останато

Турција и Романија доминантни на Балканскиот шампионат во одбојка на песок до 22 години

Апсолутна доминација на турските парови на БВА Балканскиот шампионат во одбојка на песок до 22 години за мажи и жени, кои играа во финалето во машка конкуренција. Тимот на Турција 1 Сачит/Џан со 2:0 во финалето ги победија своите сонародници Туна/Бариш. Во женска конкуренција, пак, романската двојка Хододи/Миу втора година во низа е шампион во У22 откако во финалето со 2:0 славеше над турскиот пар Су/Доџа.

Во распределбата на медали се замешаа и молдавските парови, па така во мечот за третото место кај мажите двата пара од Молдавија се бореа за бронзата. Пламадеала/Усатов со 2:1 во сетови и по голема борба ги совладаа Зуев/Дидорчиуч. Во женска конкуренција, пак, бронзата им припадна на Молдавките Усатова/Ставер кои со 2:0 се радуваа против вториот турски пар Доган/Јилдирим.

Учесниците понудија вистинско уживање во одбојка на песок на градот Тетово и сите сите љубители на одбојката во изминативе три дена. Кулминација беа натпреварите за медалите, кои иако беа одложени за еден час поради невремето во Тетово, сепак, не ги спречивозбудувањата кои ги понудија финалистите.

Градот Тетово кој за првпат беше домаќин на еден Балкански шампионат во одбојка на песок комплетно ја оправда довербата на Одбојкарската Федерација на Македонија да биде технички организатор. Одлични услови за игра, преполни трибини и гостопринство кое во полн сјај ја пренесе летната атракција на градскиот плоштад.


Тетово домаќин на Балканското првенство во одбојка на песок

Одбојкарската федерација на Македонија заедно со oпштина Тетово од 25 до 27 јуни ќе бидат организатори на БВА Балкански шампионат во одбојка на песок за одбојкари и одбојкарки до 22 години на градскиот плоштад во Тетово.

Осум екипи во машка конкуренција и седум женски тима од Македонија, Албанија, Косово, Турција, Романија и Молдавија пријавија учество на ова натпреварување, кое е вистинска летна атракција за љубителите на одбојката.

Според програмата утре и в четврток претпладне се играат прелиминарните натпревари, четврток попладне се елиминациите, додека петокот е резервиран за финалните натпревари и распределбата на медали.

ОФМ и општина Тетово како технички организатор го „преуредија“ градскиот плоштад во Тетово во терен за одбојка на песок, кој во следните три дена треба да донесе голем број на возбудувања.


Миленкоски Играчите ја оправдаа довербата, на вистинскиот пат сме

Машката сениорска репрезентација викендов го заврши третиот во низа настап во ЦЕВ Европската Златна лига. Првата летна акција Македонија ја затвори со две победи и со пласман на деветото место, кој е најдобар во досегашното натпреварување во ова друштво.

Играчите и стручниот штаб се едногласни во ставот дека мисијата „Златна лига“ може да се оцени како успешна и покрај подмладениот лик на националниот тим и отсуство на дел од стартерите поради повреди.

„Нов успешен настап на македонската одбојкарска репрезентација во Европската Златна лига. Трето издание во низа, но гледано резултатски ова е најдобриот пласман во досегашните учества. За разлика од претходните години оваа учествуваа репрезентации кои беа дел и на последното Европско првенство што ми дава за право да кажам дека беше ЕП во мало. Зад себе оставивме репрезентации со повисок рејтинг како Летонија, Хрватска и Црна Гора. Игравме со трите најдобри репрезентации од регуларниот дел – Израел, Грција и Финска, кои заедно со Чешка ќе се борат за медали на Ф4. Одигравме шест натпревари и на секој меч имавме добри моменти“ – констатира селекторот Јошко Миленкоски и продолжува: „Можеби во оваа акција одеднаш вклучивме повеќе млади одбојкари кои имаат од 17 до 22 години, а дел од нив и прв пат почувствуваа како е на терен и какво е чувството да се бранат националните бои. Но, кога ако не сега! Сега беше вистинскиот момент и сите сме свесни за бенефитите кои може да ги добиеме од овој потег. За мене како селектор – сите од прв до последен ја оправдаа укажаната доверба. Минавме 40-тина дена во напорна работа со голема дисциплина и прекрасна атмосфера и буквално уживавме во секој момент. Искусните играчи по којзнае кој пат ја пожаа верноста и љубовта кон националниот сред и како се бранат боите на државата. Помладите покажаа дел од своите квалитети, кои верувам дека уште повеќе ќе напредуваат и ќе растат со напорна работа и редовен тренажен процес. Мислам дека сме на вистинскиот пат, им дадовме насоки на играчите, а сега сето тоа треба да се следи и да се спроведува. Во овој процес клучна улога ќе играат тренерите и клубовите за кои настапуваат. Во стручниот штаб на репрезентацијата има млади и перспективни тренери кои се иднината на нашиот спорт. Сите заедно сме дел од еден процес, во кој треба да се покаже верба и константност и кој сигурен сум дека ќе ни донесе добри резултати во блиска иднина.“

Селекторот Миленкоски на крајот не заборави да се заблагодари и на овие кои дадоа безрезервна поддршка на репрезентацијата во изминатиот период.

„Знам дека веќе Федерацијата се заблагодари преку социјалните мрежи, но би сакал од мое име, од името на стручниот штаб и на играчите да се заблагодарам за широкото гостопримство на хотелот „Горан Пандев“ и на самиот Пандев, кој ни беше голема поддршка особено на последниот турнир во Струмица. Секако струмичката публика која секогаш е на трибините кога националниот тим игра во ‘Парк’, а така беше и сега и поддршката од трибините значеше многу во постигнувањето на успехот во овој настап од Златната лига“, завршува селекторот Јошко Миленкоски.


Дарио Ивановски победи на трката на 5.000 метри на Европскиот тимски шампионат

По Андреас Трајковски кој триумфираше во скок во далечина и најдобриот македонски маратонец Дарио Ивановски оствари победа за Македонија на Европското тимско првенство во Марибор, Словенија во рамките на 3-тата дивизија. Тој беше најбрз на трката на 5.000 метри за втора победа на Македонија на првенството.

Ивановски ја заврши трката со време од 14:04,06 минути, што е негов најдобар резултат во оваа сезона.


Пет македонски клубови пријавија учество во евро-куповите

Македонската клупска одбојка како никогаш досега ќе биде застапена на европска сцена следната сезона, откако дури пет клуба аплицираа за настап во ЦЕВ Европските клупски купови.

Двата најдобри колективи во машка конкуренција, шампионот Струмица 47&72 и освојувачот на Купот, Штип УГД, односно трите клуба кај дамите кои ја одиграа клучната улога во распределбата на трофеите – шампионот Јанта Волеј КВ, освојувачот на Купот, Наковски Волеј и финалистот во првенствениот плеј-оф, Работнички Скопје, се расположени да се пробаат на европско тло. Интересно е што дури три клуба, Штип УГД, Јанта Волеј КВ и Наковски Волеј премиерно ќе заиграат во ЦЕВ куповите.

Струмица 47&72 и Јанта Волеј КВ, согласно шампионскиот статус кој го имаат пријавија учество за настап во ЦЕВ Лигата на шампионите.

Штип УГД и Наковски Волеј, пак, аплицираа за учество во Челинџ купот, додека Работнички Скопје поднесе барање за „вајлд-карта“ до ЦЕВ за учество во третото по квалитет европско клупско натпреварување.

Македонија сигурно ќе има четворица претставници во Европа следната сезона, додека за статусот на Работнички Скопје, односно дали ќе добие право на настап, ќе зависи од бројот на пријавени учесници во Челинџ купот.

Ждрепката за сезоната 2025/26 за сите три европски клупски купови – Лигата на шампионите, ЦЕВ купот и Челинџ купот е закажана на 15 јули на пладне, во седиштето на ЦЕВ во Луксембург.


Томас Бах доби златен олимписки орден

Почесниот претседател на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) Томас Бах доби златен Олимписки орден.

Наградата му ја врачи новата претседателка на ИОК Кирсти Ковентри.

Високата награда му беше доделена на Бах како признание за неговиот исклучителен придонес во развојот на светскиот спорт и посветеноста на олимписките идеали.

Германскиот спортски функционер беше на чело на МОК од 2013 до 2025 година.

Кирсти Ковентри, која лично ја водеше церемонијата на доделувањето, е првата жена и првата африканска претставничка која ја извршува функцијата претседател на МОК.


400.000 луѓе ја прославија титулата на Флорида Пантерс

Хокеарите на НХЛ тимот Флорида Пантерс, кои ја освоија шампионската титула оваа сезона, одржаа шампионска парада за да ја прослават победата во Стенли купот.

Според „Спортнет“, на настанот присуствувале околу 400.000 луѓе.

Пантерс ги победија Едмонтон Ојлерс со 4-2 во финалето и ја одбранија титулата.


Браќата Маркез доминираа на италијанскиот асфалт

Возачот на Дукати, Марк Маркез од Шпанија, ја оствари петтата сезонска победа во најсилната класа во Мото ГП шампионатот откако триумфираше на трката за Големата награда на Италија.

Второто место го освои неговиот брат, Алекс додека Италијанецот, Фабио Ди Џанантонио помина како трет низ целта. Во топ 10 место обезбедија и Банаја, Безеки, Морбидели, Фернандез, Акоста, Биндер и Огура.

Во генералниот пласман води Марк Маркез пред неговиот брат Алекс и Банаја. Наредната 10-та трка во Мото ГП ќе биде возена во наредниот викенд за Големата награда на Холандија.


Маркез избори пол-позиција во Италија

Марк Маркез ја обезбеди пол-позицијата во Муџело. Шпанецот прв ќе ја стартува спринт трката попладнево на кулната патека и ќе стартува прв утре во главната трка. За возачот на Дукати ова беше јубилејната 100. пол-позиција во кариерата.

Марк стигна до првата стартна позиција со време од 1:44.169. Веднаш до него на стартот ќе биде тимскиот колега, двократниот шампион Франческо Пеко Бањаја. Италијанецот имаше послаб резултат за 59 илјадити делови од секундата.

Помладиот од браќата Маркез, Алекс, возач на Гресини Дукати (+0,083) ќе стартува трет.

Првите десет во квалификациите ги комплетираа Фабио Квартараро, Маверик Вињалес, Франко Морбидели, Фабио ди Џанантонио, Педро Акоста, Алекс Ринс и Марко Бечеки.

Спринт е закажан за сабота во 15 часот.


Елена Мицковска нов претседател на Федерацијата на училишен спорт

Федерацијата на училишен спорт на Македонија денес избра нов претседател – и за првпат во својата историја, на чело на организацијата застана жена.

За нова претседателка е избрана Елена Мицковска, долгогодишен спортски работник која успешно извршувала бројни значајни функции во спортот, како и во делегациските структури. Таа е поранешна кошаркарска репрезентативка со богато искуство и посветеност кон спортот на сите нивоа.

„Овој избор претставува значаен чекор кон унапредување на родовата еднаквост, современо и инклузивно управување, како и транспарентно водење на Федерацијата. Со изборот на Мицковска започнува ново поглавје, исполнето со визија, интегритет и посветеност кон напредокот на спортот и благосостојбата на сите членови на заедницата. Федерацијата и понатаму останува отворена за соработка, дијалог и заеднички успех“ се вели во информацијата објавена од страна на Федерацијата за училишен спорт.