фудбал

Милан го враќа Донарума?

Фудбалскиот клуб Милан планира враќање на голманот Џанлуиџи Донарума, кој не се чувствува добро во ПСЖ оваа сезона.

Напуштањето на Донарума предизвика голем гнев во Милан. Голманот сакаше огромна плата и одби неколку понуди од челниците на кубот пред да ја прифати понудата на ПСЖ. Но по се изгледа сега работите се смирија и голем дел од навивачите се подготвени да му простат на Донарума доколку тој повторно се одлучи да заигра за Росонерите.

Според пишувањата, иднината на Донарума во ПСЖ е тесно поврзана со Леонардо. Голема е веројатноста дека спортскиот директор на лето ќе го напушти клубот од Париз, а со него ќе замине и италијанскиот репрезентативен голман.


Барса се распрашува за Габриел Жесус

Габриел Жесус го привлече вниманието на Барселона. Не е тајна дека Каталонците на лето ќе настојуваат да го засилат нападот. Тие беа заинтересирани за Ерлинг Халанд, но се чини дека на „Камп Ноу“ се откажаа бидејќи ги немаат потребните финансии за да ја добијат битката за Норвежанецот. Затоа клубот бара други опции и една од нив е Жесус.

25-годишниот Бразилец не е цврст стартер оваа сезона кај Пеп Гвардиола. Шпанскиот стручњак прави многу ротации во својот тим, но Жесус има 33 натпревари и 7 гола сезонава во сите натпреварувања. Сепак, неговата иднина на „Етихад“ не е сосема сигурна, бидејќи неговиот договор е до 2023 година и на лето клубот мора да одлучи дали ќе му понуди продолжување или ќе го продаде за да добие највисока можна сума за трансфер.

Сепак, Барселона не е единствениот кандидат за Бразилецот. Фудбалерот долго време е на мета на Јувентус и „бјанконерите“ имаат сериозна желба да го земат во својот тим на лето. 


Малдини потврди дека Милан наскоро добива нови сопственици

Од вчера веќе на големо се зборува и најавува дека Милан набрзо ќе добие нови сопственици.

Дека е блиску до договор потврди и Паоло Малдини кој порача дека не би требало да биде изненадување ако Милан многу брзо добие нови сопственици, иако не сакаше да открие нешто повеќе.

„Не знам многу, но може да се случи да добие нов сопствник во наредниот период. Она што не можам да ви го потврдам е моментот кога тоа би се случило. За нас сега е најважно да се фокусираме на завршницата сезоната во Серија А како и Купот на Италија“, изјави Малдини.

Вчера „Ројтерс“ објави дека компанијата „Инвесткорп“ од Бахреин веќе ги договорила условите со актуелниот сопственик, инвестициската група „Елиот менаџмент“ и прашање на време е кога зделката ќе биде објавена.


Фергусон заработува вистинско богатство и во пензија

Сер Алекс Фергусон ја заврши кариерата во 2013 година, но се уште заработува повеќе од голем број фудбалери во Премиер лигата.

Фергусон после повлекувањет од клупата на „црвените ѓаволи“ остана амбасадор на клубот кој го водеше цели 26 години.

За оваа позиција тој добива дури 2.5 милиони фунти годишно. Покрај ова Ферги заработува и од настапите во медиумите и продажбата на автобиографската книга.

Кога се ќе се собере приходот на Фергусон е огромни 13.5 милиони фунти годишно.


Чави: Се чувствувавме ограбени во сопствениот дом

Тренерот на Барселона, Чави Ернандез не може да го преболи болниот пораз од Ајнтрахт Франкфурт во Лигата на Европа. 

“Се започна многу лошо кога дознавме дека има толкав број на гостински навивачи на стадионот. Беше непријатно во секоја смисла. Се чувствувавме ограбени во нашата куќа“, рече Чави. 

Чави се надева дека Барселона ќе успее да ги пронајде виновниците за тоа што на трибините на Камп Ноу имаше повеќе од 30.000 навивачи на Ајнтрахт Франкфурт.

“Се надевам дека лицата од клубот ќе дадат соодветно објаснување. Тоа беше грешка на клубот, очигледно. Очекувам прво нам да ни објаснат што се случи, а потоа да им објаснат и на медиумите. Јасно е дека вакво нешто не треба да се повтори“, изјави Чави.


Астон Вила нема да го откупи Кутињо?

Раководството на Астон Вила почнува да ги преиспитува плановите за трајно привлекување на играчот од средниот ред, Филипе Кутињо. Бразилецот моментално е на позајмица на „Вила Парк“ од Барселона, а тимот од Бирмингем има опција да ги откупи неговите права за 40 милиони евра. Сепак, последните информации на „Мундо Депортиво“ тврдат дека таа нема да биде искористена.

Кутињо веднаш по трансферот од Барселона направи неколку брилијантни натпревари. Затоа Астон Вила брзо почна да размислува да го задржи трајно. Сепак, Бразилецот не успеа да одржи високо ниво на перформанси и неодамна неговата форма драстично опадна. Ова е причината зошто газдите на Астон Вила ја преиспитуваат својата одлука да го купат.


Барса ризикува казна од УЕФА за германската инвазија на „Камп Ноу“

Барселона може да биде казнета поради големиот број германски навивачи надвор од безбедносната зона ограничена од УЕФА за навивачи на гостински терен. Повеќе од 30.000 навивачи на Ајнтрахт најдоа начин да влезат и да седнат на своите места на „Камп Ноу“ создавајќи одлична атмосфера за нивниот тим, кој ги елиминира Каталонците од Лигата на Европа.

Сериозен скандал настана кога клупските легенди го обвинија претседателот Жоан Лапорта за „пробивот“, а тој најави дека билетите за евро-натпреварите на тимот сега ќе бидат продавани со имињата на навивачите кои ги купиле.

Извештајот на безбедносниот координатор на УЕФА несомнено ќе биде клучен во евентуалната казна, бидејќи овој преголем број ермански навивачи предизвика безбедносни проблеми во областа околу „Камп Ноу“, за што објективно одговара и Барселона.


Конте има нов „пик“, Тотенхем го сака Марио Хермосо

Тотенхем е заинтересиран за дефанзивецот на Атлетико, Марио Хермосо, објави „Дејли Меил“. Според изворот, „мамузите“ сакаат да потпишат со универзалниот дефанзивец во текот на летниот преоден рок. 

Антонио Конте го именуваше 26-годишниот Шпанец како една од главните трансфер цели ова лето.

Во сезоната 2021/22, Хермосо постигна 2 гола и имаше 1 асистенција на 32 натпревари за Атлетико Мадрид. Според проценките неговата вредност на пазарот изнесува околу 25 милиони евра, но евидентно е дека Симеоне нема да му дозволи да замине за сума под 40 милиони евра.


Роналдо заработи 850 илјади фунти со хет-трикот против Норвич

Со постигнатите три гола против Норвич, Кристијано Роналдо заработи супер паричен бонус, пренесуваат медиумите во Англија. Благодарение на неговиот хет-трик, Манчестер Јунајтед успеа да победи со 3:2 на Олд Трафорд.

Роналдо го постигна својот 21 гол сезонава , што му донесе бонус од 850.000 фунти.

Според договорот на Португалецот со клубот од „Олд Трафорд“ со 20 постигнати голови во текот на сезоната, тој мора да добие бонус од 750.000 фунти, а секој нареден гол ќе му носи дополнителни 100.000 фунти.


Ако Тен Хаг го преземе Јунајтед, Бергвајн ќе биде првото засилување

Стивен Бергвајн би можел да биде првото ново засилување на речиси сигурниот нов менаџер на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, според Дејли Меил.

Холандскиот крилен напаѓач во јануари беше блиску до трансфер во актуелниот клуб на Тен Хаг, Ајакс, но на крајот не беше постигнат договор.

Сепак, 24-годишниот Бергвајн најверојатно ќе го напушти лондонскиот клуб на лето и „црвените ѓаволи“ можат да го привлечат во своите редови за околу 20 милиони фунти, пишува британското издание.

Оваа сезона Бергвајн има 20 натпревари, 3 гола и 1 асистенција во дресот на „спарс“ во англиската Премиер лига. Тој пристигна во клубот во јануари 2020 година, откако претходно го носеше дресот на ПСВ Ајндховен.

Неговиот договор со Тотенхем истекува во 2025 година.