фудбал

Де Јонг позитивен на ковид-19, ќе го пропушти дуелот со поранешниот клуб

Напаѓачот на Барселона, Лук де Јонг е позитивен на коронавирус. 31-годишниот холандски фудбалер беше тестиран вчера, а резултатот од тестот е позитивен. Се наведува дека на Де Јонг се чувствува добро, но ќе мора да го пропушти претстојниот натпревар од 30. коло со Севиља.

Сезонава холандскиот фудбалер одигра 15 натпревари за Барселона и постигна пет гола.


Конте посакува Хари Кејн да остане во Тотенхем

Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте даде коментар за иднината на најдобриот стрелец на тимот Хари Кејн.

“Секако дека сакам Хари да остане во клубот. Многу е важно тој да има добар завршеток на сезоната. Тој е фудбалер кој секој тренер сака да го има во својот тим. Имаме одличен однос со Хари. Тој е врвен фудбалер “, изјави италијанскиот стручњак, а пренесува познатиот новинар Фабрицио Романо.

Сериозен интерес за Хари Кејн има од Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед. Договорот на 28-годишниот Кејн и Тотенхем истекува на 30 јуни 2024 година.


Луис Енрике: Способни сме да победиме со било кого

Селекторот на шпанската фудбалска репрезентација Луис Енрике ја коментираше ждрепката за групната фаза на Светското првенство во Катар. 

„Фуријата“ е во група со Германија, Јапонија и победникот од плејофот меѓу Костарика и Нов Зеланд.

„Сакаме да стигнеме до финалето и да го добиеме. Немаме намера да го менуваме стилот на игра, без разлика дали се работи за контролен или натпревар од Светското првенство. Играме на начин што ќе му создаде проблеми на секој противник. Способни сме да победиме против било кој“, изјави Луис Енрике.


Алжир бара преигрување на натпреварот против Камерун

Алжирската фудбалска федерација достави барање до УЕФА да се преигра реванш натпреварот од мундијалските квалификации против Камерун, наведувајќи оти лошото судење влијаело на нивниот пораз.   Алжир на првиот натпревар на гостински терен победи со 1-0, но во реваншот пред своите гледачи загуби во вторникот со 2-1 и остана без пласман на Светското првенство во Катар. 

Победничкиот гол за Камерун го постигна Карл Токо Екамби во 124 минута, откако главниот судија Бакару Гасама од Гамбија претходно поништи два гола на алжирската репрезентација. Претседателот на Алжирската федерација Шараф – Един Амара поднесе оставка поради неуспехот во мундијалските квалификации. Алжир сега бара ФИФА да наложи да се преигра решавачкиот натпревар против Камерун за што не постои шанса, бидејќи жрепката за групната фаза е закажана за вечерва. Од Африка на Светското првенство во Катар се пласираа Гана, Сенегал, Тунис, Мароко и Камерун.


Милан во обид за трансфер на Герет Бејл

Според пишувањата во италијанските медиуми, Милан ќе се обиде да го привлече Герет Бејл од Реал Мадрид. Договорот на 32-годишниот играч од Велс со тимот на Реал Мадрид истекува на крајот од сезоната. 

Информациите велат дека Паоло Малдини кој е спортски директор на „росонерите“веќе разговарал со претставници на играчот. Клубот од Милано сака да дознае под кои услови Бејл би се согласил да се пресели на Сан Сиро.

Герет Бејл оваа сезона одигра само 5 натпревари за Реал Мадрид, на кои постигна еден гол.


Реал Мадрид доведе 18 годишен Бразилец

Шпанските медиуми објавуваат дека младиот бразилски талент Винисиус Тобиас и официјално е нов фудбалер на Реал Мадрид.

18-годишниот десен бек ќе игра на Сантијаго Бернабеу како позајмен играч од екипата на Шахтјор Доњецк со договор до 30 јуни 2023 година.

Во договорот постои опција за купување која Реал Мадрид може да ја активира по истекот на позајмицата.


Огромен пад на приходите во Бундеслигата

Приходите генерирани од клубовите од Бундеслигата во сезоната 2020/2021 паднаа за повеќе од 8,5 отсто на 3,47 милијарди евра (3,84 милијарди долари) од 3,8 милијарди евра, откако пандемијата ковид-19 доведе до тоа повеќето натпревари да се играат без навивачи, објави Германската фудбалска лига. Во извештајот се наведува дека намалувањето на приходите е главно од продажбата на билети, која изнесувала 22,4 милиони евра во 2020/2021 година, наспроти 520 милиони во сезоната 2018/2019 година пред пандемијата.

Во декември 2020 година, германската фудбалска лига предвиде пад на профитот од околу една милијарда евра во сезоната 2020/2021, доколку навивачите останат надвор од стадионите во текот на целата кампања. „Во последните две години, пандемијата веќе имаше драматично економско влијание врз Бундеслигата. За жал, тоа влијае и на тековната сезона, бидејќи повторно трибините често мораа да се останат празни“, рече Доната Хопфен, портпаролка на Извршниот комитет на лигата.

Покрај тоа, клубовите се помалку подготвени да инвестираат многу во нови играчи, бидејќи приходите од трансфери исто така нагло паднаа на 469 милиони евра, од 533 милиони евра во сезоната 2015/2016.


Дејвид Мојс: Деклан Рајс вреди повеќе од 150 милиони фунти

Тренерот на Вест Хем, Дејвид Мојс, им порача на клубовите кои се заинтересирани за купување на Деклан Рајс, да се откажат од битката за негов трансфер.

23-годишниот фудбалер најмногу се поврзува со заминување во Челзи и Манчестер Јунајтед, но шкотскиот тренер не сака лесно да се одрекне од него.

„Прво сакам да истакнам дека Деклан не е на продажба. Но ако сте заинтересирани, можам да кажам дека сумата за него ќе биде вртоглаво висока. Минимална цена за него според мене би изнесувала 150 милиони фунти, но повторно истакнувам дека тој не е на продажба“, изјави Дејвид Мојс.


Пикси: Групата е тешка но не се плашиме од никој

Селекторот на фудбалската репрезентација на Србија, Драган Стојковиќ-Пикси, внимателно и со избрани зборови ја прокоментира ждрепката и групата во која се најде Србија за СП во Катар.

„Групата е тешка, мора да ги респектираме ривалите, но пред се мора да се респектираме самите себе. Пред нас е мини турнир со три натпревари кои мора да ги одиграме на највисоко ниво. Ние не се плашиме, сакаме предизвик и мислам дека ќе успееме.Бразил, Швајцарија и Камерун заслужуваат максимално почитување“, истакнува селекторот Стојковиќ.


Бенфика бара огромни 60 милиони евра за Дарвин Нуњеш

Бенфика одреди цена од 60 милиони евра за својот уругвајски напаѓач Дарвин Нуњеш, информира „А Бола“.

22-годишниот уругвајски репрезентативец е во полето на интерес на клубови како Интер, Милан, Тотенхем, Арсенал и Вест Хем. Оваа сезона тој постигна импресивни 26 гола на 33 натпревари во сите натпреварувања.

Според информациите на „А Бола“, фаворити за неговиот потпис се италијанските гиганти. Интер е пред разделба со Лаутаро Мартинез и веќе бара негова замена.

Се чини дека е потешко да се пресели во Милан, бидејќи „росонерите“ многу внимателно ги трошат парите.