фудбал

Сити ги сака Тонали и Андресон како замена за Бернардо Силва

„Граѓаните“ нема да штедат за да донесат квалитетни засилувања за средниот ред и се подготвени да инвестираат околу 190 милиони фунти за ангажман на Сандро Тонали од Њукасл и Елиот Андерсон од Нотингем Форест.

Манчестер Сити летоска ќе го реконструира средниот ред, Бернардо Силва се очекува да замине откако ќе му заврши договорот на 30. Јуни, а на излезна врата може да се најде и Родри.

Па „граѓаните“ сакаат да донесат квалитетни засилувања и последните информации велат дека клубот од „Етихад“ е подготвен да инвестира околу 190 милиони фунти за ангажман на Сандро Тонали од Њукасл и Елиот Андерсон од Нотингем Форест.

Интересно, двајцата фудбалери се наоѓаат и во бележникот на Манчестер јунајтед за засилување на тимот за следната сезона, па со овој потег, Манчестер Сити ќе му зададе удар на лутиот градски ривал.


Маркињос сака да ја заврши кариерата во Коринтијанс

Маркињос, дефанзивец на Пари Сен Жермен, изјави дека враќањето во Бразил е голема можност по неговото завршување на кариерата во Европа, потенцирајќи го својот избор – Коринтијанс. Да потсетиме, овој стопер потекнува од овој клуб, кој го напушти во 2012 година, со само 18 години, и се пресели во Рома.

Дефанзивецот зборуваше за својата иднина, објаснувајќи дека неговиот договор со парижаните важи до јуни 2028 година, што значи дека враќањето во бразилскиот фудбал би можело да се случи кога ќе има 33 години, во период кога би се чувствувал во полна физичка и техничка форма.

Маркињос ја подвлече важноста на враќањето на високо ниво, особено поради притисокот што за него носи играњето во татковината.

„Имам уште две години договор со ПСЖ и ќе видиме што ќе се случи. Ако еден ден се вратам во Бразил, сакам да се вратам во добра форма. А таму притисокот е голем, особено во тимот во кој би сакал да се вратам, а тоа е Коринтијанс. Тоа е клубот на моето срце, таму пораснав. Но не можам да се вратам кога веќе сум ‘заминат’ – изјави дефанзивецот.

Да потсетиме, неговиот престој во првиот тим на Коринтијанс беше краток. Играчот беше продаден на Римјаните откако одигра само 15 официјални натпревари за клубот од каде што потекнува, во кои забележа една асистенција. Најголемиот трофеј кој го освои во клубот беше во младинските категории, каде ја освои Купинија во 2012 година. И покрај краткиот престој, љубовта кон клубот останува ненарушена.

Ако еден ден се вратам во Бразил, Коринтијанс сигурно ќе биде приоритет. Тоа е клуб кој ми ги отвори вратите, каде сè започна. Имам огромна љубов и навистина би сакал повторно да го носам тој дрес“, заклучи тој.


Јуве го сака Левандовски од следната сезона

Роберт Левандовски од лето би можел да стане слободен играч, а сериозен интерес за негов ангажман покажува Јувентус.

Претседателот на торинскиот клуб, Дамиен Комоли, веќе отпатувал во Полска на разговори со искусниот напаѓач, кој е трет стрелец во историјата на Лигата на шампионите.

„Старата дама“ има сериозни проблеми во нападот оваа сезона. И покрај инвестициите, очекуваниот ефект изостана. Џонатан Дејвид не ги оправда очекувањата, а Душан Влаховиќ имаше проблеми со повреди.

Во Торино веруваат дека токму Левандовски може да биде решението, а доколку трансферот се реализира, интересно ќе биде да се види како ќе функционира во тандем со Влаховиќ и во наредната сезона.


Хоџсон по 44 години пак ќе седне на клупата на Бристол Сити

Англискиот тренер Рој Хоџсон повторно се враќа од пензија и на 78-годишна возраст го презеде тимот на Бристол Сити во Чемпионшип.

Искусниот стратег потпиша договор до крајот на сезоната, заменувајќи го Герхард Штрубер, а ова за него претставува враќање во клубот кој го водеше уште во 1982 година.

Бристол Сити по 39 одиграни кола се наоѓа на 16-тата позиција на табелата и на пет натпревари до крајот нема реални шанси за пласман во плеј-офот, но ниту е загрозен од испаѓање.

За Хоџсон, ова е нов предизвик по последниот ангажман во Кристал Палас во сезоната 2023/2024.


Сериозно се повреди најдобриот стрелец на Стразбур

Водечкиот стрелец на француското првенство, 23-годишниот напаѓач на Стразбур, Хоакин Паничели, заработи повреда на коленото за време на тренинг со аргентинската репрезентација пред пријателскиот натпревар против Мавританија.

Повредата доаѓа нешто повеќе од два месеци пред почетокот на Мундијалот, па постои ризик Паничели да го пропушти Светското првенство, на кое Аргентина ќе ја брани титулата.

„Хоакин Паничели се здоби со повреда на десното колено, а сериозноста ќе биде утврдена по дополнителни прегледи“, соопшти Фудбалската федерација на Аргентина.

Локалните медиуми наведуваат дека постои сомнеж за скинати вкрстени лигаменти, што би го оддалечило голгетерот од терените за подолг период.

Паничели дебитираше за националниот тим во ноември минатата година, а ова не е првпат да се соочи со слична повреда бидејќи во 2023 година беше надвор од игра шест месеци поради ист проблем кој би можел сега да се потврди


Шпанија пресилна за Србија, два еврогола на Ојарзабал

Шпанија со 3-0 ја победи Србија во натпревар на кој се истакна Ојарзабал, Швајцарија и Германија одиграа луд натпревар со шест гола на кој блескаше Флоријан Вирц.

Репрезентациите кои обезбедија настап на мундијалот го користат мартовскиот прозорец за финализирање на тимот и темпирање на формата, па на програмата денеска имаше неколку интересни дуели.

Шпанија со 3-0 ја доби Србија во меч на кој се истакна Ојарзабал со два гола, особено атрактивен беше вториот, кога од врвот на шеснаесетникот биеше неодбранливо.

Швајцарија и Германија одиграа луд натпревар со дури седум погодоци. Домаќините водеа во два наврати во првото полувреме, но „панцерите“ веднаш одговараа, за во вториот дел и да поведат со страшниот гол на Вирц, кој од работ на шеснаесетникот маестрално пласираше во аголот за 2-3.

Монтеиро изедначи на 3-3 на десет минути пред крајот, но Вирц повторно стапи на сцена и во 85. минута од место пласираше во аголот за 3-4.

Холандија со 2-1 ја доби пресметката против Норвешка, а Англија и Уругвај одиграа 1-1, гостите во последната минута од пенал му ги поматија сметките на „гордиот албион“.


Симеоне не мрда никаде, ќе го води Атлетико и догодина

Се шпекулираше дека Диего Симеоне би можел да го напушти Атлетико по 14 години, но тоа, барем засега, нема да се случи.

Аргентинскиот стратег е врзан со договор со клубот до летото 2027 година, а според шпански „АС“, тој ќе го одработи договорот.

На почетокот од оваа сезона имаше неколку тешкотии, бидејќи Атлетико многу брзо испадна од трката за титулата, но го надоместија тоа со пласман во финалето на Купот, каде што ќе играат против Реал Сосиедад, како и во четвртфиналето на Лигата на шампионите.

Истиот извор додава дека не е исклучено Атлетико да му понуди нов договор на Симеоне во текот на летото.

Интер се споменуваше како потенцијална дестинација за Симеоне, а ситуацијата ја следат и во Аргентина, која би сакала да го види како следен тренер.


Баер Леверкузен го потврди трансферот на Алајбеговиќ

Баер Леверкузен го потврди трансферот на Керим Алајбеговиќ, кој во летото 2025 година премина во Ред Бул Салцбург. Германскиот прволигаш ја искористи откупната клаузула договорена за репрезентативецот на Босна и Херцеговина.

Алајбеговиќ минатата година го напушти тимот до 19 години на Леверкузен и се пресели во Салцбург, а сега потпиша петгодишен договор со клубот од Леверкузен, кој ќе стапи на сила на 1 јули оваа година. Баер го купи за осум милиони евра.

Младиот 18-годишен играч на репрезентацијата на Босна и Херцеговина одигра одличен натпревар синоќа во Кардиф, асистираше за голот со кој Един Џеко го изедначи резултатот против Велс, а потоа во пенал-рулетот го реализираше последниот пенал. Не играше во почетниот состав, влезе од клупата во 62-та минута.


Јамајка и Боливија се избори за финале на интернационалниот плеј-оф

Репрезентациите на Јамајка и Боливија се на чекор до пласман на Светското првенство откако ноќеска постигнаа победи во полуфиналните дуели од интерконтиненталните баражи. Боливија во Гвадалупе го совлада Суринам со 2-1, иако противникот поведе со 1-0. Сепак со два гола за седум минути Боливија ја потврди фаворитската улога.

Во Запопан, Јамајка со голот постигнат во првиот дел ја совлада селекцијата на Нова Каледонија и се избори за уште еден натпревар.

Финалните дуели од интерконтиненталните баражи се играат на 31.март, а двојките се: ДР Конго – Јамајка (се игра во Запопан) и Боливија – Ирак (се игра во Гвадалупе).


Карик нема да биде потврден, Јунајтед ќе добие нов менаџер

Времениот менаџер на фудбалерите на Манчестер Јунајтед, Мајкл Карик, би можел да добие понуда само за краткорочен договор, објавија медиумите во Англија.

Челниците на тимот не брзаат да донесат конечна одлука иако нема многу слободни тренери на пазарот кои може да седнат на клупата на „Олд Трафорд“.

„Црвените ѓаволи“ сакаат да ангажираат стратег кој има искуство од Премиер лигата. Во моментов не се шпекулира со имиња.