фудбал

Жалбата одбиена, Барса мора да плати половина милион евра

Судот за спортска арбитража (CAS) ја потврди одлуката на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) која ја казни Барселона со 500.000 евра за финансиски прекршоци во сезоната 2022/23, соопшти прес-службата на судот.

Судот заклучи дека каталонскиот клуб прекршил две точки од правилата за финансиски фер плеј, па казната била оправдана.

Барселона беше подложена на парични санкции поради неточно известување. Комората за финансиска ревизија на УЕФА соопшти дека клубот неправилно пријавил профит од продажба на нематеријални средства во својот извештај за 2022 година, што според правилата не е квалификуван приход.

Барселона поднесе жалба да се укине казната, но истата беше одбиена.


Два премиерлигаши го сакаат Украинецот Судаков

Екипите на Манчестер Сити, Челзи, Арсенал и Тотенхем, може да направат напор да го купат офанзивниот играч за врска на Шахтјор Доњецк – Георги Судаков.

22-годишниот фудбалер во тековнава сезона успеа да постигне 7 голови и да направи 2 асистенции на 10 натпревари во сите конкуренции.

Шахтјор за неговиот потпис ќе бара меѓу 60 и 70 милиони евра. Судаков одигра 24 натпревари за Украина со ефект од три гола и 6 асистенции.


Заврши голготата на Нејмар, се враќа по една година пауза

Бразилскиот фудбалер Нејмар по долгата пауза изгледа конечно е пред враќање на терените.

Селекторот на Бразил, Доривал Жуниор по натпреварот на Бразил против Перу откри дека Нејмар е многу блиску повторно да игра фудбал.

„Нејмар ни кажа дека на 21 октомври ќе игра за Ал Хилал против Аин. Доктор од репрезентацијата, Родриго Ласамир ќе отпатува во Саудиска Арабија и ќе ја процени неговата состојба заедно докторите од неговиот клуб. Ако е така како што ни кажа, тогаш би требало да биде на нашиот список во ноември“; изјави Доривал.


Манчини пред отказ од селекторското место во Саудиска Арабија

Позицијата на Роберто Манчини како селектор на саудискиот тим е сериозно загрозена, информира весникот „Газета дело Спорт“.

Тимот е на третото место во својата квалификациска група за СП, со пет бодови заостанување зад лидерот Јапонија.

„Треба да се извиниме на навивачите кои нè поддржуваат. Ова е неприфатлива ситуација, освоивме само две бода на последните три натпревари на домашен терен. Ќе донесеме одлука“, изјави претседателот на фудбалската федерација, Јасер Ал Мисехал.

Манчини има договор со саудиската федерација до 2027 година, со плата од 18 милиони долари годишно, плус уште 6 милиони во форма на различни бонуси.


Билетите за „Ел Класико“ достигнуваат луди цени

Најевтиниот билет за фудбалското „Ел Класико“ во Ла Лига меѓу Реал Мадрид и Барса закажано на 26 октомври на „Сантијаго Бернабе“ ќе чини 130 евра.

Цените за седиштата на редовните трибини се движат од 130 евра до 455 евра. Влезниците за ВИП области ќе чинат 850 евра.

Интересно е дека за мечот меѓу Реал Мадрид и Борусија во Лигата на шампионите, најевтиниот билет чини 75 евра додека ВИП влезниците започнуваат од 350 евра.


Наполи го враќа Елмас во Серија А

Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас размислува во зимскиот преоден рок да се врати во Наполи, откако тренерот на наполитанците, Антонио Конте, го посакал во својот тим бидејќи многу ги цени неговите квалитети.

Елмас игра премалку во Лајпциг, а на неговиот профил на Инстаграм, како главна слика и понатаму стои Елиф во дрес на Наполи како го бакнува пехарот од Купот на Италија.

Елмас во Наполи треба да биде оној кој е способен да влезе и веднаш да направи разлика на теренот, дури и во период од неколку минути.


Гендузи повреден се врати од настапите за француската селекција

Фудбалерот на Лацио, Матео Гендузи, нема да игра на мечот со Јувентус закажан во текот на викендот во новото коло во Серија А.

Иако медицинските прегледи во Рим покажа дека репрезентативецот на Франција нема фрактура на малиот палец на десната нога, тој ќе го прескокне дуелот со „старата дама“.  

Неговото место во стартната постава ќе го заземе интернационалецот од Уругвај, Матиас Весино.


Сао Паоло и Палмеирас лицитираат за Касемиро

Дефанзивниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Касемиро, влегува на радарот на Сао Паоло и Палмеирас но, двата клуба од Бразил, не можат да ја покријат неговата висока плата, велат последните информации од Англија.

Касемиро заработува преку 400.000 евра неделно кај „црвените ѓаволи“ а раководството на англискиот клуб нема ништо против да го ослободи од обврските.

Бразилецот кој има договор до 2026 година на трансфер-пазарот има вредност од околу 13 милиони евра.


Ортега ќе добие нов договор во Сити

Стефан Ортега кој е златна резерва во екипата на Манчестер Сити вели дека му се допаѓа во Англија и дека нема намера да ја менува средината.

Германскиот голман кој беше купен од Арминија Билефелд во 2022 година, се надева дека Алисон ќе си замине од клубот и дека тој ќе застане меѓу стативите. Такво нешто неодамна најави и менаџерот, Пеп Гвардиола, откако беше откриено дека Бразилецот имал понуди од Саудиска Арабија.  

Манчестер Сити во почетокот на јуни објави дека Ортега доби нов договор до 2026 година.


Мекени ќе го скокне Лацио, но ќе биде во комбинација за Штутгарт

Американскиот репрезентативец во Јувентус, Вестон Мекени, ќе го пропушти саботниот натпревар на домашен терен против Лацио во рамките на осмото коло во Серија А.

26-годишниот играч од средниот ред има полесна повреда и затоа ќе му биде достапен на тренерот, Тиаго Мота, за мечот со Штутгарт во Лигата на шампионите закажан за 22 октомври.

Според најавите од таборот на „старата дама“, брзоногиот играч превентивно ќе го пропушти натпреварот со „римските орли“.