фудбал

ФФМ учесник на годишната работилница за клупско лиценцирање

Фудбалската федерација на Македонија со свои претставници учествуваше на годишната работилница за клупско лиценцирање во Белград организирана од УЕФА.

Системите за лиценцирање клубови и финансиска одржливост се еден од важните сегменти во европскиот фудбал. Нивната цел е дополнително да го промовираат и континуирано да го подигаат стандардот на фудбалот, не само од аспект на играта. Исто така, битна е заштитата и долгорочната одржливост на клупскиот фудбал во машка и женска конкуренција.

Како дел од тековната поддршка на УЕФА за имплементација на лиценцирање на клубови и финансиска одржливост, оваа година, годишната конференција на УЕФА за лиценцирање клубови и финансиска одржливост се одржа во Белград.

На настанот присуствуваа даватели на лиценца од сите 55. национални асоцијации и други фудбалски соработници. Годишната конференција е одлична платформа за размена на искуства и дискусија, адресирајќи ги најновите промени во регулаторната рамка, обезбедувајќи ажурирања на системот и нудејќи можност за споделување на најдобрите практики и информации поврзани со европскиот клупски фудбал.

Како дел од темите кои се дискутираа беа: финансиска одржливост, клупски мониторинг, женски фудбал, таленти и натпреварувања, комуникации, солидарна шема за клубови кои не се дел од натпреварувањата, социјална одговорност и одржливост.

Фудбалската федерација на Македонија на годишната конференција на УЕФА беше претставувана од Горанчо Костовски – лиценцен менаџер, Александра Ѓурчиновска – заменик лиценцен менаџер, Александар Спасовски – експерт по финансиски критериуми и Александар Најдовски – претседател на Комисија за лиценцирање.


Легенда на Реал ја презема ерменската репрезентација?

Потпретседателот на Фудбалската федерација на Ерменија, Армен Никхосјан, изјави дека легендата на Реал Мадрид, Раул Гонзалез, може да седне на кормилото на репрезентацијата.

Поранешниот фудбалер од Шпанија е опција да го замени Александар Петраков, кој беше отпуштен во октомври. Во исто време и екипата на Шалке 04 за која на времето играше Раул, сака да го ангажира за нов тренер .

47-годишниот поранешен напаѓач сега работи со вториот состав на Реал Мадрид но, има желба да ја промени средината.


Бензема: Мбапе знае дека во Реал „убиваат“ за 2-3 меча без постигнат гол

Фудбалерот на Ал-Итихад, Карим Безема го сподели своето мислење за притисокот врз напаѓачот на Реал Мадрид, Килијан Мбапе.

„Мбапе знае дека има голем притисок во Реал Мадрид, таму те убиваат ако одиграш 2-3 натпревари без постигнат гол. При тоа, можете да ја освоите Златната топка, а потоа да не постигнете гол на три натпревари“, рече Бензема.

Оваа сезона Мбапе на 14 натпревари во сите натпреварувања постигна осум гола и две асистенции. Последен пат 25-годишниот Французин погоди на гостувањето во Ла Лига со Селта Виго (2:1) на 19 октомври.

Мбапе веќе изложен на критики, како од медиумите, така и од стручниот штаб на „Кралскиот клуб“.


Самуеле Ричи од Торино е прв пик на Милан за следното лето

Милан покажува голем интерес за ѕвездата на Торино, Самуеле Ричи, објавува „Газета дело Спорт“.

23-годишниот Ричи игра одлично и се наметна како еден од најдобрите играчи од средниот ред во Серија А, привлекувајќи внимание од многу европски гиганти.

Тој веќе го доби прекарот „новиот Пирло“, а неговата цена моментално се движи меѓу 40 и 50 милиони евра.

Милан бара квалитетен играч од средниот ред и го идентификуваше Ричи како главна трансферна цел, но ќе треба да ја надмине сериозната конкуренција за неговиот потпис. За него се заинтересирани и Интер, ПСЖ, Манчестер Сити и Барселона.


Нејмар само што се врати на терените и пак се повреди

Нејмар повторно ќе мора да паузира поради повреда. Тој неодамна се врати на терените по едногодишна пауза, но се чини дека повторно се повреди на вечерашниот меч меѓу Ал-Хилал и Естехал (3-0) во азиската Лига на шампиони.

Нејмар влезе во игра во 58. минута на местото на Ал Хамдан, но мораше принудно да ја напушти играта неколку минути пред крајот на натпреварот. Најверојатно се работи за повреда на бутниот мускул.

Србинот Александар Митровиќ беше стрелец на хет-трик за Ал-Хилал на овој натпревар.


Спортскиот директор Еду си замина од Арсенал

Спортскиот директор на Арсенал, Еду треба да го напушти лондонскиот клуб бидејќи продолжуваат разговорите со челниците на „топчиите“, а „Дејли мејл“ пишува дека одлуката за заминување е всушност негова од засега нејасни причини.

Поранешниот играч од средниот ред на Арсенал стана спортски директор во 2019 година и беше одговорен за доведување на играчи како Мартин Одегард и Деклан Рајс.

И додека, наводно, се очекуваат повеќе детали во следните 24 часа, англиските медиуми повлекуваат статистика која покажува дека Арсенал потрошил 1,033 милијарди евра откако Еду дојде во клубот.


Анчелоти: Се случи трагедија во Шпанија, не ми се зборува за фудбал

Фудбалот во Шпанија требаше да биде целосно запрен по најлошите поплави во последните децении што го зафатија источниот регион на Валенсија минатата недела, при што загинаа најмалку 215 луѓе, изјави тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти.

Гостувањето на Реал во Валенсија во саботата беше еден од неколкуте натпревари од Ла Лига кои беа одложени откако Шпанската фудбалска федерација нареди презакажување на сите натпревари кои треба да се играат во Валенсија викендов, покрај минатонеделните седум куп натпревари.

Анчелоти рече дека е глупост што на други места во земјата натпреварите се одвиваат според планираното и додаде дека во моментов нема ентузијазам да се игра фудбал во Шпанија.

„Фудбалот е забава и можете да славите и да се забавувате само кога вие, вашето семејство и сите се добро. Кога на луѓето не им е добро, вие не се забавувате. Фудбалот мора да запре. Барем според мене. Затоа што фудбалот не е најважната работа во животот. Но, ние не сме тие што ги носиме одлуките. Мораме да ги следиме упатствата на оние кои се одговорни.

Нема смисла да се зборува за фудбал. Тоа беше тешка недела, не поради она што се случи со „Златната топка“ или „Ел Класико“… Тоа се случи и тоа е тоа, честитки за победниците. Нашата тага не е поради тоа, туку поради тоа што се случува овде во Шпанија, изјави уште Анчелоти.


Од Монца „грмат“ на судењето во дуелот со Милан

Тренерот на фудбалерите на Монца, Алесандро Неста, реагираше на судиските одлуки на мечот со Милан.

На неговиот тим кој загуби со минимални 1-0, во седмата минута му беше поништен погодок поради прекршок во напад на Ворен Бондо врз Тео Ернандез. Според легендарниот дефанзивец, тој погодок бил регуларен.

„Според мене вака се руши фудбалот, тоа се луди правила. Треба да се вратиме на старото судење. Каков вид на прекршок е тоа? Нема смисла .Фудбалот порано беше поедноставен и поконтактен спорт“, вели Неста.


Фановите и фудбалерите на Јунајтед презадоволни од Ван Нистелрој

Фудбалерите на Манчестер Јунајтед сакаат Руд ван Нистелрој да остане во стручниот штаб кога новиот менаџер Рубен Аморим ќе го преземе тимот.

Играчите сакаат Холанѓанецот да стане дел од стручниот штаб за да биде нивен посредник во комуникацијата со новиот менаџер, бидејќи сега одлично се сложуваат, пренесе „Скај спорт“.

Руд Ван Нистелрој моментално ја извршува функцијата менаџер на Јунајтед на привремена основа, а на таа позиција дојде по отказот на Ерик Тен Хаг.

Под водство на Холанѓанецот, Јунајтед најпрвин го совлада Лестер со 5:2 во Купот, а потоа ремизираше со Челси 1:1 во Премиер лигата.

Тој ги воодушеви навивачите со страста што ја покажа по головите на неговиот тим, што не треба да чуди бидејќи слично однесување покажа и кога беше напаѓач во дресот на „црвените ѓаволи“.

Рубен Аморин ќе го предводи тимот на Спортинг Лисабон до 11 ноември, кога почнува двонеделната репрезентативна пауза, по што ќе седне на клупата на Манчестер Јунајтед.


Френки де Јонг преговара за нов договор со Барса

Френки де Јонг го извести клубот за неговата желба да остане на Камп Ноу. Холанѓанецот нема намера да разгледува други понуди по крајот на сезоната, пишуваат медиумите во Шпанија.

Двете страни се во активни преговори за обновување на договорот со Де Јонг. Актуелниот договор на играчот од средниот ред е до летото 2026 година.

Пред почетокот на сезоната Барселона сакаше да продаде еден од своите главни играчи. Ова го разочара Де Јонг и тој самиот беше подготвен да си замине, но сега ситуацијата е поинаква.

Играчот од средниот ред пристигна во Барселона во 2019 година и досега има 218 настапи во сите натпреварувања.