ракомет

Ракометарките со победа над Словачка го освоија турнирот во Турција

Македонската женска ракометна репрезентација го освои првото место на меѓународниот турнир во Анкара во рамки на ЕХФ неделата, откако денеска во завршното трето коло ја совлада Словачка со 26-24.

Дуелот против до овој натпревар непоразената Словачка донесе резултатски израмнето прво полувреме (12-12).

На стартот од вториот дел, македонските ракометарки влегоа во серија од 3-0, за водство од 15-12, кое со пожртвувана игра го задржаа до самиот крај на натпреварот.

Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски го завршија настапот на турнирот со пет бодови, откако во првото коло триумфираа над домаќинот Турција со 29-26, а во саботата одиграа нерешено против Словенија 23-23.


Реми на ракометарките на Македонија и Словенија на турнирот во Анкара

Македонската женска ракометна репрезентација одигра попладнево нерешено 22-22 против Словенија во рамки на второто коло од Меѓународниот турнир во Анкара.

Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски одиграа уште квалитетен натпревар на турнирот во Турција што донесе неизвесна завршница во која македонските ракометарки беа поблиску до победата.

Марија Јанкуловска во последната минута од дуелот донесе предност од 22-21, а откако Словенките го израмнија резултатот, македонските ракометарки не успеаја да постигнат гол за победа во завршниот напад.

Во првото коло на турнирот во Анкара, кој е во рамки на ЕХФ неделата, македонската репрезентација го совлада домаќинот Турција со 29 – 26, а утре во завршниот натпревар ќе игра против Словачка.


Рутински совладана Струга, пелистерци се загреаја за дербито со Вардар

Шампионот на Македонија, Еурофарм Пелистер, очекувано славеше против Струга со 22-42 во првиот натпревар по раскинувањето на договорот со тренерот Рубен Гарабаја. Натпреварот од 15. коло од Суперлигата се одигра во Битола, наместо претходно најавеното во Струга. Стручниот штаб на битолчани им даде слободно попладне на Хаидарирад, Абутовиќ, Манасков, Радивојевиќ, Хосни и Пешевски.

Пелистерци мечот го реши во првото полувреме по кое имаше предност од +6, а во вториот набрзина дојде до двоцифрено водство за мирен финиш. Очекувано се штедеа сили, па голем дел од ракометарите не се најдоа во составот, а и оние стандарните беа на клупа.

Никола Митревски беше на голот во второто полувреме и запиша 11 одбрани, додека Давид Брестовац бранеше во првиот дел и имаше 8 интервенции. Прв стрелец беше Петар Атанасијевиќ со 12 гола, зад него беше Кузмановски со седум. Кај поразениот тим Стефан Атанасовски запиша осум гола.

Во следното 16. коло Еурофарм Пелистер в среда ќе го пречека тимот на Вардар 1961.


Охрид пресилен за Еурофарм Пелистер 2, прекината победничката серија на битолчани

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 ја прекинаа победничката серија и загубија во салата „Биљанини извори“ во Охрид од фаовиризираниот домаќин со 33-20. Момците на Зарков брзо заостанаа и не можеа да парираат како на првиот натпревар пред два месеци.

По петнаесет минути игра, ГРК Охрид воден од Ѓукиќ и Петриќ кои беа главни во нападот, се одлепи на 10-5, предност која ја задржа и до полувремето кога беше 16-9. По десет минути во вториот дел, домашниот тим првпат поведе двоцифрено (23-13), тоа беше и највисоката разлика дотогаш која ја имаше на мечот на семафорот и тука мечот беше готов.

Најдобар стрелец кај победникот беше Никола Ристески со шест гола од шест обида, додека по пет имаа Лиапис, Петриќ, Ѓукиќ. Кај Еурофарм Пелистер 2, Мохамед Азиз погоди шест пати, а Марковски и Митревски имаа по три гола.

Во следното 15. коло Еурофарм Пелистер следната недела ќе го пречека Бутел Скопје.


Директорот Звонко Шундовски ќе го води Еурофарм Пелистер до крајот на полусезоната

По оставката на досегашниот тренер на Еурофарм Пелистер, Рубен Гарабаја, до крајот на полусезоната екипата ќе ја води директорот на клубот, Звонко Шундовски.

Пред клучните натпревари од сезоната 2025/2026, Звонко повторно храбро и несебично ја презема одговорноста за тимот, како и многупати досега кога било најпотребно, сè до назначувањето на нов тренер.

Ги повикуваме сите вистински љубители на ракометот, како и битолската јавност, да застанеме обединето зад нашиот клуб во претстојните предизвици. Да покажеме што значи љубов кон клубот, кон ракометот и кон Битола.


Рубен Гарабаја поднесе оставка, Еурофарм Пелистер ќе добие нов тренер

Еурофарм Пелистер ја информира јавноста дека тренерот на екипата Рубен Гарабаја поднесе оставка од својата позиција и клубот ја прифати истата. Гарабаја заминува од Битола пред истекот на договорот и клубот наскоро ќе назначи негов наследник.
Со Гарабаја на клупата клубот го освои Суперкупот на Македонија и одигра достоинствени десет натпревари од Лигата на шампионите за сезоната 2025/25. Гарабаја пред заминувањето од клубот и градот ја објасни својата одлука.

Сакам да потенцирам дека по натпреварот со Алкалоид не почувствував поддршка од амбиентот. Очекував реакција во Загреб, но со оглед на тоа што таа реакција не дојде, се одлучив да ја понудам мојата оставка. Сметам дека мое заминување во овој момент ќе предизвика позитивна реакција кај тимот и ракометарите. Сакам да им се заблагодарам на сите ракометари, со кои имам одличен однос, и да им посакам успех во продолжение на сезоната. Голема благодарност до клубот за ова мое искуство и многу среќа во иднина.

РК Еурофарм Пелистер му се заблагодарува на Рубен Гарабаја за професионалноста и му посакува успеси во понатамошниот тек на кариерата.


Гарабаја: Треба да работиме на нападот, одбраната беше добра

Ракометарите на Пелистер не успеа да слават во Загреб и да ја искористат големата шанса да останат во трка за едно од местата кои водат во нокаут фазата од Лигата на шампионите. Иако почнаа добро, синоќа во Загреб нашиот првак на крајот беше поразен.

Рубен Гарабаја, стратегот на Пелистер даде своја кратка анализа за мечот.

„Тежок натпревар. Добро го отворивме, и би рекол дека игравме доста добро на дефанзивната страна, но за да победите во натпревар од Лигата на шампионите мора да играте добро на двете страни од теренот, а против Загреб нашиот напад не изгледаше добро. Тоа е дефинитивно нешто на кое ќе треба да работиме и да најдеме начини да бидеме повнимателни, потрпеливи и подобро да се грижиме за топката“, изјави тренерот на Пелистер.


Добар почеток и лош крај за пелистерци во Загреб

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер загуби со 27-23 на гостувањето кај Загреб во десеттото коло на Лигата на шампионите/ Хрватскиот првак беше доминантен во второто полувреме и заслужено ги освои бодовите.

Македонскиот претставник одлично го започна дуелот и водеше со 1-5, но Загреб успеа брзо да се врати и да дојде до 7-7, а до крајот на полувремето обезбеди предност со резултат 14-12. Во продолжението, домаќините набрзина стигнаа до 19-13, а таа предност од плус шест ја имаа неколку пати и не му дозволија на Еурофарм Пелистер да ја врати неизвесноста.

Кузмановски со 7 голови беше најефикасен кај битолскиот тим, додека во редовите на Загреб се истакна Главаш со 10 голови, а одлично второ полувреме имаше и голманот Мештриќ кој имаше 12 одбрани од 24 удари.

Последните четири кола од групната фаза на Лигата на шампионите се играат во февруари и март 2026 година.


Гојун: Еурофарм Пелистер не е подобра екипа од нас

Пелистерци го победија Загреб во првиот меч одигран во Битола, но искусниот ракометар на Загреб Јаков Гојун најавува реванш и подобрување на впечатокот во елитното натпреварување.

„Не сакам да кукам и да барам изговори, но не се сеќавам кога екипата имала толку голем број повредени играчи. Во тешка ситуација сме, немаме победа по девет одиграни кола. Верувајте, нам ни е најтешко, затоа што на некои мечеви воопшто немавме среќа.

Во Битола игравме рамноправно, имавме и напад за бод, но на крајот загубивме. Што се однесува до Еурофарм Пелистер, сметам дека тие не се подобра екипа од нас, но имаат четири бода и тоа мораме да го почитуваме.

Верувам дека дојде време среќата малку да ни се насмевне. Овој колектив заслужи да замине на зимските празници со барем еден успешен резултат. Ќе го дадеме нашиот максимум за да победиме и да ги израдуваме навивачите“, изјави Гојун.

Натпреварот помеѓу Загреб и Еурофам Пелистер ќе се одигра в среда од 18:45 часот.


Чупиќ го најави последниот меч на Вардар во ЕЛ: Секогаш и против секого играме на победа

Ракометарите на Вардар веќе го обезбедија своето место во ТОП 16 фазата од ЕХФ Европската лига, но посакуваат на утрешниот последен меч од групната фаза да финишираат со домашна победа. Во Скопје гостува француски Тулуз, а на прес-конференцијата пред натпреварот, тренерот на „црвено-црните“, Иван Чупиќ вели дека Вардар ќе бара победа на секој меч.

„Имавме добра недела со две важни победи против Сесвете и Охрид. Сега ни доаѓа Тулуз, во натпревар без значење, но играме добро, се подготвувме и сакаме да запишеме уште една победа. Да завршиме во оваа фаза без пораз. Сакаме да им покажеме на нашите навивачи како Вардар сака да игра на секој натпревар, а тоа е мотив и за утрешниот меч. Мора да дадеме се од себе, со енегрија, со говор на тело, со позитива меѓу нас“, вели Чупиќ.

Левото крило Марио Стојановски пред новинарите ги истакна и своите очекувања од утрешниот натпревар.

„Анализата е направена. Треба само тоа што го договараме да го спроведеме на терен. Секако дека и против Тулуз ќе одиме на победа“, вели ракометарот на Вардар.

Мечот меѓу Вардар и Тулуз ќе се одигра утре во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 18.45 часот.