фудбал

Елнени го продолжи договорот со Арсенал

Играчот од средниот ред на Арсенал, Мохамед Елнени, го продолжи договорот за уште една сезона.

29-годишниот фудбалер пристигна во Северен Лондон во 2016-та од тимот на Базел.  За шест сезони одигра 147 натпревари со ефект од пет голови и 10 асистенции.

„Го сакам клубот и го чувствувам како дел од семејството. Сакам да продолжам да играм и многу сум возбуден за иднината“, – изјави Елнени за клупската веб-страница.


Депај не сака да замине од Барселона

Еден од играчите на Барселона кој треба да биде на продажба – Мемфис Депај покажа дека не планира да го менува клубот. Медиумите се убедени дека со добра понуда холандскиот напаѓач би можел да биде продаден, бидејќи од една страна на Каталонците им требаат средства, од друга не успеа да блесне минатата сезона.

Денес, сепак, Депај на својот Твитер профил го напиша следново:

„Мојата прва сезона не беше онаква каква што замислував. Мора да продолжиме да работиме и да станеме посилни за да ги постигнеме нашите цели во следната сезона, Само Барса“.

Овој фудбалер ја заврши сезоната со 13 гола и две асистенции во 38 натпревари во дресот на Барселона во сите натпреварувања.


Пулишиќ добива нов договор на „Стемфорд бриџ“

Фудбалерот на Челзи, Кристијан Пулишиќ, во наредните недели ќе се сретне со менаџерот на лондончани, Томас Тухел.

23-годишниот игрча забележа 22 настапи во Премиер лигата во кои постигна 6 гола и 2 асистенции. Тренерот, на крајот на сезоната го пофали Американецот.

„Кристијан Пулишиќ беше во иста ситуација како Каи Хаверц. Тие заслужуваат да бидат наградени бидејќи работат напорно и тоа се гледа на теренот“, изјави германскиот тренер.


Клоп е менаџер на сезоната во Премиер лигата

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, е избран за менаџер на годината во Премиерлигата за сезоната 2021/2022, објави официјалниот сајт на лигата.

Германскиот стратег по вторпат во кариерата ја освои оваа награда. Клоп за првпат беше прогласен за менаџер на сезоната во 2020 година.

Ливерпул ја заврши Премиерлигата на втората позиција со 92 бода. Во исто време, „црвените“ ги освоија двата национални купа – англискиот Лига куп и ФА Купот.


Виера ќе остане неказнет по инцидентот на „Гудисон парк“

Полицијата нема да покрене обвинение против менаџерот на Кристал Палас, Патрик Виеира за инцидентот на Гудисон Парк по натпреварот со Евертон.

Приврзаниците на „карамелите“ бурно ја изразија својата радост по крајот на мечот. Тогаш  камерите уловија како еден од навивачите му приоѓа на Французинот и прави непристоен гест кон неговото лице.

Виеира тогаш го фати за рака а потоа го удри со нога а навивачот падна на земја.


„Франс фудбал“ ќе ја додели „Златната топка“ на 17 октомври

Церемонијата на доделување на Златната топка за 2022 година ќе се одржи на 17 октомври, објавија од „Франс Фудбал“. Номинираните за наградата ќе бидат објавени на 12 август.

Да потсетиме дека последната церемонија за доделување на Златната топка се одржа во Париз (Франција) на 29 ноември минатата година. Добитник на наградата на крајот на 2021 година беше аргентинскиот напаѓач на Пари Сен Жермен Лионел Меси.

Напаѓачот доби 613 поени, 33 пред напаѓачот на Баерн Роберт Левандовски. За Лионел Меси оваа „Златна топка“ беше седма во кариерата.


Јирген Клоп е тренер на сезоната во Премиер лигата

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп ја доби наградата за најдобар тренер во Премиер лигата која ја доделува самата лига, а воедно Клоп го доби и трофејот Сер Алекс Фергусон за најдобар тренер според Здружението на тренери во Премиер лигата.

Германецот оваа година го одведе Ливерпул до титулите во Лига купот и ФА купот. Титулата во Премиер лигата на тимот од Енфилд му „избега“ во последното коло, а преостанува уште борбата за трофејот во Лигата на шампионите во финалето против Реал Мадрид


Нико Ковач и официјално е нов тренер на Волфсбург

Бившиот селектор на хрватската репрезентација, и доскорешниот тренер на Монако Нико Ковач официјално е назначен за тренер на Волфсбург.

50-годишниот тренер, потпиша договор со кој ќе остане во клубот до 2025 година.

„Јас сум дете на Бундеслигата. Многу сум возбуден и мотивиран за мојата нова работа на клупата на Волфсбург“, изјави Ковач.

Нико како фудбалер настапуваше за Херта, Бајер Леверкузен, Хамбургер и Баерн Минхен, а како тренер ги водеше екипите на Ајнтрахт од Франкфурт и минхенски Баерн.


Дибала: Уште не сум одлучил каде ќе играм следната сезона

Пауло Дибала се уште не го избрал својот следен тим. Ова го изјави по хуманитарниот натпревар во Милано, организиран од Самуел Ето. Аргентинецот ќе стане слободен играч на 30 јуни кога му истекува договорот со Јувентус, а интерес за него имаат Интер, Рома, Тотенхем, Пари Сен Жермен, Арсенал и Манчестер Јунајтед.

„Среќен сум што сум тука и можев да разменам неколку зборови со Ето. Беше одличен фудбалер и не можев да ја пропуштам шансата да разговарам. Повеќе сакам да коментирам за настанот, а не за мојата иднина. Јас сум мирен. Утре ќе и се приклучам на репрезентацијата пред мечот со Италија, па ќе одам на одмор“, изјави Дибала, кој беше забележан како разговара со потпретседателот на Интер, Хавиер Занети.

„Се уште ништо не сум одлучил. Ќе се обидам да го изберам најдоброто за себе“, продолжи Дибала.


Деклан Рајс ќе остане во Вест Хем и наредната сезона

Играчот на Вест Хем, Деклан Рајс, одлучи да остане уште една сезона во својот сегашен клуб, иако огромен интерес за него покажуваат Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити и Челзи.

Иако 23-годишниот играч од средниот ред досега одбиваше да потпише нов договор со Вест Хем сепак според англиските медиуми тој одлучил да остане во Вест Хем уште една година и потоа да замине во некој поголем клуб.

Една од причините за тоа што Рајс не сака големи промени оваа година, е Светското првенство во Катар. Тој очекува да биде важен дел од тимот на селекторот Саутгејт.