фудбал

Ја одби Германија за да заигра за австрискиот национален тим

Германската фудбалска репрезентација веројатно ќе остане без услугите на еден од најталентираните фудбалери во земјата, бидејќи тој размислува да прифати повик од земјата во која е роден.

Се работи за големиот талент на Баерн Минхен, 18-годишниот Паул Ванер, кој сезонава игра одлично на заем во редовите на Хајденхајм, а кој бил во плановите на селекторот Јулијан Нагелсман.

Нагелсман решил да му испрати прв повик на Ванер за претстојните натпревари во Лигата на нации, но фудбалерот ја шокирал федерацијата со повратна информација дека не ја прифаќа поканата за настап во националниот тим.

Медиумите шпекулираат дека Ванер сака да настапува за Австрија, но барем засега никој не може да потврди какви се плановите на фудбалерот кој се очекува да има важно место во редовите на Баерн наредните години.

Фудбалерот засега дипломатски го одложува решението со инсистирање да остане дел од У-21 репрезентацијата на Германија, со што си купува време за да ја соопшти конечната одлука.


Повредениот Адли доби нов договор во Леверкузен

Репрезентативниот напаѓач на Мароко, Амин Адли, го продолжи договорот со германскиот шампион Баер Леверкузен до 2028 година, објави клубот денес.

Адли моментално се опоравува од фрактура на левата нога добиена на натпреварот од Лигата на шампионите против Брест во октомври. За Баер Леверкузен има 126 натпревари, постигна 21 гол и 22 асистенции. 24-годишниот играч одигра клучна улога минатата сезона кога Леверкузен ја освои двојната круна во шампионатот и германскиот куп.

„Моите очекувања беа повеќе од исполнети и ќе направам се што е во моја моќ за да продолжиме да постигнуваме големи цели и да освојуваме трофеи“, прокоментира Адли.

Спортскиот директор на Баер, Симон Ролфес, верува дека Адли „стана првокласен играч во Бундеслигата“. Баер Леверкузен моментално е четврти на табелата – седум бода помалку од Баерн Минхен, а исто така е на 13. позиција во Лигата на шампионите.

Напаѓачот, кој е роден во францускиот град Безие, избра да игра за Мароко и има 14 натпревари за тимот откако дебитираше во септември 2023 година.


Париз ќе биде домаќин на дуелот меѓу Франција и Израел

Фудбалскиот натпревар меѓу Франција и Израел, закажан за 14 ноември на стадионот „Стад д Франс“ во Париз, нема да биде преместен на друга локација.

Ова го најави министерот за внатрешни работи, како одговор на можните инциденти меѓу пропалестинските и израелските навивачи.

„Некои бараат да се помести натпреварот Франција-Израел. Не го прифаќам тоа, Франција не се откажува бидејќи тоа би значело абдицирање пред заканите за насилство и антисемитизам“, напиша францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретаљо. на социјалната мрежа „Х“.

Синоќа во Амстердам се судрија навивачите на фудбалскиот клуб Макаби од Тел Авив и пропалестинските демонстранти, а според локалната полиција биле уапсени 62 лица, додека пет лица се пренесени во болница.

Ретаљо додаде дека на негово барање, префектот на париската полиција Лоран Нуњез „ги прави сите неопходни безбедносни процедури за овој натпревар да се одржи на стадионот „Франција“ како што е планирано“.

Фудбалерите на Франција и Израел ќе се сретнат на 14 ноември во натпреварот од петтото коло од А2 групата од Лигата на нации. Франција моментално е втора во групата со девет бодови, додека Израел е се уште без бодови и го зазема последното четврто место.


„Франс фудбал“ објави, Родри освои 41 глас повеќе од Винициус

Manchester City’s Spanish player Rodri receives the 2024 Men’s Ballon d’Or award during the 68th Ballon d’Or (Golden Ball) award ceremony at Theatre du Chatelet in Paris, Monday, Oct. 28, 2024. (AP Photo/Michel Euler)

Фудбалерот на Манчестер сити, Родри, ја освои „Златната топка“ со 41 глас повеќе од второпласираниот играч на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор, објави Фабрицио Романо.

Доделувањето на овогодинешната „Златна топка“, која се доделува на најдобриот играч од претходната сезона, се одржа на 28 октомври во Париз, а точниот број на гласови кои ги освоил секој играч не беше веднаш достапен.

Ниту еден претставник на Реал Мадрид не присуствуваше на церемонијата, бидејќи однапред знаеја дека Винисиус Жуниор нема да ја добие наградата. Реал сметаше дека организаторите на наградата покажале непочитување кон тој клуб.


Баерн со понуда „земи или остави“ за Алфонсо Дејвис

Баерн му испрати последна понуда на 24-годишниот лев бек Алфонсо Дејвис за продолжување на неговиот договор кој завршува следното лето, објави „Билд“.

Според изворот, клубот од Минхен ги подобрил условите за канадскиот фудбалер, но не сака да ја дестабилизира ситуацијата во тимот. Сепак, поверојатно е Дејвис да го напушти Баерн во летото 2025 година.

Се нагласува дека Манчестер Јунајтед е подготвен да му понуди на 24-годишниот играч плата од 15 милиони евра по сезона, како и бонус за потпис од 10 милиони евра. Реал Мадрид е подготвен да му понуди на Дејвис уште подобри услови.

Оваа сезона, дефанзивецот учествуваше на 14 натпревари на сите турнири, на кои постигна три асистенции. Според информациите објавени на порталот Трансфермаркт, пазарната вредност на фудбалерот е 50 милиони евра.


Ни Слот не знае колку сериозна е повредата на Жота

Арне Слот не е изненаден од добриот старт во новата сезона и истакнува дека бил многу свесен за силата на тимот што го наследил од Јирген Клоп.

Од 16 одиграни натпревари, Ливерпул победи на 14, има едно реми и еден пораз. На „Енфилд“ се надеваат дека и по саботниот дуел со Астон Вила ќе останат на врвот на табелата во Премиер лигата.

„Не можам да кажам дека сум изненаден, тоа не е добар збор, бидејќи ја знаев силата на овој тим уште пред да дојдам. Но, квалитетот е едно, конзистентноста е сосема друго“, изјави Слот на прес-конференцијата во петокот.

„Понекогаш ви треба и малку среќа. Поголемиот дел од резултатите сезонава беа заслужени, но некои можеа да имаат и поинаков исход. Кога почнав да работам со тимот, видов колку труд вложуваат за да ги постигнат овие резултати“, додаде Холанѓанецот.

Слот потврди и дека се уште не може да смета на Диого Жота кого не го очекува на теренот пред крајот на ноември. Жота се повреди на 20 октомври на дуелот со Челзи. Сепак, тој не сакаше да објасни за што се работи:

„Тој ќе се врати на првиот или вториот натпревар по репрезентативната пауза. Тоа е приватна работа“.

Ливерпул во сабота од 21:00 часот ја пречекува Астон Вила.


В понеделник започнува продажбата на билети за двата ноемвриски дуели на Македонија

Фудбалската федерација на Македонија ја информираше јавност дека од понеделник, 11 ноември започнува продажбата на билети за натпреварите на Македонија со Летонија и Фарски Острови во рамки од последната фаза од групите во Лигата на нации.

Цената на билетите за натпревар изнесува од 200 и 400 денари, во зависност од секторот. На јужна и северна трибина цената ќе биде по 400 денари, додека на запад и исток по 200 денари.

Продажбата на билети за натпреварите Македонија – Летонија и Македонија – Фарски Острови ќе се организира преку продажната мрежа на MKTickets. 

Прв гостин на Градски ќе биде селекцијата на Летонија (14 ноември, 20:45), а три дена подоцна ни гостуваат фудбалерите на Фарски Острови (17 ноември, 15:00 часот).


Фудбалерите на Јунајтед сакаат Ван Нистелрој да остане во стручниот штаб

Фудбалерите на Манчестер Јунајтед сакаат привремениот тренер Руд ван Нистелрој да остане во тимот по доаѓањето на новиот менаџер Рубен Аморим, потврди голманот Андре Онана.

Холанѓанецот го презеде местот на отпуштениот Ерик тен Хаг и ги предводеше „црвените ѓаволи“ до победа од 2-0 над грчки ПАОК во Лига Европа во четвртокот.

Ван Нистелрој, поранешен напаѓач на Манчестер Јунајтед, викендов ќе ги предводи „црвените ѓаволи“ против Лестер Сити пред да му ја предаде менаџерската функција на Аморим.

Запрашан од „ТНТ Спортс“ дали играчите на Јунајтед сакаат да продолжат да работат со Ван Нистелрој, Онана рече: „100%. Тој е многу пријатен човек и многу добар тренер. Неговото искуство ни помага и ние сме среќни под негово раководство. Тоа не е нешто за што ние решаваме, тоа е она што ќе го направи менаџментот, а ние само треба да го прифатиме тоа“.


Икарди сериозно се повреди, ќе паузира до крајот на сезоната

Soccer Football – Europa League – Galatasaray v Tottenham Hotspur – RAMS Park, Istanbul, Turkey – November 7, 2024 Galatasaray’s Mauro Icardi reacts after sustaining an injury REUTERS/Murad Sezer

Заврши сезоната за Мауро Икарди. Аргентинецот поради повреда ќе отсуствува од терените најмалку до крајот на сезоната.

Напаѓачот на Галатасарај се повреди на натпреварот од Лигата на Европа против Тотенхем синоќа, а по прегледите е констатирано кинење на вкрстените лигаменти на десното колено, како и оштетување на менискусот.

Оваа сезона тој постигна 4 гола на 7 натпревари во турскиот шампионат.


Леонардо Жардим го менува Креспо во Ал Аин

Поранешниот предводник на Монако, Леонардо Жардим, ќе биде нов тренер на Ал Аин од Обединетите Арапски Емирати, објави денеска италијанскиот новинар Фабрицио Романо.

Жардим на клупата на Ал Аин ќе седне на место на Ернан Креспо, кому во средата клубот од Абу Даби му го раскина договорот. Според информациите, Жардим ќе потпише договор до јуни 2025 година.

Поранешниот аргентински репрезентативец Креспо, беше отпуштен по поразот саудиски Ал Наср од 5-1 во последното коло од азиската Лига на шампиони, што беше четврти последователен натпревар во кој неговата екипа не успеа да забележи победа