фудбал

Слот ја мерка клупата на холандската репрезентација

По заминувањето од Ливерпул, Арне Слот веќе добива понуди за нов ангажман. Според англиските медиуми, Фулам стапил во контакт со Слот и му понудил да го наследи Марко Силва, кој во меѓувреме ја презеде Бенфика. Сепак, Холанѓанецот љубезно ја одбил можноста да седне на клупата на лондонскиот клуб.

Причината за ваквата одлука наводно е неговата желба да ја преземе репрезентацијата на Холандија. Актуелниот селектор Роналд Куман има договор до крајот на Светското првенство, а засега нема најава дека соработката ќе биде продолжена.

Токму затоа Слот се смета за еден од најсериозните кандидати за оваа позиција.

Во својата кариера, Слот работеше во Камбур и АЗ Алкмар, но најголемите успеси ги оствари на клупата на Феенорд, каде што се етаблираше како еден од најценетите холандски тренери.


Розе ќе го менува Ираола во Борнмут

Германскиот фудбалски тренер, Марко Розе, го презеде кормилото на Борнмаут, објави доцна синоќа прес-службата на англискиот клуб.

Росе е познат по енергичниот стил и напаѓачки фудбал. Тој одлично работи и со младите фудбалери, се наведува во дел од објавата.

„Тој имаше импресивна кариера во Австрија и Германија тренирајќи клубови во Бундеслигата, Лигата на шампионите на УЕФА и Лигата на Европа“, се наведува кон крајот на соопштението на Борнмаут.


Рома го продава Коне, бара 50 милиони евра

Фудбалерот на Рома, Ману Коне, може ќе си замине од клубот во летниот трансфер период, тврдат медиумите во Италија. Неговата пазарна вредност е околу 50 милиони евра.

Тој во последната сезона имаше 29 натпревари со ефект од два гола и три асистенции но, имаше и одлични статистички показатели во другите елементи.

Французинот во моментов се подготвува со неговата селекција за претстојниот Мундијал во САД, Канада и Мексико.


Куеста потпишува нов договор со Парма

Најмладиот тренер во Серија А, Карлос Куеста, ќе продолжи да го води тимот на Парма и во наредната сезона, објавија медиумите во Италија.

30-годишниот Шпанец наскоро може да потпише нов договор до 2028 година. Поранешниот помошник на Микел Артета во Арсенал, имаше добра дебитантска сезона на чело на „млекарите“.

Неговиот тим го освои 13-то место и успеа да обезбеди опстанок во најсилната фудбалска конкуренција на „Чизмата“.


Баер Леверкузен пак одбра Шпанец за свој предводник

Footbal : Olympique Lyonnais V Toulouse – Ligue 1 – October 05, 2025 Carles Martinez NOVELL coach of Toulouse during the French ligue 1 football match between Olympique Lyonnais and Toulouse at the Groupama stadium in Decines-Charpieu Lyon, France on October 05, 2025 PUBLICATIONxNOTxINxFRAxBEL Copyright: xALLILI_MOURADx

Германскиот фудбалски прволигаш Баер Леверкузен го назначи денеска Шпанецот Карлес Мартинез Новел за нов тренер на местото на Каспер Хјулманд.

Данецот Хјулманд беше селектор на Данска од 2020 до 2024 година пред да седне на клупата на Баер, а неговиот 42-годишен наследник доаѓа од францускиот клуб Тулуз.

Мартинез Новел и Баер потпишаа договор до јуни 2028 година.

„Мартинез Новел е тренер со јасни принципи и модерен поглед на фудбалот. Убедени сме дека тој може да ги направи вистинските потези во соработката со нашиот тим“, изјави извршниот директор на Баер, Симон Ролфс.

Новел е втор шпански стратег што седнува на клупата на Баер во последните неколку години. Баер од 2022 до 2025 година беше предводен од Чаби Алонсо, кој ја освои титулата во германското првенство без пораз во 2024 година и играше во финалето на Лигата на Европа истата сезона.

Баер минатата сезона заврши на шестото место во Бундеслигата и ќе се натпреварува во Лига Европа.


Претседателот на Фенербахче осуден на казна затвор од две и пол години

Првиот човек на турскиот фудбалски гигант Фенербахче, Садетин Саран, е осуден денеска затворска казнa во траење од две и пол години, по обвинението за поттикнување нелегално обложување.

Пресудата е изречена по големата истрага што минатата есен ја почна Турската фудбалска федерација (ТФФ) за нелегално обложување во домашниот фудбал, пренесуваат турските медиуми.
Според порталот „Хаберлер“, обвиненијата против Саран произлегуваат од наводите дека за време на натпреварите биле емитувани нелегални реклами за обложување преку медиумска групација што ја поседува.

Како дел од обемните истраги на ТФФ минатата година, голем број фудбалери, тренери, фудбалски судии и сопственици на клубови беа приведени по обвинение за вмешаност и поврзаност со нелегално обложување.

Турската федерација, исто така, суспендираше повеќе од 150 фудбалски судии како дел од истрагите минатата година, а во јануари, турските власти ја презедоа контролата врз прволигашот Ејупспор, чиј претседател, исто така, беше приведен за нелегално обложување.


Бесплатни влезници за американските војници и екипите за итна помош

Американските војници и воени ветерани, како и вработените во екипите за итни интервенции и нивните семејства ќе имаат бесплатен пристап до 4.547 билети за претстојното Светско првенство, обезбедени со донација од 2,25 милиони долари од Банката на Америка и непрофитната организација „Вет Тикс“.

Донацијата вклучува билети за натпревари во сите 11 градови домаќини на Светското првенство во САД, од 12 јуни до 19 јули. Билети ќе бидат достапни за сите мундијалски фази, вклучувајќи ги полуфиналињата и финалето.

„Сакавме да се осигураме дека нашата војска, екипите за итни интервенции и нивните семејства ќе имаат можност да го прослават најголемиот спортски настан во светот за време на 250-годишнината од раѓањето на нашата земја“, соопшти Банката на Америка.
Во чест на 250-годишнината основањето на САД, 250 од донираните билети се за натпреварите што во групната фаза ќе ги игра американската репрезентација. Американскиот тим ги отвора натпреварите од Групата Д на 12 јуни против Парагвај во Лос Анџелес, а потоа се соочува со Австралија на 19 јуни во Сиетл и Турција на 25 јуни во Лос Анџелес.


ФФМ ѝ врати на Шкендија: Никој не е над правилата, ако спонзорот им замине – ќе го почитуваме тоа

ФФМ драконски ја казни Шкендија за инцидентите на финалето од Купот на Македонија, тетовскиот клуб ќе треба да плати преку 100.000 евра. Тие сметаат дека казната е превисока и најавија заминување на спонзорот доколку не се намалат сакнциите.

Но, ФФМ вели дека нема намера да прилагоди казната на желбите на Шкендија, таа останува иста.

Соопштението на ФФМ ви го пренесуваме во целост:

„Со жалење констатираме дека ФК Шкендија наместо да преземе одговорност за инцидентите што се случија на финалниот натпревар од Купот на Македонија, повторно сме сведоци на обид вниманието да се пренасочи кон ФФМ и нејзините одлуки.

Никакви уцени, притисоци или закани нема да ја поколебаат Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во намерата да стави крај на дивеењето на трибините, без разлика од кого доаѓа. Почитувањето на противникот, навивачите, законите и државните симболи е обврска за сите и нема да има исклучоци. Правилата мора да важат подеднакво за секој клуб, секој поединец и секој субјект во македонскиот фудбал.

Настапите и финансиската корист од пласманот во европските натпреварувања не се обезбедени преку која било друга држава или федерација, туку преку учеството и успесите во македонското првенство и натпреварувањата организирани од ФФМ. Сите привилегии, придобивки и финансиски бенефити што ги уживаат клубовите се резултат на учеството во македонскиот фудбалски систем и натпреварувањата во рамки на ФФМ.

Уште понејасно е како денес се оспорува начинот на водење на федерацијата, кога токму со истото тоа раководство клубот минатата сезона ја освои шампионската титула и оствари историски резултати на европска сцена. Ако тогаш системот бил добар и праведен, тешко е да се објасни зошто денес е проблематичен само затоа што е донесена одлука што некому не му одговара.

Од првиот ден, новото раководство и претседателот на ФФМ подаде рака за соработка кон сите клубови и чинители во фудбалот. Намерата беше да се градат партнерски односи, меѓусебна доверба и заедничка визија за развој на македонскиот фудбал. За жал, од раководните структури на Шкендија во повеќе наврати добивме арогантен, самобендисан и потценувачки однос, кој не придонесува за градење партнерство и меѓусебна почит. Но, тој избор е нивен. Иако, би било добро да знаат дека ароганцијата понекогаш се враќа како бумеранг.

Во јавноста слушаме амбициозни најави за големи засилувања, европски успеси и нови проекти. Но, истовремено слушаме и закани за повлекување од фудбалот секогаш кога дисциплинските органи ќе донесат одлука што не е по нечии очекувања. Таквиот пристап остава впечаток дека некои лесно ги прифаќаат придобивките од системот кога победуваат, а многу потешко ги прифаќаат правилата и одговорноста кога ќе се соочат со санкции.

Во однос на најавите за можно повлекување на спонзорот, тоа е нивна деловна одлука и ФФМ ќе ја почитува. Но никој не треба да очекува дека преку такви пораки ќе влијае врз одлуките на федерацијата или нејзините органи.

Правилата се исти за сите клубови, без разлика како им се вика спонзорот, колкава е неговата финансиска моќ или какво влијание некој верува дека поседува. Потенцирањето на името на спонзорот во соопштенија, јавни настапи и заеднички состаноци не го фасцинира ова раководство на Федерацијата, ниту претставува аргумент што може да влијае врз дисциплинските одлуки. Интересно е што и последното соопштение беше подготвено и објавено во доцните вечерни часови, во стил кој очигледно треба да демонстрира сила и важност, „типично за голем клуб“. Но, големината на еден клуб не се докажува со соопштенија, притисоци или повикување на финансиска моќ, туку со одговорност, достоинство, скромност и почитување на правилата.

Нема повеќе како досега. Завршено е времето кога некој можеше да верува дека неговата позиција, влијание или финансиска поддршка му обезбедуваат поинаков третман. Денес важи само еден принцип. Исти правила за сите. Тоа е основата на спортската правда и единствениот пат по кој ќе се движи ФФМ.

Со години во јавноста се пласираше порака за посебна моќ и влијание. Но, времето кога некој можеше да верува дека за него важат поинакви правила е завршено. Доколку некој смета дека неговото име, финансиска моќ или придонес му обезбедуваат привилегиран третман, тогаш суштински не го разбира принципот на спортската правда. Во македонскиот фудбал нема недопирливи.

ФФМ нема да носи одлуки под притисок, ниту ќе дозволи уцени да влијаат врз работата на нејзините органи. Сите клубови се важни за македонскиот фудбал, сите имаат свои заслуги и сите заслужуваат почит. Но, никој не е над правилата.

Со ова ја сметаме темата за затворена. Интегритетот на натпреварувањата, почитувањето на законите, достоинството на спортот и еднаквиот третман за сите остануваат принципи од кои ФФМ нема да отстапи. Правилата ќе важат за сите, вклучително и за ФК Шкендија и нејзиниот спонзор. Без исклучок“, стои во соопштението на ФФМ.


Дебакл на српската репрезентација на тестот во Мексико

Фудбалската репрезентација на Србија претрпе тежок пораз во пријателскиот натпревар одигран во Толука. Еден од домаќините на претстојното Светско првенство, Мексико, славеше со убедливи 5-1. Тоа е втор неуспех на српската репрезентација во овој репрезентативен циклус, откако пред пет дена загуби од Зеленортските острови со 0-3.

Иако Србија поведе во 19-та минута со голот на Петар Станиќ, домаќините го свртија резултатот до крајот на полувремето. Прво, Јохан Васкез израмни на 1-1 во 34-та минута, а во судиското продолжение од првото полувреме, Стефан Букинац му донесе предност на Мексико со комичен автогол.

Во второто полувреме, Мексиканците ја потврдија победата. Раул Хименез го зголеми резултатот на 3-1 во 57-та минута, по што следеше уште еден автогол на српската репрезентација.

Со несмасна реакција, Адем Авдиќ ја затресе сопствената мрежа во 72-та минута за 4-1. Конечните 5-1 ги постигна Луис Чавез во последната минута од натпреварот.

Треба да се напомене дека Србија, како и во претходниот натпревар, настапи со комбиниран тим. Најголемите ѕвезди му откажаа на селекторот Вељко Пауновиќ, па тимот беше составен главно од играчи од домашната лига и оние со малку или без никакво искуство во репрезентацијата.


Спонзорот на Шкендија се закани: Ако ФФМ не ја смени одлуката, ќе размислиме да се повлечеме од мак-фудбалот

Спонзорот на актуелниот шампион јавно побара ФФМ да ја преиспита и коригира донесената одлука, а во спротивно најави можност за целосно повлекување од клубот и македонскиот фудбал.

„ФК Шкендија е еден од ретките клубови што функционира со сериозност, коректност и целосна усогласеност со спортските и финансиските обврски. Нашиот придонес низ годините чинеше многу труд, средства и жртви. Покрај тоа, Шкендија е клубот кој со своите достоинствени настапи во Европа го зголеми коефициентот на лигата, од кој корист имаат сите домашни клубови и благодарение на кој, од следната година, нашиот фудбал ќе има дополнително место во европските купови.

Затоа е неприфатливо со одлуки донесени „на маса“ да се оштети еден сериозен проект и овој придонес да се „награди“ со намерни удари. Овој пристап нè тера да ја разгледаме и опцијата за повлекување од клубот, односно од фудбалот во Македонија. Доколку ФФМ не ја повлече оваа одлука, ние како спонзор сериозно ќе го преиспитаме нашето понатамошно учество, бидејќи оваа одлука ги нарушува правата и политиките на клубот“, порачуваат од Шкендија.

Тетовци очекуваат надлежните органи на ФФМ да реагираат во најкус можен рок и да ја преиспитаат казната во интерес на спортската правда и иднината на македонскиот фудбал. Шкендија беше санкционирана по повеќе основи, а најтешката казна е исфрлањето од Купот на Македонија за следната сезона поради одбивањето да ги прими медалите за вицешампион во куп натпреварувањето.