останато

Доделени наградите „8 септември“, главната награда за Јошко Миленкоски

Министерството за спорт, на пригодна свеченост во Собранието на Република Македонија, денеска ги врачи државните наградите „8 Септември“ за посебни остварувања во областа на спортот. Доделена е награда за животно дело и четири еднократни награди за остварувања во спортот.

Наградата за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмација и промоција на Република Македонија на меѓународен план му припадна на проф.д-р Јошко Миленкоски, истакнат македонски одбојкар, универзитетски професор, долгогодишен одбојкарски тренер и актуелен селектор на македонската одбојкарска репрезентација.

Државна еднократна награда „8 Септември“ за остварувања во спортот добија четворица истакнати спортски работници: Хамид Бакија (боречки спортови), Зоран Николовски (фудбалски судија), прим. д-р Виктор Тевчев (спортска медицина) и Кирил Манев (новинар).


Единаесет македонски пингпонгари ќе учествуваат на Меѓународниот турнир во Скопје

На претстојниот меѓународен пингпонгарски турнир за млади играчи што ќе се одржи во Скопје ќе настапат 11 Македонци. Ова е рекорден број македонски играчи на еден турнир од вакво ниво.

Македонки пингпонгари на „World Table Tennis (WTT) Youth Star Contender Skopje 2025“ се: Кристијан Каламадевски, Мартин Ристески, Давид Јоноски, Моника Стајковска, Сара Ризовска, Бојана Јовевска, Матеја Смолиќ, Лука Стојчев, Александар Јакимовски, Софија Хасану и Фани Јованоска.

Турнирот ќе се одржи од 5 до 7 септември во салата „Јане Сандански“. Ќе се играат натпревари во категориите до 15 и 19 години.


Форца ги мина квалификациите и се избори за групна фаза на ЛШ

Историски успех за македонскиот футсал. Првакот на нашата земја Форца од Куманово се пласира во главната фаза, каде што се натпреваруваат најдобрите 32 екипи на континентот.

Во одлучувачкиот натпревар Форца го надигра првакот на Ерменија, Ереван со 5-0.

Третиот натпревар од групата во Куманово беше нерамноправен и, иако против себе имаше екипа која во првите две кола покажа квалитет, засилениот тим на Форца лесно се справи со ривалот.

Во првите две кола Форца ги совлада Енкамп од Андора со 4-0 и Мурата од Сан Марино со 1-0.

Своите противници во групната фаза Форца ќе ги дознае следниот месец.


Пјастри од првиот ред на Големата награда на Холандија

Водечкиот во генералниот пласман во Формула 1, Австралиецот Оскар Пјастри (Мекларен) ќе стартува од пол-позицијата за Големата награда на Холандија в недела на патеката Зандворт.

Пјастри постави нов рекорд на патеката во квалификациите попладнево со време од 1:08,662 минути.

Неговиот клупски колега Британецот Ландо Норис (Мекларен) заостана за само 12 илјадити делови од секундата.

Домашниот возач и четирикратен светски шампион Макс Верстапен (Ред Бул) ќе стартува од третата позиција.

Четвртото место му припадна на возачот на Ред Бул, Исак Хаџар, петтото на возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, додека шестото на Шарл Леклер од Ферари.

Трката за Големата награда на Холандија е закажана за в недела од 15 часот.


Познати сите учесници на Охридскиот маратон

На 38. издание на Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржи во сабота во водите на Охридското езеро, учество ќе земат вкупно шеснаесет пливачи. Во машка конкуренција се пријавени десет учесници и тоа четири од Македонија – Александар Илиевски, Петар Цеков, Леонид Мишевски и Лазар Поп Трајков, тројца учесници од Италија, двајца од Аргентина, како и еден пливач од Португалија, додека пак кај жените има само еден претставник на земјава – Росана Гошева, а останатите доаѓаат од Италија, Полска, Аргентина и Србија.

На промоцијата нашиот најдобар маратонец Томи Стефановски доби признание за промоција и афирмација на Охридскиот пливачки маратон.

По повод 16-годишнината од препливувањето на Ла Манш, годинава исплива 16 километри во Охридското езеро за инклузија на децата со атипичен развој. Пред два дена, македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев го преплива Ла Манш и стана петтиот Македонец со вакво достигнување.


Серхио Перез официјално ќе вози за Кадилак

Кадилак од наредната сезона ќе се натпреварува во шампионатот на Формула 1. Минатата недела тимот го потврди дека еден од возачите ќе биде Валтери Ботас, а денес потврда дојде и за Серхио Перез.

Мексиканецот и Финецот имаат многу искуство зад себе, бидејќи во својата богата кариера возеа и за Ред Бул и за Мерцедес во своите најдобри сезони. Ова ќе биде интересен тим, бидејќи за прв пат ќе имаат можност да се борат за статусот на прв возач, што не беше можно ниту за Перез поради Ферстапен, ниту за Ботас поради Хамилтон.

„Потпишувањето на овие двајца возачи е голем чекор за овој нов тим. Сите ги познаваат, додека тие знаат како да бележат одлични резултати во Формула 1“, соопштија од Кадилак.

Од следната сезона, Формула 1 ќе претрпи големи промени, буквално „најбрзиот циркус“ ќе влезе во нова ера, со нов тим во името на Кадилак, кој ќе настапува во докажан состав.


Евгениј Поп Ацев го преплива Ла Манш

Македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев стана петтиот Македонец што го преплива каналот Ла Манш.

„Огромни честитки до Евгениј Поп Ацев од Македонија, кој денес го заврши своето пливање во Каналот за неверојатно време од 9 часа и 43 минути. Евгениј е 3-кратен светски шампион и е примен во Меѓународната сала на славните за маратонско пливање. Има учествувано на 107 натпревари од светска класа во кариерата што траеше од 2007 до 2021 година. Неверојатно пливање Евгениј…..и благодарност до целиот екипаж на бродот“, се вели во информацијата на Асоцијацијата на пливање преку каналот Ла Манш.

Пред Поп Ацев од македонските пливачи Ла Манш го препливаа: Нико Нестор, Атина Бојаџи, Томи Стефановски и Игор Димовски.


Марк Маркез се избори за пол-позиција и во Унгарија?

Осумкратниот светски шампион Марк Маркез беше најбрз во квалификациите на патеката Балатон Парк во рамките на трката за Големата награда на Унгарија во Мото ГП шампионатот.

Освојувачот на титулата во „кралската класа“ во шест наврати го направи најбрзиот круг и со тоа го заслужи стартното место на утрешната трка.

Од првиот ред ќе стартуваат и Италијанците Марко Безеки (Априлија, +0.290) и Фабио ди Џанантонио (VR46, +0.354).

Маркез ја освои 74-тата пол позиција во својата кариера, а постави и рекорд на патеката, каде што Мото ГП се вози за првпат.


Малезија ја враќа трката во Формула 1 во календарот

Големата награда на Малезија на патеката во Сепанг се возеше од 1999 до 2017 година и беше една од омилените на многу фанови во караванот.

Сега веќе долго време е отсутна од календарот, но постои иницијатива да се врати.Директорот на патеката, Азан Шафриман Ханиф, рече дека нема да биде лесно, Формула 1 да се врати во Малезија.

„Не сакаме да ги повториме грешките од минатото. Дозволивме Формула 1 да си оди и сега е многу тешко да се вратиме. Има листа на чекање за враќање, а секако трошоците се многу високи.

Ни беше кажано дека компензациите се 70 милиони долари по трка. Тоа не ги вклучува трошоците за подготовка, кои се помеѓу 2,3 и 4,7 милиони долари за секој настан. Вкупно, враќањето на трката би нè чинело повеќе од 73 милиони“, рече Шафриман.


Драконска казна заради допинг за украинска атлетичарка

Украинската атлетичарка Марина Бех-Романчук, вицешампионка на светот во трискок и скок во далечина, е суспендирана на четири години поради допинг, објави Одделот за интегритет на атлетските спортови (АИУ).

„АИУ ја суспендира Марина Бех-Романчук (Украина) за период од четири години, почнувајќи од 13 мај 2025 година, поради присуство/употреба на забранета супстанца (тестостерон)“, се вели во соопштението објавено на мрежата „X“.

29-годишната Бех-Романчук била позитивна на тестостерон, анаболичен стероид, на тест спроведен на 7 декември 2024 година. Привремено била суспендирана во мај оваа година.

Во својата кариера, таа освоила сребрени медали на светските првенства – во трискок во Будимпешта во 2023 година и во скок во далечина во Доха во 2019 година.