останато

ФИФА донираше еден милион долари за погодените од земјотресот во Турција и Сирија

Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА) донираше милион долари преку својата добротворна фондација за набавка на хуманитарна помош за луѓето погодени од земјотресите во Турција и Сирија, соопшти денеска организацијата.

Вкупниот број на починати во двете земји надминува 43 илјади луѓе, а на уште милиони им е итна потреба од помош. Голем дел од нив останаа без домови. Од ФИФА објаснија дека парите ги поделиле по консултација со фудбалските федерации на Турција (ТФФ) и Сирија (СФА), како и со меѓународните невладини организации.

„Донациите ќе бидат искористени за купување и дистрибуција на основните хуманитарни производи и предмети, како и за обезбедување привремено засолниште. ФИФА ќе продолжи да соработува со ТФФ и СФА додека ги разгледува следните чекори“, објави светската централа.

Минатата недела и англиската Премиер лига објави дека ќе донира 1 милион фунти. Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) даде првичен итен придонес од 200.000 евра.


Том Брејди најави дефинитивно заминување во пензија

Легендарниот квортербек на американската НФЛ лига, и еден од наjуспешните спортисти во тимските спортови, Том Брејди, објави дека дефинитивно става крај на својата кариера, и заминува во играчка пензија.

45-годишниот Брејди, својата одлука за повлекување ја објави преку видео порака на социјалните мрежи. Тој во својата кариера има освоено седум НФЛ титули, а дури пет пати беше прогласуван за најкорисен играч (МВП) на финалните натпревари во Супербол.

Брејди од 2000. до 2019. година беше дел од екипата на Њу Ингланд Патриотс, од каде замина во Тампа Беј Баканирс.

Легендарниот играч имаше свое повлекување од НФЛ лигата и на почетокот од минатата година, но после два месеци се предомисли и се врати во Тамба Беј каде ќе ја одигра својата последна сезона.


Одредени термините за Европското првенство во одбојка во Скопје

Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) ги објави термините за натпреварите во групната фаза на претстојното Европско првенство 2023. 

Македонија ќе биде домаќин на групата„ Ц“ во Скопје од 30-ти август до 06. Септември. Првите четири репрезентации од групата ќе одат во наредната елиминациска фаза. Еве го комплетниот распоред на македонската селекција со термини.

30.08.2023 (20 часот): МАКЕДОНИЈА – Данска

02.09.2023 (20 часот): МАКЕДОНИЈА – Црна Гора

03.09.2023 (20 часот): МАКЕДОНИЈА – Полска

05.09.2023 (17 часот): МАКЕДОНИЈА – Холандија

06.09.2023 (20 часот): МАКЕДОНИЈА – Чешка


Герет Бејл започнува голф кариера

Неколку денови откако објави крај на својата фудбалска кариера, Герет Бејл најави дека започнува со професионално играње голф.

Сега веќе поранешниот велшки фудбалски репрезентативец, преку Инстаграм пост најави дека ќе учествува на професионален голф турнир со награден фонд од седум милиони евра.

За Бејл уште од порано е познат фактот дека е вљубеник во играњето голф, и додека беше член на Реал Мадрид приоритет му беше посeтување на голф терените.


Кинеското Гран при нема да добие замена во календарот

Формула 1 пред некој ден го објави календарот на сите трки за 2023
година и потврди дека кинеското Гран-при нема да се одржи ниту
оваа година и дека нема да биде заменето со друга трка.
„Формула 1 може да потврди дека во календарот за 2023 година ќе
има 23 трки. Сите датуми остануваат непроменети“, објави Формула 1
на официјалната веб-страница.
Големата награда на Кина не е дел од календарот од 2019 година, кога
беше отстранета поради епидемијата на ковид-19. Првичните
информации говореа дека има шанси трката сепак да се одржи
годинава, но организаторите во Кина најавија дека имаат логистички
проблеми.


Путељас и Дуплантис се најдобри спортисти во Европа

Фудбалерката од Шпанија, Алексија Путељас, и шведскиот скокач со стап, Арманд Дуплантис, се избрани за најдобри европски спортисти за 2022 година, според европското одделение на Меѓународното здружение на спортски новинари.

Путељас во изборот се пласира пред италијанската скијачка, Федерика Брињоне, и англиската фудбалерка, Бет Мид. 

23-годишниот Швеѓанец Дуплантис, наградата за најдобар спортист ја доби за прв пат во својата кариера, а најголеми конкуренти во изборот му беа напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема кој го освои второто место, а трет беше играч на ПСЖ, Килијан Мбапе.


Блум откри зошто не дошло до договор со Ред Бул

Извршниот директор на Порше и претседател на одборот на директори на Фолксваген, Оливер Блум, конечно одлучи да ја открие другата страна од неуспешните преговори со Ред Бул.

Порше започна преговори со Ред Бул за купување на половина од тимот и снабдување со мотори. Сепак договорот пропадна токму кога сите очекуваа успешен крај.

„Постигнавме договор и буквално се ракувавме но, во последен момент не успеавме да ја завршиме зделката. Сакавме да бидеме рамноправен партнер“, вели Блум.


Георгиевски обезбеди медал на Гран-при финалето од Светскиот Куп

Дејан Георгиевски ја забележа и втората победа во категоријата + 80 кг. По стартниот триумф над Шпанецот Иван Гарсија Мартинез, овојпат во четвртфиналето нашиот натпреварувач славеше и против првиот носител Икаро Мигел Мартин Соарес од Бразил.

На најелитниот и најважниот турнир во теквондото, по Светското првенство, Георгиевски во две рунди со 2-0 (9-5, 6-0) го елиминираше Соарес.

Со овие две победи Македонецот има сигурна бронза, а сега ќе атакува за влез во финалето и борба за златниот медал.

Георгиевски испишува нова историја во Ријад, триумфираше против вториот и третиот таеквондист на светската ранг листа и чекори кон нови бодови кои ќе му обезбедат олимписка норма.


Даниел Рикардо се врати во Ред Бул

Австралијанецот Даниел Рикардо во наредната сезона на Формула 1 шампионатот ќе биде трет возач во екипата на Ред Бул.

33-годишниот Рикардо оваа сезона возеше за Мекларен, а сезоната ја заврши на 11.место во генералниот пласман со освоени 37 бода. Рикардо во минатото веќе возеше за Ред Бул од 2014 до 2018 година.

Наредната сезона за екипата на Ред Бул повторно ќе вози тандемот Макс Верстапен и Серхио Перез.


Хамилтон: Ќе се вратиме во трката за титулата сезонава

Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон изјави дека се надева дека оваа тешка сезона ќе му даде сила на неговиот тим Мерцедес да тргне во предизвик за нови титули веќе следната сезона. Со трката во Абу Даби заврши сезоната во Формула 1, а годинава подиумот беше наменет за возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, кој ја освои втората последователна титула, а неговиот тим беше најдобар и во конкуренција на конструктори.

За првпат во својата 16-годишна кариера, Хамилтон не успеа да забележи победа во една сезона во Формула 1. Сезоната ја заврши на шестото место, а Мерцедес финишираше како трет кај конструкторите.

„Во следните неколку недели, ќе се вратиме во фабриката за да почнеме со напорна работа. Се надевам дека борбите низ кои поминавме оваа година ќе ни даде сила за да се бориме за уште многу титули“, изјави Хамилтон.

„Мислам дека оваа сезона беше повеќе тест за тимска работа и јас сум многу, многу горд и благодарен на сите што продолжија да работат со мене“, додаде Хамилтон, кој го држи рекордот за најмногу победи во Формула 1 со 103.