останато

Мекинтош постави светски рекорд и на 200 метри мешано

Самер Мекинтош продолжува да урива светски рекорди. 18-годишната Канаѓанка постави нов светски рекорд, во трката на 200 метри мешано на националното првенство во Викторија.

Самер стигна до целта за 2:05,70 и го подобри за 42 стотинки најдобриот резултат во историјата, кој беше во сопственост на Унгарка Катинка Хосу од 2015 година.

„Тој рекорд ми е во главата две години. Знаев дека сум блиску и само продолжував да работам чекор по чекор. Кога конечно го срушив, си помислив: „Воау, го направив тоа“, рече Мекинтош, трикратна олимписка шампионка од Париз, каде што славеше во 200 метри градно, 200 и 400 метри мешано.

Во Париз, таа освои сребро и во трката на 400 метри слободно, дисциплина во која постави светски рекорд пред два дена со 3:54,18.

„Овој резултат ми значи многу бидејќи трката на 200 метри мешано е мојот главен настан. Нема простор за грешки, сè мора да биде совршено“, рече Мекинтош, кој го држи и светскиот рекорд во трката на 400 метри мешано со време од 4:24,38 од минатогодишното национално првенство.


Одбојкарите убедливо поразени од Финска на отворањеро на Златната лига

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија попладнево во Братислава загуби од Финска со 0-3 (20-25, 15-25 и 19-25) во првиот натпревар од годинешното издание на ЦЕВ Европската Златна лига.

Со победата Финците ја продолжуваат позитивната серија во меѓусебните пресметки.

Капитенот Никола Ѓорѓиев го заврши мечот со 12 поени, еден помалку освои Александар Љафтов, додека Филип Савовски имаше седум, а Илиев постигна пет поени.

Македонија првата победа во ЦЕВ Европската Златна лига ќе ја бара утре, кога во 15 часот, во „Гопас“ арената во Братислава ќе се соочи со домаќинот на првиот турнир Словачка, која исто така со 3:0 загуби од Финска во петокот.


Маркез ќе тргне од пол-позицијата во Арагон

Возачот на Дукати, Марк Маркез, триумфираше на спринт трката што се одржа во рамките на Големата награда на Арагон, осмата рунда од овогодинешното првенство на Мото ГП.

Осумкратниот светски шампион ја постигна својата седма победа во спринтот оваа сезона на патеката Арагон, а се врати на највисокото скалило на победничкиот подиум откако беше престигнат од неговиот помлад брат Алекс пред две недели во Силверстоун.

Алекс беше главниот конкурент на постариот Маркез во Арагон, но нивната борба не траеше долго и возачот на Гресини мораше да се задоволи со второто место, околу две секунди зад својот брат. На третото скалило на подиумот беше Фермин Алдегер, соиграч на помладиот Маркез, кој беше околу две секунди понапред.

Акцијата на патеката „Моторленд“ продолжува во недела од 11 часот, а трката во кралската класа е на програмата од 14 часот.


Македонија спремна за Европското У17 првенство во борење

Министерот за спорт, Борко Ристовски, денес оствари средба со претседателот на Боречката федерација на Македонија, Дејан Богданов, со тренерите и со младите македонски борачи што ќе настапат на претстојното Европско кадетско првенство во борење (У17), кое ќе се одржи од 9 до 15 јуни во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

Ристовски изрази поддршка за младите македонски борачи и истакна дека организацијата на едно европско првенство од ваков ранг претставува големо признание за македонското борење и за македонскиот спорт.

„Изразувам силна поддршка за нашите млади борачи и за целокупната организација на првенството. Важно е младите спортисти да чувствуваат дека државата стои зад нив, особено кога настапуваат дома, пред домашна публика. Овие млади борачи се гордост на Македонија и верувам дека на претстојно Европско првенство ќе се претстават во најдобро светло“, изјави министерот Ристовски.

На Европското првенство ќе настапат 800 натпреварувачи од 40 држави. Македонија ќе ја претставуваат вкупно 18 борачи – по 9 во машка и 9 во женска конкуренција.


Рускиот хокеј нема да настапи на Олимписките игри во Италија

Меѓународната федерација за хокеј на мраз ги одобри составите на групите за машките и женските турнири на Олимписките игри во 2026 година.

Претседателот на Федерацијата, Лук Тардиф, претходно најави дека на Русија нема да ѝ биде дозволено учество на Олимпијадата.

Во машкиот дел за медали ќе се борат Канада, Швајцарија, Чешка, Франција, Финска, Шведска, Словачка, САД, Германија, Летонија и Данска. Женскиот турнир ќе има две групи во кои ќе бидат: Канада, САД, Финска, Швајцарија, Јапонија, Шведска, Германија, Италија и Франција.


Болидите на Мекларен ќе тргнат од првиот ред на ГН на Каталуња

Лидерот во генералниот пласман во шампионатот на Формула 1, Оскар Пјастри ќе стартува од пол-позицијата на трката за Гиламата награда на Шпанија. Австралиецот четвртата пол-позиција оваа сезона ја освои со време 1:11.546.минути.

Квалификациите на патеката Каталуња ја обележа доминацијата на Мекларен. Пјастри и Норис се бореа за пол-позицијата, на крајот до неа доминанто дојде Пјастри. Мекларен прв пат по 1998 година го освои првиот стартен ред на патеката Каталуња, тогаш во првиот ред беа Мика Хакинен и Дејвид Култхард.

Вистинска драма ја обележа борбата за третото место меѓу Макс Ферстапен и Џорџ Расел. На крајот двајцата имаа идентично време, за 0.302 секунди послабо од времето на Пјастри. Ферстапен ќе стартува од третото место бидејќи прв го постави времето.

Третиот ред го освоија Луис Хамилтон (Ферари) и тинејџерот од Мерцедес, Андреа Кими Антонели.

Место во топ 10 на стартот изборија: Шарл Леклер (Ферари), Пјер Гасли (Алпин), Исак Хаџар (Рејсинг Булс) и домашниот миленик Фернандо Алонсо (Астон Мартин).

Траката за Големата награда на Шпанија утре ќе започне во 15:00 часот.


Ферарито на Шумахер продадено за 16 милиони евра

Ферарито со кое Михаел Шумахер ја освои Големата награда на Монако во 2001 година беше продадено за 15,98 милиони евра на аукција во Монте Карло.

Легендарниот Германец се тркаше во него и на Големата награда на Унгарија, каде што исто така победи таа година и ја освои четвртата од своите седум светски титули.

Автомобилот беше понуден на аукција во „Сотеби“ пред да квалификациите за овогодинешното Гран При на Монако.

Болидот од 2001 година е четвртиот најскап продаден автомобил од Ф1.

Светскиот рекорд беше поставен во февруари кога „стримлајнерот“ на Мерцедес во кој се тркаа Стирлинг Мос и Хуан Мануел Фанџо беше продаден за 50,87 милиони евра.

Ова е најскапиот автомобил продаден на аукција што го возел Шумахер, а претходниот рекорд го држеше неговиот Ф2003 од 2002 година, кој достигна цена од 11,60 милиони евра.


САД прв финалист на Светското првенство во хокеј на мраз

Репрезентацијата на САД попладнево ја победи Шведска во полуфиналето на Светското првенство со 6-2. Натпреварот се одигра во Стокхолм.

Головите за Американците ги постигнаа Брејди Ши, Катер Готје, Мајкл Ајсимон, Џексон Лакомб, Конор Гарланд и Шејн Пинто, кој имаше и две асистенции.

Вилијам Ниландер и Елиас Линдхолм ги постигнаа головите за Швеѓаните.

Репрезентацијата на САД стигна до финалето на Светското првенство за прв пат од 1960 година.

Американците во финалето ќе играат против победникот од натпреварот Швајцарија – Данска (почеток 18:20 за трофејот на Светското првенство во 2025 година, додека Шведска ќе се соочи со поразената селекција во натпреварот за бронзениот медал. И двата натпревари ќе се играат на 25 мај.


Миленкоски одбра 15 одбојкари за мечот во Марибор

Селекторот на машката сениорска репрезентација Јошко Миленкоски ќе смета на 15 репрезентативци за пријателските натпревари со Хрватска, кои викендов ги играме во Марибор, Словенија. Со екипата нема да патува единствено средниот блокер Филип Маџунков.

Маџунков е на подготовките заедно со репрезентацијата, но истовремено чека и мала хируршка интервенција на десното колено, па селекторот Миленкоски одлучи да го поштеди за контролниот двомеч.

По една недела подготовки во Струмица, репрезентацијата утре изутрина лета за Љубљана, па потоа со автобус до Марибор, каде в сабота и недела ќе одигра два пријателски натпревари со Хрватска, која исто така темпира форма за настапот во ЦЕВ Европската Златна лига.

Натпреварите ќе се играат во „Драш спорт“ центарот во Марибор, в сабота од 18 часот, односно в недела од 17 часот.

За Македонија двомечот со Хрватска ќе биде единствената проверка на силата во пресрет на годинешниот настап во ЦЕВ Европската Златна лига.


Пјастри се избори за пол-позиција во Имола

Лидерот во првенството на Формула 1, Оскар Пјастри ја освои пол-позицијата пред трката за Големата награда на Емилија Ромања. Австралиецот во Имола до првото место на стартот дојде пред Макс Ферстапен (Ред Бул) и Џорџ Расел (Мерцедес).

Оскар Пјастри до пол-позицијата дојде во последниот круг, кога го постави најбрзото време 1:14.670. Актуелниот шампион, Ферстапен квалификациите го заврши со 34 илјадоти делови од секундата послабо време од младиот Австралиец.

Изненади во квалификациите Расел, кој во последниот круг излезе со средно тврди пенвматици. На крајот ризикот му се исплатеше го освои третото место, пред вториот возач на Мекларен, Ландо Норис.

Теретиот ред го формираа Фернандо Алонсо (Астон Мартин) и Карлос Саинц (Вилијамс). Нивните колеги, Ленс Строл и Алекс Албон се во четвртиот ред. Пласман во топ 10 изборија Исак Хаџар (Рејсинг Булс) и Пјер Гасли (Алпин).

Приказна на денот е Ферари, доживеа катастрофа. Шарл Леклер и Луис Хамилтон трката ќе ја започнат од 11. и 12. место.

Траката за Големата награда на Емилија Ромања в недела ќе започне во 15:00 часот.