фудбал

Селта се распрашува за Столе Димитриевски

Според последните информации од Шпанија, Селта е новиот тим кој покажал интерес за македонскиот голман Столе Димитриевски.

Селта е во потрага по голман, а наводно еден од оние кои се на нивниот „радар“ е и Македонецот. За Димитриевски во изминатиот период имаше интерес и од клубови од други земји, меѓутоа негова желба е да остане во Шпанија.

Рајо неодамна го промовираше Диего Лопез за нов голман, па затоа и не е исклучена можноста Димитриевски да биде продаден ова лето.


Валверде и сопругата ограбени на Ибица

Фудбалерот на Реал Мадрид, Федерико Валверде, бил ограбен во шпанското одморалиште Ибица, каде бил на одмор со својата девојка Мина Бонино, објавија шпанските медиуми.

Кон крајот на јуни на истото место беше ограбен и фудбалерот на ПСЖ, Марко Верати, кој беше на одмор со сопругата Џесика Еди. Криминалците тогаш му одзеле на Италијанецот накит, пари и други работи вредни околу три милиони евра.

Валверде поминал подобро бидејќи сумата што исчезнала е многу помала, а неговата поубава половина смета дека во се е вмешан готвачот кој ги пречекал.

„Кога стигнавме до куќата, готвачот веќе беше таму, ни рече дека во моментот има само еден клуч од куќата и дека ќе го задржи за да влезе во куќата наутро и да ни подготви појадок. без да нè вознемирува. Следното утро не можев да станам од креветот, ми се вртеше, повраќав“, рекла Бонино, пренесуваат шпанските медиуми.


Ленгле: Сакам да освојувам трофеи со Тотенхем

Новото засилување на Тотенхем, Клемент Ленгле го даде своето прво интервју како играч на клубот. Во него тој ја изрази својата возбуда за неговиот трансфер и откри кои се неговите цели во следната сезона, која ќе ја помине со Спарс на позајмица од Барселона.

„Многу сум среќен што сум овде во овој град и во овој клуб. Зборував со семејството и пријателите за да ја донесам мојата одлука и сите зборови беа многу, многу добри за клубот. Прилично сум возбуден што ќе ја започнам сезоната со моите нови соиграчи, стадионот и градот. Сето ова ми е ново, но гладен сум. Сакам да играм и да бидам најдобар фудбалер за да му помогнам на тимот да освојува трофеи и да се бори во сите натпреварувања.Пред се, сакам да бидам добар соиграч и дефанзивец кој е силен, агресивен и му помага на тимот да ја освои топката. Многу е важно, пред се, да се биде добар дефанзивец, а потоа да се биде добар играч и да се помогне на тимот“, истакна тој.

Антонио Конте, продолжи тој, е тренер кој има освоено многу трофеи и има големо искуство.


Габриел Жесус: Не сакам да бидам суперѕвезда во Арсенал

Новото засилување на Арсенал, Габриел Жесус изјави дека не пристигнал во клубот за да биде ѕвезда на тимот. Бразилецот имаше одлично деби за лондончани откако постигна два гола во првиот натпревар од победата на „топџиите“ од 5-3 против Нирнберг.

„Не сакам да бидам суперѕвезда. Сакам само да играм фудбал, да излезам на теренот и да им помагам на соиграчите. Мораме да ги правиме работите заедно. Сè – надвор од теренот и на теренот. Не сум тука за да бидам ѕвезда. Тука сум да помогнам, да учам заедно со овие момци и да победуваме заедно“, изјави Жесус по првиот меч со тимот на Арсенал.

Менаџерот на „топџиите“ Микел Артета објави дека изборот во клубот не е завршен. Арсенал летово ги ангажираше Жесус, играчот од средниот ред Фабио Виера, младиот напаѓач Маркињос и голманот Мет Тарнер.

„Има повеќе работи што би сакале да ги направиме доколку можеме. Пазарот ќе утврди дали тоа е можно. Засега сме задоволни со она што го имаме. Можеме уште повеќе да го подобриме тимот и ќе се обидеме да го направиме тоа“, изјави Артета.


Превсрт во Каталонија: Дембеле останува во Барса

Сагата околу иднината на Усман Дембеле е при крај. Францускиот интернационалец се очекува да потпише нов договор со Барселона, тврди каталонски „Спорт“.

Во последниве месеци имаше голем број шпекулации околу крилниот напаѓач, за кого интерес има од ПСЖ и клубови од Премиер лигата.

Сепак, Дембеле постигнал договор со Барселона и ќе продолжи да игра за Каталонците и во иднина. Францускиот репрезентативец ќе потпише договор на две години, откако се согласил на намалување на платата за 40%. 


Челзи е на чекор до промоција на Аке од Манчестер Сити

Челзи е блиску до договор со Рахим Стерлинг, но изгледа дека нема да биде единствен кој ова лето ќе се пресели од Сити во таборот на „сините“.

Друштво на Стерлинг би можел да му прави Нејтан Аке. Фабрицио Романо објави дека додека дефанзивецот на Сити ги финализирал своите лични услови, Тухел го уверил во неговиот проект и се очекува да чини помеѓу 40-45 милиони фунти.

Сити пред две сезони го донесе од Бурнмаут за сума од 40 милиони фунти и со таа сума ќе ги вратат вложените пари. Иако од Аке имаше големи очекувања тој не успеа да се избори да стане стандарден првотимец.


ПСЖ преговара со Скамака од Сасуоло

Скај Спорт Италија пишува дека францускиот шампион Париз Сен Жермен е сериозно заинтересиран за доведување на италијанскиот напаѓач Џанлука Скамака.

Клубот од Париз веќе се сретнал со претставниците на играчот и неговиот сегашен клуб Сасуоло. Понудата на ПСЖ наводно изнесува 30 милиони евра со дополнителни 5 милиони во бонуси. Засега Сасуоло ја одбива оваа сума и бара 50 милиони евра.

Скамака минатата сезона одигра 38 натпревари за Сасуоло постигнувајќи 16 гола. 


Брентфорд потпиша со Хики од Болоња

Шкотскиот фудбалер Арон Хики е нов играч на Брентфорд, со кој потпиша четиригодишен договор.

20-годишниот фудбалер во Брентфорд пристигна од Болоња, а трансферот е вреден 17 милиони фунти, вклучувајќи ги и можните бонуси.

Хики минатата сезона во дресот на Болоња одигра 36 натпревари , постигна пет гола и една асистенција. Оваа година младиот Хики имаше деби и за репрезентацијата на Шкотска.


Марко Асенсио е трансфер мета на Њукасл

Њукасл не запира со ангажирање нови играчи за новата сезона. На мета на клубот од Премиер лигата се најде и Марко Асенсио.

Шпанскиот фудбалер е незадоволен од минутажата во Реал Мадрид и сака да го напушти клубот. Како најзаинтересирана страна околу негов ангажман се споменува тимот на Њукасл.

Договорот на Асенсио со кралскиот клуб истекува во јуни наредната година, и наводно Реал за негова продажба ќе бара околу 25 и 30 милиони евра.

Оваа сума не е проблем за богатите сопственици на Њукасл кои не штедат пари за нови засилувања на тимот. 


Диоп од Монако се сели во Марсеј

Олимпик Марсеј е заинтересиран за напаѓачот на Монако, Софијан Диоп (22), иако потенцијално непремостливите разлики меѓу клубовите го прават овој договор неизводлив.

Диоп одигра одлична сезона под водство на Нико Ковач, но по доаѓањето на Филип Клемент во јануари, тој го загуби првотимскиот статус. Борусија Дортмунд, Ница и Лестер исто така се поврзуваат со трансфер на Диоп, а Марсеј е последниот тим што влегува во низата заинтересирани клубови.