фудбал

Норвежанецот Солбакен од јануари се сели во Рома

Италијанскиот тим Рома би можела да го ангажира играчот од средниот ред на Бодио/Глимт, Оле Солбакен со слободен трансфер во јануари, објави популарниот локален спортски новинар Николо Шира. Договорот на играчот со норвешкиот клуб истекува во декември.

24-годишниот Солбакен се согласил да потпише договор со Римјаните на 4,5 години со плата од 1 милион евра по сезона.

Во претходната сезона во Конференциската лига, Норвежанецот постигна 3 гола против Рома во два натпревари од групната фаза. Оваа сезона, играчот од средниот ред забележа 13 настапи за клубот во сите натпреварувања, постигнувајќи 1 гол и 5 асистенции.


Кан потврди дека Баерн не размислува за друг тренер освен Нагелсман

Оливер Кан, кој ја има улогата на извршен директор во Баерн Минхен, ги негира шпекулациите дека се планира ангажман на нов тренер откако Баварците влегоа во серија од четири мечеви без победа во Бундес-лигата. 

„Не контактираме со ниту еден тренер. Целосно му веруваме на Јулијан“, потенцираше кратко Кан.

Баерн Минхен по три нерешени средби забележа неочекуван пораз кај Аугсбург а медиумите веднаш излегоа со шпекулација дека Нагелсман може да добие отказ. 


Мбапе има нови проблеми со Француската федерација

Килијан Мбапе нема да се појави на утрешната фотосесија на репрезентацијата на Франција Причина за бојкотот на фудбалерот на Пари Сен Жермен е спорот меѓу него и федерацијата околу имиџ правата.

Мбапе сака играчите да имаат збор во изборот на брендови кои ќе се поврзуваат со нивните имиња. Новинарот, Робен Берн, тврди дека раздорот не е за пари бидејќи Мбапе секогаш ги донира бонуси од репрезентацијата.

Според наведеното, голгетерот не сака да се поврзува со компаниите за спортско обложување или брза храна кои се спонзори на „триколорите“.


Мурињо суспендиран и нема да го води тимот на дуелот со Интер

Дисциплинската комисија на Серија А соопшти дека тренерот на Рома Жозе Мурињо доби казна од еден натпревар поради добиениот црвен картон.

Португалскиот тренер беше исклучен во седмото коло од италијанскиот шампионат на дуелот со Аталанта кој Рома го загуби со 0:1.

Дисциплинската комисија во соопштението наведува дека Мурињо е суспендиран поради влегување на терен и навредување на противнички играч. Португалскиот стручњак нема да можи да ја води екипата на Рома во 8.коло од Серија А на гостувањето со Интер кој е закажано за 1.октомври.


Фабио Канаваро нов тренер на Беневенто

Некогашниот италијански репрезентативец Фабио Канаваро постигна договор со второлигашот Беневенто да ја преземе функцијата главен тренер на тимот. 49-годишниот поранешен репрезентативец е без работа од минатиот септември кога го напушти кинескиот Гуангжу по четири години минати во клубот. Тој го предводеше тимот до титула во локалната Супер лига и триумф за Суперкупот на земјата.

Се очекува Канаваро официјално да потпише со Беневенто во текот на денот.


Роналдо: Сакам да играм и на ЕП 2024 година

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед Кристијано Роналдо, изјави дека сака да игра за репрезентацијата на Португалија и на Европското првенство 2024. година кое ќе се одржува во Германија.

Роналдо истакнува дека СП во Катар оваа година нема да биде негово последно големо натпреварување во кариерата.

„Мојот пат не е готов. Ќе бидам дел од Мундијалот, а сакам да играм и на ЕП 2024. Ќе ме гледате уште некое време“, истакнува Роналдо.

Кристијано Роналдо во февруари 2023.година ќе наполни 38 години. Тој за репрезентацијата на Португалија има одиграно 189 натпревари и постигнато 117 гола.


Давид Бабунски кариерата ја продложува во Мезоковесд

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Давид Бабунски, останува во унгарскиот фудбал, каде ќе настапува за својот нов клуб Мезоковесд.

28-годишниот играч за врска до неодамна го носеше дресот на Дебрецин, па одлично ги познава приликите во унгарската прва лига, каде се очекува да даде силен допринос во играта на својот нов клуб.


Павард откри дека имал многу понуди, но одлучил да остане во Минхен

Одбранбениот фудбалер на германскиот состав Баерн Минхен, Бенџамин Павард, призна дека одбил неколку понуди во текот на летниот трансфер период.

Не е тајна дека за неговите услуги беа заинтересирани гиганти од Англија, Франција Италија и Шпанија, но, тој се определи да остане на – „Алијанц Арена“.

„Имав контакти со различни клубови. Можеби еден ден ќе одам во некој од нив. Сега добив уверување од тренерот дека сум дел од неговите планови”, потенцираше Французинот.


УЕФА ја исфрли Русија од квалификациите за ЕП 2024

Европската фудбалска федерација – УЕФА, соопшти дека репрезентацијата на Русија нема да учествува во жрепката за Европското првенство во 2024 година која ќе биде одржана на 9.октомври во Франкфурт.

„Сите руски тимови во моментот се суспендирани со одлука на Извршниот одбор на УЕФА донесена на 28.февруари 2022 година. Поради ова репрезентацијата на Русија не е вклучена во жрепката за квалификациите за ЕП 2024 година“, соопштуваат од УЕФА.

Во жрепката ќе учествуваат 53 репрезентации кои ќе бидат распределени во седум групи од по пет репрезентации, како и во три групи по шест.

Европското првенство ќе се одржува од 14.јуни до 14.јули 2024 година. во Германија.


Мамардашвили го продолжи договорот со Валенсија

Гиорги Мамардашвили во овој момент важи за еден од најдобрите млади голмани во Европа, но и најдобар голман во неговата Грузија.

Доказ за неговиот квалитет е и новиот договор кој го потпиша со Валенсија. Според новиот договор Мамардашвили се обврза на верност кон Валенсија до 2027 година.

Овој потпис на грузискиот голман доаѓа пред натпреварот против Македонија во Лигата на Нации. Мамардашвили настапи во натпреварот против нас во Скопје во кој успеа да ја сочува својата мрежа.

Сега Грузија ќе ја пречека Македонија на 23. септември (петок), три дена подоцна ќе играме против Бугарија.