останато

Караванот „Денови на спортот“ стигна во Куманово

Во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, со поддршка на Владата и Министерството за спорт, денеска во Спорстката сала во Куманово се одржува караванот „Денови на спортот“, дел од „Плазма спортските игри за млади“, најголемата аматерска спортска манифестација во Европа, која за првпат се организира во Македонија.

На зонското првенство учествуваат над 300 ученици од основните училишта од Куманово, Старо Нагоричане, Ранковце, Кратово и Крива Паланка, во машка и женска конкуренција. Учениците ќе се натпреваруваат во мал фудбал, одбојка, ракомет, народна, баскет 3×3, тенис, пинг-понг, шах и атлетика.

Спортските игри свечено ги отвори градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, кој истакна дека настанот претставува можност преку спортот да се промовираат здрави животни навики, фер-плеј, пријателство и позитивни вредности кај младите.

-Сакам да се заблагодарам на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, Министерството за спорт, Владата и организацијата на Плазма спортските игри што Куманово има можност да биде домаќин на овој голем спортски настан. Прекрасна е глетката да се видат млади ентузијасти, од кои дел еден ден ќе станат и професионални спортисти. Општината ќе продолжи да вложува во развојот на спортот, преку подобрување на условите и изградба на нови спортски капацитети- изјави Димитриевски.

Претседателката на Федерацијата на училишен спорт, Елена Мицковска на учениците им посака фер-плеј, да уживаат во натпреварите, да создадат убави спомени и да учествуваат на финалните настани, како и во Сплит, во август.

Од Општина Куманово посочуваат дека локалната самоуправа и понатаму останува поддржувач на младите, масовниот спорт и здравиот начин на живот, со цел создавање активна и инклузивна средина за младите генерации.


Зек Браун е против идејата за ко-споственост на тимовите

Извршниот директор на Мекларен, Зек Браун, не ја поддржува идејата неколку тимови да имаат исти сопственици.

Неговата реакција доаѓа откако се дозна дека Мерцедес се обидува да купи 24 проценти од акциите на Алпин. Познато е дека компанијата Ред Бул поседува два тима: фабричкиот тим и јуниорскиот тим на Рејсинг Булс.

Браун побара од претседателот на ФИА, Мохамед бин Сулајем, да се елиминира можноста за поседување или да има ко-сопственост во повеќе тимови од Формула 1.


Јонузи: Нов стручен штаб, подмладување… Верувам дека новата енергија ќе донесе позитивни работи

Организаторот на играта на женскиот национален тим на Македонија, Ерјона Јонузи, во новиот циклус влегува како една од малкуте одбојкарки со статус на интернационалка, но и како дел од оние кои може да се пофалат со подолг репрезентативен стаж.

На поширокиот список на новиот селектор Милош Гавриловиќ за оваа акција се најдоа многу нови имиња во А селекцијата, но Јонузи позитивно гледа на сите промени кои се случуваат во репрезентацијата и смета дека новата енергија ќе донесе и нови, позитивни работи.

„Како интернационалка, која цела сезона настапува во странство искрено ми недостасуваше Македонија и оваа енергија и дружба која ја имаме во репрезентацијата. Сите одлично расположени влегуваме на овој собир. Во оваа средина се чувствувам пријатно, а верувам дека истото се однесува и за секоја девојка која е во екипата. Дури и младите одбојкарки, кои се првпат на собир со А тимот се многу позитивни и мислам дека ќе успееме убаво да се вклопиме и да создадеме добра енергија и хемија, како на теренот, така и надвор од него“, коментира Ерјона Јонузи на стартот на новата репрезентативна акција.

Минатата година женската репрезентација имаше солиден настап во Европската лига, запиша и две победи, но оваа година задачата несомнено ќе биде потешка и поради сериозниот карактер – како дел од квалификацискиот циклус за ЕП 2028, кој го добива Европската лига.

„Имаме многу промени во екипата оваа година. Пред се, нов стручен штаб и нов селектор, како и подмладена екипа, дел од поискусните не се со нас во овој циклус. Времето ни е кусо и мораме што побрзо да влеземе во системот и начинот на работа на селекторот. Истовремено ние што имаме малку поголем стаж во репрезентацијата треба да им помогнеме на младите што подобро и побрзо да се вклопат и да ја градиме иднината на македонската женска одбојка. Оваа Европска лига ќе биде потешко, но ништо не е невозможно, очекуваме повторно позитивни резултати. Сите сме оптимисти и одлично расположени, подготвени за работа влегуваме во овој циклус, кој мислам дека на крајот ќе има позитивен исход“ – заклучува Јонузи со насмевка.

Репрезентацијата веќе го одработи и првиот тренинг, иако некомплетна откако одбојкарките на Работнички Скопје и Наковски Волеј добија дополнителен ден за одмор, со оглед на напорната финална серија од првенството која за нив заврши пред три дена.

Комплетниот подготвителен процес дамите ќе го спроведат во СЦ „Форца“ во Скопје, додека контролниот двомеч со Косово на 29 и 30 мај ќе биде финална проверка на силата пред настапот во Европската лига 2026.


Костиќ: Младите добија шанса во Крушево, сега со уште посериозно темпо продолжуваме во Скопје

Интернационалецот Лука Костиќ и техничарот на Штип УГД, Давид Стојанов беа дел од репрезентативците кои во Крушево ја одработија првата фаза од подготовките за Европската лига 2026. Двајцата, по ден одмор, одново се ставаат на располагање на селекторот Јошко Миленкоски, сега во Скопје, каде продолжува темпирањето на формата.

„Одработивме квалитетно во Крушево со помладите, а од денеска продолжуваме со интернационалците во Скопје да ја темпираме формата за Европската лига 2026. За разлика од претходните години оваа имаме еден посериозен циклус, со поголема тежина, па поради тоа и комплетниот пристап и поглед се соодветни. Ставот е јасен – на сите натпревари ќе го дадеме максимумот и да дојдеме до што повеќе победи. Имаме тројца противници со кои може да играме, додека со другите ќе се обидеме да извлечеме што подобар резултат“, вели Давид Стојанов во пресрет на подготовките во Скопје.

Слично размислува и Лука Костиќ, кој се надевам на резултатски убаво лето, како увертира за Европското првенство во септември.

„Мило ми е што помладите одбојкари добија поголема шанса, не само на поширок список, туку и во тренажниот процес и имавме добри подготовки во Крушево. Ни престои тешко лето и сите сме свесни за тоа, особено поради фактот дека Европската лига годинава има големо значење за собирање поени за следниот континентален собир. Се надевам дека сите ќе бидеме здрави и дека ќе имаме едно резултатски убаво лето, што ќе биде добро во пресрет на Европското првенство во септември“ – заклучува Костиќ.

Селекцијата денеска ќе се собере во хотелот „Континентал“ во Скопје и попладнево продолжува со тренинзи.


Љафтов како вицешампион се одјави од Унгарија

Македонскиот репрезентативец Александар Љафтов и неговиот клуб Елоре, како вицешампиони на Унгарија ја затвораат сезоната 2025/2026. Во финалето на плејофот, тие го претрпеа и третиот пораз од 0-3 (19-25, 13-25, 20-25) од Фино Капошвар и со 1-3 во серијата останаа без шампионскиот пехар.

Љафтов и неговите соиграчи се бореа за продолжување на серијата и за „мајсторка“, но противникот беше решен пред својата публика да ја прослави титулата.

Македонскиот репрезентативец беше стартер и го одигра целиот натпревар постигнувајќи шест поени (пет од напад и еден од сервис) и беше меѓу најефикасните во редовите на Елоре.

Љафтов од Унгарија сезонава се одјавува како вицешампион и финалист од Купот, но со Елоре славеше титула во средноевропската МЕВЗА лига.

Интернационалецот доби неколку дена слободни за да се одмори по напорната сезона и на 20 мај треба да се стави на располагање на селекторот Јошко Миленкоски за настапот во националниот тим во Европската лига.


Почина големa шампионка Јебргвал Мелесе

Атлетската федерација на Етиопија потврди дека прославената маратонка Јебргвал Мелесе почина на 36-годишна возраст, откако се онесвести во текот на тренингот во Адис Абеба.

Заминувањето на оваа легендарна атлетичарка на 36-годишна возраст остава голема празнина, особено затоа што се случи среде подготовките за маратонот во Отава, планиран за крајот на мај.

Мелесе тренираше во Адис Абеба кога се онесвести, суров потсетник за тоа колку се кревки границите на човечката издржливост во маратонот, дури и за најспремните.

Кариерата на Мелесе е обележана со историски резултати на три континенти. Нејзините триумфи во Хјустон и Прага, заедно со фантастичното сребро на маратонот во Чикаго во 2015 година, ја сместија меѓу најдобрите маратонки на долги патеки во светот.

Иако не успеа да ја заврши трката минатата година во Пекинг, нејзината решителност да се врати во врвна форма за настапите во 2026 година беше инспирација за многу млади спортисти во Етиопија.

Атлетската федерација на Етиопија со право ја нарече херој на нацијата.

Додека се чекаат резултатите од обдукцијата што треба да ја разјаснат причината за смртта, светот на маратонот се збогува со жената што симболизираше сила, смиреност и неверојатна работна етика.

Нејзиниот рекорд и победничките насмевки од подиумот во Шангај и Прага ќе останат траен спомен на една од најдобрите етиопски маратонци на нејзината генерација.


Двојна круна за Савовски и Панатинаикос во Грција

Македонскиот репрезентативец Филип Савовски премиерната сезона во грчкото првенство во дресот на Панатинаикос ја завршува со двојна круна – шампион и освојувач на Купот.

Во финалето на плејофот Панатинаикос славеше со 3-1 во победи над ПАОК и со тоа стигна до 28. шампионска титула во клупската историја, а за првпат по 41. година успеја да ја одбрани титулата, односно втора година во низа ќе остане на врвот во Грција. Истовремено по петти пат во историјата клубот ја освојува двојната круна.

Во четвртиот натпревар од серијата на гостински терен Панатинаикос победи со 3:1 (25:22, 32:34, 26:24, 25:20) по голема борба и маратонски дуел кој траеше скоро два ипол часа.

Официјалното крунисување и шампионската прослава е закажана за в четврток во домот на Панатинаикос, салата „Павлос Saнaкопулос“ во Атина.


Работнички Волеј е одбојкарски шампион на Македонија!

Екипата на Работнички Волеј уште еднаш ја потврди доминацијата во македонската женска одбојка.

Тимот од Скопје ја обезбеди осумнаесеттата титула државен шампион, откако во „мајсторката“ во Струмица славеше над Наковски Волеј со 1-3 во сетови.

Натпреварот во салата „Димитар Влахов“ во Струмица не ги донесе очекуваните возбудувања, затоа што на паркетот доминираше гостинскиот тим, кој со 25-16, 20-25, 25-27 и 23-25 славеше заслужена победа и нов шампионски трофеј во своите витрини.

Работнички беше предводен од Тамара Стојанова која што натпреварот го заврши со 20 поени, Милевска запиша 18, а еден поен помалку забележа Баталаковска.


Се очекува спектакуларна размена на возачи меѓу Ред Бул и Мекларен

Австралиецот Оскар Пјасти би можел да го замени Макс Верстапен во редовите на Ред Бул.

Пјасти моментално е под договор со Мекларен до крајот на 2028 година, но новите извештаи сугерираат дека тимовите би можеле да се договорат за изненадувачка размена.

Холанѓанецот веќе некое време се поврзува со заминување од Ред Бул, а Мекларен и Ферари се споменуваат како можни дестинации, па дури и целосно пензионирање од спортот.

Верстапен е познат по своето отворено незадоволство од новите технички прописи за 2026 година, што дополнително ги поттикнува шпекулациите за следните чекори на четирикратниот шампион во Ф1.

Доколку Верстапен го напушти тимот, Ред Бул ќе треба да најде нов лидер, а според „Аутоспорт“, Пјасти е фаворит. Интересот на Ред Бул за Пјасти не е ништо ново.

Поранешниот шеф на тимот, Кристијан Хорнер, отворено се пожали на неговиот неуспех да го обезбеди потписот на младиот Австралијанец пред неколку години.


КМФ Проект ја освои двојната круна во футсал сезоната

Екипата на КМФ Проект од Јосифово ја освои двојната круна во годинешната сезона во футсал. По победата во финалето од Купот на Македонија, КМФ Проект славеше и во првенството.

Составот од Јосифово беше супериорен во националниот шампионат на крајот мина прв низ целта со 21 бод повеќе во однос на КМФ Кеги Моби од Велес кој беше противник во решавачкиот натпревар за освојување на трофејот во Купот.

За КМФ Проект ова е втора титула во првенството откако претходно славеше во 2021 година.

Првата ја напуштаат КМФ Балкан 2017 и КМФ Мал Ајакс додека од следата сезона во Првата лига ќе партиципираат КМФ Железарец и КМФ СЕЕ Универзитет.