фудбал

Њукасл ја продлабочи кризата на Тотенхем, Постекоглу пред смена

Њукасл, во Лондон го совлада Тотенхем со 1-2 во првиот натпревар од 20. коло на англиската Премиер лига.

Во првите шест минути видовме два гола на овој натпревар, но и голема контроварза која фрли сенка на овој натпревар.

Тотенхем поведе во четвртата минута кога Доминик Соланке постигна гол по асистенцијата на Педро Пор.

Само 100 секунди подоцна стигна израмнувањето со голот на Ентони Гордон. Сепак, на ова му претходеше очигледно играње со рака на Жоелингтон.

За главниот судија Медли и судиите во ВАР собата немаше ништо спорно.

Александар Исак во 38.минута го комплетираше пресвртот на Њукасл. Швеѓанеецот ја потврди добрата форма, го постигна 13. гол во тековната сезона.

Тотенхем беше многу поофанзивен во вториот дел, а на теренот влегоа Хеунг-Мин како и Џејмс Медисон, кој беше најблиску до гол во 81. минута.

Њукасл останува на петтото место со 35 освоени бодови, додека Тотенхем е на 11-та позиција со само 24.


Тотенхем купи нов голман, потпиша Кински од Славија

Тотенхем е блиску до потпишување договор со голманот на Славија Прага, Антонин Кински Јуниор, кој веќе е во Лондон на лекарски прегледи. Според инсајдерот Фабрицио Романо, постигнат е устен договор меѓу сите заинтересирани страни. Кински мора да оди на лекарски преглед по денешниот натпревар.

Антонин Кински Јуниор е син на поранешниот голман на Чешка, Антонин Кински. Минатово лето тој дебитираше за селекцијата на Чешка на мечот со Словачка, а набргу потоа дебитираше и во Лигата на шампионите на УЕФА.


Захариевски претставен како нов тренер на Пелистер

Битолски Пелистер од денес има ново тренерско име во познатиот македонски стратег, Срѓан Захариевски.

Захариевски денеска потпиша договор со Пелистер и официјално беше претставен пред јавноста. Ова е своевидно враќање на Захариевски во Битола, каде работеше во 2017 година.

51-годишниот стручњак имаше забележителни резултати во своите проекти во мак-фудбалот. Со успех ги водеше Металург, Струга и Воска Спорт. Захариевски првата прозивка ќе ја има на 8 јануари, кога започнуваат подготовките за вториот дел на шампионатот на Македонија.


Канаваро официјално претставен во Динамо Загреб

Динамо Загреб на македонскиот интернационалци Стефан Ристовски и Аријан Адеми доби нов тренер и тоа во името на Фабио Канаваро.

Италијанецот доби понуда да работи во најдобриот хрватски клуб, понуда која е прифати, поточно кажа „ДА“ за предизвикот кој е сериозен и во кој ќе треба да го задржи Динамо на врвот во ХНЛ.

„Сè може да се случи брзо, а вие треба да бидете подготвени. Пред два месеци ме повикаа од Динамо, па почнав да добивам информации за клубот. Ги проучував играчите и видов како можат да играат подобро. Важно е да се трудат и да го дадат својот максимум, а тренерот мора да ја организира играта за да бидат подобри резултатите. Имаме многу цели, но немаме време. На средина сме на сезоната и ќе се обидеме да се подобриме за кратко време. Сакам да работам со млади играчи и не се плашам од ништо. Сакам да дадам се за овој клуб.

Најдобро е да имате мешавина од офанзивни и одбранбени стилови. Ми се допаѓа моите тимови да ја имаат топката и да ја контролираат играта. Не сакам да му давам премногу шанси на противникот, не сакам мојот тим да страда во одбраната. Мора да бидеме паметни и да ја читаме играта бидејќи таа се менува во текот на играта. Нема заштеда на енергија, мора да дадеме се. Тоа е фудбалот. Тешко е да се победува постојано“,. рече Канаваро.


Томас Парти го менува Арсенал со клуб од Серија А

Јувентус и Наполи покажуваат силен интерес за играчот за врска на Арсенал, Томас Парти пренесува „Калчомеркато“.

Парти пред четири години пристигна на „Емирати“ како големо засилување за 55 милиони евра, но никогаш не ги оправда очекувањата.

Оваа сезона игра добро, но неговиот договор истекува на лето, а се уште нема најави за продолжување на соработката.

Италијанските клубови сакаат да ја искористат ситуацијата и да го доведат без обештетување, па веќе стапиле во контакт со неговиот агент.

Парти уште во јануари може да потпише преддоговор, а Антонио Конте веќе разговарал со играчот и го убедува да потпише за Наполи.


Струга ги почнува подготовките, закажа пет контролки во Анталија

Фудбалерите на актуелниот шампион Струга Трим Љум на 8 јануари ќе ги започнат подготовките за вториот дел од сезоната, а главната фаза ќе биде во Анталија каде ќе заминат десет дена подоцна.

На 18 јануари ќе отпатуваат во Анталија каде ќе останат до 1 февруари. Таму ќе одиграат пет пријателски натпревари.

На 20 јануари ќе се сретнат со Дебрецин од Унгарија, четири дена подоцна со Корона Кјелце од Полска, следниот ден ќе играат со Рубин Казан од Русија, на 27. со Кизилхар од Казахстан, а последната контрола е на 31 јануари со Михаловце од Словачка.


Аморим потврди, Мегваер добива нов договор во Јунајтед

Раководството на Манчестер Јунајтед одлучи да го продолжи договорот со централниот дефанзивец Хари Мегваер. Ова го откри менаџерот на тимот Рубен Аморим на неговата прес-конференција пред натпреварот со Ливерпул во недела.

Договорот на дефанзивецот е продолжен за една година, што значи дека тој ќе остане на „Олд Трафорд“ до летото 2026 година.

Мегваер игра за „црвените ѓаволи“ од 2019 година, кога му се приклучи на Јунајтед во рекорден трансфер од Лестер.

Во овој период, Мегваер одигра 222 натпревари за тимот, на кои постигна 12 гола. Со тимот на Манчестер Јунајтед, дефанзивецот освои два трофеи – Купот Карабао и ФА Купот.


Фофана се повреди, Мареска до крајот на сезоната без дефанзивецот

Дефанзивецот на Челзи, Весли Фофана, најверојатно ќе го пропушти остатокот од сезоната поради повреда на тетивата, изјави во петокот тренерот Енцо Мареска.

Фофана мина низ пеколот на повредите кога ја пропушти целата сезона 2023/24, поради операција на предните вкрстени лигаменти во претсезоната, но одлично ја започна новата сезона и беше столбот на одбраната на Мареска.

24-годишниот фудбалер го започна секој натпревар на Челзи пред да се повреди против Астон Вила минатиот месец.

„За жал, Вес ќе биде надвор од теренот уште долго време“, изјави Мареска пред утрешниот натпревар со Кристал Палас.


Милан со супер-финиш го совлада Јуве и закажа градско дерби во Суперкуп финалето

Фудбалерите на Милан се пласираа во финалето на италијанскиот Суперкуп, откако во Ријад, во второто полуфинале го победија Јувентус со 2-1 (0-1).

„Старата дама“ од Торино имаше се во свои раце во поголемиот дел од натпреварот, откако поведе во 21. минута со голот на Кенан Јилдиз.

Во 70. минута Локатели аматерски реагираше, направи пенал, кој Кристијан Пулишиќ го претвори во 1:1.

Пет минути подоцна, Федерико Гати си постигна автогол по центаршутот на Муса од десната страна.

Финалето во Суперкупот ќе се одигра во понеделник, противник на Милан ќе му биде градскиот ривал Интер.


Реал со десетмина ја замолкна „Местаља“, Вини „поцрвене“ по дуелот со Димитриевски

Фудбалерите на Валенсија и Реал Мадрид вечерва на „Месталја“ го одиграа натпреварот од 12. коло, кој беше одложен во октомври поради поплавите кои го погодија овој дел од Шпанија.

Во турбулентен натпревар со многу пресврти, Реал во последните минути дојде до победа од 2-1 со играч помалку.

Уго Дуро го постигна воведниот гол за Валенсија, додека Лука Модриќ израмни во 85.минута, Џуд Белингем направи целосен пресврт во 96.минута, по катастрофалните грешки на Фулкие и Гиљамон.

Столе Димитиревски во првиот дел имаше две брилијантни интервенции, на стартот од мечот кога го сопре ударот на Валверде и во финишот на првиот дел кога му одбрани на Винисиус.

Џуд Белингем во 55.минута не реализираше пенал, топката заврши во стативата, а четити минути подоцна ВАР го поништи голот на Мбапе.

Во 80. минута Винисиус Жуниор доби директен црвен картон. Крилниот напаѓач на Реал Мадрид го удри Димитриевски и беше исклучен по прегледот на снимката.

Валенсија имаше шанса во 100.минута да изедначи, но по соло акцијата на Риоха и ударот што го упати од 20 метри топката заврши во стативата.

На овој натпрвар Лука Модриќ со 39 години и 116 дена стана најстариот играч кој постигнал гол за Реал Мадрид на официјален натпревар. Тој го собори рекордот на Ференц Пушкаш од 1966 година. Тој постигна гол на 39 години и 15 дена.

Реал Мадрид победи и се искачи на првото место во поредокот во Ла Лига со 43 бода, два повеќе и натпревар повеќе од градскиот ривал Атлетико.