ракомет

Македонските ракометари ќе настапат на „Кроација Куп“

Македонската ракометна репрезентација, идниот месец ќе ги започне подготовките за СП 2023 година, кое се одржува во јануари, а нашата екипа групната фаза ќе ја игра во Краков. Како дел од подготовките, нашите ракометари предводени од селекторот Кире Лазаров ќе бидат учесници на турнир во Хрватска.

Според информациите кои ги објави Хрватскиот ракометен сојуз, на турнирот „Кроација Куп“ кој ќе се одржува на почетокот од идниот месец, гости на хрватската репрезентација ќе им бидат селекциите на Македонија и Израел, против кои ќе одиграат контролни средби.


Атанасијевиќ продолжува во Еурофарм Пелистер до 2026 година

Македонскиот ракометен клуб Еурофарм Пелистер го продолжи договорот со еден од најталентираните ракометари во Македонија, Павле Атанасијевиќ.

19-годишниот бек веќе трета сезона е во клубот од Битола и неговата кариера оди во нагорна линија. Неговиот нов договор со Еурофарм Пелистер е со важност до 2026 година.

“Дојдов пред три години и тоа беше ново искуство за мене. Со тек на време секоја година по година прогресирав сè повеќе и повеќе. Прво започнав со тренерот Александар Јовиќ, кој ме упати, а потоа новиот тренер Ларс Валтер ми укажува на грешките и прави да бидам подобар играч. Ми дава мотив да напредувам и да играм подобро. Атмосферата тука е многу убава, посебно кога се игра пред полна сала. За мене ова е големо искуство, посебно кога играме на европската сцена. Тоа е мотив плус за мојата работа“, изјави Атанасијевиќ.


Стевче Алушовски го напушти исландски Тор

Македонскиот ракометен тренер Стевче Алушовски ја прекина соработката со екипата на Тор од Исланд. 

Иако Алушовски на почетокот од сезоната потпиша нов тригодишен договор со Тор, сепак после слабите резултати на екипата која се натпреварува во втората исландска лига, челниците на клубот решија да се разделат со македонскиот тренер.

Пред заминувањето во Исланд, Алушовски беше тренер на Вардар со кого успеа да забележи значајни успеси, а во минатото го водеше и битолски Еурофарм Пелистер.


Ларс Валтер: Промашивме многу зицери на натпреварот

Екипата на Еурофарм Пелистер доживеа пораз на домашен терен од германскиот Фуксе Берлин со резултат 43:34, во натпревар од третото коло во Лига Европа.

Тренерот на битолската екипа, Ларс Валтер, после натпреварот изјави дека голем проблем за екипата било отсуството на некои стандардни играчи во тимот, но и некои проблеми во играта кои не се случуваат прв пат.

„Добро го отворивме натпреварот, но потоа имавме големи проблеми со враќањето во одбраната. Ова ни се случува втор пат оваа сезона, а за да не ни се случи повторно мора да извлечеме поуки. Ми се допадна како го одигравме вториот дел. Не се предававме и со оглед дека ни фалат неколку ракометари, а се повреди и Сери, одлично го одработивме тој дел од натпреварот“, изјави стратегот на Еурофарм Пелистер.

Нареден натпревар за Еурофарм Пелистер е гостувањето во Германија кај Мотор Запорожје.


Норвешките ракометарки ја одбранија европската титула

Женската ракометна репрезентација на Норвешка ја одбрани титулата на европски шампион откако во финалето одиграно во Љубљана ја совлада Данска со 27:25.

Најдобар стрелец кај норвежанките беше Нора Мерк со постигнати осум голови, а кај Данска, Луиса Бургорд постигна шест погодоци.

Норвешка со оваа победа стана шампион на Европа по деветти пат, а Данска остана на три освоени титули.


РК Вардар 1961 соопшти две засилувања за наредната сезона

Ракометниот клуб Вардар 1961 соопшти дека од наредната сезона екипата ќе се засили со доведување на двајца македонски ракометари.

Како нови засилувања се договорени Томислав Јагуриновски и Михаил Аларов. Двајцата ракометари потпишаа двегодишни договори. Јагуриновски е поранешен играч на Вардар кој сега повторно се враќа во старата средина, а за Аларов ова ќе биде прв настап во поранешниот европски првак.


Ивица Обрван не е повеќе тренер на ППД Загреб

Тренерот на ракометниот клуб ППД Загреб, Ивица Обрван, доби отказ од позицијата, соопшуваат од хрватскиот шампион.

Обрван кој е поранешен македонски селектор, отказот го добива после 18 месеци поминати на клупата на екипата од Загреб, која во иднина ќе ја водат помошните тренери Тончи Валчиќ и Денис Шпољариќ.

Обрван забележа слаби резултати со тимот во овогодинешната Лига на шампионите каде ППД Загреб го зазема седмото место во групата А.


Борко Ристовски ќе брани за Лемго

Голманот на ракометниот клуб Вардар 1961, Борко Ристовски, е пред неочекуван трансфер во бундеслигашот Лемго.

Според информациите, поранешниот македонски репрезентативец ќе потпише краткорочен договор со Лемго во траење од два месеци.

Германскиот клуб има проблем со голманите во екипата, откако првиот голман Кастелиц заработи повреда поради која ќе мора да паузира осум недели. Останатите тројца голмани се неискусни за важните натпревари кои го очекуваат тимот, па така како реална опција се појави ветеранот Борко Ристовски, кој ќе остане во Лемго до декември и потоа повторно се враќа во Скопје.


Ларс Валтер: Не можеме да бидеме горди на она што го одигравме

Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер загуби на домашен терен од данскиот Архус со 30:27, и со пораз ја започна новата сезона во ракометната Лига на Европа.

Стратегот на битолчани, Ларс Валтер, на прес-конференцијата после дуелот изјави дека неговите играчи со своите грешки им дозволиле премногу голови на противниците.

„Можеме да бидеме задоволни од почетокот на натпреварот. Но одигравме доста лошо кон крајот на првото полувреме, кога противникот направи серија од 9-2. Го загубивме ритамот и започнавме да се потпираме на индивидуалните квалитети. Имавме многу грешки, и противникот не казни преку голови од контранапади. Им дозволивме премногу голови. Не можеме да бидеме горди на она што го одигравме денес и тоа ќе мора да го промениме“, изјави Валтер.

Нареден натпревар на Еурофарм Пелистер во Лигата на Европа ќе биде на гостувањето во Португалија со екипата на Агуаш Санташ.


Еурофарм Пелистер ја продолжи соработката со Ѓорговски до 2025 година

Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер објави дека го продолжи договорот со младиот Емилијан Ѓорговски, кој во битолскиот клуб ќе остане до 2025 година.

Левиот бек во Еурофарм Пелистер беше доведен од Еурофарм Пелистер 2, каде прикажуваше одлични ракометни партии, а од ова лето младиот стружанец своите игри ги продолжи во тимот предводен од тренерот Ларс Валтер.

Ѓорговски претходно веќе дебитира во СЕХА лигата, а наскоро го очекуваат настапи и во претстојната ЕХФ Лига Европа.