фудбал

Питер Зајдлер доби отказ од тренерската позиција во Бохум

Германскиот бундеслигаш Бохум објави промена на тренерското место. Питер Зајдлер, кој беше предводник на тимот од почетокот на сезоната, вчера беше разрешен од функцијата поради слабите резултати на клубот.

Своето место го напушти и спортскиот директор Марк Летау.

По седум кола тимот е на последното место на табелата во Бундеслигата. Во текот на денешниот ден се очекува клубот да излезе со информација и за новото тренерско решение. Медиумите во

Германија шпекулираат со името на Давид Зиберс. 37-годишниот екс-фудбалер моментално е тренер на тимот до 19 години и беше опција за која клубот размислуваше „долго време“.


Ливерпул и Ван Дајк преговараат за нов договор

Капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дијк, потврди денеска дека неговиот менаџерски тим е во преговори со клубот од „Енфилд Роуд“ за продолжување на соработката.

„Се водат дискусии, но во моментов не знам многу за тоа. Ќе видиме што ќе се случи“, рече Ван Дајк.

33-годишниот Ван Дијк пристигна во Ливерпул во 2018 година од Саутемптон и освои сè што е можно со „црвените“ – Премиер лигата, Лигата на шампиони, Лига купот двапати, ФА Купот и Светското клупско првенство.

„Целосно сум фокусиран на натпреварите со Ливерпул и сакам да победувам. Ништо друго не ме интересира во моментов. Се чувствувам многу добро физички и психички, а исто така се забавувам на теренот. Целосно сум посветен на Ливерпул и само сакам да помогнам оваа сезона да биде успешна“, додаде холандскиот дефанзивец.


Тудор пред промоција на клупата на Рен

Хрватскиот стратег Игор Тудор е без клуб од почетокот на јуни и неговото заминување од Лацио, но според пишувањето на францускиот весник „Л`Екип“ деновиве тој треба да го преземе Рен.

Досегашниот тренер на тимот, Јулијан Стефан заминува откако неговите фудбалери освоија 8 бода по осум кола од стартот на првенството.

Тудор е прв избор и се надева дека ќе ја добие работата. Тој има импресивен учинок во 48 натпревари на клупата на Олимпик од Марсеј, сезона 2022/23 – 27 победи, 14 порази и седум нерешени средби. Претходно ги водеше Хајдук, ПАОК, Карабукспор, Галатасарај, Удинезе и Верона.


Варан влезе во раководството на Комо

Рафаел Варан сега е член на бордот на директори на Комо, соопштија од клубот. Французинот ќе биде одговорен за развојот и едукацијата на младите играчи, како и за иновациите на производите.

Неодамна, 31-годишниот Варан ја заврши својата натпреварувачка кариера токму како играч на Комо, откако заработи тешка повреда на првиот меч за италијанскиот тим.

Во текот на својата кариера, дефанзивецот играше за Ленс, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед. Четири пати ја освои Лигата на шампионите и стана светски шампион со Франција во 2018 година.

„Во текот на мојата кариера бев мотивиран да се подобрам себеси. Мојата нова улога не е крај на моето фудбалско патување, туку нов почеток на кој се радувам. Возбуден сум што ќе бидам дел од овој амбициозен проект“, изјави Варан.

Комо моментално се наоѓа на 14-тото место во Серија А со осум бодови од седум натпревари.


Кевин Стротман означи крај на професионалната кариера

Холандскиот играч за врска, Кевин Стротман објави крај на кариерата.

Стротман, чија кариера беше одбележана со сериозни повреди и не можеше целосно да го исполни својот потенцијал, престана да игра активно на 34 години.

„На кариерата и дојде крајот. Ти благодарам фудбал“, напиша Стротман на социјалните мрежи.

Стротман е без клуб од јули годинава, а претходно играше за Спарта Ротердам, Утрехт, ПСВ, Рома, Олимпик Марсеј, Каљари и Џенова.

За холандската репрезентација од 2011 до 2019 година одигра 46 натпревари и постигна три гола.


Суарез ќе добие нов договор во Мајами

Напаѓачот на Интер Мајами – Луис Суарез, се чувствува одлично во клубот и затоа сака да потпише нов договор. Актуелниот договор на Уругваецот истекува на крајот на календарската 2024 година, но Суарез сака да остане и после тоа.

„Знам дека мојот адвокат разговара со клубот, но со мир на умот дека ќе ја завршам сезоната. Тоа е одлука на клубот, но од моја страна со задоволство ќе останам“, изјави Суарез за „Атлетик“.

37-годишниот фудбалер потпиша со клубот од Флорида во јануари 2024 година, откако претходно играше за Гремио.

Со Интер Мајами, каде што е соиграч со неговиот добар пријател Лионел Меси, Суарез има 22 гола и 10 асистенции на 33 натпревари во сите натпреварувања.


Камбиасо не би го менувал Јуве ниту за понуда на Реал

Австриецот Давид Алаба подолг период е надвор од терените, требаше да се врати овој месец на терените, но шпанските медиуми објавија дека ситуацијата се искомплицирала. Во таква ситуација Реал Мадрид разгледува и опции за засилување на неговата позиција.

Се шпекулираше дека „кралевите“ покажале интерес за 24-годишниот фудбалер од редовите на Јувентус, Камбијасо, меѓутоа неговиот став е јасен – не сака да замине.

„Јувентус е мојот Реал. Потпишав договор до 2029 година и тука сакам да останам што е можно подолго“, порача Камбијасо.

Камбијасо пред две години пристигна во Јувентус од Џенова за 13 милиони евра и во овој момент неговата пазарна вредност е двојно зголемена. Одигра една сезона на позајмица во Болњоа по што се врати во Јувентус минатата година и досега одигра 48 натпревари во кои постигна четири гола и запиша седум асистенции.

Во меѓувреме со добрите настапи се избори и за место во италијанската репрезентација.


Артета го сака Де Кателаре во Арсенал

Арсенал покажува сериозен интерес за белгискиот репрезентативец Чарлс де Кетеларе, пренесуваат италијанските медиуми.

Милан минатото лето го испрати на позајмица во Аталанта после само една сезона на „Сан Сиро“, каде Де Кетеларе игра одлично и доживеа целосна афирмација.

Аталанта ја активираше опцијата за откуп за 24 милиони евра, но може да го продаде за двојно повеќе во Премиер лигата.

Артета е голем симпатизен на неговите квалитети и верува дека иделано ќе се фклопи во неговиот тим.


Чави фаворит за местото селектор на Катар?

Чави Хернандез наскоро може да се пресели назад на Блискиот Исток.Чави беше главен тренер на Ал-Сад пред да ја преземе Барселона во 2021 година, и враќањето во Катар изгледа е на пат.

Според локалниот весник „Ал Раја“, тој преговара за можен ангажман како следен тренер на националниот тим.

Тинтин Маркез, кој исто така е од Барселона, е актуелен главен тренер на националниот тим на Катар, иако се известува дека е под притисок. Ако биде ослободен од своите должности, Чави би бил во добра позиција да го наследи.

Чави вети дека ќе земе година пауза по неговото заминување од Барселона, иако изгледа дека враќањето на менаџерската позиција би можело да се случи порано отколку што се очекуваше.


Голема победа на Силекс во Струга, нов „потоп“ на Вардар

Екипата на Силекс го совлада актуелниот шампион, Струга Трим Љум со 1-4 (0-0) на гостувањето во дуел од 10. коло на Првата македонска фудбалска лига.

Екипата на Вардар остана претпоследен на табелата откако го загуби натпреварот со Беса во Добридол со 2-1.

Есати во првиот дел ги доведе домаќините во водство кое беше актуелно се до 73. минута кога Омерагиќ погоди за изедначување. Сепак, Фетаи само четири минути подоцна го постигна победничкиот гол за Беса.

Резултати – 10. коло:
Брера – Воска 1-1
Беса – Вардар 2-1
Пелистер – Шкупи 0-0
Работнички – Гостивар 1-0
Струга – Силекс – 1-4
Тиквеш – Шкендија 0-0