РФМ најави жалба на судењето во мечот со Холандија
Генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија, Филип Милошевски, најави дека РФМ ќе поднесе жалба до ИХФ за делењето на правдата на средбата со Холандија.
„За 12 години во ракомет не сум видел натпревар со повеќе пенали, повеќе украдени топки, повеќе искалкулирани фаули. Во превод… дробење. Досега ретко сме се жалеле, може двапати до сега, ама ова беше под секое спортско достоинство. РФМ ќе поднесе жалба, но без оглед на резултатот, Македонија победи, напиша Милошевски на Фејсбук./
Лазаров: Колку и да се добри – тешко е со дваесет минути играч помалку и дванаесет седмерци!
Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров по крајот на натпреварот против Холандија и првиот пораз (37:32) на Светското првенство беше незадоволен од текот на натпреварот и се она што се случуваше на теренот. Тој нагласи дека е тешко да се одигра натпревар во кој речиси 20 минути имаш играч помалку, а од друга страна противникот има дванаесет пенали во своја корист.
„Уште вчера кажав дека нè очекува тешка борба и знае да не понесе еуфорија. Знаев што нè очекува, иако се надевав на позитивен резултат. Требаше да ја искористиме таа позитивна атмосфера и самодовербата што ја имаа играчите. Но, не секогаш, пресметките се исти дома и на пазар што се вели. Секој натпревар е различен. Натпреварот излезе тотално надвор од контрола. Личеше на сè, само не на еден меч од Мундијал, на официјален меч на Светско првенство. Колку и да не сакам да зборувам и да се правдам поради нешто, но ривалот имаше дванаесет пенали.
Колку и да е подобар противникот, тешко е како тренер да се води тимот со дванаесет пенали против вас. Ние имавме скоро дваесет минути со играч помалку. Тешко е да се браниш со оглед на нивната игра, седум на шест, а особено со играч помалку. Ако не дадеш гол, веднаш ти даваат, тоа е скоро па сигурно, а дури и кога си комплетен имаш проблем. Им реков на момците дека мора да се бориме, повеќе пати го кажав тоа. Брзите контри на Холандија и играта со брз центар се неодбранливи, на чело со организаторот Стеинс. Се обидовме и бевме близу. Направивме грешки во првиот дел кој им дозволи да направат разлика. Пробавме со фластер на Стеинс, пробавме и да се вратиме и назад со плитка зона, едноставно се обидовме со сè.
Црвениот картон на Петар беше многу важен момент , тој е неискусен играч, има само 21 година и во таа ситуација мораше да го остави противникот. Џонов добро го замени, одигра доста интелигентно. Сепак, со толку исклучувања и пенали тешко можевме да дојдеме до позитивен резултат. Сега ни останува да се подготвиме за Гвинеја и да го добиеме тој натпревар“, рече селекторот Лазаров.
Средбата со Гвинеја се игра в недела во 20:30 часот, а нашите ракометари се во добра позиција и сопобеда ќе се пласираат во втора фаза и ќе пренесат бод од првата рунда.
Македонија загуби во тензичен дуел против брзата Холандија
Најдобрата македонска машка ракометна репрезентација го претрпе првиот пораз на Светското првенство откако загуби со 37-32 од Холандија. Клучен податок можат да бидат и 14 грешки на нашата селекција во овој меч.
Во завршницата од средбата Холанѓаните речиси рутински го одбранија стекнатото водство, а имаа „помош“ и од данските судии кои ги казнија сите наши грешки. Борбената наша игра доведе до втор црвен картон, овојпат за Лазаревски. Со головите на Серафимов и Кузмановски во два наврати се враќавме на „минус два“, но ривалот ги казнуваше сите наши грешки. Не успеавме да ја анулираме негативата и претрпевме прв пораз на овој светски шампионат.
Кај стрелците Кузмановски имаше девет голови, а Серафимов шест. На спротивната страна Смитс реализираше седум погодоци.
Пешевски: Холандија е респектабилна селекција
Жарко Пешевски очекува уште еден добар меч на Светското првенство во Данска, Норвешка и Хрватска. Втор противник на Македонија во групната фаза ќе и биде селекцијата на Холандија. Мечот ќе се реализира утре во арената во Вараждин.
„Максимално се фокусираме на Холандија, заборавме што се случуваше против Унгарија, немавме среќа да победиме, но ремито е одличен резултат. Мислам дека максимално сме мотивирани.
Излегуваме максимално мотивирани и се надеваме дека ќе стигнеме до добар резултат. Тие се побрзи од Унгарците, имаат одлични индивидуалци, ќе биде сосема различен меч, но, подготвени сме и мислам дека имаме шанси“, изјави нашиот ракометар.
Лазаров: Треба да ја заборавиме Унгарија, Холандија е селекција која не ни одговара!
Селекторот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров целосно се фокусира на утрешниот предизвик против Холандија во рамки на второто коло на Светското првенство. Турнирот го почнавме добро со реми против фаворитот Унгарија иако имавме големи шанси и да го освоиме цел плен и да почнеме со победа во рамки на групата Д.
„Мислам дека треба да бидеме навистина задоволни и нема за што да жалиме. Треба да го заборавиме натпреварот со Унгарија и со една позитивна мисла да одиме напред. Треба да бидеме свесни дека и покрај добриот резултат, можеше да биде и подобро, но да не бараме ‘леб преку погача’. Треба да бидеме задоволни и да се фокусираме на она што ни претстои, веќе утрешниот натпревар со Холандија и следните натпревари“, изјави Лазаров.
„Лалињата“ се селекција која можеби го игра најбрзиот ракомет во светот и според тоа Лазаров смета дека се понезгоден противник за Македонија од Унгарија. Но добрата атмосфера и самодовербата кај играчите треба да се надополни со нов добар натпревар во Вараждин.
„Мислам дека Унгарија е поцврста репрезентација, но мислам дека Холандија е репрезентација што помалку ни одговара според стилот на игра. Тоа е репрезентација што игра брз ракомет, има ритам во текот на сите 60 минути, не дека Унгарија го нема, напротив исто така го има, но дека со тоа што правеа повеќе измени ни даваа повеќе опции. Затоа јас сум максимално фокусиран, гледајќи да не ги оптоварувам премногу момците, затоа што се во една добра атмосфера, можам да кажам дека имаат и добра самодоверба, подржани од нашите навивачи, кои се надевам дека утре ќе бидат во уште поголем број. Треба да го искористиме тоа утре“, додаде македонскиот селектор.
Македонија и Холандија утре својот натпревар од 2.коло во групата Д на Светското првенство го играат со почеток од 18:00 часот.
Португалецот Мартинс позитивен на допинг тест
Португалскиот ракометар Мигел Мартинс, член на данскиот клуб Алборг, доцна во вторникот беше суспендиран од Светското првенство во ракомет, откако беше позитивен на допинг тест.
Алборг во средата наутро бил информиран дека Мартинс нема да учествува на завршниот турнир на Светското првенство за Португалија, бидејќи бил позитивен на допинг тест за време на активностите на португалската репрезентација пред последната фаза од натпреварувањето.
-Се разбира, ова е голем шок за нас и веднаш стапивме во контакт со Мигел, кој е исто толку збунет како нас и инсистира дека не направил ништо незаконско, изјави директорот на Алборг, Јан Ларсен во соопштението за медиумите.
Тој веднаш побарал таканаречен „Б“ тест за да се разјасни ситуацијата, но сигурно е дека нема да учествува на завршниот турнир на Светското првенство, додава Ларсен.
-Не можеме и нема да преземеме понатамошни чекори додека не ги добиеме резултатите од „Б“ тестот, а во моментов не знаеме кога ќе биде тоа. Откако ќе ги добиеме резултатите, ќе одлучиме за понатамошна акција, заклучува Ларсен.
Мартинс е португалски репрезентативец од 2016 година и има одиграно повеќе од 100 натпревари за националниот тим. Пред да дојде во Алборг настапуваше за унгарскиот клуб Пик Сегед.
Костески: Сите изгинавме на теренот
Македонија освои бод против фаворизираната Унгарија на отворањето на 29.Светско првенство. Во Д групата, во Вараждин, Македонија и Унгарија одиграа 27-27 (14-14).
Македонија може да жали, испушти побада против Унгарија. Фазекаш го постави конечниот резултата на 15 секунди до крајот.
Блескаа вечерва во нашата репрезентација капитенот Филип Кузмановски со 10 гола и ветеранот Митревски кој имаше 14 интервенции.
„Тежок и исцрпувачки натпревар, го дадовме максимумот. Малку фалеше да стигнеме до победа. Сега главата горе и одиме понатаму. Момците изгинаа. Ова е мотив за нас да одиграме уште еден ваков натпревар“, изјави Ненад Костески.
За два дена во второто коло, Македонија ќе игра против Холандија.
Лазаров; Горд сум на моите играчи, да продолжиме со ова темпо
Македонската репрезентација ремизираше со Унгарија 27-27 (14-14) во првото коло од прелиминарната фаза на СП 2025 година.
Избраниците на Кирил Лазаров беа блиску до победа против апсолутните фаворити на овој дуел, влегувајќи во игра со посед на топка и предност од 27:26 во последните 35 секунди, но не можеа да се носат со пресингот на Унгарците. И горди и тажни на крајот на краиштата можат да бидат македонските љубители на ракометот, кои уште еднаш, како во 2009 и 2018 година, ги наполнија трибините на Арената во Вараждин.
Момците во жолти дресови одиграа одличен натпревар на отворањето на првенството. Предводени од експлозивниот Филип Кузмановски (10 голови), но и ентузијастичниот Никола Митревски (14 одбрани), македонскиот тим го направи она што никој не го очекуваше од нив.
„Жалиме што пропуштивме на крајот да победиме, но треба да бидеме задоволни од ваквиот резултат. Пресуди неискуството во последниот напад кога не успеавме да фаулираме. Унгарија е голема репрезентација која учествува на Олимписките игри, беше блиску до медал на ЕП и затоа сум горд на моите ракометари и без навивачите и целиот македонски народ немаше да го оствариме ова. Да не очекуваме ништо, само вака да продолжиме и мислам дека резултатот ќе си дојде“, рече Лазаров.
Следен ривал на Македонија е селекцијата на Холандија на 17 јануари од 18.00 часот.
Македонија пропушти победа и со реми против Унгарците го отвори Мундијалот
Во првото коло од групата Д во прелиминарната фаза на Светското првенство, македонската машка ракометна сениорска репрезентација во Вараждин одигра реми 27-27 против Унгарија. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров имаа голема поддршка од навивачите на трибините. Пред стартот на мечот нашите најдобри ракометари беа свесни дека пред себе имаат противник кој е фаворит во групата и еден од кандидатите за медал на ова СП.
Пред нашиот следен напад Лазаров побара тајмаут на 36 секунди до крајот на мечот. Не успеавме во нашата акција, Унгарија во контра успеа да израмни и да дојде до бод. Најефикасен во нашата селекција беше Кузмановски со 10 голови, а голманот Митревски имаше 14 одбрани.
Нанадејно почина ракометниот тренер Александар Јовиќ
Утрово тажна вест ја потресе македонската јавност. На 51-годишна возраст почина македонски репрезентативец Александар Јовиќ.
Александар Јовиќ е роден во Бјелина, Босна и Херцеговина, Јовиќ во кариерата играше во најголемите клубови во земјава: Борец, Јафа Промет, Вардар, Металург, Пелистер. Играше со македонската репрезентација на две големи натпреварувања: Светското првенство во 2009 и Европското првенство во 2012 година.
Последните месеци, Јовиќ беше тренер на Пролет. Претходно во кариерата беше тренер на Металург, Металург 2, Пелистер и Пелистер 2.
Како тренер на Пелистер ја освои шампионската титула во домашното првенство, прва по 2006 година