Панчево и Раднички Ниш.
Тоти како технички директор се враќа во Рома
Легендарниот капитен на Рома, Франческо Тоти, е пред враќање во клубот каде треба да ја преземе функцијата технички директор на клубот. 49-годишниот Франческо Тоти е еден од ретките фудбалери во светот кои играле само за еден клуб во целата своја кариера.
По завршувањето на играчката кариера, во 2017 година стана директор во Рома, но замина две години подоцна.
Со тимот на римските „волчица“, Франческо Тоти освои титула во Италија (сезона 2000/2001), а исто така двапати го освои Купот и Суперкупот на Италија.
Мароко остана без селектор, Реграги поднесе оставка
Досегашниот селектор на фудбалската репрезентација на Мароко, Валид Реграги, поднесе оставка по разочарувачкиот пораз во финалето на Купот на африканските нации.
Според информациите на „Фут Меркато“, Реграги ја донел одлуката по поразот од Сенегал со 1-0 по продолженија на финалниот меч одигран во Рабат, во рамки на Куп на африканските нации.
По огромна драма и цел хаос, Сенегалците стигнаа до победата. Мароко можеше да победи со гол од пенал во судиското продолжение, ама Брахим Диаз се обиде со „паненка“ и стана трагичар.
Фудбалскиот сојуз на Мароко сега е под притисок брзо да пронајде нов селектор, со цел репрезентацијата навреме и квалитетно да се подготви за настапот на Мундијалот.
Атлетико Мадрид – Барса во полуфиналето на Купот на Кралот
Во Шпанија денеска беше одржана ждрепката за полуфиналето во Копа дел Реј, а во битката за трофејот останаа четири екипи.
Барселона како бранител на трофејот ќе се соочи со Атлетико Мадрид. Овие два тима се сретнаа и во полуфиналето минатата сезона кога првиот натпревар заврши со 4-4, додека реваншот му припадна на каталонскиот клуб со 1-0.
Во второто полуфинале силите ќе ги одмерат Атлетик Билбао и Реал Сосиедад во баскиското дерби за место во финалето на натпреварувањето.
Пикси пред нов ангажман, ќе прдводи гигант од Тунис
Драган Стојковиќ – Пикси би можел наскоро да се врати на тренерската сцена и тоа на една приличноневообичаена дестинација. Како што пренесуваат медиумите, легендарниот фудбалер е најсериозен кандидат за нов шеф на стручниот штаб на тунискиот фудбалски гигант Есперанс.
Доколку дојде до договор, Пикси би го заменил Махер Канзари, кој ја презеде екипата во март минатата година. Под негово водство, Есперанс по 18 одиграни кола се наоѓа на втората позиција во првенството, со натпревар и бод помалку од лидерот Клуб Африка. Тимот од Тунис е актуелен двоен шампион, а солидно котира и на континенталната сцена, по четири одиграни кола се држи на второто место во групата „Д“ од Африканската Лига на шампиони.
Сепак, потенцијалната тренерска смена носи и одредени дилеми. Сезоната е во полн замав, а клубот го очекува жестока трка за титулата, па не е исклучено раководството да се двоуми дали да ја наруши стабилноста со промена на кормилото. Во случај да се решат за таков потег, Стојковиќ е подготвен да ја прифати понудата и трпеливо ја чека својата можност.
Пикси зад себе има успешен мандат на клупата на српската репрезентација, каде помина повеќе од четири и пол години, обезбедувајќи настап на Светското првенство во Катар 2022 и пласман на Европското првенство во 2024 година.
Синот на Тиаго Силва ќе игра за Англија
Синот на еден од најтрофејните и најпрепознатливи бразилски дефанзивци, Тијаго Силва доби повик во младинската репрезентација на Англија до 15 години. Младиот фудбалер веќе се приклучи на националниот собир и наскоро ќе го има својот прв настап во дресот на „Гордиот Албион“.
Легендарниот Тијаго Силва, кој со 113 настапи е меѓу најистакнатите фудбалери во историјата на бразилската репрезентација, остави силен белег и во Челси, клуб каде што денес фудбалски се развиваат и неговите синови.
Иаго Силва, кој има само 14 години, иако по потекло е Бразилец, се одлучи да настапува за Англија на младинско ниво. Причината е неговиот долгогодишен престој на Островот, каде што живее и тренира повеќе од пет години, што му овозможи да стекне право на настап според важечките регулативи.
Младиот дефанзивец важи за еден од најперспективните таленти во академијата на Челси, а повикот во англиската репрезентација јасно покажува дека има потенцијал и квалитет.
Рекорди ширум фудбалскиот свет во зимскиот преоден рок
Со повеќе од 5.900 трансфери на светскиот пазар, зимскиот преоден рок постави нов рекорд, иако потрошената сума е помала за истиот период од минатата година, објави синоќа ФИФА во својот најнов извештај.
Зимскиот преоден рок во 2026 година забележа зголемување од три проценти на трансферите во споредба со претходниот рекорд поставен во 2025, кога беа реализирани вкупно 5.799 трансфери.
Според податоците на ФИФА, со вкупно потрошени повеќе од 1,9 милијарди долари, вкупниот износ на трансферни такси е помал за дури 18 проценти од рекордот поставен во јануари 2025 година (2,35 милијарди долари).
Најмногу пари на трансфери во зимскиот преоден рок потрошиле англиските клубови (363 милиони долари), а на второто место се клубовите од Италија со потрошени 283 милиони долари на трансфери.
Бразилските клубови се искачија на третото место (180 милиони долари), особено поради рекордниот трансфер на Лукас Пакета, кој го напушти англискиот клуб Вест Хем и потпиша за актуелниот бразилски и јужноамерикански шампион Фламенго, за околу 49 милиони долари.
Германските клубови се на четвртото, а француските на петтото место, додека клубовите од Саудиска Арабија, се на шестото место со потрошени 101 милиони долари, што е повеќе од двојно помалку од минатата година кога беа на четвртото место со 213 милиони долари издвоени за трансфери.
Од друга страна, женскиот фудбал постави нов рекорд со потрошени повеќе од десет милиони долари во јануари, што е скок од 85 проценти во однос на минатогодишниот рекорд, и покрај падот од шест проценти во трансферната активност.
ФФМ го терети Сејдини за измама, му изрече и двегодишна суспензија
Забрана за вршење на функција во траење од две години му изрече денеска Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на својот поранешен претседател Муамед Сејдини поради финансиска измама поврзана со градежни работи на стадионот во Охрид.
Сејдини е санкциониран поради злоупотреба на својата положба во врска со авансна исплата во износ од околу 700.000 евра кон фирма-изведувач задолжена за изградба на трибина на охридскиот стадион „Билјанини Извори“.
„Утврдено е дека Одборот за итност на ФФМ на 27. ноември 2024 година донел одлука за прифаќање на понуда од ДПТУ „Енергоинвест Трејд“ ДОО Скопје за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, во износ од 202.919.610,00 денари, без услов за авансно плаќање, и го овластил тогашниот претседател Муамед Сејдини да потпише договор согласно прифатената понуда. Спротивно на донесената одлука, Сејдини на 03. декември 2024 година, злоупотребувајќи ја својата положба, потпишал договор со вметнат услов за авансно плаќање од 20 проценти, што било извршено без обезбедена банкарска гаранција и без соодветно овластување“, соопшти ФФМ.
„Со ваквото постапување, Дисциплинската комисија утврди дека Муамед Сејдини го измамил и довел во заблуда Управниот одбор на ФФМ и нанел сериозна материјална штета на Федерацијата, поради што му е изречена соодветната дисциплинска санкција“, се додава во соопштението.
Сејдини беше на чело на ФФМ во два мандати од 2019 до 2025 година.