останато

Пораз на футсал репрезентацијата на гостувањето во Финска

Во првиот настап од квалификациите за пласман на Светското првенство, футсал репрезентацијата на Македонија на гостувањето во Финска е совладана со 6-1.

Серијата голови ја отвори Ласе Линтула во третата минута. Само две минути подоцна Бојан Јанев израмни на 1-1, а во 15-тата Сергеј Корсунов им носи водство на Финците од 2-1.

Во 20. минута Матин Ахмади зголеми на 3-1 додека во 23-тата минута Алекси Пиритијоки беше стрелец на четвриот гол за домаќините.

Во 35-тата минута од натпреварот Анти Коивумаки постигна погодок за 5-1, а конечниот резултат го постави Линтула во 36. минута.

Во самата завршница од натпреварот Македонија имаше шанса да го постигне и вториот гол, но Јакуп Рамадан не успеа да реализира пенал.

Во второто коло Македонија е домаќин на Шпанија, а натпреварот е на програмата на осми декември.


Над 70 боксери ќе настапат на „Златниот гонг“ во бокс

Јубилејното 55. издание на меѓународниот боксерски турнир „Златен гонг“ ќе се одржи од 13 до 15 ноември во спортската сала „Расадник“ во скопската општина Кисела Вода.

За турнирот се пријавени 70 боксери од странство, кои доаѓаат од 17 држави. Меѓу нив се Албанија, Австрија, Белгија, Белорусија, Бугарија, Косово, Литванија, Молдавија, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Шпанија. Македонија засега ќе има тројца претставници.

Програмата започнува во петок, на 13 ноември, со четвртфиналните борби од 14 часот. Полуфиналињата се во сабота во истиот термин, додека финалните пресметки се закажани за недела од 17 часот.

Минатогодишниот освојувач на „Златниот гонг“, Ален Рустемовски, нема да го брани трофејот, бидејќи во истиот период ќе настапува на Европското првенство за боксери до 23 години во хрватскиот град Пореч.


Линдзи Вон оперирана по деветти пат

Славната американска скијачка Линдзи Вон објави на социјалните мрежи дека оди на нов медицински зафат. Во пресрет на операцијата, која ѝ е деветта по ред, ги сподели своите чувства со следачите. Призна дека е нервозна и вознемирена, но истовремено и возбудена бидејќи се надева дека ова би можело да биде крај на нејзините здравствени проблеми.

Поранешната скијачка шампионка откри дека се надева и се моли ова воедно да ѝ биде и последната операција. Напиша дека за време на самиот зафат сè уште постојат детали што би можеле да се променат, поради што треба да се почека исходот.

„Ова ќе биде мојата деветта операција и се молам да биде последна. Сè уште постојат работи што би можеле да се променат во оперативната сала, па ќе мораме да почекаме и да видиме како сè ќе помине. Ќе ве известувам за мојот напредок кога ќе излезам од салата и ќе закрепнувам“, порача Вон.

Нагласи дека е во најдобрите можни раце и им изрази благодарност на своите лекари, физиотерапевтот, медицинските сестри и на целиот медицински персонал. Вон упати благодарност и до сите што биле со неа во изминатиот период.


Ева Митевска трчаше во финалето на 100 метри на младинските ОИ игри во Дакар

Македонската атлетичарка Ева Митевска оствари историски успех на Младинските олимписки игри во Дакар, Сенегал, пласирајќи се во финалето на трката на 100 метри во конкуренција на атлетичарки под 18 години, каде го освои осмото место.

Во полуфиналната трка, македонската репрезентативка го освои четвртото место со резултат од 12.58 секунди, со што обезбеди пласман во финалето меѓу деветте најдобри атлетичарки на натпреварувањето.

Во финалната трка, Митевска оствари одличен резултат од 12.28 секунди и го освои осмото место. Иако резултатот беше постигнат со ветер од +2.4 m/s, над дозволената граница за официјално признавање на рекорди, настапот претставува исклучително вредно остварување во силна меѓународна конкуренција.

Со неполни 18 години, Ева Митевска постигна значаен успех за македонската атлетика, потврдувајќи го својот голем потенцијал и статусот на една од најперспективните млади атлетичарки во Македонија. Пласманот во финалето на Младинските олимписки игри претставува важен чекор во нејзината спортска кариера и дополнителен поттик за идните меѓународни настапи.

Атлетската федерација на Македонија изразува голема гордост и задоволство од постигнатиот успех и упатува искрени честитки до Ева Митевска и нејзиниот тренер за извонредниот настап и достојното претставување на Македонија на Младинските Олимписки игри во Дакар.


Два медали на македонските каратисти на Балканското првенство

На последниот ден од Балканското првенство за кадети, јуниори и У21, кое се одржуваше од 6 до 8 ноември во Истанбул, на програмата беа екипните натпревари. Карате репрезентација на Македонија оствари одличен успех, освојувајќи уште два медала:

Златен медал – машки јуниорски кумите тим

Бронзен медал – машки У21 кумите тим Со овие резултати, нашите репрезентативци го заокружија настапот на првенството со вкупно 11 освоени медали: 4 златни, 2 сребрени и 5 бронзени. Во конкуренција на вкупно 13 земји учеснички, Македонија го освои одличното четврто место во генералниот пласман! Честитки до сите натпреварувачи, тренери и членови на стручниот штаб за постигнатиот успех, борбеноста и достоинственото претставување на Македонија!


Македонската карате репрезентација со 72 натпреварувачи на Балканското првенство за К, Ј и У21 во Истанбул

Македонската карате репрезентација учествува на Балканското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори (У21), кое се одржува од 6 до 8 ноември 2026 година во Истанбул, Република Турција. На ова значајно регионално натпреварување, Карате Федерацијата на РС Македонија е претставена со вкупно 72 натпреварувачи, кои настапуваат во дисциплините кати и кумите, во индивидуална и екипна конкуренција. Според официјалните пријави, македонските репрезентативци се пријавени за вкупно 77 натпреварувачки настапи, и тоа: – 14 пријави во дисциплината кати; – 58 пријави во дисциплината индивидуални борби – кумите; – 5 екипни настапи во дисциплината кумите, во следните категории: – Кадети – женски; – Кадети – машки; – Јуниори – машки; – У21 – машки; – У21 – женски. Досегашни резултати на македонските репрезентативци По досега одржаните натпреварувачки денови, македонските каратисти веќе забележаа значајни резултати и обезбедија пласмани во завршницата на повеќе категории. Особено успешен настап бележат нашите репрезентативци во дисциплината кадети – кумите до 57 килограми, каде што Мерван Мемеди и Кирил Цветковски успеаја да се пласираат во борбите за бронзениот медал. На крајот Кирил Цветковски успеа да извојува победа и да го освои првиот бронзен медал за македонската репрезентација. Во истата конкуренција, Азем Аземи и Рон Билјали не успеаја да извојуваат победа во борбите за бронзениот медал, па двајцата го освоија петтото место. Одличен резултат постигна и Недим Шаќири, кој со успешните настапи успеа да се избори за пласман во финалето каде го освои златниот медал. Честитки за Недим! Цветан Маргаритов во категоријата У21 до 60кг успеа да се избори за бронзен медал со резултат од 3-1 против натпреварувачи Исмаил Дидиќ од БиХ, додека Вукашин Стојановиќ исто така се бори за место на победничкиот подиум. Дополнително, Арбер Пајазити успеа да се пласира во репасажот, од каде што ќе се обиде да обезбеди настап во борбата за бронзениот медал. Финале избори и Иса Елмази. Овие резултати се потврда за квалитетот, посветеноста и натпреварувачкиот потенцијал на нашите млади каратисти, кои достојно ја претставуваат државата на ова балканско првенство.

Балканското првенство продолжува со натпреварите во преостанатите категории, а македонските репрезентативци ќе имаат можност да се борат за нови медали и високи пласмани. Свечено отворање на првенството Во текот на денешниот ден се одржа и церемонијата на свеченото отворање на првенството, на која свои поздравни обраќања имаа претседателот на Балканската карате федерација, г-дин Давор Ципек, генералниот секретар на Балканската карате федерација, г-дин Славољуб Пипер, како и домаќинот на ова првенство, претседателот на Турската карате федерација, г-дин Ерчумент Ташдемир. Во рамките на свеченоста, на претседателот на Карате федерацијата на Македонија, г-дин Дејан Чолески, му беше врачена плакета за заслуги, како признание за неговиот придонес и ангажман во развојот и афирмацијата на каратето. Карате Федерацијата на РС Македонија им посакува многу успех на сите наши репрезентативци и достоинствено претставување на државата.


Безеки победи на ГН на Катар

Италијанскиот МотоГП возач Марко Безеки ја однесе победата на Големата награда на Катар откако ја контролираше главната трка на патеката „Лусаил“ од почетокот до крајот.

Возачот на Априлија ја забележа својата шеста победа во сезоната, додека Марк Маркез заврши на второто место по импресивен пробив доцна во трката.

Четирикратниот шампион во Мото ГП го престигна Раул Фернандез, кој беше на третото место, на само три круга до крајот

Mаркез не успеа да ја обезбеди шампионската титула во Катар и ќе мора да почека за тоа на следната трка во кралскиот шампионат.


Норис ќе тргне од стартот во Сао Паоло

Ландо Норис ќе стартува од пол-позицијата на трката за Големата награда на Бразил, откако возачот на Мекларен беше најбрз во квалификациите во Сао Паоло.

Британецот оствари време од 1:27.470 минути, што му беше доволно да го освои првото место, пред Џорџ Расел, додека третата позиција му припадна на новиот светски шампион Кими Антонели.

Сепак, Расел нема да стартува од првиот стартен ред, бидејќи поради казната ќе мора да тргне од седмата позиција. Британецот имаше најдобро време во втората квалификациска сесија, но Норис го надмина во завршниот дел.

Меѓу најдобрите десет во квалификациите се најдоа и Шарл Леклер, Лијам Лосон, Нико Хулкенберг, Исак Хаџар, Оливер Берман, Фернандо Алонсо и Алекс Албон.

Големите врнежи од дожд им создадоа сериозни проблеми на организаторите, поради што почетокот на квалификациите беше одложен за повеќе од еден час.

Главната трка во Бразил ќе се вози в недела со почеток во 18:00 часот.

Во генералниот пласман води Антонели со 380 бода, пред Макс Верстапен со 261 и Луис Хамилтон со 259. Расел е на четвртата позиција со 250 бода.


Норис по силниот дожд до пол позицијата во Бразил, Расел „жртва“ на тимот

Возачот на Мекларен, Ландо Норис, ја освои пол-позицијата пред Големата награда на Бразил, 20-та трка од овогодинешното првенство во Формула 1.

Минатогодишниот шампион стигна до четвртата пол-позиција во сезоната на „Интерлагос“, во квалификациите кои траеја речиси два и пол часа поради силниот дожд, со круг од 1:27.470 минути.

Во борбата за најдобрата стартна позиција, Норис го победи Џорџ Расел во Мерцедес за две десетинки, кој нема да стартува од втората позиција, бидејќи поради промената на деловите од моторот, ќе биде поместен за пет позиции надолу.

Двајцата Британци беа следени од новиот шампион Кими Антонели, кој беше четири десетинки зад својот тимски колега, и ќе го наследи второто место, пред Лиам Лосон од Рејсинг Булс.

Новозеланѓанецот профитираше од казните на Расел и Шарлс Леклерк, кој беше четврти, но ќе биде поместен за 10 позиции на стартната линија поради промени на одредени делови од погонската единица.

Казни ги очекуваат двајцата најуспешни возачи во шампионатот, Луис Хамилтон и Макс Верстапен, кои ќе ја започнат трката во недела од последниот ред.

Последниот дел од квалификациите донесе битка помеѓу Норис и Расел, во која возачот на Мекларен заслужено ја освои пол-позицијата, додека неговиот ривал ја плати грешката на тимот, бидејќи му беше наредено да се откаже од кругот.


Бецеки ќе тргне од пол-позиција на ГН на Катар

Марко Бецеки ќе тргне од првата стартна позиција на трката за Големата награда на Катар откако денеска имаше најдобро време во квалификациите на патеката „Лусаил“.

Италијанецот до пол позицијата дојде поставувајќи нов рекорд на патеката со време од 1:50.028 минути. Ова е петта пол-позиција за возачот на Априлија во актуелната сезона.

Бецеки беше за 0,266 секунди побрз од лидерот во шампионатот Марк Маркез, за кого ова значи старт од втората позиција.

Трет е Фабио Ди Џанантоно, а Хорхе Мартин потфрли во овие квалификации и ќе стартува дури од 11. позиција.