фудбал

Рајан Черки на пат кон Италија, го сакаат Наполи и Јуве

Наполи и Јувентус покажуваат сериозен интерес за младиот талент на Лион, Рајан Черки, пренесуваат француските медиуми. 20-годишниот офанзивен играч за врска игра одлична сезона за Лион и го привлече вниманието на многу европски гиганти.

Черки е офанзивен фудбалер кој може да игра и како плејмејкер, но и по крилните позиции. Тој е продукт на школата на Лион и важи за најголем француски талент во моментов.

Черки на лето ќе влезе во последната година од договорот, па Лион е спремен да слушне понуди, а италијанските гиганти сакаат да ја искористат таквата ситуација.

Лион за неговата слобода бара 30 милиони евра, а интерес за него покажуваат и клубовите од Премиер лигата.


Рис Џејмс пак се повреди, ќе паузира три месеци

Tимот на Челзи покрај резултатската криза сега се соочува со уште еден проблем – се повреди капитенот Рис Џејмс.

Џејмс поточно ја обнови повредата на задната ложа и се шпекулира дека ќе паузира и до три месеци. 24-годишниот дефанзивец важи за еден од најдобрите десни бекови, но честите повреди го спречуваат да игра констатно на највисоко ниво.

Изминатиот викенд против Евертон на теренот помина само 25 минути по што мораше да биде заменет поради повреда. Деталните прегледи покажале дека се работи за повреда на задната ложа која ја повреди дури седум пати во последните три години.

Челзи не откри детали за процесот на рехабилитација, меѓутоа медиумите пишуваат дека Џејмс ќе паузира и до три месеци, а ќе се врати во март следната година.


Марсијал спремен да се пресели во Саудиска Арабија

Манчестер Јунајтед во јануари ќе му ја отвори излезната врата на Антони Марсијал, пренесуваат медиумите на Островот.

Французинот минатото лето се врати на „Олд Трафорд“ после позајмицата во Севиља, но не добива голема минутажа кај Тен Хаг.

„Црвените ѓаволи“ се спремни да го продадат во јануари бидејќи не сакаат да го загубат без обештетување на крајот на сезоната. Французинот исто така е спремен да ја промени средината, а најконкретен интерес за него покажуваат клубовите од Саудиска Арабија.

Ал Етифак веќе испратил понуда, па сега се чека одговор од самиот Марсијал.


Турам: Интер ме сакаше две години, тоа беше лесен избор

Маркус Турам ова лето беше слободен агент и имаше неколку понуди на маса, а Французинот се реши кариерата да ја продолжи во Интер.

Турам блесна во дресот на Интер, а летово беше на чекор до потпис во ПСЖ. По неговото одбивање, тимот од Париз го ангажираше Коло Муани, а Мбапе сега јавно го праша зошто не дојде во ПСЖ во интервју за Канал+.

„Мбапе многу добро знае зошто не потпишав за Пари Сен Жермен. Никогаш не барав загарантирана минутажа, мислам дека тоа воопшто не е возможно. Само така се чувствував, Интер ме сакаше пред две години и секогаш ме гледаа како своја „деветка“, така што беше лесен избор“, изјави Турам.


Ибра враќа во Милан во друга улога

42-годишниот, Златан Ибрахимовиќ, кој на крајот на сезоната дефинитивно ќе се повлече од фудбалските терени, може да се активира во тренерскиот дел на неговиот сегашен состав Милан.

Тој би работел заедно со Игнацио Абате доколку актуелниот тренер Стефано Пиоли, си замине од Милано, објави денеска – „Football Italia“.

Швеѓанецот има импресивна кариера настапувајќи за Малме, Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона, Пари Сен Жермен, Манчестер Јунајтед, Лос Анџелес Галакси и Милан.  Ибра има 819 натпревари со ефект од 493 гола и 201 асистенција.


Заради љубовта кон Еспањол ја одбил понудата на Барса

Серхи Дардер, со години беше лидер на Еспањол, а откако тимот испадна од Примера, тој одбил да се пресели во Барселона.

Дардер откри дека во летниот преоден рок добил понуда од Барселона, но не сакал да изврши предавство кон Еспањол.

„Имав можност да потпишам со Барселона ова лето, тешко е да се одбие таков тим. Многу часови поминав во размислување што да правам. Но, кога главата се олади, разумот не ми дозволи да прифатам, со оглед на тоа што бев во Еспањол. Ниту 1% од мене не можеше да го прифати тоа. Еспањол секогаш ќе биде клубот на мојот живот, не гледам друга опција“, рече Дардер.

Серхи Дардер, во летниот преоден рок сепак го напушти Еспањол и реши кариерата да ја продолжи во Мајорка.


Чави: Барселона е во изградба, овој пораз од Џирона е реалност

Хитот на шпанскиот фудбалски шампионат Џирона продолжува да импресионира.

Џирона ја шокираше Барселона на гости и со победа од 4:2 се врати на врвот во Ла Лига со два бода повеќе од второпласираниот Реал кој има 39 бодови. Барса и Атлетико ја делат третата позиција со 34 бодови. Тренерот на Барселона Чави Хернандез го коментираше натпреварот.

„Џирона знае што прави и тие се многу добри во тоа. Беше изедначен натпревар и ќе беше заслужено доколку победевме. Мислам дека имавме 31 удар кон голот.

Грешките во одбраната не чинеа. Имавме шанси за погодоци, но тие беа поефикасни.Ова е тежок удар за нас, но тоа е и наша реалност. Резултатот е лош, но не одигравме лошо.

Барселона е во изградба. Мораме да направиме еден чекор назад за да направиме два чекора напред.

Мислам дека заслуживме повеќе на овој натпревар, но – таков е фудбалот. Џирона има одличен тим и е прва на табелата. И ние мора да продолжиме да се бориме“, рече Чави на прес-конференцијата.


Белингем руши рекорди во Реал: Се израмни со првата сезона на Шукер во Мадрид

Џуд Белингем игра чудесна сезона за Реал Мадрид откако ова лето 

пристигна во Шпанија од Борусија Дортмунд за сума од 103 милиони евра.

Белингем на првите 18 натпревари за кралскиот клуб постигна дури 16 гола и со тоа целосно ја воодушеви публиката во Мадрид, но и ширум светот пред малите екрани. Пред Белингем само еден играч имаше ваков ефект. На Давор Шукер му беа потребни исто толку натпревари како и Белингем за првите 16 гола, така што во целата историја на Реал Мадрид има само еден играч пред Шукер и Белингем – Кристијано Роналдо.

За 16 гола му требаше еден натпревар помалку.


Ако го загуби Мбапе, ПСЖ ќе го купи Леао

ПСЖ е сериозно заинтересиран за ѕвездата на Милан, Рафаел Леао, пренесуваат италијанските медиуми.

Португалецот се етаблираше во еден од најдобрите млади фудбалери во Европа и го привлече вниманието на многу европски гиганти. Откако стана јасно дека Мбапе нема да го продолжи договорот и на лето заминува како слободен агент, ПСЖ бара замена за прв избор е Рафа Леао.

Португалецот пред неколку месеци стави потпис на нов договор, но ПСЖ е спремен да испрати понуда која не се одбива.

Имено, „светците“ се спремни да понудат 120 милиони евра за потписот на Португалецот, сума која Милан нема да може да ја одбие.


Гвардиола во јануари се враќа на обидот да го купи Пакета

Манчестер Сити е силно заинтересиран за ѕвездата на Вест Хем и бразилски репрезентативец, Лукас Пакета.

Бразилецот одигра одлична сезона и Гвардиола се обиде да го донесе пред крајот на преодниот рок, но Сити не успеа постигне договор со Вест Хем. „Граѓаните“ не се откажуваат и повторно ќе се обидат да го донесат Пакета во јануари, бидејќи е најголема трансфер желба на Гвардиола.

Англиските медиуми пренесуваат дека Сити е спремен да понуди 80 милиони фунти за Бразилецот, кој и самиот инсистира на трансфер на „Етихад“ бидејќи сака да направи чекор напред во кариерата.

Во Сити се чуствува отсуството на Де Брујне, па Гвардиола смета дека Пакета му е потребен во трката за титулата.